Овој јануари на чело на Советот на Европската Унија застана Полска. Земјата го започна своето претседавање во време на турбулентно меѓународно опкружување, но не изостануваат и предизвиците во економијата. Главниот фокус на Полска е да се обезбеди безбедност за европските граѓани во услови на брзорастечки геополитички тензии, да не се создаде ерозија на меѓународниот поредок заснован на правила, да се намалат несогласувањата меѓу земјите членки, а тема во идниот период е и домашна политичка поларизација. Земјата е заглавена во дипломатски спор со Унгарија, што го продлабочи чувството на политичко неединство низ Европа, исто како што се соочува со голем број големи глобални предизвици. Токму затоа, избраниот слоган на полското претседателство е „Безбедност, Европа“!
„Ако е Европа немоќна, нема да преживее. Да направиме сѐ за да не мора Европа и Полска да ја плаќаат највисоката цена за слободата, за силата, за суверенитетот. Да направиме сѐ за да ја направиме Европа повторно силна“, изјави полскиот премиер Доналд Туск во Варшава.
Важноста од континуирана поддршка за Киев е клучна за Европа. На Туск му се придружи и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
„Оваа година мораме да продолжиме да ја поддржуваме Украина колку што е потребно, онолку долго колку што е потребно, за да се добие сеопфатен, праведен и траен мир. За тоа мора да продолжиме да ја гледаме одбраната како стратешки приоритет на Европската Унија“, рече Антонио Коста, претседател на Европскиот совет.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп инсистира европските членки на НАТО да одвојат најмалку 5 отсто од својот БДП за одбраната, цел што Полска е блиску да ја исполни, со планови да потроши 4,7 отсто во 2025 година.
Пјотр Бурас, шеф на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Варшава, рече дека предизвиците со кои се соочува ЕУ ги надминуваат капацитетот и временскиот хоризонт на секое шестмесечно претседавање.
„Ова е клучен момент за Европа, пред сѐ, поради доаѓањето на Трамп и ситуацијата во Украина, но и поради прашања поврзани со пошироката економија, конкурентноста и можеби трговската војна, со истовремена слабост на лидерството и транзициски момент во самата ЕУ“, рече Бурас.

Полска со најбрз економски раст. | Извор: euractiv.com
Полска со најбрз економски раст
Полска забележа најбрз економски раст во Европската Унија во последниот квартал од 2024 година, покажуваат податоците на Евростат. БДП на земјата се зголеми за 3,7% на годишно ниво, надминувајќи ја Литванија со 3,6% и Шпанија со 3,5%. Хрватска и Малта забележаа раст од над 4% во претходниот квартал, што може да ја тргне Полска од првото место. Без разлика, земјата останува цврсто меѓу трите најбрзорастечки економии во ЕУ.
Растот на Полска првенствено беше поттикната од зголемената потрошувачка на домаќинствата и на државните институции. Деловните инвестиции забележаа скромни добивки, но најголемото повлекување на БДП беше надворешниот сектор. Извозот растеше побавно од увозот, што создаде нето негативно влијание врз вкупниот раст.
„2025 година ќе биде долгоочекувана позитивна година“, рече премиерот Доналд Туск кога го започна својот говор на берзата во Варшава.
Заедно со министерот за финансии, Анджеј Домањски, тој ја презентираше стратегијата за економски развој на Полска за следната година. Планот се заснова на шест столба: инвестиции во наука, енергетска трансформација, модерни технологии, развој на пристаништата и железницата, динамичен пазар на капитал и поддршка и соработка со бизнисите. Вкупната вредност на инвестицијата се очекува да достигне до 700 милијарди полски злоти оваа година, што е највисок износ во историјата на полската економија.

Расте инфлацијата во Полска и Унгарија. | Извор: emerging-europe.com
Расте инфлацијата во Полска и во Унгарија
И Полска и Унгарија забележаа забрзување на инфлацијата во јануари, која ги достигна највисоките нивоа од декември 2023 година. Стапката на инфлација во Унгарија скокна од 4,6% на 5,5%, додека во Полска се искачи од 4,7% на 5,3%. Словачка, исто така, забележа пораст, од 2,9% на 3,9%. Инфлацијата во Романија падна под 5%, а Чешка сега има најниска инфлација во регионот од 2,8%, што е намалување од 3% споредено со претходниот месец.
Зголемувањето на инфлацијата во Полска беше поттикнато од порастот на цените на храната и поголемите новогодишни цени во секторот на услугите, како и од повисоките цени на алкохолот и на тутунот.
Многу економисти очекуваат инфлацијата да се зголеми благо во следните месеци пред да се намали во втората половина од годината. До почетокот на 2026 година, се очекува инфлацијата да биде значително пониска од сегашните нивоа.

Пазарите се обложуваат на крај на војната во Украина. | Извор: keystonekeynote
Пазарите се обложуваат на крај на војната во Украина
Финансиските пазари продолжуваат да ги ценат потенцијалните решенија за руско-украинската војна иако украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на претпазливост. Првичните преговори меѓу Трамп, Владимир Путин и Зеленски ја потврдија нивната подготвеност да се вклучат во разговори. Но, деталите што протекоа од предлогот на САД сугерираат дека Украина може да биде принудена на големи отстапки.
Соединетите Американски Држави, исто така, се обидоа да обезбедат пристап до наоѓалиштата на ретки минерали во Украина, но украинскиот претседател Володомир Зеленски ги отфрли условите наведувајќи дека се неповолни за Украина. И покрај овие неизвесности, пазарите остануваат оптимисти, очекувајќи дека на хоризонтот е прекин на огнот.
Берзата во Варшава сега е најдобрата глобална берза, со нејзиниот индекс „WIG“, кој првпат надмина 90.000 поени и доби над 15% до денес. Пазарите во Прага и во Будимпешта, исто така, достигнаа највисоки нивоа на сите времиња. Злотата дополнително зајакна, при што американскиот долар падна под 4 злоти (0,88 евра) првпат од ноември. Еврото падна на 4,16 злоти (0,92 евра), што е најниско ниво во последните седум години. Тоа ги прави патувањата и увозот поевтини за полските потрошувачи.

Прв договор постигнат- загадувачите со отпад ќе плаќаат казни. | Извор: PAP/Paweł Supernak
Постигнат е првиот договор: загадувачите со отпад ќе плаќаат казни
Постигнат е првиот договор под полското претседателство за намалување на отпадот од храна и од текстил. Советот, предводен од полското претседателство, и Европскиот парламент, постигнаа привремен договор за насочена ревизија на рамковната директива за отпад. Договорот ги поставува целите на ЕУ за намалување на отпадот од храна до 2030 година и воведува мерки за создавање поодржлив текстилен сектор што произведува помалку отпад.
„Договорот за текстилен отпад е значаен чекор кон робусна, циркуларна и конкурентна економија на ЕУ, која истовремено го почитува принципот загадувачот да плаќа. Дополнително, ЕУ првпат поставува амбициозни цели за намалување на отпадот од храна, за поодржливи системи за храна во ЕУ“, рече Паулина Хениг-Клоска, министерка за клима и животна средина.
Полска е една од големите земји членки на ЕУ со над 20 години искуство. Таа ѝ се приклучи на Европската Унија во 2004 година.