Патриција ди Џовани: Инвестирањето во образованието ќе гарантира иднина и шанса за фер детство на секое дете

Патриција ди Џовани: Инвестирањето во образованието ќе гарантира иднина и шанса за фер детство на секое дете

Успешните наставници не само што ги подобруваат достигнувањата на учениците, туку го помагаат и нивниот социо-емоционален развој, создаваат позитивна училишна култура и го промовираат доживотното учење. Затоа, клучно е да се привлечат и да се задржат наставници со високи квалитети преку нудење конкурентни плати, можности за професионален развој и работни услови со давање поддршка на наставниците. За да се постигне тоа, потребно е да се обезбеди ефикасно образование и постојан професионален развој за наставниците за да стекнат неопходни знаења и вештини за да можат да ги задоволат различните потреби на учениците. Инвестирањето во наставниците е најважната стратегија за подобрување на образовниот систем и за постигнување подобри резултати кај учениците, вели претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани.

Вие сте претставничка на Фондот за деца на Обединетите нации УНИЦЕФ и сте многу посветена на децата и на вашата работа. Тоа може да се забележи од постојаниот ангажман со различни проекти за да им се олесни животот на децата. Дали вложува Македонија доволно во своите деца? Како би ја оцениле грижата за најмалите?

УНИЦЕФ работи со Владата и со партнерите во Македонија со цел секое дете да расте во грижлива, стимулирачка и безбедна семејна средина, да има можност да учи, да се вклучи во социјалната средина и да развива отпорност. Притоа, нашата цел е да помогнеме да се создаде поволна средина за унапредување на детските права.  Оваа година УНИЦЕФ ја одбележува својата 30-годишнина во Македонија. Во 1993 година, УНИЦЕФ беше една од првите две агенции на ОН кои отворија канцеларија во земјата откако стана независна држава,  првично обезбедувајќи хуманитарна помош за децата-бегалци од Босна. Оттогаш, заедно со нашите партнери, продолжуваме да работиме за да му обезбедиме детство, иднина и фер шанса на секое дете.

Земјата има постигнато напредок на планот на спроведување различни законодавни и институционални мерки и политики за имплементација на Конвенцијата за правата на детето. Сепак, неопходно е да се вложат напори за да се спроведат сите тие реформи и стратегии за да има видливи резултати. 

Инвестирањето во децата подразбира да се обезбеди буџет за програми и услуги за деца, но исто така и човечки ресурси со знаење, вештини и со мотивација кои даваат квалитетни и инклузивни услуги за децата. Во оваа насока, најпрво треба да се осмисли општиот пристап за справување со детската сиромаштија. Фокусот треба да се пренасочи и надвор од рамките на семејните приходи. Инвестирањето за да се подобри квалитетот на образованието, да се прошири пристапот до предучилишни и основни социјални услуги и да се воведат нови услуги и програми за поддршка на родителите и секое дете да расте во семејна средина со љубов, мора да се разбере како инвестирање што помага за справување со детската сиромаштија и создавање посветла иднина за сите граѓани на земјата.

Образованието е столбот на секоја земја. Меѓутоа, што е потребно за добри резултати во образованието и, конечно, за да се создаде конкурентна работна сила која ќе придонесе за просперитетот на земјата?

Аспирациите на Македонија за подобрување на економската конкурентност и забрзување на интеграцијата во Европската Унија се клучни за да се постигне посигурна, поотпорна, поодржлива и попросперитетна иднина за граѓаните. Постигнувањето на овие цели во голема мера зависи од создавањето здрава работна сила со високи квалификации и од развојот на човечкиот капитал. Една од најважните области е правичното образование со висок квалитет за да се отвораат нови можности и да се подобри квалитетот на живот за денешните и за идните генерации. Многу фактори влијаат на квалитетот на образованието, а квалитетот на наставниците е клучен за секое училиште. Успешните наставници не само што ги подобруваат достигнувањата на учениците, туку го помагаат и нивниот социо-емоционален развој, создаваат позитивна училишна култура и го промовираат доживотно учење. Затоа, клучно е да се привлечат и да се задржат наставници со високи квалитети преку нудење конкурентни плати, можности за професионален развој и работни услови со давање поддршка на наставниците. За да се постигне тоа, потребно е да се обезбеди ефикасно образование и постојан професионален развој на наставниците за да стекнат неопходни знаења и вештини за да можат да ги задоволат различните потреби на учениците. Инвестирањето во наставниците е најважната стратегија за подобрување на образовниот систем и за постигнување подобри резултати кај учениците.

УНИЦЕФ ги поддржува наставниците во усвојувањето нови педагошки пристапи со кои се олеснува ефективноста во наставата и во учењето. Исто така, заложбите на УНИЦЕФ се насочени кон промовирање инклузивни практики и олеснување на учењето со практична работа и експерименти во области како што е животната средина. Еден начин на кој УНИЦЕФ ги поддржува наставниците е преку примена на технологијата за да се подобри учењето. Само во 2022 година, УНИЦЕФ обезбеди онлајн обука и вебинари за над 10.000 наставници преку платформата Едуино, покривајќи различни теми од интерес за наставниците. Овие заложби помогнаа да се подобри квалитетот на образованието преку обезбедување на потребните вештини и знаења на наставниците за да има повеќе резултати од наставата и искуствата на учениците од учењето.

Пристапот до ресурси како што се финансирање, наставни материјали и опрема во училниците, исто така, може значително да влијае на резултатите од учењето на ученикот. Сепак, важно е да се разгледа начинот на кој овие ресурси се распределени и искористени. За да се  користат ресурсите ефективно, програмите треба да се изработуваат врз основа на податоци, трошењето треба да биде ефикасно, а инвестициите треба да бидат стратешки за да се даде приоритет во областите каде што постои  најголем потенцијал за подобри достигнувања на учениците. Покрај тоа, важно е распределбата на ресурсите да  биде праведна, особено за учениците кои може  имаат потреба за дополнителна поддршка, како што се децата од сиромашни семејства или семејства каде што родителите имаат пониско образование, деца со попреченост и други. Оттаму, УНИЦЕФ во соработка со Министерството за образование и наука работи на подобрување на ефикасноста и ефективноста на образовниот систем преку подготовка на нова формула за финансирање на основното образование, како и  преку реорганизација на училишните ресурси со цел подобро да се одговори на потребите на учениците и да се обезбеди квалитетно образование.

Дали ги охрабрувате политичките чинители и клучните засегнати страни во нашата земја да вложуваат во младите, а со тоа да успеат да ги задржат во својата земја?

Младите паметни луѓе носат огромен потенцијал во Македонија, и ние во УНИЦЕФ континуирано се залагаме за значаен ангажман и учество на младите луѓе, и среќни сме што можеме да создадеме места и можности за младите да напредуваат. Сепак, според најновите истражувања, над една третина од младите во Македонија се изјасниле дека не учествуваат во процесите за донесување одлуки на националните и локалните власти. 

Потребно е проактивно да ги пронаоѓаме младите  луѓе преку канали и места кои се погодни за нив и да ги вклучиме во донесувањето одлуки, развивањето вештини и целисходно учество, така што тие ќе станат дел од нашето општество и заедница, ќе  се чувствуваат дека припаѓаат и дека се поврзани. Во изминатите години, УНИЦЕФ заедно со Владата и претседателот на Република Македонија значително го зајакнаа и го унапредија долгогодишното партнерство за унапредување на правата на децата и младите во земјата. Во 2021 година, УНИЦЕФ и претседателот на Република Македонија ја започнаа иницијативата „Да ја преобмислиме иднината“ со цел да се намали ризикот од идни непредвидени ситуации по пандемијата со Ковид-19. Во текот на годината, УНИЦЕФ преку социјалните мрежи, училиштата и U-Report, го засили гласот на над 1.000 млади луѓе и работеше во партнерство со претседателот на земјата за да се поддржат нивните повици за акција.

Исто така, УНИЦЕФ во соработка со Министерството за образование и наука зеде учество во U-Report во Македонија во 2021 година. Со околу 1.000 млади луѓе кои ги споделуваат своите мислења на различни анкети, оваа алатка брзо прерасна во релевантен механизам за собирање мислења, информирање на носителите на одлуки, но и во механизам за важни консултативни процеси, како што е и најновата соработка со Агенцијата за млади и спорт за подготовка на Националната стратегија за млади за  2023 – 2027. На крај, се спроведуваат и многубројни можности за развој на вештини кај младите луѓе. Само во 2022 година, преку четирите програми (UPSHIFT, Generation Unlimited, Социјално и емоционално учење и Правда за децата), вкупно 465 млади луѓе имаа можност да изработат и да имплементираат 94 иновации и производи во нивните заедници и во земјата.

Како жена, исто така сте гласни за правата на жените и девојките. Исто така, повикувате на свесност за да се запре насилството врз жените. Дали сметате дека кампањите даваат позитивни резултати?

На глобално ниво, процените се дека секоја трета жена или девојка низ светот ќе доживее физичко или сексуално насилство во текот на животот. Спречувањето на насилството започнува со промена на дискриминаторските родови норми. Неопходно е да се промовираат семејни релации со почит, ненасилни начини на решавање конфликти, како и позитивно родителство, за да се обезбеди здрава и безбедна домашна средина. Државата, општеството, семејствата и секое лице ја споделуваат одговорноста со цел родово-базираното насилство да стане видливо, да се подигне свеста за ранливоста на девојчињата и жените на насилство и да се обезбеди превенција од насилство. Децата можат да бидат изложени на насилство во училиштата, домовите и во заедниците, а тоа исто така може да се пренесе од родителите на децата кога тие се сведоци на насилство, кога доживуваат или извршуваат  насилство, што потоа доведува до меѓугенерациски циклуси на насилство. Со оглед на тоа дека се работи за комплексен проблем, и решенијата треба да бидат повеќеслојни. Треба во исто време да се прават промени во однос на корените на причините, двигателите и системските решенија. Од подеднаква важност е и да се работи во рамките на образовниот систем за да се спроведе пристап на ненасилно и позитивно дисциплинирање и да се препознаваат знаците на предупредување за родово-базирано насилство кај децата. Училиштата секогаш треба да бидат безбедно место за децата.

Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

Дали сметате дека институциите си ја вршат својата работа, односно колку добро се заштитени децата и жените во семејствата каде што има насилство?

Како што посочив претходно, примарната превенција на насилството е од најголема важност за да се создаде средина што ги штити сите деца. Тоа вклучува зголемено инвестирањето во давањето поддршка за семејствата и родителството и справување со социјалните двигатели и однесувањето што поттикнува насилството. Понатаму, земјата треба сѐ повеќе да инвестира со цел жртвите, или оние што се изложени на ризик од родово-базирано насилство, да имаат пристап до услуги за заштита, правно советување, ментално здравје и психосоцијална поддршка, како и служби за упатување на услуги, како на пример за здравствена заштита или привремено сместување.

УНИЦЕФ го поддржа воведувањето на програмата за вешто родителство, која започна да се спроведува во градинките, за да се поддржат родителите во исполнувањето на одговорностите за грижа за децата со примена на позитивни методи на родителство. Покрај тоа, функционира и Националната линија за помош на родители (075/230-530), за да помогне да се надминат празнините во давањето услуги за поддршка на родителите, а со тоа и да се заштитат правата на децата да растат во семејна средина што нуди заштита и грижа. 

Пред речиси една година, во соработка со министерствата за здравство, образование и труд и социјална политика, ја презентиравте апликацијата за родители Bebbo, алатка која треба да им помогне на родителите во растот и развојот на нивните деца. Кои се првичните резултати од оваа апликација? Дали постои интерес и што всушност треба да се постигне со неа?

Досега има речиси 13 илјади преземања на мобилната апликација. Нашата крајна цел е да допреме до што е можно повеќе родители преку оваа апликација и да ја подигнеме свеста за тоа зошто е важно родителството во раното детство. Bebbo е практична алатка која може да им помогне на родителите да им овозможат најдобар почеток во животот на своите деца, обезбедувајќи им информации, совети и ресурси на едно место. 

Од самиот почеток на примена на апликацијата, работиме со давателите на услуги кои имаат директен контакт со родителите. Тие се наши ценети партнери во промовирањето на Bebbo, кои се залагаат за подигање на свеста за важноста на родителството во првите години од животот. Ќе продолжиме да работиме со нив и ќе продолжиме да зборуваме за Bebbo, бидејќи веруваме дека тоа е важен ресурс кој може да им помогне и да ги поддржи родителите. 

Економската и енергетската криза косат, како во светот, така и во Македонија. Се зголемува бројот на луѓе кои се на работ на сиромаштијата. Според Вас, дали Владата презема доволно мерки за да им помогне на граѓаните во овие тешки времиња?

Анализата на УНИЦЕФ поддржана од Заедничкиот фонд за целите за одржлив развој покажа дека околу 33 илјади луѓе, од кои десет илјади се деца, ќе бидат турнати под прагот на сиромаштија до крајот на 2023 година поради кризата со храна и енергија. Ценовните шокови несразмерно ги погодија семејствата со повеќе деца и со пониски примања, поради поголемиот удел на трошоците за храна и енергија во буџетот на домаќинството. Ситуацијата е уште полоша кај семејствата со три или повеќе деца. Иако мерките на Владата да обезбеди да не дојде до зголемување на бројот на погодени семејства беа успешни, постои потреба од наменски интервенции за поддршка на најранливите домаќинства. Мерките за контрола на цените, и особено субвенционираната цена за електрична енергија за домаќинствата, се оценуваат како многу ефикасни. Со оглед на тоа што буџетите во јавниот сектор се причина за загриженост поради зголемените трошоци и очекуваниот пад на јавните приходи, властите може да наидат на тешкотии за да одговорат на сите потреби за дополнителни мерки за социјална заштита. Понатаму, финансирањето на други основни социјални услуги, вклучувајќи ги и образованието и здравството, исто така, може да биде изложено на ризик, поради зголемените трошоци за електрична енергија и греење за објектите, што претставува значително оптоварување за националниот и општинските буџети. Бидејќи се очекува трендот на зголемување на цените да се задржи, Владата може да размисли за проширување на субвенциите за електрична енергија, така што и други ранливи домаќинства ќе имаат пристап до неа. Може да бидат потребни почести приспособувања на паричната социјална помош за да се усогласи со растечките цени, односно, дадената помош да ја задржи вредноста.

„Археолошкиот локалитет Стоби е неверојатен. Сакам да ги носам моите пријатели од странство таму и да им ја покажувам банкнотата од 10 денари на која е прикажан паунот од мозаиците што ги има  таму. Манастирите се многу интересни, но и многу тивки и убави места за  спокојно размислување. И секако, многупати сум била во Охрид.

Искрено, Кокино ми дојде како големо изненадување и ми е омилено. Пред 4.000 години, луѓето го создале овој простор за да го гледаат небото ноќе. Замислете! Тоа е нешто посебно и уникатно во светот, и повторно, се чувствувам привилегирано што живеам тука, да ги гледам сите овие работи и да ги посетувам неверојатните локалитети на оваа земја, некогаш и по повеќе пати“, вели претставничката на УНИЦЕФ во земјата, Патриција ди Џовани.

УНИЦЕФ се бори за правата на децата повеќе од 75 години. Има и деца со попреченост и деца со посебни потреби. Дали се инвестира доволно за нивното вклучување во општеството?

Вклучувањето на децата со попреченост во сите аспекти на животот е тековен процес кој бара континуирани напори и посветеност од сите засегнати страни. Земјата значително го подобри пристапот до образование за децата со попреченост. Особено позитивен чекор кон инклузивно образование е спроведувањето на Законот за основно образование, каде што е предвидено дека од следната учебна година сите деца ќе се запишуваат во редовни основни училишта. Напорите за трансформација на посебните училишта во ресурсни центри за поддршка на инклузивното образование и воведувањето образовни асистенти во училиштата заслужуваат пофалба во насока на создавање  поволна средина за децата со попреченост. 

УНИЦЕФ го поддржа преминот кон модел заснован на човекови права за проценка на децата и на младите со попреченост, со кој се нагласува нивната способност за да го достигнат сопствениот потенцијал. За тоа е неопходна соодветна поддршка од семејството на детето, заедницата и службите во областа на здравството, социјалната заштита и образованието. Формирани се регионални тимови составени од лекари, воспитувачи, социјални работници и психијатри, кои ги проценуваат потребите на секое дете и изработуваат индивидуализирани планови за поддршка. Овие тимови потоа го олеснуваат пристапот до специјализирани услуги, се координираат со давателите на услуги, нудат насоки за родителите во поддршката на нивните деца и соработуваат во одредувањето на  личните цели за ангажман на детето. Тимовите, исто така, ќе се користат за насочување на децата со тешкотии во развојот кон  службите за интервенција во раното детство.

Во 2022 година, УНИЦЕФ поддржа сеопфатна анализа на интервенциите во раното детство во Северна Македонија, од каде што произлегоа податоци и препораки за следните чекори за градење, зајакнување, подобрување, проширување и финансиска поддршка на националниот систем за интервенции во раното детство и соодветните програми. Друга промена што ја поддржавме беше подготовката на Законот за социјална заштита од 2019 година, со кој се преструктуираше системот за парична помош за лицата со попреченост, со цел да се зголемат опфатот и адекватноста. Дополнително, со законот се воведоа нови услуги за децата со попреченост и нивните згрижувачи. Понатаму, успешниот процес на деинституционализација значи дека денес во земјата ниту едно дете не живее во голема институција. Децата со попреченост без родителска грижа се сместени или кај згрижувачи или во мали групни домови во заедницата. Сепак, опсегот на услуги за децата со попреченост е доста ограничен на локално ниво и затоа се потребни дополнителни инвестиции. УНИЦЕФ промовираше грижа и услуги базирани во семејството, како што е воведувањето на меѓудисциплинарен модел за интервенција во раното детство ориентиран кон семејството за да се обезбедат јасни инструкции и поддршка на родителите. 

Вие сте претставничка на УНИЦЕФ во Македонија повеќе од три години. Колку често ја истражувате нашата земја и кои природни убавини Ви оставиле впечаток?

Ја истражувам земјата онолку често колку што сум во можност. Пристигнав кусо време пред да се воведат рестриктивните мерки за пандемијата, и затоа, кога можев,  излегував да прошетам и да ја видам земјата, а за мене тоа беше важно и од аспект на мојата ментална добросостојба.

Земјата е неверојатно убава. Се чувствувам привилегирана што живеам тука и ја истражувам, а во последниве 18 месеци ме посетија многу пријатели и семејството. Сите го кажуваме истото. Македонија е „добро чувана тајна“, и недоволно позната во туристичките кругови како што се Грција, Шпанија, Италија, Обединетото Кралство.  

Многу сакам да поминувам време на плоштадот „Македонија“. Низ кафулињата, гледајќи како семејствата доаѓаат и си одат. Ми се допаѓа дека тоа е доста прометен јавен простор. И тврдината што секогаш го надгледува градот, нудејќи „заштита“ и доловувајќи го духот на историјата. Исто и со Градскиот парк, кој се протега покрај реката Вардар речиси до  трговскиот центар. За мене е вистинско уживање да седнам во некоја од многубројните кафеани по должината на патот, и иако немам мое куче, ми се допаѓа што повеќето од овие места се отворени и за кучиња. 

Возењето низ земјата и посетата на винариите ми е омилен начин да го поминам слободното време во викендите, и заедно со пријателите често одиме во врвните винарии да ручаме и да уживаме во пејзажот. Тоа ми е одличен начин за опуштање. Има убава храна, тавче-гравче ми е омилено јадење, имате одлично вино и прекрасни пејзажи каде што може да се јаде меѓу лозниците. 

Археолошкиот локалитет Стоби е неверојатен. Сакам да ги носам моите пријатели од странство таму и да им ја покажувам банкнотата од 10 денари на која е прикажан паунот од мозаиците што ги има таму. Манастирите се многу интересни, но и многу тивки и убави места за  спокојно размислување. И секако, многупати сум била во Охрид.

Искрено, Кокино ми дојде како големо изненадување и ми е омилено. Пред 4.000 години, луѓето го создале овој простор за да го гледаат небото ноќе. Замислете! Тоа е нешто посебно и уникатно во светот, и повторно, се чувствувам привилегирано што живеам тука, да ги гледам сите овие работи и да ги посетувам неверојатните локалитети на оваа земја, некогаш и по повеќе пати. Мислам дека пропуштив да споменам многу други места, но за тоа ќе треба цело посебно издание.

Image
Newsletter