Никовски: Во право се кога велат – запознај ја татковината, за повеќе да ја сакаш

Никовски: Во право се кога велат – запознај ја татковината, за повеќе да ја сакаш

Македонски дипломат, амбасадор, колумнист. Ристо Никовски е еден од најактивните во јавноста на теми поврзани со надворешната политика на Македонија за спорот за името. Тој е познат по своите ставови, јавни настапи и согледувања, со големи критики за спорот и апели за зачувувањето на името на Македонија. Тој во интервју за Магазинот за Туризам и менаџмент, ја анализира внатрешната состојба на политичка сцена, а и периодот од независноста на земјата до денес со инволвирани домашни и надворешни фактори.

„Народот убаво рекол – кај и да одиш, дома да си дојдеш. Нашиот дом е Македонија. Тука најубаво се чувствуваме. Наша одговорност е да си ја средиме, за сите поубаво да живееме. Факт е дека земјата, по распадот на Југославија, е жртва на туѓи интереси и немаше можност  нормално да се развива. Ама, сепак, одговорноста што сме на ова дереџе е пред се’ – наша. Мораше повеќе и подобро да се работи” вели Никовски во интервју за Магазинот за Туризам и Менаџмент.

Долга чекалница за Македонија, со повремени пофалби но најчесто критики на патот за влез во европското семејство. Во изминатите години слушнавме голем број на оптимистички пораки, но на крајот не стигнавме до отворање на поглавје во преговарачкиот процес. И покрај сите ветувања и напори, земјата очигледно не може да направи чекор напред. Која е главната причина? Дали постојаните услови од соседните земји или политиките кои ги води владата?

Причините зошто Македонија тапка во место на патот за Брисел, се многубројни. И домашни, иако надворешните се клучни. Македонија нема ништо направено, или премногу малку, на реформите коишто се потребни за исполнување на критериумите за членство. Меѓутоа, неспорно е дека во Вашингтон, ама и во Брисел, се прават непремостливи пречки на нашиот напредок. Ниту беше случајна грчката блокада на нашиот пат, а уште помалку е неочекувана бугарската. Се’ е тоа дел од едно исто сценарио,.чија финална цел е затворање на “Македонското прашање“. Тоа значи и бришење на Македонците, како народ.

Во политиката нема ништо случајно. Настаните, со коишто се соочивме во последните 30 години на целосна независност, тоа најдобро го потврдуваат – непризнавање; нелегална суспензија на историското и уставно име и наметнување на референца; терористичка блокада на јужната граница; силеџиско условување – прво името, потоа членство во НАТО и ЕУ; безобѕирно наметнување на предавничките договори со Бугарија и Грција; подмолната “Тиранска платформа“... се само дел од голготите низ коишто врвиме сите овие години.

Македонија се’ уште ги нема отворено преговорите за членство и прашање е кога тоа ќе се случи. А тие ќе траат 15, 20... години. Доколку го исполниме, пак, ултиматумот за промена на Уставот, ќе го забрзаме процесот на самоуништување. Внесувањето на бугарскиот “Тројански коњ“ во Уставот ќе значи рушење на македонизмот, овој пат од внатре.

Од друга страна, не треба да има дилеми дека Унијата нема да се проширува уште долго и, многу веројатно, веќе никогаш како до сега. Затоа се измислени нови форми на приближување, без целосно членство. Такви што се Европската политичка заедница и четирите столба.

„Во Вашингтон, ама и во Брисел, се прават непремостливи пречки на нашиот напредок” | Извор: Република

„Во Вашингтон, ама и во Брисел, се прават непремостливи пречки на нашиот напредок” | Извор: Република

НИКОВСКИ: Македонија има само еден излез од тунелот во којшто е доведена - итно откажување на договорот за (не)пријателство и двата катастрофални протоколи, коишто се пострашни од самиот договор. По автоматизам, со тоа отпаѓаат уцената да го менуваме Уставот и сегашната крајно неприфатлива и понижувачка преговарачка рамка.  Само таков наш исчекор може да ни го отвори патот кон Брисел, вели Никовски во интервју за Магазинот за Туризам и Менаџмент.

Последно во низата критики, неодамна стигна и од холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој му порачал дека неприфатливо е да има политичко влијание врз претседателот на Врховниот суд. Оваа порака се смета за една од најдиректните во историјата на земјата од страна на еден дипломат. Реакции на изјавата имаше од премиерот Ковачевски и од шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, кои очекуваа да се обелоденат имињата кои вршеле притисок. Колку е сериозна пораката на холандскиот амбасадор за европскиот пат на земјата?  

Прво, интервенциите на холандскиот амбасадор се надвор од дипломатската пракса. Арно ама, за жал, во нашиов хаос, тие помагаат некои проблеми да се стават на маса и, евентуално, да се бара решение. Второ, ДУИ се однесува како да се газди во земјава и дека можат да прават што сакаат. Тоа е благодарејќи на СДСМ, којашто им дозволи да владеат со Македонија. Затоа, потезот на амбасадорот е позитивен, и е упатен и до СДСМ. Таква партизација и злоупотреби се просто незамисливи, ама ни се случуваат. Така е кога СДСМ се прави отсутна и толерира се’, само за да ја задржи својата позиција. Трето, доколку се продолжи оваа анархија, Македонија ќе оди прудолу.

Судството очигледно е трн во око за Европската Унија. Извештајот на Европската Комисија најголемите проблеми ги посочи токму во правосудниот систем. Евро амбасадорот Дејвид Гир изјави дека е загрижен за брзите измени на Кривичниот законик, кој смета дека се можност за зголемување на неказнивоста. Тој посочи дека откако измените стапија во сила, неказнивоста е зголемена.  

Не треба ниту Брисел, уште помалку Гир, да ни кажуваат какви се состојбите во нашето судство. Тоа сите го знаеме. Со земјава владеат корупцијата и криминалот, што е евидентно за секого. Да не го спомнуваме Судскиот совет, којшто мора да биде лика и прилика за правосудниот систем, а е во хаос. Се’ додека не расчистиме, генерално, со ендемската корупција, никогаш нема да се приближиме до ЕУ.

Пред повеќе од еден месец, Македонија беше домаќин на 30. самит на министри за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). На едно место присуствуваа  70 делегации и над илјада учесници. На кратко, Скопје беше центарот на светот. Но кои се придобивките од сето тоа? Прво како претседавач со ОБСЕ, а потоа и како домаќин и организатор на дводневниот самит?  

Со министерската конференција, одржана во Скопје, земјата  секако доживеа одредена светска промоција. Тоа е особено важно од туристичка гледна точка бидејќи луѓето слушнаа за Македонија, некои за прв пат, што може да предизвика и интерес за посета. Сепак, конференцијата не беше одржана во Скопје по наша заслуга, туку ни беше дојден редот да претседаваме со организацијата.

По правило, ваквите можности треба да се искористуваат и за прашања коишто се од интерес за земјата којашто претседава. Кога е Македонија во прашање, тоа никогаш не се случува, што не ни служи на чест. Најчесто, ние изигруваме поголеми католици од папата.

Никовски: ,,Софија нема никогаш да овозможи нивното Собрание да го ратификува нашето членство во Унијата.” | Извор: Република

Никовски: ,,Софија нема никогаш да овозможи нивното Собрание да го ратификува нашето членство во Унијата.” | Извор: Република

Самитот беше особено интересен бидејќи во Скопје во исто време беа присутни државниот секретар на САД Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, иако очекуваната средба меѓу нив не се случи. Но сепак привлече особено внимание прес конференцијата на рускиот шеф на дипломатијата, кој испрати порака до македонските власти дека Балканот има проблеми поради однесувањето на Западот. Дали пораките беа разбрани од меѓународната заедница и од македонските власти?  

Евентуалната средба меѓу Лавров и Блинкен требаше да биде круна на конференцијата, меѓутоа, не се случи. Блинкен, намерно “избега“ пред време. Лавров беше апсолутно во право околу доминацијата на Западот на Балканот, којшто прави што сака. Да не одиме подалеку - доволен е примерот со нашата Македонија. Веќе 30 години се обидуваат да го уништат македонскиот народ и никој од тие “западни демократии“ со прст не мрднува да се спречи тој современ и софистициран геноцид.

Во очи самитот, кога безбедноста навидум беше на највисоко ниво, се случи голема трагедија во нашата земја. Двојно убиство, кое се уште не е расветлено до крај. Во меѓувреме ескалираше ситуацијата во Македонската навигација. За време на над 40 прелети над македонското небо, а во еден момент според информација од контролата на летање, имало и два авиони на НАТО. Колку ваквите ситуации се црна дамка за Македонија?  

И двојното убиство, и случајот во М-нав се повеќе од црни дамки за Македонија. Тоа се тешки резили коишто покажуваат дека државата не функционира. И во двата случаи. Околу двојното убиство клучен е автомобилот на првата жртва. Таа е исчезната а нејзиниот автомобил се вози на големо. Тоа значи дека полицијата не функционира.

М-нав, пак, покажува како државата насилно се партизира и албанизира.  

Никовски: „Ако домот не е среден, нема убав живот за семејството.“ | Извор: пресс 24

Никовски: „Ако домот не е среден, нема убав живот за семејството.“ | Извор: пресс 24

Надворешната политика е тесно поврзана со внатрешната, а на крајот најголемата тежина паѓа врз граѓаните. Што е потребно за Македонецот да живее  подобро?

Ако домот не е среден, нема убав живот за семејството. Истото важи и за државата. Ако во неа се направи ред и поредок, се’ ќе биде подобро, та и животот на граѓаните. Македонија е во неред. Сегашната власт (2016 – 2024), растури се’. Ништо не функционира. Ништо не е изградено. Освен, што е евтино, или за џабе, распродадено се’ што е свето за македонскиот народ - неговиот идентитет, јазик... Некој убаво поентира – тоа што Турците не успееја за 500 години, заедно со ДУИ, СДСМ го уништи за седум.  

И  покрај сивилото и загадениот воздух во моментов, сепак Македонија е наша земја, со безброј убавини. Каде се чувствувате најубаво и колку често шетате низ земјата?

Народот убаво рекол – кај и да одиш, дома да си дојдеш. Нашиот дом е Македонија. Тука најубаво се чувствуваме. Наша одговорност е да си ја средиме, за сите поубаво да живееме. Факт е дека земјата, по распадот на Југославија, е жртва на туѓи интереси и немаше можност  нормално да се развива. Ама, сепак, одговорноста што сме на ова дереџе е пред се’ – наша. Мораше повеќе и подобро да се работи.

Враќање назад – нема. Треба да спрегнеме сили и да започнеме да ги решаваме проблемите. Следните избори ќе бидат наш тежок испит, којшто мораме да го положиме. Секој треба да излезе и да гласа. Во спротивно...

Сега поретко, ама сум ја поминал цела Македонија. Во право се кога велат – запознај ја татковината, за повеќе да ја сакаш.

Image
Newsletter