Успеале и помали од нас, ќе успееме и ние!

Шамбевски: „Администрацијата на Трамп ќе се фокусира на завршување на конфликтот во Украина и стабилизирање на ситуацијата на Блискиот Исток.“

Македонија и македонските граѓани се слушаа далеку до Пекинг. Поранешниот амбасадор на Македонија Оливер Шамбевски, го заобиколки светот, но вели дека домот му е секогаш Македонија. Од професор по македонски јазик, потомството го привлекло во политиката. Прво пратеник, а потоа и амбасадор на Македонија во четири земји. Работата го однела во далечните краишта, а таму живеел со своето семејство. За големата посветеност која ја препознал светот, во 2010 година е прогласен за најпопуларен амбасадор во НР Кина. Искуството кое го стекнал им го пренесува на своите деца, а на младите им порачува да го видат светот, но секогаш да се вратат дома. 

„Каменот најмногу си тежи на местото, и сè што прават, да прават за себе и за Македонија – само така денешните современи држави се силни и моќни. Да бидат себични кога е Македонија во прашање затоа што Македонија мора да ја доживуваат како себе“. 

Во јавноста излегоа многу информации дека Македонија ќе има придобивки од идната американска администрација и најмоќната сила на светот САД, на чело со новоизбраниот претседател Доналд Трамп. За какви придобивки се работи? Што може да очекува Македонија од САД?

Самата победа на новоизбраниот претседател Трамп на светот му гарантира одреден период на стабилизација, посветување на развојни прашања, многу повеќе отколку на идеолошки верувања кои само жестоко го поделија светот, со недоволно јасни или ефемерни придобивки од т.н. родова идеологија на која толку многу, а и помалку неразумно, се инсистираше од страна на демократите, и тоа во моменти кога и најбогатите земји, а особено во САД, беа загрижени за цената на храната и кириите.

Покрај стабилизацијата по овие прашања, мислам дека администрацијата на Трамп ќе се фокусира на завршување на конфликтот во Украина и на стабилизирање на ситуацијата на Блискиот Исток. Можно е да очекуваме поголеми фрикции на Пацификот и во односите со НР Кина, но мислам дека сето тоа ќе биде без сериозни инциденти по мирот и по стабилноста на тој регион. 

За односите помеѓу Македонија и САД, не очекувам големи промени во генерална насока, во крајна линија стратегиските интереси на двете земји се целосно комплементарни. Но, очекувам, имајќи ги секако предвид информациите кои излегоа за блиските познанства на членовите на македонската влада, па и на премиерот лично со многу блиски луѓе од екипата на новоизбраниот претседател Трамп, дека комуникацијата ќе биде директна и секако пријателска, а тоа гарантира дека позициите на Македонија ќе бидат подобро разбрани и респектирани. Тоа во дипломатијата е голема, да не речеме клучна придобивка, особено за помали земји. 

За Македонија е познато дека води добра безбедносна и надворешна политика со САД, но дали може да се очекува јакнење на економската соработка? Колку американски компании би можеле да се најдат на листата на идните инвестиции во нашата мала земја?

Секако да, и тоа во клучни ресори каква што е дигиталната трансформација, на пример. Видете, сепак еден од најдоверливите луѓе на новоизбраниот претседател Трам, Девин Нунес, кој е и извршен директор на „Трут соушал“, придружуван од Крис Павловски, основачот и сопственик на „Рамбл“, а и други луѓе, уште во предизборниот период беа во Скопје и на највисоко ниво разговараа во македонската влада. Самото тоа е одличен знак, а победата на Трамп го прави многу поизвесен. Секако, американската индустрија е присутна во нашата земја, еве да ја споменеме „Бехтел и Енка“, некои компании во зоните и слично, но секако, тоа е далеку под можностите на двете економии. Сè на сè, убеден сум дека ќе има зголемен интензитет на економска соработка меѓу двете земји токму и заради безбедносната политика, бидејќи Македонија мора, ако не доцни веќе, да биде значајно поориентирана кон пазарите кон кои политички и општествено припаѓа. 

Шамбевски: „Очекувам Бугарија, наместо кочничар, да стане промотор на Македонија на патот кон евроинтеграцијата.“

Шамбевски: „Очекувам Бугарија, наместо кочничар, да стане промотор на Македонија на патот кон евроинтеграцијата.“

Најгорливиот проблем на Македонија е закочениот процес на евроинтеграциите. Дали гледате надеж за решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, со оглед на тоа дека и таму има промени на политичката сцена и Борисов издвои победа?

Точно е, ГЕРБ победи на седмите избори за три години во Република Бугарија, но мене искрено ми изгледа невозможна мисија формирање на стабилна влада во Република Бугарија или барем формирање влада која ќе може да изнесе цел четиригодишен мандат. Во овој состав на Собранието во Бугарија, за жал, националистите и екстремистите се оние што би требало да обезбедат дополнителни пет места за воопшто да се формира каква таква влада, но тоа може да се многу лоши вести за Македонија, во смисла на тоа екстремизмот на бугарската политика да остане доминантен во политичкиот дискурс во Бугарија. Очекувам наместо кочничар, да станат промотор на Македонија на патот кон евроинтеграцијата, а со тоа, пред сè, да го остварат нивниот најголем интерес – двете држави да бидат во едно големо семејство заедно и конечно да бидат упатени на соработка без бариери. Искрено, досега водат неразбирлива политика, но дозволете тоа да е само мое скромно мислење. Она што сепак ми дава голема надеж дека можеби работите ќе се придвижат е многу разумната политика што ја води нашата Влада, а е во насока на изнаоѓање креативно решение, или со спортски речник, решение во ВАР-собата, за да нè извади од недостоинствената позиција во која нè доведе претходната влада со многу фаули во процесот. Бидејќи, убеден сум дека со изнаоѓање на праведно решение без наметнување на сила и скриени барања во иднина, од такво решение сите ќе имаат полза, а Македонија и Бугарија, најмногу.

Вие сте поранешен амбасадор на Македонија во Кина, Италија, Монголија, Виетнам, Суверениот воен ред на Малта и Северна Кореја, а воспоставивте дипломатски односи со Република Малта и тоа под старото уставно име. Со оглед на различните традиции во овие земји, колку беше тешко да работите и да живеете во нив?

Да, за мене беше огромно искуство, секако беше привилегија и ми беше укажана голема чест од Македонија, на која убеден сум дека ѝ возвратив со повеќе од сто проценти од моето време и енергија. Прво, затоа што го чувствував како голем повик на кој не смеете да не успеете, а и затоа што навистина за помалите земји дипломатијата може да биде единствено „рамноправно“ оружје во меѓународната политика на коешто може да сметаат. Затоа, без комплекси, со сиот свој капацитет се вложив и во општествениот и во политичкиот живот, пред сè на домицилните држави (НР Кина и Италијанската Република), а потоа и, според можностите, во сите други во кои ја претставував Македонија.

Што се однесува, пак, до различните традиции, јас уживам во тоа, сакам да ги научам до детали, и традициите и културите и јазиците, италијанскиот го зборувам многу одамна, кинескиот до одреден степен, разговорно го подсовладав таму, и беше одлично искуство.

А за Република Малта, да, само неколку месеци пред нашата држава да го промени уставното име, јас со целата моја енергија и поддршка од тогашната Влада и Министерството за надворешни работи, успеав да воспоставиме дипломатски односи и бев назначен за прв македонски амбасадор во таа држава, но, за жал, неколку месеци подоцна, ситуацијата целосно се промени, а Македонија доби ново уставно име. Сепак, ова ми остана како еден од најдрагите успеси од моите дипломатски мисии.

Шамбевски: „За помалите земји, дипломатијата може да биде единствено ,рамноправно‘ оружје во меѓународната политика.“

Шамбевски: „За помалите земји, дипломатијата може да биде единствено ,рамноправно‘ оружје во меѓународната политика.“

Во која од земјите би се вратиле повторно да бидете амбасадор и да ја претставувате нашата земја?

Тоа време е далеку зад мене и сега сум посветен на помирни и поспокојни проекти. Но, како што велат, никогаш не вели никогаш. Ако мојата Влада и Претседателка почувствуваат каква и да е потреба од мој ангажман, јас секогаш сум на располагање за Македонија, но мора да сум искрен дека во моментов не барам таков предизвик.

За која од земјите можете да издвоите дека Македонија гледа не само економско туку и стратешко партнерство на надворешно-политичката сцена?

Многу добро и комплексно прашање е ова. Јас, за разлика од популарните аналитичари, стојам на ставот на безалтернативноста на евроатлантските интеграции. Секако, не по секоја цена, оти Македонија веќе плати превисока цена за своето место на масата, но тоа е причина повеќе зошто мора да се издржи до крај и да се стане дел од ЕУ. Стратешко партнерство Македонија мора да има со слободата, тоа е императивот. А денеска, сепак слободата е во западниот свет, во она што го нарекуваме слободен свет, каде што природно припаѓаме и цивилизациски и по ментален склоп, и по вредности и по светоглед. Ако се САД лидер на слободниот свет, со сите предизвици и поделби, тогаш немам дилема каде треба да е нашата афилијација.

Во 2010 година сте прогласен за најпопуларен амбасадор во НР Кина. Која беше заслугата за ваквото признание?

Тоа ми е драго признание, го доделува списанието „Дипломат“ поврзано со нивното Министерство за надворешни работи, а се должи, ми се чини, пред сè на тоа помалку лудо темпо што го наметнавме како мала мисија во Пекинг, преку организирање серија настани, учество на безброј манифестации, агресивна промоција на Македонија каде и да стигнеме низ НР Кина и, пред сè, нормализирање на односите меѓу двете земји по нашата тајванска авантура. Многу интензивен, но период на кој со многу радост и гордост се сеќавам. И мора да истакнам дека не се должи само на мене, туку на целиот мој тим кој работеше во тоа време во Амбасадата. Едноставно – не се штедевме.

Шамбевски: „Ќе мора и Македонија да води посоодветна политика во овој правец, да ги задржи младите тука и да ги охрабри најдобрите да станат светски најдобри.“

Шамбевски: „Ќе мора и Македонија да води посоодветна политика во овој правец, да ги задржи младите тука и да ги охрабри најдобрите да станат светски најдобри.“

Откако го заобиколивте светот, се вративте во Македонија, каде што живеете со сопругата и со вашите деца. Какви совети им делите на младите за да останат во својата земја?

Ги охрабрувам да патуваат, да се дружат и да се вмрежуваат, да ги најдат најдобрите можности за нив во овој нов глобален свет, но најважното од сè, секогаш да знаат од каде се, секогаш да се вратат бидејќи каменот најмногу си тежи на местото. Сè што прават, да прават за себе и за Македонија – само така денешните современи држави се силни и моќни. Да бидат себични кога е Македонија во прашање затоа што Македонија мора да ја доживуваат како себе. Јас така ја доживувам, а се надевам дека ги научив и моите деца на тоа. Апелирам до сите да се угледаме на земји кои се моќни затоа што нивните синови и ќерки се или Израелци или Ирци или Грци каде и да се, чии државјани и да се. Но, за тоа ќе мора и Македонија да води посоодветна политика во овој правец, да ги задржи младите тука и да ги охрабри најдобрите да станат светски најдобри... успеале и помали од нас, ќе успееме и ние!

По убавините на другата страна од планетата, која е македонската која сè уште ве засенува?

Јас сум локал патриот, за мене сепак најубаво место на светот е „Састав“ на Треска и Вардар во Ѓорче Петров и целата таа прекрасна населба, а уживам многу и во Битола и во Охрид. Ќе ви откријам дека 9 години по ред одморите ги поминувам или во Битола или во Охрид, иако мора да признам дека и Струга почнувам да ја подоткривам во последниве години по сериозна пауза од неколку децении од одморите со моите родители. Дебар, Галичник, Сува Гора Гостиварска, сè е тоа рај на земјата. Ах, да, и Кочани и Берово, мора да ги споменам поради сопругата, ама ги засакав и нив ептен!

Image
Newsletter