32 години независна, суверена и самостојна Македонија: што ѝ донесе независноста на земјава?

32 години независна, суверена и самостојна Македонија: што ѝ донесе независноста на земјава?

Интервју со Александар Чомовски

 „Европа во изминатите 30 години седум пати беше на раскрсница. Секоја членка мораше да направи огромни концесии, кои беа испит за влез во ЕУ. Ние цел живот живееме со траума дека сме загрозени. А тоа што опстојуваме, за никого не е доволен адут“, вели еден од врвните новинари и уредници во македонскиот простор на пишаниот збор, Александар Чомовски. Покрај неговите медиумски настапи во македонскиот етер, текстовите за домашни и за странски јавни гласила, тој е и добитник на наградата „Крсте Петков-Мисирков“ за животно дело. Во интервју за „Магазинот за Туризам и Менаџмент“ по повод 8 Септември, Денот на независноста, со Чомовски правиме ретроспектива на 32 години суверена, самостојна и независна Македонија: кога се живееше подобро, денеска или тогаш?

Празникот кој ја означува сувереноста, независноста и самостојноста, Денот на независноста, 8 Септември. Вие ја паметите 1991 година, кога во предвечерјето на распадот на СФРЈ, на тој ден се одржал референдумот. Според вас, кога живееја Македонците подобро? Денеска или тогаш?

По 30 години, ако не сме успеале да го поминеме прагот на БДП од 3 до 4 отсто, тоа кажува дека има нешто дефектно во пристапот на формирање на државата. Пред сѐ како општествено демократско и како економско и пазарно општество.

Да се каже дека пред 30 години сме живееле подобро е една реторичка манипулација. Не може да биде дека сме живееле подобро. Еве зошто, со еден пример ќе појаснам: во Германија, од вкупниот станбен простор, 60 проценти е на принципот кирии и лизинг, во Македонија 90 отсто е во сопственост на граѓаните. Држава во која седум илјади станови се вишок, ненаселени, во која 65 проценти од земјиштето е во приватни раце, не може да се декларира како сиромашна држава. Не може да сме живееле подобро кога државата не беше оформена, кога имаше странски војски, кога се создаваше идеја дека Македонија треба да ја биде. Ние сме држава, население кое живее во миг, а не во перспектива во создавање на додадена вредност и нови вредности. Затоа ние 30 години не направивме еден „саглам“ автопат. Не направивме и мини „Банско“. Ние ги имаме Шара и Кожуф, но не направивме ништо бидејќи нашата концепција е да се распродаде, а не да се создава.

Затоа фактите зборуваат дека ниту нашата политика, значаен дел од политичката економска олигархија, не направија концепт како Македонија од мала држава да остане држава.

Но, според мене населението сигурно живее подобро. Парадоксот е во тоа што сакаме да увеземе работници. Јас сугерирав низ текстови дека нам ни требаше да увеземе менаџери, а не да продаваме богатства. Рудниците, наместо да ги продаваме, требаше да ги работиме.

Во изминатите години, колку се занимаваа политичките партии само со политика и колку со економија? Што беше во фокус на властите?

Не беше извесно дека ќе ја направиме државата. Границите ни ги чуваа странски војски. Приватизации во услови на блокада и на илегални приливи на пари. Ние бевме сива зона. Нема економија, нема банкарство. Но, значаен дел од фирмите успеаја да се приклучат кон меѓународните пазари.

Што сака Македонија со своите скромни национални богатства? На тој план владата на Црвенковски беше преокупирана со политика. Дополнително, имавме сериозни меѓуетнички односи, бидејќи СДСМ долго време не сфаќаше што значи едно мултиетничко општество и како треба да се формира. Глигоров не умееше да ги стивне првите знаци на колективната „пљачка“ што ни се случуваше во Македонија, затоа нам ни се случи и неспособност на армијата, на одбраната. Неспособност да си ја браниме државата.

Една од огромните вредности е што бевме мала држава. Дури и во југословенската федерација се однесуваа кон нас како кон сираче. Во тоа време, ќе добиевме малку пари од фондовите, но и тие не знаеја тука како да ги искористат.

70 години нам некој друг ни ја правеше државата. Или Југославија или Обедените Нации и Американците, или српското влијание кое го имаше во тој период овде. Автохтоната политика почна да се развива дури по воениот конфликт во 2001/2002 година.

Кој денеска според Вас, ја крои политиката во Македонија? Постојано треба да исполнуваме нечии услови за да бидеме доволно добри за соседите, за европските земји.

Оваа драмолетка со уставните измени за мене е лицемерна и аполитична и од страна на власта и од страна на опозицијата, наместо да искористиме некаков бонитет кој го имаме, дека се развиваме во една мултиетничка средина. Дефинитивно наместо да ја напуштиме погубната политика и да се фокусираме на добрососедска политика, многу пред Бугарите да ја искористат, ние како Македонија, таа шанса ја испуштивме. Затоа денеска ја плаќаме цената. Во овој момент ниту еден политичар не сака да признае дека Македонија има исклучителни перформанси да биде членка на ЕУ бидејќи произлезе од една Федерација каде што беше исклучително важно да се гради консензуална политика. Да се бориме со гладијатори, кои не ни признаваа црква, јазик, име, тоа беше наша точка на мобилизација. Ние денеска се доведовме во ситуација да ги сметаме Бугарите за непријатели. Зошто? Тоа е резултат на педесетгодишното пред сѐ патерналистичко однесување на Белград и на Србија. Што ќе се случеше ако Ѓорѓи Димитров ја прифатеше идејата на Јосип Броз Тито да бидеме федерација со Бугарија? Дали ќе бевме со ист анимозитет кон Бугарија?

Никој не сака да признае: што губиме ние ако ги признаеме Бугарите и ако ги внесеме во Уставот? Поважно е што ќе добиеме. Ќе добиеме преговори, а само тие можат да ја средат државата.

Чомовски: „Ми недостигаат политичари кои еднаш во својата политичка кариера ќе излезат и ќе речат: згрешивме.“

Чомовски: „Ми недостигаат политичари кои еднаш во својата политичка кариера ќе излезат и ќе речат: згрешивме.“ | Извор: netpress.com

Дали е запознаен македонскиот народ што стои точно во уставните измени?

Ако го прашате народот дали сакате во следните 10 години да добиете 10 милијарди евра? И уште 2 милијарди од европските фондови? Но, не да бидат украдени, туку подарени, да се инвестираат. Наместо што се задолживме милијарда и пол сега, можевме да направиме сѐ со европските пари.

Ако направиме концесија. Во минатото, нашата држава се формираше врз основа на концесии, кон странци, дома, кон Албанците. Зошто е страшно да направиме кон Бугарите? Дали живеат Албанците полошо денеска? Не. Дали Бугарите ќе живеат подобро со уставните измени? Да. И наспроти манипулациите на Каракачанов и неофашистичките организации дека ќе ни дадат бугарски пасош за доушници на бугарски тајни служби. Ако им кажете на луѓето дека некој може да ви го земе јазикот, сигурно нема да прифатат измени.

Ние сакаме да увеземе граѓани како работна сила во Македонија за да ги надоместиме оние што си заминале од државата со бугарски пасош.

СДСМ никогаш не успеа да направи кохабитација со државата, и при донесување на првиот устав кој беше јадро на државата, имаше пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои не гласаа. Не е страшно што не гласаа, страшно е што не се продаваат реалните перспективи на државата.

Овде царуваат бандитизмот, криминалот и етницизмот како оправдување за одлуките. Ако не се стави крај, нам ни се заканува нова мајоризација. Мајоризација прв пат, како реваншизам на Албанците наспроти Македонците во раниот период на македонската држава. Не можеме да бидеме граѓанско општество ако по 20 години од Рамковниот договор некои политичари велат дека се Албанците дискриминирани и дека немаат права, особено во услови во кои Владата е составена со доминантно албанско мнозинство. Има цели ресори во кои Албанците имаат своја етничка доминација и, што е најважно, има јасна тенденција во обликувањето на спиралата на политичките моќи на Албанците преку персоналните решенија во судството. Во секоја друга држава, лагата е доволна причина да се повлече од власта.

Во ДУИ прашањето на остварување на правата го градираат со права на ексклузивност во поделбата на општественото и на национално богатство. Тезата дека досега Македонците правеле и граделе преку приватизацијата и дека Албанците ништо не добиле во првиот бран, не значи дека тоа треба да го надокнадат и да го еродираат системот. Никој нема против „Бехтел и Енка“ да не градат, има против оние кои се креатори на буџетот, затоа што немаат основни информации.

Сите уставни промени во Македонија се направени по нечиј диктат и ние опстанавме како држава, но и народот и јазикот останаа. Што нудат оние што велат дека нема да прифатат уставни измени? А чии промени ќе прифатиме и под чиј диктат? Овој пат треба да биде по новите основни вредности. Да се доближиме до Европа.

Дали ќе биде ова последно барање што треба да го испорача Македонија, за да ги почне конечно преговорите со ЕУ?

Никогаш ништо не е последно. ЕУ во изминатите 30 години седум пати беше на раскрсница. Секоја членка мораше да направи огромни концесии, кои беа испит за влез во ЕУ. Ние цел живот живееме со траума дека сме загрозени. А тоа што опстојуваме за никого не е доволен адут. Не можам да ја амнестирам официјална Софија дека направи стратешка процена. Наместо да ги придобие Македонците, создаде политика на нихилизам која ни на Бугарија не ѝ одговара. Зар мислат дека ако останеме надвор од ЕУ, ќе нѐ окупираат? Да го привлечат македонскиот народ кон некакво новоосмислено бугарско-македонско сојузништво без европски мониторинг, освен под еден услов, ако тоа не е составен дел на големата геостратегија во која Македонија треба да остане место околу кое ќе се вртат сите кризни состојби. Но тоа не е резултат само на Русите и на Бугарите, тоа е способноста на македонското население да се избори само за своите и културолошки, етнички и економски предиспозиции.

Колку ѝ треба на Македонија ЕУ и колку ѝ треба на Европа Македонија?

Зошто ѝ треба на Европа Македонија? На Македонија ѝ треба Европа, да. Зар тоа што ги нервира Орбан е помалку од тоа што ги нервира Радев? Па го толерираат бидејќи знаат дека Унгарија е стратешка брана на руската пенетрација. Унгарците и Чесите дознаа што значи руската чизма да влезе во Будимпешта и во Прага.

Македонија ѝ треба на Европа затоа што не може да остави џепови во својата геостратегија. А ќе направи сѐ да го искористи тоа што во Македонија има и натаму некаква висока позиција на евроафирмација.

ЗНМ му ја додели Наградата за животно дело на Александар Чомовски.

ЗНМ му ја додели Наградата за животно дело на Александар Чомовски. | Извор: lzdruzenie na novinari

Колку имаат малите политички партии влијание на политичка сцена?

Немаат никакво влијание, ниту ќе имаат. Не е страшно ако политиката зависи од три политички партии. Исто како во Велика Британија. Треба да имаме малку поголема широчина. Не може да имате широчини ако не смеете да влезете до Слупчане и да им кажете на граѓаните дека има инструменти државата и дека струјата што ја потрошиле, треба да ја платат.

Владата мора да преземе одговорност, 40 проценти од сивата економијата, а тоа е најмалку една милијарда годишно, се создава надвор од регуларните економски и финансиски трансакции. Тоа е ново извориште на криминалот во Македонија. Не може да ја прифатиме логиката: досега се крадеше, сега и ние ќе крадеме. Договорите што ги прават остануваат во нивниот атак? Има добри албански аналитичари, албански министри кои исто така се незадоволни од ваквите одлуки.

На Македонија ѝ треба една доза за смирување на тезите. Ми недостигаат политичари кои еднаш во својата политичка кариера ќе излезат и ќе речат, згрешивме. Но, во Македонија има политичари кои ја воделе државата, а потоа излегуваат од мечкина дупка на јавна сцена и кажуваат дека имало криминал во државата, а тие се иницијатор на тоа. Заради тоа сме ние во оваа состојба.

На Македонија ѝ треба бугарски рецепт. Како е возможно во една членка на ЕУ, три години да нема влада, како е можно? Кога сфатија дека губат 17 милијарди евра колач од Европската Унија, во следните осум години, се споија во Влада најлутите противници, криминогените структури со реформаторите. Кога меѓу себе мора да се толерираат, мораше да се најде трет непријател. Кој е? Македонија. Зошто требаше да имаме воен конфликт во 2001 година и да се направи Пржински договор, што не е помалку деликатен од сегашните концесии со Бугарија?

А не можеме да направиме бугарски рецепт за стратешко прашање? Само за бугарското прашање. Никогаш не ѝ било подобро на Македонија од кога се формира експертска влада.

Што ќе добиеме со експертска влада ? И дали ќе успеат политичките партии да направат договор меѓу себе?

Експертска влада ќе го реши клучното прашање. Тоа е прашањето на политичка култура, лидерство, а треба и минимум платформа. Платформа за борба против криминалот, стабилизирање на институциите и на уставните промени. Ќе се девастира политичката импотенција кај лидерите кои градат своја позиција за избори врз основа на антипатија. Зарем ние сега нема да ги сакаме Македонците кои добија бугарски пасоши? Дали ќе си дозволиме да останеме на периферија на Балканот, во која ќе увезуваме работници, а ќе извезуваме Македонци? Нели е доволно за Ковачевски и за Мицковски тоа што ќе создадат јавен дискурс во кој антагонизмот ќе постои врз идеолошка основа, кога по прашањето на стратешките предизвици, ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била против ЕУ? Идејата за Европската Унија и за НАТО произлегува од ВМРО-ДПМНЕ.

Чомовски: „Најпредизвикувачки настани ми беа војната во 2001 година и настаните на Косово.“ | Извор: lokalno.mk

Чомовски: „Најпредизвикувачки настани ми беа војната во 2001 година и настаните на Косово.“ | Извор: lokalno.mk

Кој најинтересен настан може да го издвоите за кој сте известувале во вашата кариера?

Најшокантни ми беа информациите за реформите на Анте Марковиќ. Девалвација на денарот, качување на платите. За ова информираше само одредена група новинари. Тогаш, од прв момент бев убеден дека Македонија ќе ја плати високата цена ако не се раздолжи од федерацијата.

Најпредизвикувачки настани ми беа војната во 2001 година и настаните на Косово. Тогаш работев во македонски медиум, со една исклучителна добра екипа. А работев и за странски медиум. Таму има правила како се известува за настан. Си направивме свои извори. А домашните политичари сакаа да дознаат што се случува од нас. Преку собирање информации, така се создаваа стратегиите. Тогаш прв пат го видов Али Ахмети и тогаш прв и последен пат со него правев интервју.

Која друга кариера би ја одбрале во животот да не бевте новинар?

Имав можност да бидам портпарол. Имав семејна традиција на меѓународен бизнис, но почнав на 18 години со новинарство. Имав еден аманет од еден новинар кој ми рече: „Што и да бидеш во пирамидата на новинарството, секогаш да бидеш новинар“.

Image
Newsletter