Петровиќ: Ќе ја засилиме економската соработка меѓу Црна Гора и Македонија

Н. Е. Марија Петровиќ - Амбасадорка на Црна Гора

„Од сите живописни природни богатства со кои изобилува вашата земја, би ја издвоила Преспа, скриената убавина, која со своите импресивни планински масиви, гордо го чува едно од најстарите езера во Европа. Неодоливо ме потсетува на мојата Црна Гора, а има и симболично значење од аспект на црногорско-македонските историски и културни врски“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент амбасадорката на Црна Гора, Марија Петровиќ.

Почитувана амбасадорке Петровиќ, Црна Гора повеќе од една деценија го оди патот кон полноправно членство во ЕУ. Нашата земја допрва треба да го отпочне овој процес. На кој начин Црна Гора, преку билатерална соработка, може да го сподели со нашата земја своето досегашно искуство во однос на преговорите, за да може заемно да си помогнеме на овој значаен пат?

Црна Гора оваа година одбележува десетгодишнина од формалниот почеток на пристапните преговори со Европската Унија, што ја прави држава-кандидат со најголемо искуство и со најмногу научени лекции во овој процес. Во наведениот период беа постигнати значајни резултати, а во исто време црногорските институции и општеството во целина се соочија со предизвици што произлегуваат како од самата природа на преговарачкиот процес, така и од неизбежните промени низ кои помина самата Унија низ годините. Денес, по десет години, Црна Гора ги отвори сите преговарачки поглавја, некои од нив успешно се затворени, додека во останатите е постигнато завидно ниво на напредок во насока на исполнување на неопходните завршни мерила.

На патот кон полноправно членство во ЕУ, како клучна стратешка цел на нашите земји, покрај постигнувањето индивидуални резултати, од исклучителна важност е и подобрувањето на регионалната соработка и на добрососедските односи, области во кои односите меѓу Црна Гора и РС Македонија претставуваат еден од најпозитивните примери во регионот. Во таа насока, Црна Гора од самиот почеток даде недвосмислена поддршка, како во контекст на остварување на полноправното членство на РС Македонија во НАТО, каде што денес може да се пофалиме со многу успешна сојузничка соработка, така и во однос на европската интеграција, како механизам за трансформација на целокупното општество и за остварување поквалитетен живот на граѓаните како заедничка цел.

Еден од механизмите што дава основа за остварување соработка и комуникација во оваа област, секако е и важечкиот Договор за соработка меѓу Црна Гора и РС Македонија на полето на европската интеграција, а се планира и динамизирање на соработката на преговарачките тимови. Истовремено, на ниво на надлежните институции се остваруваат редовна комуникација и соработка во областите што се од особено значење за процесот на европската интеграција, како што се внатрешните работи, владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, итн.

Убедени сме дека континуирано изразената подготвеност на црногорските институции да ги споделат стекнатите знаења и искуства со своите македонски колеги ќе придонесе за побрз и полесен напредок на европскиот пат, сега кога по неправедното и неосновано одложување се исполнети условите РС Македонија официјално да го започне процесот на скрининг и преговори со ЕУ.

Како две земји што доаѓаат од еден некогашен заеднички сојуз и кои споделуваат слични вредности, задоволни ли сте како се одвива досегашната заемна соработка, како на билатерален, така и на економски план? Има ли можност соработката да се продлабочи, особено во овие економски турбулентни времиња?

Исклучително блиските односи меѓу Црна Гора и Македонија, кои никогаш во историјата не биле оптоварени со ниту едно отворено прашање, во целиот период, прво од стекнувањето на македонската, а потоа и од обновувањето на црногорската независност, но и порано, за време на соживотот во заедничката држава, се карактеризираат со отвореност, меѓусебна доверба и пријателство. Потврда за квалитетот на меѓусебните односи, меѓу другото, претставува исклучително фреквентниот политички дијалог и одличната соработка, како на највисоко политичко, така и на експертско, работно ниво.

Освен заедничките стратешки и политички приоритети, како што се понатамошната изградба на мултиетничко општество засновано врз европски вредности, членство во ЕУ и продлабочување на блиските односи во рамки на НАТО, Црна Гора и РС Македонија дополнително ги зближуваат и сличните предизвици, како на внатрешен, така и на надворешно-политички план. Тука, посебно би сакала да нагласам дека во овие турбулентни времиња кога глобалниот мир, стабилноста и поредокот се сериозно потресени од руската агресија врз Украина, со меѓусебна поддршка и преку заеднички активности Црна Гора и Македонија јасно и недвосмислено ја изразија својата подготвеност, како сојузници, да придонесат за одбрана на заедничките европски и трансатлантски вредности, партнерство и демократија.

На билатерален план, економското и инфраструктурното поврзување се едни од приоритетните цели, чија реализација треба да се истакне во наредниот период, како предуслов за подобрување на квалитетот на живот на сите наши граѓани и за економско зајакнување на двете земји. Покрај зајакнувањето на меѓусебните економски врски, еден од начините за постигнување на овие цели е и реализацијата на заеднички проекти насочени кон подобро искористување на расположливите финансиски средства од ЕУ и од други меѓународни фондови.

Н. Е. Марија Петровиќ - Амбасадорка на Црна Гора

Н. Е. Марија Петровиќ - Амбасадорка на Црна Гора

Кога сме кај економијата, што може да направат македонските власти за да привлечат што поголем број инвеститори и бизниси од Црна Гора?

Како што веќе беше споменато, економијата претставува една од областите во кои има простор за интензивирање на соработка меѓу нашите земји. Сегашниот обем на меѓусебната економска и трговска размена не е на реалното можно ниво и секако дека може и треба да се зголеми во наредниот период. Во таа насока, надлежните црногорски и македонски институции работат на поврзување на економскиот сектор и бизнис-заедницата, со цел унапредување на економската соработка и на трговската размена, истовремено разгледувајќи ја можноста за потенцијален заеднички настап на трети пазари.

На овој план се реализира директна комуникација меѓу стопанските комори на двете земји, како и секторска соработка во конкретни економски области. За тоа, во голема мера придонесува воспоставената практика на редовно одржување на бизнис-форуми и размена на посети на стопански делегации, кои генерално се организираат истовремено со посети на највисоко политичко ниво, како и во рамки на заедничките владини седници. Ова дополнително ја потврдува политичката определба и посветеност на двете земји кон постигнување конкретни и опипливи резултати во оваа област.

Со воспоставување директна комуникација меѓу надлежните институции, со посредство на Амбасадата на Црна Гора во Скопје, се создаваат услови за склучување меѓусебни договори за соработка, презентација на заемниот инвестициски и деловен потенцијал и размена на потребни информации за клучните аспекти на меѓусебната економска соработка, како и за економските показатели и карактеристики на правно-институционалната рамка и на деловното опкружување во двете земји.

Црногорското приморје е навистина атрактивна дестинација за македонските туристи. Што ја прави Црна Гора привлечна туристичка дестинација? Дали можеби ни недостига директно авиоповрзување за да се зголеми бројот на туристи од двете земји?

Туризмот е наша стратешка економска гранка, со значајно учество во вкупниот бруто домашен производ на нашата земја, поради што континуирано преземаме активности насочени кон подобрување на квалитетот и различноста на туристичката понуда. Црна Гора е препознаена како атрактивна туристичка дестинација, како на регионално ниво, така и многу пошироко, за што секако придонесува нејзиното богато историско и мултикултурно наследство, разновидноста на природните ресурси и автентичната гастрономија. Сето ова, заедно со препознатливото црногорско гостопримство и блискоста на нашите народи, ја прави Црна Гора атрактивна дестинација за туристите од регионот, вклучително и од РС Македонија.

Македонските туристи од година во година се сè поприсутни во Црна Гора. Иако степенот на туристичка размена сè уште не е на посакуваното ниво, вашата земја спаѓа во првите десет емитивни пазари кога станува збор за бројот на туристи и остварени ноќевања во 2021 година во Црна Гора. Секако, во следниот период очекуваме интензивирање на туристичката размена, за што, меѓу другото, придонесуваат редовните промотивни кампањи во РС Македонија, вклучително и регионалната кампања „Roadshow“ што ја спроведува Националната туристичка организација на Црна Гора во соработка со локални туристички организации. За зголемувањето на туристичката размена меѓу нашите земји секако би придонело подобро инфраструктурно поврзување, што претставува еден од клучните приоритети на нашата билатерална агенда, вклучително и изнаоѓање начин за повторно активирање на директната авиолинија.

За жал, настаните во изминатите три години, пандемијата на корона вирусот, а потоа и војната на територијата на Европа, ја покажаа ранливоста на туристичкиот сектор, но во исто време нè потсетија на важноста да се фокусираме на регионалните пазари и на неопходноста од зајакнување на регионалната соработка во туризмот, што секако ќе биде во фокусот на нашите активности во наредниот период.

Н. Е. Марија Петровиќ - Амбасадорка на Црна Гора

Н. Е. Марија Петровиќ - Амбасадорка на Црна Гора

На функцијата амбасадор на Црна Гора во Македонија стапивте пред нешто повеќе од три години. Дали се навикнавте веќе на македонското секојдневие? Што Ви оставило најголем впечаток во нашата земја, од аспект на храната и на природните убавини? Дали се Македонците гостопримлив народ? Каква е Вашата перцепција за нашата земја?

Исклучителна чест и задоволство е да се извршува функцијата амбасадор на Црна Гора во пријателска земја. Mакедонија искрено ја доживувам како мој втор дом, и тоа не само поради македонското гостопримство и традиционалната блискост на нашите граѓани, туку и поради богатите меѓудржавни културно-историски врски. Приватно, за вашата земја ме врзува дел од моето потесно семејство што живее овде, убавите спомени од моето детство и децениското пријателство со многу драги и прекрасни луѓе.

Од сите живописни и прекрасни природни богатства со кои изобилува вашата земја, би ја издвоила Преспа, скриената убавина, која со своите импресивни планински масиви, гордо го чува едно од најстарите езера во Европа. Неодоливо ме потсетува на мојата Црна Гора, а има и симболично значење од аспект на црногорско-македонските историски и културни врски. Имено, Преспа сведочи за историската, илјадагодишна љубов, обединета во незаборав, помеѓу црногорскиот принц Владимир и принцезата Косара, ќерка на македонскиот цар Самоил. Култот за Светиот Владимир не се развил само кај Црногорците, каде што денес успешно одговара на концептот на мултикултурното, мултиетничкото и мултирелигиското граѓанско општество, кај Македонците (Јован Владимир), туку и кај Албанците (Shën Vladimiri), кај Хрватите и Бугарите (Иван Владимир). По тој повод, оваа година во април, претседателите на Црна Гора и на РС Македонија, г-н Мило Ѓукановиќ и г-н Стево Пендаровски, во Црна Гора, во Бар, свечено отворија спомен-обележје на Владимир и на Косара, подарок од вашата земја за Црна Гора, кој ги симболизира нераскинливите вековни врски меѓу граѓаните и нашите држави.

Image
Newsletter