Србија гради добри односи со вашата братска и пријателска земја

Н.Е. Невена Јовановиќ, амбасадорка на Република Србија

Во вакви околности, кога Европа, но и целиот свет се соочуваат со многубројни предизвици, иницијативата „Отворен Балкан“ дополнително добива на значење, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, амбасадорката на Република Србија, Н.Е. Невена Јовановиќ. Според Јовановиќ, оваа иницијатива, чија примарна заложба е економска соработка помеѓу Србија, Македонија и Албанија, не претставува замена за процесот на евроинтеграции, но во контекст на актуелните предизвици, смета амбасадорката, нејзините придобивки стануваат повеќекратни. Јовановиќ нагласува и дека по затворањето на спорот помеѓу МПЦ-ОА и СПЦ, Македонија и Србија повеќе немаат т.н. отворени билатерални прашања.

Амбасадорке Јовановиќ, ова интервју ќе го почнеме со најсвежите случувања, а тоа е одлуката на Српската православна црква да даде зелено светло за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Оваа вест, која лично среде Скопје ја соопшти српскиот патријарх Порфириј, беше прифатена со голема радост и воодушевување од македонските верници. Со ова, практично, се затвора едно децениско прашање. Дали ќе нè зближи уште повеќе помирувањето помеѓу нашите две цркви како два пријателски народи?

Одлуката на Српската православна црква да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која беше соопштена од страна на Неговата светост, српскиот патријарх, господинот Порфириј за време на заедничкото служување на светата литургија во Соборниот храм во Скопје на големиот празник Св. Кирил и Методиј, го означи крајот на повеќедеценискиот раскол што постоеше помеѓу двете цркви. Оваа одлука, покрај тоа што предизвика голема радост во срцата на верниците, уверена сум дека ќе придонесе за дополнително зближување помеѓу нашите два братски и пријателски народа. Нашите народи се поврзани со нераскинливи културно-историски врски, а Република Србија и Република Северна Македонија во овој момент веќе немаат т.н. отворени прашања во нивните билатерални односи.

Помина речиси една година откако беше формирана иницијативата „Отворен Балкан“, која предвидува една регионална соработка, пред сѐ во економијата. Иницијативата е силно поздравена од бизнис-заедницата во трите земји. Кои се придобивките од оваа иницијатива и како да се зајакне уште повеќе во иднина економската соработка?

Иницијативата „Отворен Балкан“ го носи ова име од минатата година, но дозволете ми да потсетам дека нејзините корени се од поодамна, кога пред неколку години ја виде светлината на денот под друго име, како заедничка идеја на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и на тогашниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев. Оваа иницијатива е историска по својата природа бидејќи претставува идеја до која стигнале самите балкански народи со цел дополнително зближување, пред сѐ на нашите економии и пазари, а потоа и на нашите севкупни односи. Иницијативата веќе ги покажува првите позитивни резултати, кои се надевам дека ќе станат уште повеќе видливи преку подобрување на квалитетот на животот на сите наши граѓани. Актуелните предизвици со кои моментално се соочува Европа и целиот свет ни покажуваат дека кога ќе дојдат такви времиња, земјите од нашиот регион може и мора да се потпираат едни на други.

Голем број српски туристи традиционално секоја година летуваат на охридското крајбрежје. Од друга страна, пак, нашите туристи сè почесто одат на зимување во скијачките центри во Србија. Што треба да направат според Вас македонските власти за да привлечат што поголем број туристи од Србија?

Навистина сме горди на фактот дека секоја година голем број туристи од Северна Македонија ја посетуваат Србија и дека тој број од година во година расте. Ме радува кога ќе слушнам дека мои колеги и пријатели од Северна Македонија, како дестинација за одмор и релаксација одбираат места од богатата туристичка понуда на Србија како што се Златибор, Копаоник, нашите прекрасни бањи, езера, винарии, но пред сѐ за туристите атрактивниот Белград. Не помалку атрактивни се туристичките атракции што ги нуди Северна Македонија како прекрасниот Охрид, Битола, кањонот Матка или скијање во некое од зимските одморалишта како Попова Шапка, кои српските туристи често ги посетуваат. Иницијативата „Отворен Балкан“, освен што носи унапредување на нашите економски врски, посебно внимание ѝ посветува на соработката во сферата на туризмот. Така, на неодамнешниот самит „Отворен Балкан“ што се одржа во Охрид, беше потпишан Меморандум за соработка во областа на туризмот помеѓу нашите три држави, кој со сигурност ќе влијае врз зголемување на туристичката размена.

Н.Е. Невена Јовановиќ, амбасадорка на Република Србија

Н.Е. Невена Јовановиќ, амбасадорка на Република Србија

Во време на најголемата криза со Ковид-19, Република Србија беше првата земја што безусловно ѝ понуди на Македонија вакцини против Ковид-19, кои беа наменети за имунизација и заштита на здравствените работници од првите „борбени линии“ во Ковид-центрите. Велат, пријателот во невола се познава, па судејќи според ова, Србија навистина се покажа како најголем пријател на нашата земја.

Република Србија им посветува големо внимание на развојот и на негувањето пријателските односи со Северна Македонија. Како што неодамна кажа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Србија ништо не бара од Северна Македонија и единствено нешто што Србија сака е брзо да изгради добри односи со оваа братска и пријателска земја. Се надеваме дека секогаш заедно ќе чекориме кон подобра иднина за сите наши граѓани.

Како две земји-претенденти за членство во ЕУ, нашите влади негуваат цврсти билатерални односи, со одлика на континуирано традиционално пријателство без отворени прашања. Колку се поддржуваат Македонија и Србија меѓусебно во тој евроинтергативен процес?

Република Србија силно го поддржува процесот на евроинтеграции на целиот Западен Балкан. Како што е повеќепати нагласено во изјавите на нашите највисоки државни функционери, Србија на тој пат ги поддржува и нашите пријатели од Северна Македонија. За жал, последните резултати од Самитот ЕУ – Западен Балкан не беа позитивни за напредокот на нашите земји на тој пат и покрај нашата посветеност и подготвеност да го направиме тој чекор. Во вакви околности, иницијативата „Отворен Балкан“ дополнително добива на значење. Ќе нагласам дека оваа иницијатива не претставува замена за процесот на ЕУ-интергации, но во контекст на актуелните предизвици, придобивките од неа стануваат повеќекратни.

Амбасадорке Јовановиќ, откако дојдовте во Скопје, дали научивте нешто ново за нашата земја, за обичаите, културата и за традицијата? Дали се приспособивте лесно на секојдневните навики тука, со оглед на тоа дека не се многу поразлични од тие на граѓаните од Србија?

Од првиот ден на мојот престој во Северна Македонија се чувствувам дека сум помеѓу пријатели. На секој чекор сретнувам љубезни луѓе и секој ден учам по нешто ново за оваа прекрасна земја и за нејзините граѓани. Уживам во вашата кујна, во вашата музика, природните убавини, а се трудам и да зборувам на македонски јазик.

Што Ви оставило најголем впечаток во Македонија, која храна најмногу Ви се допаѓа и како го минувате слободното време, секако согласно со обврските што ги имате во Амбасадата?

Голема е честа, но и одговорноста да се биде амбасадор и да се претставува сопствената држава во друга земја. Таа важна должноста што му е доверена на амбасадорот, тој ја извршува 24 часа во денот. За амбасадорот не постои работно време. Мојот престој во оваа прекрасна земја во потполност е подреден на негување и на подобрување на билатералните односи меѓу нашите две земји. Но, наша обврска, заедно со тимот од Амбасадата на Република Србија во Скопје, е да им обезбедиме услуга на нашите државјани што живеат и работат во Северна Македонија. Тоа што сум претставник на Србија во една, за нас блиска и соседна земја како што е Северна Македонија, за мене претставува огромно задоволство. Сигурна сум дека деновите поминати тука засекогаш ќе имаат посебно место во моите сеќавања.

Жосеп Борел - Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност

Жосеп Борел - Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност

Џозеф, кој предава управување со конфликти на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, е близок со владејачката Демократска партија на претседателот Џо Бајден, а има големо искуство со Македонија и со Балканот како шеф на Меѓународната кризна група во 2001 и како заменик-шеф на мисијата на ОБСЕ на Косово.

Ветото на Бугарија, кое ја држи „во заробеништво“ европската перспектива на Македонија, изнуди реакции и во највисокиот врв на ЕУ. Така, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел изрази незадоволство поради недостигот од напредок во Бугарија во однос на отворањето на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, додавајќи дека тоа покажува оти принципот на консензусот не е добро решение за носење одлуки во ЕУ. Тој истакна дека ЕУ мора да стори сѐ за да го вклучи Западниот Балкан во „својот свет“, нагласувајќи дека тоа ќе може да се направи со покана на земјите од регионот да учествуваат на состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ и на други собири.

„Овој случај уште еднаш покажа дека консензусот е проблем при одлучувањето. Не можеме да продолжиме, затоа што една земја блокира. Мораме да продолжиме и да го спречиме гаснењето на европскиот пламен на Западниот Балкан“, потенцира Борел.

На иста линија е и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој посочува оти Македонија е пример за направени жртви на патот кон ЕУ.

Олаф Шолц - Канцелар на Сојузна Република Германија

Олаф Шолц - Канцелар на Сојузна Република Германија

„Кога ќе разбудите очекувања, кога ќе им кажете дека патот кон ЕУ се исплаќа, кога ќе се преземат напори, и ќе се ризикуваат политички конфликти во сопствената земја, една земја – дури го смени и името за да го реши спорот со Грција, и сето тоа ништо не помага и ништо не се придвижува, тогаш е сосема разбирливa вознемиреноста што ја чувствуваат политичките раководства и граѓаните и граѓанките на овие земји“, рече Шолц и порача дека Германија е на „ваша страна“.

„Повторно е тоа она што ни прави тешкотии во Европа, работи од далечното минато се користат за да се уништи шансата за мирна иднина. Затоа се надевам дека Бугарија ќе избере пат кој ќе овозможи да им се приближи на своите најблиски соседи на Западниот Балкан”, рече Шолц.
Резигнираноста кај Македонија и Албанија од децениското седење во чекалната на ЕУ, предизвика реакција, но и поддршка од долгогодишниот пријател и партнер, претседателот на Србија,

Александар Вучиќ. Во обраќање директно од Брисел, Вучиќ порача дека „поминаа времињата кога можеше да се уценуваат независни и слободни држави“.

„Ние тука дојдовме кај пријатели. Заедно со нашите пријатели од регионот ќе се бориме за европска иднина, но почитувајќи се себеси и верувајќи дека заеднички можеме многу да направиме“, изјави Вучиќ и додаде дека Македонија за Србија е братска и пријателска земја.
„Сѐ што чувствувате вие во Скопје, чувстуваме и ние во Белград. Ние ништо не очекуваме од вас. Очекуваме да ги развиваме пријателските и братски односи и верувам дека секогаш и на европскиот и на сите други патиша ќе бидеме заедно“, додаде Вучиќ.

Прашан дали за него е прифатлива билатертилација на процесот на пристапување во ЕУ како што бара Бугарија, Вучиќ одговори дека истото му е направено и на Белград со Приштина со поглавјето 35.

И додека македонскиот народ, сонувајќи го европскиот сон, негува надежи за подобра европска иднина, Европа уште еднаш покажа дека не е подготвена за лидерство, онакво какво што се очекува од една Унија чија примарна вредност се темели врз почитување на идентитетските вредности на еден народ, една земја, една нација.

Image
Newsletter