Доц. д-р Викторија Трајков, кариерен дипломат и стратешки соработник за меѓународна политика на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ
„За да водиш дипломатија и за да ги браниш интересите на својата земја, што е примарна цел на секој дипломат, многу е важно да си ја сакаш својата држава и да си добар познавач првенствено на нејзината историја“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, доц. д-р Викторија Трајков, кариерен дипломат и стратешки соработник за меѓународна политика на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Таа смета дека во моментот македонската надворешна политика ја водат „скромноумници“ кои не влегле во библиотека и не знаат ништо за македонската историја.
Како дипломат од кариера и познавач на состојбите во надворешната политика, може ли една генерална оцена за состојбите во македонската дипломатија?
За жал, она што го гледаме од претставници на моменталната власт кога ќе ја поминат границата на Македонија е само однесување на агенти на добро организирана туристичка агенција. Шетаат по продавници и кафани, трошат пари од државни картички, како да се голи и гладни. Освен период на историска срамота за Македонија и Македонците, не видовме ништо друго. Во моментот, македонската надворешна политика ја водат „скромноумници“ кои не влегле во библиотека, а дома ја немаат. Не знаат ништо за македонската историја, не прочитале ништо од архивите за својата земја, а веројатно ја прескокнале и фазата во животот каде што се учи основата, кој бил окупатор, кој тиранин, кој колел и бесел и во каква положба бил нивниот народ, македонскиот. Следствено на тоа, имаме комплетно дисфункционален систем за одбрана на македонските национални интереси. Како професор, ако треба да оценам, не би дала ни шестка на „стаклени нозе“. Како судија во име на македонскиот народ, црвен картон без размислување!
Што се случува во моментов во МНР?
Во моментов, но и во последните 6 години од кога е оваа гарнитура на власт, ние имаме дипломатија во која владеат непотизам и партизација, се ангажираат вработени по нивно пензионирање со изговор дека не може да се најдат соодветни замени, се доделуваат награди како додаток на плата на одредени вработени без релевантни критериуми, се злоупотребуваат службени возила за партиски цели, се прават поделби на подобни и неподобни дипломати и се занемаруваат трудот, искуството и работата на дипломати од кариера кои се повеќе од 20 години во дипломатската служба. Злоупотреба на државни средства од страна на неколку амбасадори, но и дипломати од понизок ранг за кои нема никаква разрешница. Тука би го спомнала и случајот со државниот секретар во МНР, кој воедно е и претседател на Комисијата за надворешна политика на СДСМ, што претставува директно прекршување на Законот за надворешни работи. Во Членовите 63-а и 63-ѓ од Законот за надворешни работи, експлицитно е наведено дека вработен во МНР не смее да биде член на орган на политичка партија на републичко ниво, како што е случајот со државниот секретар. За да биде скандалот уште поголем, тој во својство на претседател на Комисијата за надворешна политика на СДСМ оди во посета на соседна држава со службено возило од МНР и носи со себе вработени од МНР кои сите ние ги плаќаме. Имаме ситуација каде што амбасадорот при ОН во Њујорк воопшто не се појавува на работа од првиот ден кога е таму пратен. Понатаму, имаме пример на злоупотреба на буџетски средства и недомаќинско работење, каде што за амбасадорот во Вашингтон се исплаќаат огромни средства за кирија, а таму имаме резиденција за амбасадор во сопственост на Република Македонија која седи празна затоа што на човекот не му се допаѓало да живее таму. Најнов пример, сега актуелен е амбасадорот во Токио. Против човекот се води постапка и е вратен во земјава поради физички напад и недолично однесување. Сумирано, состојбите во македонската дипломатија се повеќе од катастрофални.
Панел-дискусија за состојбите во македонската дипломатија.
Македонија го почна скрининг-процесот со ЕУ. Но, се чини дека односите со Република Бугарија во последно време се затегнаа. Како, според Вас, на дипломатски начин и со посредство на европската дипломатија, најлесно би можеле да се надминат овие несогласувања?
Македонија го започна скрининг-процесот, но ветувањата дека ќе бидеме членка на ЕУ до 2030 година се небулозни и несериозни за секој оној кој е свесен дека дома никој не сака да прибере корумпирани гости кои го злоупотребуваат гостопримството на домаќинот во секој можен сегмент. Така е и со приемот на Македонија во ЕУ. Многу брзо забораваме дека визната либерализација која ја добивме во 2007 година беше резултат на континуирана и макотрпна работа на тогашната владина гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ. Европското семејство не може да ве награди доколку вие не се потрудите да покажете одлични резултати.
Во однос на спорот со Бугарија. Мојот личен став, првенствено потпишувањето на т.н. Договор за пријателство, добрососедство и соработка од каде што сѐ почна, е класично велепредавство на Македонија и на македонскиот народ. Прво е национално штетен, морално неприфатлив, прави упад во уставниот поредок на нашата држава, нелегален е и неприфатлив за мнозинството Македонци кои си ја сакаат државата. Уште на самиот негов почеток погрешно се дефинираат работите. Вели: „заеднички стремеж на народите?“. Има два народа – РАЗЛИЧНИ: бугарски и македонски. Но, намерно или не, уште во самиот вовед на Договорот недостасува МАКЕДОНСКИОТ народ, за мене клучен збор што го нема во самиот Договор, кој не вреди да продолжам понатаму да го читам.
Околу несогласувањата и внесување на Бугарите во Уставот на РМ, ставот и на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот Мицкоски е јасен и недвосмислен - НЕ за нивно внесување под бугарски диктат. Уставот да се отвори одложено т.е. при непосредното зачленување на Македонија во Европската Унија. Сметам дека европската дипломатија е доволно силна и доволно искусна да помогне за зачувување на Македонија и на македонскиот идентитет без посебни услови на одредена држава, во случајот Бугарија, која во 21 век зборува за минато, а не за иднина.
ЕУ во повеќе наврати ја критикуваше нашата земја околу владеењето на правото и корупцијата. Тоа се сегменти на кои ќе мора уште многу да се работи за да се приближат кон ЕУ-регулативите. Како ја оценувате Вие ситуацијата поврзана со овие две теми?
Јасно се гледа дека корупцијата и криминалот во Македонија, како и невладеењето на правото практично се клучните проблеми зошто имаме економска стагнација и зошто луѓето се отселуваат. Губат надеж дека може да биде подобро бидејќи очигледно е дека имаме определена политичка елита која орбитира околу владата на ДУИ поддржана од СДСМ, и таа е практично заштитена како бела мечка што и да направи, каков било криминал, таа останува неказнета. Младите ја напуштаат државата во поголем процент заради дисфункционален систем, небезбедност, национални понижувања и економски крах на секое поле. Подобра иднина е невозможна сѐ додека има криминал и корупција.
Македонската дипломатија има прекрасни луѓе што се вистински професионалци, знаат да си ја работат својата работа и доколку се искористат во процесот, македонската дипломатија нема да има проблем. Избор на прави луѓе, на право место. ВМРО-ДПМНЕ има човечки капацитет и визија, веднаш по преземањето на власта, да ја направи Македонија подобро место за живеење.
Украина повеќе од една година е под руска агресија. Кој е вашиот став и дали е можно решение наскоро?
Имајќи го предвид новото геополитичко статус кво не само во регионот туку на целото евроазиско тло, единствено што можеме да кажеме е дека НАТО е единствената, како воена така и политичка структура што може да обедини група на држави во конкретниот план да дејствуваат во однос на агресија од трети страни. Ако го земеме предвид тоа дека руската агресија над Украина создаде нарушување на еквилибриумот на меѓународните односи, тоа само по себе не води до теоријата на анархијата на Кенет Волтс, што означува сама по себе дека во самата таа анархија владее системот на сила. Накратко би сакала да се осврнам и на позициите на ВМРО-ДПМНЕ во овој контекст. ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија од самиот почеток, а следствено и историското ВМРО, секогаш стои на своите евроатлантски позиции. Така било пред 50 години, пред 30 години, така е и денес. Членството на Македонија во НАТО и идното членство во ЕУ се нашите врвни приоритети како партија. Се разбира, нашата улога како партија на народот и за народот е да работиме на зачувување на интегритетот и на суверенитетот на оваа земја, но и да критикуваме кога некој има скриени намери во искрената желба нашата земја да биде дел од големото европско семејство. Во однос на руската агресија врз Украина, нашиот став кој во неколку наврати го потенцираше и претседателот Мицкоски е јасен и постојан! Силно ја осудуваме агресијата врз невини луѓе. Ние стоиме заедно со украинскиот народ, со луѓето кои ги загубија своите домови поради политички и геостратешки претензии и децата кои страдаат за своите родители. Се надевам дека во иднина, наместо на војни, главниот фокус ќе биде на растот и развојот на социо-економски план.
Панел-дискусија за состојбите во македонската дипломатија.
Македонскиот дипломатски синдикат постојано алармира за неправедност и партизација на МНР. Имаат ли шанса за напредок во кариерата за вистинските професионалци?
Неорганизирањето обуки за високи дипломатски звања, иако со закон е предвидена обврска, е само еден од начините за спречување на кариерниот пат на дипломатите кои работат во институцијата. Исто така, попустливост и без никаква завршница на скандали поврзани со злоупотреби на своите позиции на високи партиски функционери на гарнитурата на власт кои се наградени да бидат дел од амбасадорските позиции, се големо разочарување за кариерните дипломати кои ѝ го посветиле својот живот на професијата.
Која би била Вашата препорака за подобрување на состојбите во дипломатијата во периодот што следува? Кои се неопходните чекори?
Прво, за да водиш дипломатија и за да ги браниш интересите на својата земја, што е примарна цел на секој дипломат, треба многу да си ја сакаш својата држава и да си добар познавач првенствено на нејзината историја. Македонската дипломатија има прекрасни луѓе, кои се вистински професионалци, знаат да си ја работат својата работа и доколку се искористат во процесот, македонската дипломатија нема да има проблем. Второ, зголемување на платите на дипломатите, добивање на заслужени унапредувања и регрутирање на млади генерации кои се посветени на странски јазици, меѓународни односи и економска дипломатија. Избор на прави луѓе, на право место. Искористување на веќе пензионираните дипломати по пат на волонтирање, а по примерот на многу странски држави, е исто еден од начините за успех. Формулата е таа, треба само да се има желба да се промени нешто. ВМРО-ДПМНЕ има човечки капацитет и визија, веднаш по преземањето на власта, да ја направи Македонија подобро место за живеење.