Жените во дипломатијата можат да поместат граници

Жените во дипломатијата можат да поместат граници

Улогата на жените во меѓународната политика е незаменлива, бидејќи жените на раководни функции можат да дадат еден многу посебен и личен печат во преговарачките процеси или, пак, кога станува збора за менаџирање со кризи. Затоа е важно улогата на жената во дипломатијата да се јакне, беше заклучено на панелот посветен на жените во јавната дипломатија во рамки на Форумот за женско лидерство „Жените пишуваат историја“, кој се одржа на Универзитетот за туризам и менаџмент. 

Џеин: Им благодарам на сите жени кои се бореле за своите права, но и на мажите кои го направиле првиот чекор без да се грижат што мислат другите.

Една од клучните теми на која се осврна амбасадорката на Шведска во Македонија, Ами Ларсон Џеин e правилната распределба на правата, застапеноста и ресурсите помеѓу мажите и жените.

„Во мојата работа едни од клучните теми се зелената транзиција, климатските промени, мирот и безбедноста, демократијата и човековите права. Ние повеќе сакаме да зборуваме за родова еднаквост отколку за права на жените. Секогаш во нашата работа се трудиме да направиме фундаментални анализи за потребите на нашето општество, за тоа што сметаме дека е правилно за нашето општество, и тоа исто така го имплементираме во нашата дипломатија. Една работа која секогаш се обидуваме да ја направиме е да размислуваме од аспект на права, застапеност и ресурси. Лесно е да се употребуваат како филтер кога ќе ги погледнеме сите општествени аспекти, странски и домашни. Да се увериме дека правата, застапеноста и ресурсите се правилно распределени, подеднакво помеѓу мажите и жените. Во нашата култура, на 8 Март не се во фокусот убавината и розите, иако тоа е убаво, туку е ден да се потсетиме дека постигнавме многу, но сѐ уште не сме готови. Всушност, има уште многу да се работи“, рече амбасадорката Џеин, која потенцираше дека како сопруга и мајка на три деца, во својата професионална кариера се соочила со многу предизвици. 

Н.Е. Ами Ларсон Џеин, амбасадор на Шведска во Македонија.

Н.Е. Ами Ларсон Џеин, амбасадор на Шведска во Македонија.

Зборувајќи за својата родна Шведска, Џеин се осврна на женското движење кое во  1968 година започна своевидна борба, не само за демократска застапеност, но исто така и за економско зајакнување и за сексуалните и репродуктивни права на жените. 

„Во тоа време, замислете, жените не добивале лек против болки за време на породувањето. Но, исто така се залагале за споделено родителско отсуство помеѓу мајката и таткото, за квалитетно и достапно згрижување на децата. Во тоа време дошле до важно сознание дека жените се важни за економијата, имало образовани и вешти жени кои работеле, но штом ќе станеле мајки, ги снемувало од пазарот на труд. Тоа не е добро за економијата. Сакате сите тие добри работници да бидат продуктивни и да придонесат за економијата и растот на државата. Затоа, да се добие достапна и квалитетна грижа за децата било многу важно. Тоа беше важен чекор кон добивање на родителското отсуство. Но и за тоа беше потребно време. Кога се родив јас, Законот за споделено родителско отсуство беше нов, воведен пред една година. Мојот татко тогаш одлучи дека ќе земе половина од родителското отсуство, беа седум месеци и тоа ги подели подеднакво со мојата мајка која беше истакната новинарка во шведски дневен весник. Луѓето беа изненадени, ја преиспитуваа нејзината одлука, но и неговата исто така. Но, татко ми е човек кому не му е грижа што мислат другите и тој го стори тоа што сметаше дека е најдобро. Во последниве неколку години, моите зетови станаа татковци и земаа половина од родителското отсуство без притоа да добијат критика или пофалба. Mене тоа ми е показател дека културата се променила. Тоа е сега нормално и така треба да биде“, рече амбасадорката на Шведска во Македонија, Ами Ларсон Џеин. 

Според неа, иако за некои работи навистина е потребно време, сепак нештата се менуваат на подобро. Таа им се заблагодари на своите претходници во дипломатијата кои го отворија патот за жените-амбасадорки, но исто така изрази благодарност до жените кои се бореле за споделени обврски, но и до мажите кои го направиле првиот чекор без да се грижат што мислат другите, бидејќи така помогнале да се променат перцепциите. 

Јовановиќ: Не е доволно само да се зборува за квоти, треба да креираме атмосфера каде што сите нееднаквости и целата нетолеранција кон жените ќе бидат надминати.

Н.Е. Невена Јовановиќ, амбасадор на Србија во Македонија.

Н.Е. Невена Јовановиќ, амбасадор на Србија во Македонија.

Амбасадорката на Србија во Македонија, Невена Јовановиќ, смета дека темата за родовата еднаквост треба сѐ почесто да се дискутира на конференции, дебати и панели, со цел да се создаде општество каде што родовата еднаквост нема да биде само тема за разговор, туку ќе биде реалност. 

„Затоа, ајде сите заедно да креираме општество во кое еднаквоста помеѓу момчињата и девојчињата, мажите и жените ќе биде реалност. Да им создадеме можности да имаат не само еднакви права, туку и еднакви можности, да партиципираат рамноправно, да создаваат заедничка иднина, да преземаат одговорности за својата иднина и да имаат еднаква можност за придонес. Ако зборуваме за улогата на жените во меѓународната политика, тоа оди рака под рака со учеството на жените во процесот на носење одлуки. Сметам дека сѐ уште има недостиг од жени на високи раководни позиции во просецот на носење одлуки, иако јас доаѓам од земја која може да сподели позитивни искуства. Но, многу е важно да се оди уште еден чекор напред. Не е доволно само да се зборува за квоти, иако ќе повторам дека во регионот на Западен Балкан имаме неколку позитивни примери на прекрасни жени на водечки позиции, треба да креираме атмосфера каде што сите нееднаквости, целата нетолеранција кон жените ќе биде надмината“, рече Јовановиќ. 

Според неа, улогата на жените во меѓународната политика е незаменлива, бидејќи како што рече, постојат многу работи кои жените можат да ги подобрат кога зборуваме за дипломатијата, за меѓународната политика. Таа смета дека жените во дипломатијата можат да дадат посебен и личен печат во преговарачките процеси.

„Мислам дека треба да ги јакнеме капацитетите на жени-лидерки, посебно во дипломатијата и во меѓународната политика, кога станува збор за менаџирање со кризи, кога станува збор за преговарачки процеси, тоа е нешто што ние заедно можеме да го направиме. Доаѓам од земја која во изминатата деценија постигна голем напредок во однос на жените на водечки позиции. Ние имаме жена-премиер, жена на чело на Народната банка, 40 отсто министерки во Владата, а 31 процент од амбасадорите се жени. Но, тоа е само едната страна од монетата. Другата страна е дека сите ние треба да направиме повеќе, дека сите ние треба да создадеме атмосфера во која младите девојчиња ќе разберат дека имаат право да се застапуваат за своите права, да ги поттикнеме, да ги охрабриме дека имаат место на масата“, рече амбасадорката Јовановиќ и додаде дека истовремено многу е важно да се едуцираат и младите момчиња, затоа што само сплотени можеме да го поместиме општеството нанапред. 

Јовановиќ, која во дипломатијата е веќе единаесет години, е најмладиот српски амбасадор на мисија во странство. 

„Затоа, морам да подвлечам дека кога сте млада жена на важна позиција се остава впечаток дека навистина мора да работите повеќе и да докажете дека ги заслужувате овие позиции. Затоа не смееме да застанеме, тргнати сме по патот на еднаквоста и важно е да останеме на тој правец. А како ќе ја постигнеме целта да имаме потолерантно општество? Единствено со заеднички сили, државните институции, непрофитните организации, организациите на жени, политичките партии, само со заеднички напор ќе постигнеме значаен напредок“, додаде таа. 

На младите девојки им порача да се едуцираат и да имаат големи соништа, бидејќи нешто што денеска се чини невозможно, не значи дека нема да биде возможно и по десет години, бидејќи, како што рече, актуелните политичари работат напорно за да обезбедат позитивно окружување за идните генерации.  

Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

Ди Џовани: Мажите добиваат унапредување под претпоставка дека се потенцијално добри за таа работа, а жените само откако успешно ќе ја завршат работата.

Иако во УНИЦЕФ веќе подолг период работат повеќе жени, тие сепак се надвор од менаџерскиот и од раководниот тим на организацијата, посочи на Форумот за женско лидерство, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија Патриција Ди Џовани. 

„Имаме жени кои се квалификувани. Ние во УНИЦЕФ мора да имаме минимум магистерски студии, ние сме правници, ние сме инженери, ние сме професори, сите ние сме професионалци во нашата област, но никако да влеземе во раководните позиции. Ние имаме термин за тоа, почнавме да го викаме семејни политики, но сфативме дека е дискриминирачки. И мажите сакаат семејни политики, но има многу жени што немаат деца и треба да бидат вреднувани поради својот избор. Затоа сега ги викаме специјални мерки. Тоа се специјални мерки кои не само што ги промовираат жените на високи позиции, но и ги подржуваат во тоа што ние го нарекуваме хармонија на приватниот и професионалниот живот и им дава можност да работат од дома, како и многу други работни практики. Имаме и неколку програми наречени менторски програми за жени. И самата бев почестена да им бидам ментор на неколку млади жени, но истовремено е вознемирувачки да слушнете дека во корпоративниот свет, жените на иста позиција работат повеќе од мажите, а ја добиваат работата само кога ќе докажат дека се способни, додека мажите добиваат унапредување само поради нивниот потенцијал. Значи, мажите добиваат унапредување под претпоставка дека се потенцијално добри за таа работа, а жените само откако ќе ја завршат работата. Ова го слушнав пред околу четири години и сѐ уште го паметам како пример за нееднаквост. Дури и јас за да ја заслужам оваа позиција, морав да работам двојно повеќе од другите“, вели таа. 

Според Ди Џовани, жените на раководни функции мора да продолжат со својата  менторска работа, но и да си бидат поддршка едни на други, а не меѓусебно да се гледаат како закана или конкуренција.

Јулија Кенинг, заминик-јавен обвинител во Загреб, Република Хрватска.

Јулија Кенинг, заминик-јавен обвинител во Загреб, Република Хрватска.

Кениг: Жените обвинителки имаат поголема одговорност кон жртвите

„Да се биде јавен обвинител е многу одговорна функција, бидејќи жените-обвинителки имаат поголема одговорност пред сѐ кон жртвите, за нивните права и нивната слобода“, посочи на панел-дискусијата за жените во јавната дипломатија, Јулијана Кениг, заменик-јавен обвинител во Загреб, Република Хрватска. Таа вели дека како обвинителка, повеќе сочувствува со жените-жртви на секаков вид криминал.

„Многу сум задоволна кога во судница ќе го добијам случајот против успешни мажи-адвокати. Тоа ме прави многу среќна“, рече таа и додаде дека во Хрватска нема разлика помеѓу мажите и жените-обвнители. Во Хрватска седум отсто од обвинителите се жени, што е приближно исто како и во цела Европа. 

„На пример, мојата колешка од Романија Лаура Ковеши, стана главен обвинител на ЕУ. Таа е многу добра и паметна обвинителка. Во Хрватска, исто така, државната обвинителка е жена. Јас цели петнаесет години бев шеф на обвинителството во три града во околината на Загреб. Сметам дека ние жените подобро ја извршуваат работата како обвинителки отколку мажите на истата позиција“, рече Јулијана Кениг, заменик-јавен обвинител од Хрватска. 

Таа им се заблагодари на Роза Луксембург и на Клара Цеткин, кои ја започнаа битката за правата на жените, истакнувајќи дека е среќна што денеска жените се на високи раководни позиции и додавајќи дека како жена ќе продолжи и во иднина да се бори за женските права. 

Илина Магова, заменик-директор на ИРИ.

Илина Магова, заменик-директор на ИРИ.

Илина Мангова: Кога влегов во оваа работа, не беше проблем дека сум жена, туку дека сум млада

„Кога влегов во оваа работа, не беше проблем дека сум жена, туку дека сум млада. Кога почнав да работам, работев со многу искусни политичари и мојата цел на тој пат беше да научам повеќе и да стекнам поголемо искуство. Морав да се стекнам со експертиза за да се позиционирам себеси во оваа професија“, раскажува Илина Мангова, заменик-директор во ИРИ, чија секојдневна работа подразбира соработка со политичари, политички партии и државни институции. Таа вели дека до сега немала негативно искуство во работата ниту пак почувствувала дискриминација во професионалното окружување. 

„Кога почнав, беше многу поразлично. Обично бев единствената жена во просторијата на средби со најрелевантните лидери на политичките партии. Сега, иако состојбите се многу поразлични, за жал, повторно сме во истата ситуација, јас и моите соработнички сме единствените жени во просторијата кога се сретнуваме со лидерите на политичките партии“, вели Мангова и додава дека жените на високи работни позиции се попривилегирани во споредба со жените од помалите рурални заедници кои немаат ниту пристап до високо образование. 

„Јас од секогаш сум била свесна за моите привилегии во животот. Доаѓам од семејство каде што образованието не е привилегија туку потреба. Но, поинаку ќе беше ако сега разговаравме во некоја помала општина во Македонија, каде што жените не можат да си дозволат да патуваат до Скопје за да учат, тие не можат да најдат сопруг што ќе готви, да не зборуваме за споделено родителско отсуство или да ги поддржат во нивната кариера. Ние сме во многу подобра ситуација споредено со мнозинството жени кои работат. Затоа нашата улога е да ги поддржиме и секогаш да ги имаме на ум кога луѓето ќе ја потценуваат квотата, бидејќи секогаш ќе има повеќе жени кои не би можеле да стигнат до онаму каде што сме ние“, заклучи Илина Мангова на панелот посветен на жените во дипломатијата, кој се одржа во рамки на Форумот за женско лидерство на УТМС.   

Image
Newsletter