Вишќа, безбедносен експерт од БиХ: Без корумпирана власт, нема организиран криминал

Вишќа, безбедносен експерт од БиХ: Без корумпирана власт, нема организиран криминал

На Балканот сѐ уште има вжештени глави, но нема кој да војува

Хамза Вишќа е истражувач специјализиран за управување и реформи на безбедносниот сектор во постконфликтните земји и спречување на насилен екстрем,изам и радикализам кои водат кон тероризам. Поради личното воено искуство се занимава и со имплементација на Меѓународното хуманитарно право во современите војни (конвенционални и хибридни) и операции за поддршка на мирот. Вишќа во ексклузивно интервју за Магазинот за туризам и менаџмент вели дека проблем за државите од регионот е отсуството на демократија, а најголем предизвик е корупцијата. Поради несигурноста, од Балканот заминуваат цели семејства, и секоја година исчезнува град со население од 10.000 до 30.000 жители. Вели дека војната во Украина ја менува глобалната безбедносна состојба, а од тоа не е одминат ни Балканот. 

Господине Вишќа, Вие добро го познавате регионот. Кажете ми, кој е главниот проблем со кој се соочуваат државите од регионот? Дали е тоа организираниот криминал, корупцијата, сиромаштијата? 

Најголемиот проблем е отсуството на демократија и безбедност, а најголемиот предизвик е корупцијата, пред сѐ политичката корупција. Без корумпирана власт, нема организиран криминал. Сиромаштијата што ја спомнувате е само неопходна последица на фактот дека властите, наместо со владеење на правото, ги обележаа државите односно регионот со корупција. Во врска со сиромаштијата е и фактот што од средината на седумдесеттите на минатиот век, луѓето од овие краишта заминувале на печалба, а денес заминуваат цели семејствата, што е поврзано не само со економијата, туку и со состојбата на несигурност. 

Вие сте од Босна и Херцеговина. Читателите од Македонија многу малку знаат за ситуацијата во Босна и Херцеговина. Кажете ни, како ја гледате вашата земја во наредните години, дали ќе опстане во сегашниот систем? 

За жал, Босна и Херцеговина е сè уште повоена земја, која го потпиша Мировниот договор, а многу малку се реализирани дополнителни аранжмани за напредок и просперитет. Формирањето на институциите на БиХ: Вооружените сили на БиХ, Граничната полиција, Уставниот суд, Судот на БиХ и Високиот судски и обвинителски совет, се јасни примери дека можеме да дојдеме до договор, кога постои политичка волја. Камо среќа тој моментум на политичка волја да знаевме да го продолжиме со реформи кои нѐ водат кон Брисел. И покрај сите ретроградни политики, Босна ќе опстане. Босна беше освоена, анектирана, поделена, присвоена и обединета низ вековите, но преживеа.

Кажете ни, кој го поткопува Дејтонскиот договор?

Значаен дел од Општиот рамковен договор за мир во БиХ (попознат како Дејтонскиот договор) е имплементиран, но многу анекси, особено Уставот на БиХ, не се целосни. Со губењето на политичката синергија за имплементација и реформски процеси потребни за евроатлантска интеграција, почнаа да се зајакнуваат воените политики кои се бореа за поделба на Босна и Херцеговина од 1991 до 1995 година. Така, денес имаме отворено раздвојување на политичките сили од ентитетот Република Српска, што е во согласност со политиката на српскиот свет, официјално на Белград, а отворено поддржана од Москва. Во овие услови, дури и носителите на политиките на осудените во Хаг како политика на злосторничко здружување, ја гледаат шансата за оживување на парадржавната творба Херцег-Босна. Затоа, Дејтонскиот договор се поткопува со хибридните акции на Русија, не само во БиХ, туку и на целиот Западен Балкан. Русија едноставно се обидува да ги оневозможи земјите од Западен Балкан за европска и евроатлантска интеграција

Постои ли можност Република Српска да организира референдум за независност? 

Не, за тоа нема уставни, законски или услови пропишани со Дејтонскиот договор. Референдуми може да се организираат само на целата територија на Босна и Херцеговина. Ентитетите не се општествено-политички заедници, туку форма на организирање на Босна и Херцеговина. Тие не ја сочинуваат интеграцијата на БиХ, но тие се резултат на решеноста БиХ да се организира на ентитетски начин. 

Хамза Вишќа, безбедносен експерт од БиХ.

Хамза Вишќа, безбедносен експерт од БиХ.

Дали завршија конечно приказните за војни на Балканот?

Мислам дека на Балканот сѐ уште има вжештени глави, има политички поделби и конфликти, но нема кој да војува на Балканот, нема таква критична маса што би војувала. Вооружените сили на овие земји се доста запоставени, и материјално, и технички, и организациски. На сите им недостига стручен кадар. Веќе кажав дека еден град со население од 10.000 до 30.000 секоја година заминува од Балканот. Дури и од Хрватска, која е во ЕУ и НАТО. Државите ги напуштаат и значителен број припадници на вооружените сили.

БиХ неодамна доби кандидатски статус за членство во ЕУ. Дали е реално земјата да ги започне преговорите наскоро или тоа е уште еден „морков“ од Брисел за вашите политичари и партии?

Од март годинава, кога добивме кандидатски статус, Владата не направи речиси ништо од препорачаните реформски чекори, така што мислам дека и „морковите“ не помагаат овде. Сегашниве политичари, иако сите се декларативно за влез во ЕУ, всушност не се заинтересирани за воспоставување на правната држава, европските закони и стандарди, а живеат добро и заработуваат во хаосот што го создаваат и го водат. Во услови на здрава демократија, не би биле таму каде што се. 

Секој висок претставник на ЕУ ја напушта Босна и Херцеговина со куп скандали. Дали се вклопуваат тие лесно во општеството и балканскиот менталитет?

Босна и Херцеговина само во ретки моменти имаше можност да има одлични дипломати кои ја претставуваат меѓународната заедница, вклучително и ЕУ, но најчесто тие беа изведувачи од втор ред. Голем број од нив се вратија дома побогати од вообичаено, а за скандалите остана да се зборува. Само НАТО и ОБСЕ чесно и успешно ги одиграа своите повоени улоги. И ЕУФОР го прави тоа, иако има многу ограничен мандат.

На војната во Украина не ѝ се гледа крајот. Рековте дека Западот сѐ уште не нашол формула Украина да победи, а Русија да не губи. Дали е тоа воопшто возможно? 

Секако дека е возможно, но ситуацијата на теренот треба да се смени, Западот треба да престане да си игра со сопствените економски санкции, да ги укине лимитите за употреба на донирани оружја и сериозно да подготви план за обнова на Украина, особено економски и безбедносни аранжмани. 

Дали ја менува војната во Украина глобалната политика и што би значело тоа за регионот?

Се разбира, војната во Украина ја промени глобалната безбедносна ситуација, а има влијание и врз овој регион. Русија, Кина и некои други авторитарни системи се поврзаа посилно, а демократскиот свет исто така го промени сопствениот фокус. НАТО се откажа од експедиционите операции надвор од европската област враќајќи се на својата основна задача – одвраќање на потенцијален агресор и одбрана на сопствената територија. Се зголемија инвестициите во одбраната, се направија нови одбранбени планови, а многу од земјите-членки, врз основа на искуството од војната во Украина, посветија дополнително внимание на воздушните сили и на противвоздушната одбрана. Ако на тоа се додаде сериозното ширење на хибридното, односно неконвенционалното војување, тогаш глобалната слика е во фаза на сериозни промени. За среќа, во последните години, регионот е сериозно означен од НАТО, ЕУ и САД како област од нивен посебен интерес. Се разбира, Русија и Кина нема да се откажат од своите интереси и проекции во однос на овој регион, но јас ценам дека поголемите интереси се на страната на Западот. 

Која е најголемата безбедносна закана во регионот? Дали се тоа повратниците од ИСИС?

Во моментов ми се чини дека најпогубно за регионот е хибридната акција на Русија врз сите земји во регионот. Кога велам сите земји во регионот, мислам и на Србија како жртва на хибридната војна на Москва, колку и да изгледа на прв поглед дека Србија е доброволно вклучена во неа. Кога зборуваме за повратниците од Сирија и евентуални членови на ИСИС, мислам дека властите добро се справуваат со предизвикот досега, но не ја исклучувам можноста за манипулација со такви личности. 

Image
Newsletter