Петир: На Европа ѝ треба Македонија

Петир: „Ги повикувам жените да се вклучат во политиката. „Женскиот гениј“

„Не би сакала да бидам сведок дека реформите кои се важни за граѓаните се во чекална сѐ додека Македонија е во чекалната за членство во ЕУ. Затоа уште еднаш ги повикувам сите кои имаат влијание, да ги отстранат пречките за Македонија на нејзиниот европски пат заради благосостојбата на сите граѓани на Македонија“, вели хрватската политичарка и поранешен европратеник Маријана Петир. Таа е голем пријател на нашата земја, а доказ за тоа е и основањето на групата „Пријатели на Македонија“ во Европскиот парламент. Петир за Магазинот за менаџмент и туризам најавува учество на хрватските парламентарни, европските парламентарни и на претседателските избори, кои ќе се случат идната година.

Jа основавте групата „Пријатели на Македонија“ во Европскиот парламент. Вие сте голем поддржувач на нашата земја и ги промовирате македонските интереси, што е од големо значење за македонскиот народ. Македонија сѐ уште минува тежок пат за влез во ЕУ. Дали вредат овие предизвици за да се стигне до европското семејство?

Како што Европската Унија може да ѝ помогне на Македонија во различни аспекти на развојот, така и на ЕУ ѝ треба Македонија, не само поради нејзината геостратешка положба, туку и затоа што Македонија е исклучителна земја во многу нешта. Македонија е составена од топли и добронамерни луѓе, има одлична храна и вино, прекрасна природа и богато културно наследство. Групата „Пријатели на Македонија“ во Европскиот парламент ја создадов токму поради ова, со цел на сите да им ја покажам правата слика за Македонија и да ѝ помогнам на вашата земја да излезе од маѓепсаниот круг во кој се најде, не по своја вина. На овој начин сакав да ѝ помогнам на Македонија со директна поддршка во отворањето на вратите кои беа затворени, но и да покажам дека ако сака ЕУ да биде кредибилна, не може да прави исклучоци за Македонија и да ги користи билатералните проблеми како пречка за отворање на преговорите. Ние, Хрватите, знаеме какво е чувството кога ќе те блокираат и не те оставаат да продолжиш напред бидејќи и самите сме го поминале тоа, но ја прославивме 10-годишнината од членството на Хрватска во ЕУ и можеме да кажеме дека сите наши напорите родија плод затоа што со помош на ЕУ се реализираа многубројни проекти корисни за нашата земја и за нашиот народ, кои, да не беше таа помош, тешко дека ќе можеше да се реализираат.

Долги години сте активни во политиката. Дали, според вашето мислење и искуство, овие последни барања навистина ќе бидат последни пред влезот на Македонија во ЕУ?

Бев против и сум против неправедните притисоци врз Македонија од различни страни, кои негативно се одразуваат не само врз политичкиот живот, туку и врз економската состојба во државата, но и на општеството во целина. Владеењето на правото и демократијата беа ставени на тест, што доведе до директен притисок за зачувување на националниот идентитет со насилна промена на името на државата. Но, тие не застанаа тука, и сега сакаат да ги препишат и јазикот и историјата, што е целосно неприфатливо. Не би сакала да бидам сведок дека реформите кои се важни за граѓаните се во чекална сѐ додека Македонија е во чекалната за членство во ЕУ. Затоа уште еднаш ги повикувам сите кои имаат влијание да ги отстранат пречките за Македонија на нејзиниот европски пат, заради благосостојбата на сите граѓани на Македонија.

Често зборувате за правата на жените и ја поттикнувате нивната самодоверба, а со тоа и да бидат сигурни во своите одлуки. Дали се жените доволно застапени во политиката во Македонија и колку имаат тие можност да направат промени?

Ги повикувам жените да се вклучат во политиката и во процесите на одлучување, што не само што е нивно право, туку е и многу важно поради посебните ставови што жените ги носат кон ваквите процеси. „Женскиот гениј“, женската интуиција и чувствителност ќе се покажат уште посилни и поголеми, вредноста дека повеќе жени ќе играат поважна улога во решавањето на сериозните проблеми со кои се соочува светот. Постојат позитивни законски прописи поврзани со зголемување на учеството на жените во политиката, но има и предрасуди и стереотипи на кои жените се секојдневно изложени. Факт е дека, иако сочинуваат половина од населението, жените сè уште не се доволно застапени секаде каде што се носат важни одлуки. Се разбира, не мислам дека жените треба да се занимаваат со политика само затоа што се жени, и затоа што партијата треба да истакне одреден број жени на својата листа, но пред сѐ мислам дека да се биде жена не треба да биде пречка за посилен политички или каков било втор ангажман. За време на мојот неодамнешен престој во Македонија, имав можност да се сретнам со претседателката на Организацијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска и нејзините колеги, кои ме запознаа со иницијативите на кои работат за да се зголеми застапеноста на жените во политиката во Македонија и женските гласови да бидат посилни, слушнати. Многу ме импресионираа бидејќи се вредни, одлучни и ангажирани и исклучително мотивирани, и им посакувам успех.

Петир: „Ги повикувам сите кои имаат влијание да ги отстранат пречките за Македонија на нејзиниот европски пат.“

Петир: „Ги повикувам сите кои имаат влијание да ги отстранат пречките за Македонија на нејзиниот европски пат.“

Економската криза достигна сериозни размери. Цените на сите производи се зголемени, некои дури и двојно. Како се справува Хрватска со овој предизвик?

Во опкружувањето на пазарната економија, не е добро да се замижува пред ризиците на кои се изложени особено чувствителните групи жители, кои живеат на работ на сиромаштијата и кои чувствуваат најголем пораст на цените на храната. Владата на Република Хрватска го препозна овој проблем со воведување ценовни ограничувања за одредени прехранбени производи. Покрај горенаведеното, покрај претходните пакети помош кои многу им помогнаа на граѓаните и на стопанството во овие предизвикувачки времиња, а поврзани со ограничувањето на цената на струјата, гасот и горивото, најновиот пакет мерки за помош на Владата на Република Хрватска обезбеди исплата на еднократна парична помош за пензионери, корисници на додаток за деца, корисници на права во системот на социјална заштита, жртви од земјотрес и невработени лица. Мислам дека треба понапорно да работиме на поконзистентна примена и контрола на имплементацијата на Законот за заштита на пазарната конкуренција, како и на Законот за забрана на нелојална трговија во синџирот на снабдување со храна, со што дополнително може да се избалансира поскапувањето. Побарав многу порано да се реагира на неправедното однесување на трговските синџири, кои ги покачуваа цените на производите во текот на минатата година и покрај тоа што владата го намали ДДВ-то за храна. Кога видов дека оваа тема се врти како мачка околу врелата каша, му предложив на Комитетот за земјоделство на хрватскиот Сабор со кој јас претседавам, а од кој добив поддршка, да побараме акција на Агенцијата за заштита на пазарната конкуренција, која презема конкретни чекори врз основа на нашите апликации.

Оваа летна сезона земјите од регионот се соочија со недостиг од работна сила. Хрватска е една од земјите каде што голем број сезонски работници од Македонија заминаа на работни позиции. Како можат властите на секоја земја да помогнат со мерки за задржување на младите во нивните родни места?

Иако трендот на напуштање на руралните средини е присутен во цела Европска Унија, алармантните податоци од Пописот од 2021 година потврдуваат дека 195 населени места во Република Хрватска немаат ниту еден жител, додека повеќе од 700 хрватски села се на работ на целосно исчезнување. Депопулацијата на хрватските села претставува сериозен проблем за националната безбедност  затоа што нема кој да ја заштити хрватската територија ако останат селата празни, но и за иднината на земјоделското производство, кое не постои без работна сила и генерациско обновување. Во оваа смисла, од европско ниво, неопходно е да се препознаат различностите и потребите на европските рурални средини. Треба да ги прашаме жителите на руралните средини што им треба за да останат да живеат на село, а земјоделците што им треба за да се занимаваат со земјоделство, да продолжат да произведуваат храна и да останат да живеат во руралните средини. Треба да се обезбеди достапност до основните услуги во руралните средини, како што се реконструкција на патишта, воспоставување широкопојасен интернет, поштенски услуги, банки, здравствена заштита и социјална заштита. Државата во последните години инвестира значителни средства во изградба на градинки и училишта во руралните средини, а сѐ повеќе општини им даваат финансиска помош на младите при купување на нивниот прв имот за да можат да останат во родниот град. Со компензација на државно ниво за секое новородено дете, локалната администрација со своите мерки поддржува и демографско обновување.

Често ја посетувате Македонија. Но, колку често ги посетувате природните убавини на нашата земја?

Сум била неколку пати во Македонија, но секој пат доаѓам на ден-два и се трудам да имам што повеќе состаноци, па, за жал, досега немав можност да уживам во вашата природна убавина, иако покрај Скопје, сум ги посетила и Охрид, Тетово, Битола, Прилеп, Крушево. Во Македонија навистина има што да се види, а на мојата листа на приоритети дефинитивно е да шетам по планинските врвови (на крајот на краиштата, јас сум планинар) и да ги посетам националните паркови.

Што недостига во Македонија за да се зголеми посетеноста од повеќе туристи?

Прашањето за туризмот е прашање на промоција, а денешните туристи сакаат да добијат целосни информации и се сѐ попребирливи, па мораме да знаеме како им се обраќаме и што им нудиме. Масовниот туризам повеќе не е во мода, туристите сакаат целосна посветеност и искуство, па гостопримството на македонскиот народ заедно со ено-гастро понудата и природните убавини на Македонија е добитна комбинација за привлекување туристи.

Кои се вашите идни планови и заложби на политичката сцена? Кои се вашите нови предизвици?

Јас сум претставник во хрватскиот Сабор и претседател на Комисијата за земјоделство. Имам многу обврски и активности и целосно сум ѝ посветен на работата што ја работам. Следната година е изборна година во Хрватска и имаме парламентарни, европски парламентарни и претседателски избори. Јас планирам да учествувам на еден од тие избори.

Image
Newsletter