„Убавините на вашата земја се можеби помалку познати, но несомнено заслужуваат да бидат посетени. Мислам на културното, римско, византиско, православно и отоманско наследство, но и на убавините на вашите езера и планини. Сметам дека има уште простор за развој на квалитетен туризам, со внимание кон природата и кон историските градби, вид на туризам што ќе дозволи да се ужива во одличниот квалитет на локалните прехранбени производи и вина, поле во кое сме спремни да ги споделиме нашите искуства“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри.
Почитуван амбасадоре Силвестри, ова интервју би го почнале со најактуелните случувања во Македонија. Како би ја оцениле Вие актуелната политичка ситуација во нашата земја?
Македонија, како и сите други европски земји, се соочува со ефектите на една низа последователни кризи: пандемијата, енергетската криза и последиците од руската агресија врз Украина. Кон крајот на годината имаше одредени знаци за подобрување на економската ситуација, кои се надеваме дека ќе се интензивираат. На меѓународен план, земјата постигна значајни резултати во последните години. По влезот во НАТО во март 2020 година, во јули минатата година конечно беше отпочнат преговарачкиот процес за влез во Европската Унија. Се работи за две историски цели на земјата, кои отсекогаш биле цврсто поддржувани од Италија, во согласност со нашите одлични билатерални односи, за кои доказ беше и посетата на Претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела во септември минатата година. Процесот за влез во ЕУ е долг и сложен и ќе изискува широк спектар на измени во законодавството на Северна Македонија, како и дополнување на Уставот со цел во него да се вклучат и граѓаните што се идентификуваат како Бугари, Хрвати, Црногорци итн. покрај другите заедници што се веќе признаени. Затоа, се надеваме дека ќе може да се соберат што е можно повеќе политички сили околу остварувањето на оваа цел, бидејќи се работи за цел што ја засега целата земја, и тоа долгорочно, и за која е потребен национален консензус, надвор од владините формули од еден или друг период.
Македонија го почна процесот на скрининг со ЕУ. Но, се чини дека односите со Република Бугарија во последно време се затегнаа. Како, според Вас, на дипломатски начин и со посредство на европската дипломатија, најлесно би можело да се надминат овие несогласувања?
Италијанската Република има одлични односи со Бугарија, која е веќе земја-членка на Унијата и припадничка на НАТО. И врз основа на нашето национално искуство, сметаме дека билатералните прашања од историски-идентитетски карактер не треба да го попречуваат процесот за влез на земјите-кандидати. Туку напротив, убедени сме дека евроинтеграцијата го претставува најдобриот начин за создавање услови за подобра согласност дури и околу настаните од далечното минато. Токму поради тоа, се надеваме дека преговорите за влез на Македонија во Европската Унија ќе можат да напредуваат брзо. Но, дозволете ми да додадам дека европската интеграција цели, пред сè, кон иднината, во интерес на нашите млади. Затоа, за време на преговорите, потребно е сите заедно да продолжиме да работиме на проекти и иницијативи насочени кон поттик за поголема размена, колективна благосостојба и интеракција меѓу народите. На пример, Италија е особено заинтересирана за завршувањето на Коридорот VIII, чија цел е да ги поврзе јадранските пристаништа, минувајќи од Драч во Албанија, па преку Македонија, сè до пристаништата на Црното Море, токму во Бугарија. Тоа е конкретен пример за тоа како една соработка е во интерес на сите вклучени земји.
ЕУ во повеќе наврати ја критикуваше нашата земја околу владеењето на правото и корупцијата. Тоа се сегменти на кои ќе мора уште многу да се работи за да се приближат кон регулативите на ЕУ. Како ја оценувате Вие, како дипломат од земја-членка на ЕУ, ситуацијата поврзана со овие две теми?
Во рамките на скринингот, како и на подоцнежните преговори за првиот кластер, ќе им биде посветено големо внимание на овие теми. Не само во поглед на формално транспонирање на европското законодавство, туку и во однос на негова конкретна имплементација. Последниот извештај на европската Комисија препозна одредени подобрувања, но и посочи дека има уште многу за подобрување. Впрочем, се работи за значајни теми што ја засегаат земјата, настрана од нејзината европска цел и оценката на меѓународната заедница. Доколку нема доверба во правната држава и се верува дека корупцијата е раширена и непоправлива, тие верувања потхрануваат недоверба во иднината на земјата, и може да бидат една од причините за миграциска тенденција, особено кај младите. Затоа ги поканувам сите граѓани да не бидат обесхрабрени и лично да се заложат за пријавување на сите злоупотреби преку овластените институции. Од наша страна, ние сме достапни за споделување на нашето искуство во полето на борбата со корупцијата, и што се однесува до аспектите на превенцијата, на раководењето со јавните набавки, на транспарентноста итн. Веќе започнавме и соработка меѓу нашата Национална антикорупциска агенција и вашата Државна комисија за борба против корупцијата, и посредувавме дијалог меѓу вицепремиерот за политики за добро владеење Грковска и други наши министерства и институции што имаат позитивни искуства во овие сектори.
Италија и Македонија имаат добра економска соработка. Дали и на кој начин македонските власти може да привлечат поголем број инвеститори од Италија?
Италија е значаен трговски партнер на Македонија. Во периодот од јануари до ноември 2022 година билатералната размена достигна вредност од 693 милиони евра, што е за 23,3% повеќе од минатата година. Италија е шестата земја-увозник од Македонија со учество од 3,7%, и осма земја-добавувач со учество во македонскиот увоз од 3,78%. Меѓу другото сме и важен инвеститор: кумулативната вредност на италијанските директни инвестиции во Македонија на крајот на 2021 година изнесуваше 149 милиони евра. Во првите 9 месеци од 2022 година се регистрирани италијански директни инвестиции во Македонија во износ од 23,1 милиони евра, со што сме шеста по важност земја-инвеститор. Но, секако дека може да се направи и повеќе. Новата Влада, предводена од премиерката Мелони, потврди дека Западниот Балкан за нас претставува приоритетен регион. Целосниот фокус на овие земји и на Македонија беше потврден и на Националната конференција во Трст, која се одржа на 23 јануари оваа година, организирана од страна на нашиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани. Во тој контекст, заедно со нашата Италијанска трговска агенција – ИТА, размислуваме за можноста за организирање бизнис-средби меѓу италијанските и македонски фирми, со цел зголемување на билатералната трговска размена и на инвестициите. Овој настан ќе биде дел од програмата што ја подготвуваме за одбележување на триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи.
Н.Е. Андреа Силвестри, амбасадор на Италија во Македонија
Нашата земја има значителна дијаспора во Италија, па оттука и поврзаноста меѓу двете земји во однос на директните сообраќајни врски е добра. Италија е една од ретките европски земји со кои имаме директна авиоповрзаност со повеќе градови. Но, како би можеле уште повеќе да ја зајакнеме туристичката соработка?
Навистина има воспоставено директни врски два-три пати неделно со повеќе градови (Рим, Милано, Тревизо, Венеција) и, колку што сум запознаен, се истражуваат и други можни линии, исто така и со јужниот дел, пред сè во летниот период. Убеден сум дека има добар потенцијал за раст на туристичките текови, во двата правци. Сметам дека не е потребно да ги опишувам природните и уметнички убавини на Италија, земја што има најголем број заштитени локалитети од УНЕСКО во светот. Убавините на Македонија се можеби помалку познати, но несомнено заслужуваат да бидат посетени. Мислам на културното, римско, византиско, православно и отоманско наследство, но и на убавините на нејзините езера и планини. Сметам дека има уште простор за развој на квалитетен туризам, со внимание кон природата и кон историските градби, каде што ќе може да се искористат и руралните средини за спортски активности и релаксација. Вид на туризам кој е „бавен“, кој ќе дозволи да се ужива во одличниот квалитет на локалните прехранбени производи и вина, поле во кое сме спремни да ги споделиме нашите искуства. Тоа веќе го правиме во рамките на програмата ААА, односно серијата семинари во кои ги презентираме нашите вештини во земјоделството, прехранбената индустрија и животната средина (три термини што започнуваат на буквата А во италијанскиот јазик).
Господине Силвестри, амбасадорската функција ја презедовте во екот на пандемијата со Ковид-19, но како медиуми можеме да забележиме дека имате богата работна агенда. Дали Ви дозволува времето да ја запознаете Македонија како земја со сите нејзини природни убавини? Што ви оставило најголем впечаток досега?
Како што сте забележале, прилично сум зафатен. Меѓутоа тоа не ме спречува детално да ја запознавам Македонија посетувајќи многу од нејзините градови и природни атракции. Тоа го правам патувајќи со автомобил, со мотор, со велосипед и пеш (љубител сум и на пешачењето и на трчањето). Имате навистина прекрасна земја што вреди да се истражи. Сепак, она што ми оставило најголем впечаток се гостопримливоста и љубезноста на луѓето. Македонскиот народ, во сите негови компоненти, има автентична наклонетост кон гостопримливост и дружба, карактеристики кои од таа гледна точка го доближуваат до италијанскиот народ и прават овде да се чувствувам како дома.