Универзитетот Скопје уште еднаш покажа дека е центар каде што експерти и личности од академската и од политичката сфера дискутираат за суштествени прашања, кои се од огромна важност за општествата, државите, граѓаните и за нивната иднина. Место каде што се дискутира за предизвици, за решенија, за визии.
Токму за таа цел на Универзитетот беше организирана дебата на тема „Како да ја направиме Европа повторно голема“. Ексклузивен гостин и говорник беше Јанош Бока, министер за европски прашања на Унгарија, кој специјално допатува во Скопје на покана на УТМС.
За време на академското предавање на Универзитетот Скопје, министерот Бока зборуваше отворено и без „влакна на јазикот“. Од своја перспектива говореше за најголемите предизвици со кои се соочува Европската Унија, но на маса ги стави и можните решенија и чекори што треба да ги преземе Унијата со цел да го зачува веќе изгубениот интегритет. Тој за време на дебатата поттикна дијалог со студентите и повика на длабока политичка и институционална трансформација на Европската Унија.
„Тука сум за да ги предизвикате моите ставови, бидејќи тука не сум претставник на ниту една институција на Европската Унија, тука сум за да одржам академско предавање за студентите. Пред да станам министер, всушност имав пристојна работа. Бев професор на универзитет, па тука се чувствувам како дома. Морам да ви кажам дека министерската функција не ми дозволува да имам редовни предавања на универзитет. Затоа многу ми недостасува онаа интелектуална свежина на дискусиите што ги имам со студентите. Тука сум затоа што сакам мојата позиција да биде предизвикана, да добијам нови перспективи од вас, сакам да разговараме за иднината на Европа и за иднината на Европската Унија. Па, ве молам, гледајте на мојот академски говор како да ве инспирира повеќе и да поставувате прашања, да се решат прашањата на кои немам одговор“, изјави Бока.
Европската Унија мора да се менува – Европа е на крстопат
Во својот говор, министерот Бока ја опиша моменталната состојба во Унијата како "нова ера полна со егзистенцијални и политички предизвици". Според него, унгарското претседавање со Советот на ЕУ во 2024 година се случило во време на институционална транзиција, непосредно по изборите во Европскиот парламент и пред изборите во САД.
„Унгарското претседавање со Советот на Европската Унија беше во време на институционална транзиција и на невидени предизвици. Беше веднаш по изборите во Европскиот парламент, во процес на избор на новата Комисија, по изборот на новиот претседател на Европскиот совет, а пред изборите во САД. Ова навистина беше еден транзиционен период. Исто така, беше период на стратешки предизвици, а некои од тие стратешки предизвици се веќе егзистенцијални предизвици. Имаше и сѐ уште има војна во Украина. Таа ги претставува фундаменталните прашања за европската сигурност и одбрана. Бевме во средина на т.н. мигрантска криза. Имаше дискусии дали е оваа криза врз основа на бројки или криза базирана на политичко влијание. Фармерите протестираа во сите главни градови во Европската Унија, што го поставува прашањето за иднината на земјоделството во Унијата“, рече Бока.
Со унгарското претседателство почувствувавме дека сме на почетокот на нова ера, чии контури сè уште не ги разбираме целосно, но едно е сигурно за нас, истакна Бока: Европската Унија мора да се промени во насока да се приспособи на новата реалност и на новите околности.
„Не можеме да продолжиме со економијата како претходно, алтернативи треба да бидат презентирани и за тие алтернативи треба да се дискутира“, дециден е Бока.
Тој нагласи дека ЕУ не може повеќе да продолжи со стариот начин на функционирање и повика на дебата за алтернативни решенија, велејќи дека „тие што се обидуваат да дебатираат се често замолчувани“. Тоа, според него, го поткопува демократскиот легитимитет на Унијата.
„Во Европската Унија не е вообичаено да се презентираат алтернативи и да се дебатира за нив. Оние што се обидуваат да го сторат тоа ќе бидат замолчени. Ако критикуваш или го оспориш исходот од одредени одлуки или ако го критикуваш генерално работењето на институциите, тогаш се му се спротивставуваш на проектот на ЕУ. Обично одговорот е да не се ангажираш во вакви дискусии за да се изолираат оние што имаат критичко мислење за активностите на институциите. Ова секако го поткопува демократскиот легитимитет на Европската Унија во целост. Сега дискусијата меѓу оние што се за одредени политики и некои што се против, станува потешка со стартот на војната меѓу Русија и Украина. Тие прашања станаа егзистенцијални“, коментираше Бока.

Бока: „Во ЕУ не е вообичаено да се дебатира за алтернативи, ако критикуваш ќе бидеш замолчен.“
Безбедноста, конкурентноста и миграцијата – клучни фронтови за новата Европа
Бока идентификуваше три стратешки области во кои е неопходна длабока дебата и промена.
Безбедност: ЕУ мора да преземе поголема одговорност во гарантирањето на сопствената безбедност и одбрана. Со војната во Украина, прашањето за европската безбедност стана клучно, потенцираше Бока.
„Сега сите разбираат дека ни треба нова европска сигурност. Прашањето е каква улога може да игра ЕУ во оваа нова европска сигурност. Која е улогата на ЕУ? Ова, секако, е многу важно прашање“, кажа тој.
Конкурентност: Унијата мора да ја смени својата „регулаторна“ улога со иновативен економски модел. Тој повика на намалување на административните бариери и создавање средина што ќе ја зајакне економската отпорност на европските бизниси.
„ЕУ ги губи можностите. И ова се случува декади наназад. Прашањето е дали ЕУ може и што треба да направи околу тоа, дали ќе најде европски модел што би функционирал. Под ЕУ-модел мислам бизнис-модел, а не регулатор. Сметам дека ЕУ треба да го промени „мајндсетот“ од регулаторна во иновативна улога, и ова е навистина тешко. Исто така верувам дека ЕУ треба да донесе специфични мерки за да се зголеми конкурентноста со обезбедување конкурентна економска средина со намалување на административните бариери“, кажа Бока.
Миграција: Бока остро ја критикуваше нефункционалноста на актуелниот миграциски систем наведувајќи дека повеќе од 50 % од барањата за азил се неосновани, а 80 % од одбиените остануваат во ЕУ. Ова, според него, ја покажува немоќта на ЕУ да ја контролира сопствената територија.
„Проблемот со миграцијата е дека Европејците немаат контрола. Тие немаат контрола по две важни прашања. Ако ги погледнам моменталната миграција и системот на азил на ЕУ, јасно е дека системот се злоупотребува. Повеќе од 5 0% од апликациите за азил се одбиени, што значи дека повеќе од половина од апликантите немаат право на заштита од системот. Од тие што се одбиени, помалку од 20 % се вратени назад, што значи дека ако си одбиен, имаш 80 % шанса да останеш во ЕУ. Ова значи дека Европа нема контрола на просторот. Најголем дел од носителите на одлуките ги идентификуваа овие проблеми и работат на тоа да најдат решение“, потенцираше Бока.
Во завршните зборови, министерот Бока истакна дека ЕУ мора да прифати дека политиката е повторно дел од нејзиниот идентитет додавајќи:
„Мора да научиме да дебатираме, да бидеме инклузивни и да прифатиме дека политичките одлуки се неизбежни – и потребни.“
Со овој говор, Јанош Бока не само што ги поттикна студентите на дебата, туку и испрати јасна порака: без отворена политичка дискусија и вистинска критика, Европската Унија нема да може да се приспособи кон новата реалност.
