Образовната соработка е важна алка што ги поврзува луѓето

Н.Е. Џанг Ѕуо, амбасадор на Народна Република Кина

„Воодушевен сум од луѓето во Македонија, од традиционалната храна и од уникатната природа“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, амбасадорот на Народна Република Кина, Н. Е. Џанг Ѕуо. Тој зборува за силните врски меѓу Македонија и Кина, но и за унапредување на економската размена. На македонските претпријатија им порачува дека се добредојдени да инвестираат во Кина.

Господине Џанг Ѕуо, на крајот на септември остваривте официјална средба со ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент, г-н Аце Миленковски, на која разговаравте за можностите за поврзување и за соработка со кинеските универзитети во области од заемен интерес. Како може да се примени оваа соработка?

Во септември годинава го посетив Универзитетот за туризам и менаџмент и имав пријателска размена со ректорот Аце Миленковски. Бев импресиониран од одличниот тим, напредните капацитети и доброто управување на Универзитетот. Потоа присуствував на Свечената промоција на дипломци и магистри и ја споделив радоста со професорите и со студентите.

Длабоко сум убеден дека универзитетските размени и образовната соработка се важни алки што ги поврзуваат луѓето, особено младите од нашите две земји, и играат важна улога во зајакнувањето на меѓусебното разбирање.

Соработката меѓу Кина и Македонија во образованието, туризмот, но и во други области има големи перспективи, особено во Рамката за соработката на Кина со ЦИЕ, односно Кина и земјите од Централна и Источна Европа, вклучително и Македонија. Постои голем потенцијал за соработка во образованието, во туризмот и во други области. Кинеската страна е подготвена да ја продлабочи билатералната и мултилатералната соработка во туризмот, образованието, хуманистичките науки, да го поддржи Универзитетот за туризам и менаџмент да оствари размена и соработка со кинеските универзитети, да ги пречека дипломираните и сегашните студенти да студираат во Кина. Потпирајќи се на рамката за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, ние сме подготвени да ги продлабочиме меѓусебната културна размена и учење, да го зајакнеме пријателството меѓу луѓето и да создадеме светла иднина за билатерална соработка во образованието и за туристичка размена.

По кризата со пандемијата од Ковид-19, светот се соочува со нов предизвик, економска криза предизвикана, пред сѐ, од војната во Украина, но и поради постојаниот раст на цената на нафтата на глобално ниво. Кина е географски далеку од Европа, но како една од најсилните економии во светот, како се справувате со глобалните предизвици? Дали влијаеше економската криза врз Народна Република Кина и кои се политиките таму за справување со предизвиците?

Во услови на тешка и сложена домашна и меѓународна состојба, Кина се придржува до општиот тон на барање напредок додека одржува стабилност, ефикасно координирана превенција и контрола на епидемијата, стабилизирање на економијата, социјален развој. Ова не само што ги штити животот и здравјето на луѓето, туку и во голема мера го стабилизира основниот економски и социјален развој. Во првата половина од оваа година, кинескиот БДП порасна за 2,5% на годишно ниво, индексот на потрошувачки цени (CPI) порасна за 1,7% на годишно ниво, увозот и извозот на стоки деноминирани во јуани се зголемија за 9,4%, а патувањата на товарните возови и испратените стоки Кина-Европа се зголемија за 2% и 3% соодветно. „China Development Express“ ќе продолжи да обезбедува импулс за светскиот расти бенефит за луѓето од сите земји. Успешно се одржа 20. Национален конгрес на Комунистичката партија на Кина, во чиј извештај, генералниот секретар Си Џинпинг истакна дека „од сега па натаму, централната задача на КПК е да ги обедини и да ги води луѓето од сите етнички групи низ целата земја за изградба на моќна социјалистичка модерна земја, да ја постигне втората стогодишна цел и сеопфатно да го промовира големото подмладување на кинеската нација со модернизацијата во кинески стил“. Кина ќе продолжи да ги спроведува Иницијативата за глобална безбедност и Иницијативата за глобален развој и да промовира висококвалитетна соработка „Појас и пат“. Кинескиот народ е подготвен да се здружи со луѓето во светот за да создаде подобра иднина за човештвото.

Дали е кинескиот пазар атрактивен за македонските компании? Дали треба нашите компании да размислуваат за проширување на пласманите на кинескиот пазар, бидејќи состојбата во Европа во моментов е неизвесна?

Кина не може да се развива без светот, а на просперитетот на светот му е потребна Кина. Од 18. Национален конгрес на КПК, социјализмот со кинески карактеристики влезе во нова ера. Изминатата деценија не е само декада во која економскиот и социјалниот развој на Кина постигнаа историски достигнувања и претрпеа историски промени, туку и декада во која односите на Кина со светот постигнаа историски скокови, давајќи историски придонес за меѓународната заедница. Кинеската економија е на второто место во светот, а вкупната трговија со стоки, преработувачката индустрија и девизните резерви се на прво место во светот. Кина се движи кон земјите со високи приходи. Кинескиот пазар ќе создаде поголема побарувачка за земјите низ светот. Бизнис заедницата е значајна сила за унапредување на економската и на трговската соработка. Македонските компании се добредојдени да инвестираат во Кина, да ја зајакнат економската и трговската соработка и да ги споделат можностите за развој. Кина го презеде водството во привлекувањето странски инвестиции и во инвестирањето надвор од земјата во светот. Двонасочната инвестициска скала меѓу Кина и ЕУ надмина 270 милијарди американски долари. Од јануари до август 2022 година, инвестициите на ЕУ во Кина се зголемија за 123,7%, што покажува дека земјите од светот, вклучително и земјите од ЕУ, се оптимисти за широките пазарни можности на Кина. Согласно акциската програма и главните политики поставени од 20. Национален конгрес на Комунистичката партија на Кина, со силното раководство, единството и борбата на 1,4 милијарди луѓе, извонредните предности на социјализмот со кинески карактеристики, цврстата основа за одржлив и брз развој и духовната сила на доверба и на самоподобрување, трендот на развој на Кина ќе биде долгорочно позитивен, а изгледите за напредок на Кина ќе бидат посветли. Македонија не е само важна членка на соработката Кина-ЦИЕ, туку и важен учесник во заедничкото градење на „Појас и пат“.

Во моментов, со забрзаното преструктуирање на светската економија, како се приспособува Кина на промените во меѓународната финансиска инвестициска средина? Дали се кинеските компании заинтересирани да инвестираат во Македонија?

Што и да се случи на меѓународен план, Кина ќе го држи централното место во реформите. Ќе спроведеме национален третман за претпријатијата финансирани од странство, ќе продолжиме да создаваме пазарно ориентирана, легална и меѓународна деловна средина, дополнително ќе се интегрираме во регионалната и во светската економија, и ќе се стремиме да постигнеме заемен бенефит и резултати. Основите на кинеската економија, која е силна по издржливост, потенцијал, простор за маневрирање и долгорочен тренд, нема да се променат. Ќе обезбеди силен моментум за стабилизација и за закрепнување на светската економија и ќе обезбеди пошироки пазарни можности за сите земји.

Кина посветува особено внимание на развојот на пријателските односи со Македонија, која е важна членка на Европа и го започна процесот на пристапување во ЕУ. Македонија е рангирана на 17. место во светот во Извештајот за деловно опкружување на Светската банка за 2020 година и на 5. место на листата на најдобри реформски земји. Кина и Македонија треба да станат добри партнери. Експресните патишта и другите проекти реализирани од кинеските претпријатија во Македонија напредуваат непречено. Во „ Joyson Safety Systems“ во Македонија, инвестиција на кинеската компанија „Ningbo Joyson Electronic Corp“, има близу 1400 вработени. Во текот на изминатите неколку години, посетив и многу македонски градови, каде што градоначалниците ги искажаа своите инвестициски потреби. Се надевам дека нашите земји и натаму ќе изнаоѓаат нови области за соработка.

Н.Е. Џанг Ѕуо, амбасадор на Народна Република Кина

Н.Е. Џанг Ѕуо, амбасадор на Народна Република Кина

Според Вас, дали е економската трговија меѓу Македонија и Кина на задоволително ниво и како може да се интензивира?

Во интерес на нашите народи е да се зајакне билатералната соработка меѓу Кина и Македонија. Вреди да се спомене дека заеднички предложивме да се воспостави нова етапа во развојот на соработката Кина-ЦИЕ. Од лансирањето на оваа платформа пред 10 години, се придржувавме до принципот на заеднички консултации, отвореност и инклузивност. Воспоставивме рамка за соработка во повеќе од 20 полиња, вклучувајќи трговија и инвестиции, поврзување, туризам и превенција и заштита од епидемии. Во 2021 година, вкупната трговија меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа достигна 863,06 милијарди јуани, што претставува зголемување од 23,3% во однос на истиот период од минатата година. Платформата стана „брза патека“ на практична соработка меѓу Кина и Македонија. Според македонската статистика, обемот на нашата билатерална трговија во 2021 година изнесува 944 милиони американски долари, што е раст од 23,6% на годишно ниво. Кина е петти најголем трговски партнер на Македонија и најголем трговски партнер надвор од Европа. Генералниот секретар Си Џинпинг во извештајот до 20. Национален конгрес на Комунистичката партија на Кина истакна дека „Кина се придржува до основната национална политика на отворање кон надворешниот свет, промовира изградба на отворена светска економија и на поголеми бенефити за луѓето од сите земји“. Кина е веќе главен трговски партнер на повеќе од 130 земји и региони. Кина е подготвена да ја зајакне глобалната развојна соработка, да го забрза спроведувањето на резултатите од Самитот во Пекинг со земјите од Централна и од Источна Европа и да го промовира механизмот за соработка од кој корист ќе имаат луѓето од сите земји. Ја охрабруваме вашата земја да продолжи добро да ги користи можностите што ги нуди платформата за соработка Кина-ЦИЕ, да ги споделува можностите за развој и заеднички да промовираме повидливи резултати.

Како ги коментирате обидите за политизирање на економските и на трговските прашања меѓу нашите две земји? Реалноста е дека Македонија е под будното око на Брисел кога станува збор за земање кредити од Народна Република Кина.

Кина и ЕУ се стратешки партнери. Фактите укажуваат дека политизирањето, инструментализацијата и вооружувањето на светската економија на крајот ќе им донесе штета на нивните иницијатори и на луѓето во целиот свет. Долго време, одредени земји и малкумина политичари ја разглобуваат таканаречената „кинеска должничка стапица“, а нивната вистинска цел е да создадат наративна замка и да создаваат раздор меѓу Кина и малите и средни држави, да ја попречат нивната соработка и да го нарушат нивниот раст и развој. Но, малите и средните земји и луѓето што живеат во нив, нема да наседнат на ова. Народот на Европа, вклучително и македонскиот народ, може јасно и вистински да разликува кои земји им обезбедуваат вистинска помош во време на криза, кои земји ги ставаат сопствените интереси над пријателството и кои земји ги влошуваат конфликтите за да имаат поголема корист за себе. Соработката помеѓу Кина и Македонија за време на пандемијата даде нови конотации на пријателските односи меѓу нашите две земји. Изградбата на експресните патишта, во соработка со кинеските претпријатија напредува непречено. Завршувањето на овие проекти ефективно ќе го подобри транспортот во вашата земја, а ќе се поттикне и економскиот развој.

Кога станува збор за туризмот, како гледате на туристичката размена меѓу Македонија и Народна Република Кина? Знаеме дека туристите од Кина се чести посетители на европските метрополи. Но, што е со Македонија? Дали, според Вас, досегашната соработка во туризмот е доволна и како може да се интензивира?

Процесот на модернизација не само што ќе ја развие самата Кина, туку и ќе донесе поголеми придобивки за светот. Процентот на кинескиот економски агрегат во рамки на глобалниот економски агрегат се зголеми од 11,4% во 2012 година на 18,5% во 2021 година, а стапката на економскиот придонес на Кина во светската економија достигна 38,6% во изминатите 10 години. БДП по глава жител на Кина достигна 12.500 американски долари, а населението во групата со среден приход надминува 400 милиони. Кинеската економија е важен мотор на светскиот економски раст. Кина има силен импулс во светскиот туризам, а туристичката размена и соработка меѓу Кина и ЕУ влегоа во најдобриот историски период пред пандемијата. Во 2020 година, „Лонли Планет“, најголемиот приватен туристички водич во светот, ја именуваше Македонија како една од „Топ 10 најдобри туристички дестинации во светот“, а овој извештај стана вирален во Кина. Балканските туристички рути стануваат сè попопуларни во Кина. Воведувањето на директните летови меѓу Кина и Србија го направи поудобно патувањето кон балканскиот регион, што ќе привлече повеќе кинески туристи. Се смета дека туристичката соработка меѓу Кина и Македонија има просперитетна иднина. Ќе бидеме посветени на олеснувањето на туризмот меѓу двете страни, ќе охрабриме повеќе кинески туристи да доаѓаат во вашата земја и ќе ги пречекаме македонските туристи во Кина.

Господине Џанг, веќе три години сте амбасадор на Народна Република Кина во Македонија. Со оглед на тоа дека доаѓате од општество каде што културните вредности и обичаи значително се разликуваат од оние кај нас, дали се навикнавте на македонското секојдневие?

Секогаш стојам заедно со македонскиот народ и уживам во мојата работа и живот овде. Со претседателот Пендаровски го посетив центарот за лица со попреченост во Берово и присуствував на свеченото отворање на проектот за реновирање финансиран од Кина. Со премиерот Ковачевски се сретнав два пати, за време на фестивалот на закројување лозје и на фестивалот на берење грозје, што ме тера да ја сфатам важноста што Владата ја придава кон индустријата. Во соработка со Собранието, ја посетив непрофитната организација „Ние сме заедно“ во Гостивар и ѝ донирав опрема на организацијата; го посетив Галичник, за да ги доживеам традиционалните свадбени обичаи што траат повеќе од 60 години и потпишав Договор за соработка за реновирање на тамошната резиденција, го посетив основното училиште „Рајко Жинзифов“ во општина Кисела Вода, имав можност да поразговарам со наставниците и со учениците и им дониравме опрема.

Соочени со пандемијата, Кина и Македонија се обединија во борбата против предизвиците. Не само што работевме заедно со луѓето од Македонија за надминување на пандемијата, туку и патував во различни места за да барам решенија за промовирање на економското закрепнување, при што го почувствував ентузијазмот на луѓето овде. Како кинески амбасадор во Македонија, имам длабоко чувство дека луѓето од целиот свет, вклучително и луѓето од вашата земја не се „возат на сопствени мали чамци, туку на голем брод со заедничка судбина“. И покрај разликите во историјата, културите, системите и нивоата на развој меѓу сите земји, стремежот кон заедничките вредности за мир, правичност, правда, демократија и слобода, за целото човештво останува ист.

Што се однесува до природните убавини на нашата земја, кој дел од Македонија Ви оставил најголем впечаток досега? Дали имате омилено македонско јадење? И секако, дали сте стекнале пријатели во нашата земја?

Оваа магична земја има длабока и долга историја и е достојна да биде туристичко богатство на европскиот континент. Камени мостови, антички градови, скулптури, барови и други места во Скопје, Охридското лето, Оперските вечери во мај, филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, Преспанското Езеро, Охрид и стотиците антички цркви, националниот парк Маврово, замокот Кале и други атракции со уникатен шарм, уникатните градови како Крива Паланка, Кратово и Ново Село, многубројните фестивали придружени со музика, танц, сликарство, поезија, привлекуваат луѓе од целиот свет. Уживам и во македонските специјалитети. Мекоста на виното и јачината на ракијата ми оставија длабок впечаток. Македонското говедско и овчо месо, без разлика дали е на скара, пржено, димено, послужени со маслинки и сирење, се исклучително вкусни. Медитеранските зеленчукови салати, овошјето, десертите, мекиците, вообичаените домашни јадења. Оризот, компирите, костените и оревите станаа задолжителни производи во моето секојдневие. Прилепскиот тутунски комбинат, на пример, има воспоставено соработка со провинцијата Јунан од Кина. Македонски вина одамна се служат на кинеските трпези. Го сметам македонскиот народ за мој добар пријател, добар сосед и добар партнер. Имам одлична комуникација со сите релевантни фактори во Македонија, од претседателот, премиерот, претседателот на Собранието, до раководителите на различните сектори, од училишта, библиотеки, музеи, претпријатија, до локални самоуправи. Се надевам дека јас и кинеската амбасада би можеле да послужиме како мост на комуникација за двата народа. Јас секогаш ќе бидам вистински пријател на македонскиот народ. Се надевам и дека пријателството меѓу народите на нашите две земји ќе трае вечно.

Image
Newsletter