„Работете за себе и за вашите деца, зајакнете ја позицијата кон соседите и имајте на ум дека е помалку важно кога ќе започнете преговори, туку кога ќе ги завршите“
„За три децении нашите две земји изградија примерни политички односи и многубројни партнерства на економски, културен, образовeн, одбранбен и полициски план. Ја зајакнавме соработката меѓу општините и ги зближивме младите генерации што не го имаат искусено соживотот во поранешната заедничка држава“, вели во интервјуто за Магазинот за туризам и менаџмент амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Н.Е. Милан Предан. Во врска со евроинтеграциите на земјава, тој не е оптимист дека до јуни ќе се најде решение за спорот со Бугарија.
Македонија и Словенија ги поврзуваат децениско пријателство и соработка. Нашата земја во Словенија гледа искрен поддржувач на евроинтеграциите, но и партнер во НАТО-алијансата. Јасна и силна е вашата поддршка за почеток на преговорите, но и за силен, стабилен и европски Балкан. И покрај големите заложби за време на словенечкото претседателство со Унијата, земјава не доби зелено светло за старт на пристапните преговори. Можеме ли да се надеваме дека наскоро ќе се деблокира овој процес?
Би сакал да бидам оптимист, но јас сум реалист и во моментов не гледам голема можност тоа да се случи за време на француското претседателство односно до крајот на јуни. Сигналите од Софија не се ветувачки, а без билатерален договор меѓу Северна Македонија и Бугарија што барем минимално би ги задоволил интересите на двете страни, тешко ќе се постигне пробив на ниво на ЕУ за свикување на првата меѓувладина конференција. За време на нашето претседавање, вложивме многу напор не само во изнаоѓањето компромис прифатлив за двете земји, туку и во тоа проширувањето на ЕУ со Западен Балкан да се задржи на европската агенда, што и ни успеа со Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ лани во октомври.
Не сакам да повторувам колку е важно поради украинската криза да се придвижи процесот на проширување, како и дека Северна Македонија и Албанија заслужуваат да ги започнат пристапните преговори. Верувам дека сите сте уморни од овие изјави. Така, во моментов, мислам дека единствената разумна порака е: продолжете со реформите, работете за себе и за вашите деца, подобрете ја вашата земја и зајакнете ја позицијата кон соседите, и имајте на ум дека е помалку важно кога ќе ги започнете преговорите, туку кога ќе ги завршите. Словенија преговараше нешто повеќе од четири години. Земјата спроведе многу неопходни реформи пред да ги започне преговорите, па можеше релативно брзо да ги заврши. Меѓутоа, во исто време, мора да бидеме искрени и да признаеме дека атмосферата во ЕУ во тоа време беше многу поповолна отколку денес за прием на нови членки.
Нашите две земји имаат одлични билатерални односи воспоставени уште во далечната 1992 година. На 17 март се навршија 30 години од потпишаниот билатерален договор. Како се задоволни властите во Словенија од оваа заедничка, тридецениска соработка?
За словенечкиот амбасадор во Скопје најлесен е одговорот на прашањето кое е најголемото отворено прашање меѓу двете земји. Нема! За три децении практично немаше никакви проблеми меѓу двете земји, за тоа време изградивме примерни политички односи, многубројни партнерства на економски, културен, образовен, одбранбен и полициски план, ја зајакнавме соработката меѓу општините и ги зближивме младите генерации што го немаат искусено соживот во поранешната заедничка држава.
Оние што се сеќаваат на распадот на Југославија, ја ценат принципиелноста на тогашната гарнитура македонски политичари на чело со Киро Глигоров, чија поддршка за напорите на Словенија за демократска трансформација на заедничката држава, а подоцна и за мирно одвојување беше непроценлива. За Словенија многу значеше тоа што во овие напори имаше толку мудри и претпазливи сојузници, кои разбраа дека тоа не е национален егоизам, туку желба да се спаси оваа земја од неволјите на неконтролираното распаѓање, што за жал се случи подоцна. Тогаш се создаде меѓусебна доверба, која продолжи да трае и во следните три децении по воспоставувањето дипломатски односи во март 1992 година.
Поддршката на Словенија за членство на Северна Македонија во НАТО и за почеток на пристапните преговори на земјата со ЕУ, никогаш не била скриена во џеб, туку искрена и со чесна намера. Словенија го докажа тоа во различни периоди и околности и на многу начини. Исто така, факт е дека словенечките компании со развојната помош станаа важен инвеститор што обезбедува неколку илјади работни места во помалку развиените делови на земјата, во голема мера фокусирани на еколошки проекти на локално ниво.
Мостот меѓу двете земји се многубројните граѓани на Северна Македонија што создадоа во последните три децении втор дом во Словенија, а многу од нив и успешни кариери на повеќе полиња. Тоа важи и за словенечката заедница овде, која е помала од македонската заедница во Словенија, но која со своите три друштва е посветена на промовирање на словенечкиот јазик и култура, ширење на добриот збор за Словенија и градење соживот со мнозинската нација.
Н.Е. Милан Предан, Амбасадор на Словенија во Македонија
Cловенија е 15-от трговски партнер на нашата земја, со раст на трговската размена од 12,4% и раст на извозот од нашата земја со стапка од над 20% во 2021 година во споредба со годината претходно. Во нашата земја се реализирани и неколку значајни инвестиции во производствени капацитети, а Словенија е една од земјите од Балканот што даваат најголема поддршка за реализација на проекти на локално ниво. Има ли простор уште повеќе да се продлабочи оваа економска соработка и што треба да сторат властите во земјава за да привлечат поголем број инвеститори од Република Словенија?
Во 2021 година, економската трговска размена меѓу двете земји достигна рекордно ниво – вкупно 375 милиони евра, што е за над 50 милиони повеќе отколку во преткризната 2019 година. Мојата тивка цел од почетокот на 2020 година до крајот на мојот мандат, трговската размена да достигне половина милијарди евра, навистина ќе биде тешко остварлива. Во тоа време немаше криза со короната и никој не можеше ниту да ја претпостави украинската криза. Сепак, ваква трговска размена би била изводлива за две до три години. Охрабрувачки е тоа што словенечките производствени компании што се веќе тука, планираат нови инвестиции и – како што споменав – инвестираат низ целата земја: ТАБ МАК во Пробиштип, ЛТХ Леарница во Охрид, Рото во Виница, Пуклавец во Неготино. Тука се и другите: НЛБ е најуспешната банка во групацијата во регионот, управителите на пензиски фондови во сопственост на словенечкиот капитал – КБ Прво, Сава и Триглав – имаат речиси монопол во оваа област, тука се и Искрател, Перутнина птуј, Крка-фарма ДООЕЛ, Интереуропа, Салус, Искра, Подгорка, Горење. Сите овие компании долго и добро функционираат на македонскиот пазар.
За словенечките инвеститори, вашата земја, иако сè уште не е членка на ЕУ, отсекогаш била интересна поради нејзината географска близина, доброто познавање на пазарот и на јазикот, традиционално добрите политички односи, воспоставените деловни контакти од времето на заедничката држава и формирањето на некои словенечки брендови. Затоа, во иднина сигурно ќе има уште повеќе словенечки инвестиции, особено ако напредува владеењето на правото како предуслов за сигурност на инвестициите.
Најголемиот проблем со кој се справуваат нашите и другите компании е немањето добар технички кадар. Не само што многу добри кадри заминуваат во странство, туку речиси сите би сакале да работат во Скопје или што е можно поблиску до главниот град. Значи, проблемот е (не)мобилноста на кадрите, што исто така е резултат на лошите транспортни врски помеѓу центарот и периферијата. Добрата инфраструктура е од суштинско значење ако сака една земја да има повеќе странски инвестиции.
Неодамна, се актуелизираше потребата за воведување редовна авионска линија помеѓу двете земји, која ќе го олесни транспортот и ќе го зајакне туризмот. Се зборува за воведување авиолинија помеѓу Скопје и Марибор иако ова е засега само идеја. Колку директното поврзување помеѓу двете земји ќе ја олесни соработката, но и ќе го зајакне туризмот?
За жал, со банкротот на словенечката авиокомпанија Адриа ервејс, двете земји го загубија директниот лет меѓу Љубљана и Скопје, што секако е голем хендикеп. Нашите бизнисмени денес, од едната до другата држава најчесто патуваат со автомобили, за среќа по добар автопат, а со авиони преку Загреб или дури и преку Виена. Точно е дека во Словенија треба да се разговара со еден од нискобуџетните превозници за повторно воспоставување директна врска со Скопје, но за ова засега немаме конкретни информации. И нашата амбасада при секоја посета на нашите политички претставници го покренува ова прашање истакнувајќи ја важноста на оваа поврзаност на двете земји за економијата и за туризмот. За тоа се разговараше и во средината на април на основачкото собрание на словенечко-македонскиот бизнис клуб, чии активности заживеаја по неколкугодишно затишје. Верувам дека и притисокот од нивна страна ќе вроди со плод.
Mакедонските државјани, со договор потпишан во февруари 2016 година, добија право на бесплатно образование во Република Словенија. Ова им ги отвори портите на голем број ученици од Македонија своето образование да го продолжат на словенечките универзитети и да добијат квалитетно, европско образование.
Вистина е, Словенија пред години одлучи да обезбеди бесплатни додипломски и постдипломски студии на младите од земјите на поранешна Југославија и за тоа одвојува голем дел од својата билатерална развојна помош. Во тековната академска година 1.400 млади македонски државјани студираат на словенечките универзитети и по бројност се меѓу првите странски студенти во Словенија. Тие се ценети поради својата трудољубивост, амбициозност, брзото учење на јазикот и флексибилноста. Покрај тоа, повеќето избираат студии од области што се сметаат за дефицитарни во Словенија, па затоа многумина брзо наоѓаат вработување во самата земја или одат на работа во други земји на ЕУ. За нашата земја тие претставуваат важна придобивка за пазарот на трудот, но во исто време посакуваме што поголем број од нив да се вратат дома по дипломирањето и тука да го искористат своето знаење. Идеалното решение би било да се вработат во словенечки компании во Северна Македонија, што ќе биде од корист и за двете земји. Веќе имаме неколку вакви случаи, се надеваме дека ќе има уште во иднина.
Н.Е. Милан Предан, Амбасадор на Словенија во Македонија
Македонија изобилува со природни убавини и привлекува многу туристи, особено од овие наши балкански краишта. Дали туристичката соработка помеѓу нашите земји е доволна и што, според вас, треба да се подобри или да се потенцира за да се привлечат повеќе странски гости, а земјава да се најде на мапата на атрактивни туристички дестинации?
На ова прашање веќе делумно одговорив: добра транспортна инфраструктура и што повеќе директни летови од европските метрополи до Скопје и до Охрид. На ова би додал и инвестирање во туристички капацитети и грижа за животната средина. Туристите стануваат сè попребирливи и не бараат само најлесно достапни дестинации, добро сместување по поволни цени и квалитетна кулинарска понуда, туку и убава и пред сѐ чиста природа. Имате сончева, зелена и природно разновидна земја, што, за жал, на многу места е задушена во отпад. Тоа го расипува имиџот на земја, која несомнено би можела, поради своите природни ресурси, како Словенија, да биде промовирана како зелена дестинација.
За туристичка промоција, треба уште повеќе да ја искористите вашата гастрономија, бидејќи имате многу одлични ресторани со врвна понуда на храна и вино. Факт е дека многу Словенци токму заради тоа многу сакаат да доаѓаат овде. Во Словенија, во последните години инвестиравме многу за да ги сместиме нашите ресторани на светската гастрономска мапа и веќе имаме седум ресторани со Мишелин ѕвездички, што ни ги донесе најпребирливите и најприфатливите гости.
Година и половина ја извршувате функцијата амбасадор на Република Словенија во Македонија. Се адаптиравте ли лесно на нашето секојдневие, имајќи предвид дека како народи сме со сличен животен стил?
Јас и мојата сопруга, новинарка, овде се чувствуваме одлично, веќе имаме многу пријатели Македонци и на секој чекор ја чувствуваме наклонетоста на луѓето, кои од поодамна не нè гледаат нас, Словенците, како странци, туку како „наши“. Ова важи и за Македонците што живеат во Словенија. Иако сме на илјада километри од дома, тука не се чувствуваме како во странство, земјата ни е блиска, долго време живеевме заедно, а како новинар во 70-тите и 80-тите години многу патував низ Македонија и многу добро ја запознав. Како мариборчани, Водно многу нѐ потсетува на нашето Похорје, ни се допаѓа што има многу паркови и зеленило во градот, затоа не дозволувајте да се гради со станбени блокови и деловни згради.
Покрај секојдневните работни обврски во Амбасадата, успеавте ли за овој период да посетите дел од природните убавини на земјава и ќе издвоите ли некое место што Ви оставило посебен впечаток?
Сум бил практично секаде, деловно или приватно, на некои места и повеќе пати, бидејќи јас и мојата сопруга свесно решивме да го искористиме престојот овде за да ја запознаеме добро земјата. Единственото поголемо место што сè уште не сме го посетиле е Преспанското Езеро, кое го видовме само од далеку на патот од Битола кон Охрид. Тоа сè уште нè чека, можеби уште овој месец. Насекаде среќаваме отворени и гостопримливи луѓе, особено кога ќе слушнат дека сме Словенци. Речиси секој има некого во Словенија или служел во ЈНА таму. Тешко би издвоил место што ми оставило посебен впечаток. Ќе го спомнам само Кратово, каде што јас и мојата сопруга бевме изненадени од кулите многу слични на оние во познатиот тоскански Сан Џимињано, но истовремено и растажени зашто се распаѓаат, а би можеле да се претворат во прекрасна туристичка атракција.