Сметаме дека државните институции пред сè треба да се фокусираат на намалување на нерационалните трошења. Некои јавни претпријатија со години работат со милионски загуби без да се побара одговорност од менаџментот на овие компании и без да се најде начин да се вратат средствата. И додека надлежните континуирано не преземаат мерки за да се сопре овој огромен одлив на средства од државниот буџет, се промовира еден нов систем на солидарност, кој на крајот на денот го поставува прашањето со што, во суштината, се солидаризираме, со неоснованото трошење на државните пари? Не може да има солидарност со неефективно работење бидејќи така се поддржува тој начин на функционирање. Навистина сметаме дека постои огромен простор за рационализација, намалување на јавната администрација, дури сметаме дека постои можност и да се појават вишок средства, а не намалени средства и продуцирање нови даноци за прибирање нови пари.
„Се наоѓаме во исклучително тешка позиција. За успешно планирање и водење на бизнисите, многу е важно да постои предвидливост, бидејќи без тоа не може да се носат деловни одлуки кои ќе дадат позитивни резултати. Генерално, како држава, постојано доцниме со решенијата”, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, првиот човек на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангеловски. Тој во интервјуто оценува дека владините мерки редовно се насочени да го гаснат социјалниот пожар, а многу ретко се во правец на коренито решавање на проблемите или храбро преземање суштински реформи кои на долг рок би донеле и одреден бенефит.
Ангеловски, веќе втора година сте на чело на Сојузот на стопански комори, во време кога македонското општество помина низ серија кризи, од пандемијата со Ковид-19, економска криза до високата инфлација. Колку успеавте во овој период да ги наметнете најважните економски проблеми за дискусија во јавноста?
Сојузот на стопански комори е една од најголемите деловни мрежи во нашата земја. Доминантно ги застапува малите и средни претпријатија, кои се двигател на нашата економија. Во последниве две години во општеството пошироко, а особено во економијата, постојано влегуваме од една во друга криза, што значи дека компаниите во континуитет се соочуваат со отежнати околности за деловна активност. Сојузот во континуитет ги следи состојбите и систематизирано предлага мерки и политики кои му се потребни на реалниот сектори, а кои ги адресира до надлежните институции. Искрено верувам дека го креваме гласот за сето она што има широко негативно влијание, а некои од нашите предлози и се имплементираат. Секако изразуваме и голема благодарност до медиумите кои неуморно ја следат нашата работа и кои помагаат во процесот на креирање на јавното мислење и наметнување на важните теми со цел креирање притисок за позитивни промени.
Бизнисот носи голем товар, фирмите се соочуваат со голема неизвесност, намалена побарувачка на странските пазари, висока инфлација, зголемувања на даноците. Големи стресови доаѓаат од многу страни. Како влијае сето ова на стопанството?
Се наоѓаме во исклучително тешка позиција. За успешно планирање и водење на бизнисите, многу е важно да постои предвидливост, бидејќи без тоа не може да се носат деловни одлуки кои ќе дадат позитивни резултати. Генерално како држава постојано доцниме со решенијата. Кога немате точни конкретни решенија за актуелните проблеми, бизнисите се обидуваат да рационализираат, со цел да обезбедат одржлив опстанок. Тоа значи дека нема инвестиции и развојна компонента која носи додадена вредност. Во приватниот сектор во нашата земја работат околу 700 000 луѓе. Кога тонат компаниите, тонат и сите овие луѓе и нивните семејства, а се доведува во прашање и обезбедувањето средства за функционирање на државните институции.
Педесет илјади денари се потребни за да може да преживее едно четиричлено семејство. Додека со платата на еден функционер се покриваат дури три минимални синдикални кошнички, еден работник не може да си го прехрани своето семејство ни со две минимални плати. Незадоволството кај граѓаните и кај фирмите расте. Како Сојуз на стопански комори, што им сугерирате на министрите по економија?
Уште кога почна економската криза со почетокот на пандемијата, алармиравме и апелиравме товарот да се подели рамномерно меѓу сите чинители, бидејќи само така може да се намали огромниот негативен ефект кој се генерираше. Исто така, приватниот сектор во нашата земја постојано се наоѓа во некоја подредена позиција, иако тој е оној кој обезбедува средства за да може да функционираат државните институции и администрацијата. И кога ќе го земете предвид целиот контекст на работите, очекувано беше зголемувањето на платите на функционерите да предизвика огромно незадоволство. Јас лично сметам дека сите треба да имаат поголеми приходи затоа што трошоците за живот се значајно зголемени, но мора да сме свесни дека тоа не може да се прави со административни одлуки, туку потребно е да функционира според економската логика. Мора да се намали бројот на јавната администрација, да се воведе дигитализацијата, и со ваквата рационализација да се обезбедат дополнителни средства за да се мотивираат администрацијата и функционерите.
Бизнисот генерално беше против замрзнувањето на цените. Колку власта според вас требаше да го заштити населението како што тоа го прават другите држави, со финансиска инјекција за секое домаќинство?
Бизнисите работеа во услови кога цената на влезовите во производните процеси постојано се зголемуваше. Во такви услови, не можете да ги замрзнете цените на крајните производи бидејќи никој не е во состојба да произведува производ од кој не само што нема заработка, туку е во загуба. Тоа не е одржливо решение бидејќи води кон затворање на бизнисот. Во мерките и во пакетите кои ги креираше владата во изминатите две години, имаше и такви кои значеа директна финансиска поддршка за граѓаните. Сепак сметам дека помош треба да се дава онаму каде што парите ќе може да се размножат и да создадат додадена вредност. Без да обезбедиме квалитетни услови да стопанисување, раст и развој на компаниите, не можеме да очекуваме благосостојба на граѓаните на нашата земја.
Трајан Ангеловски - претседател на Индустриска комора на Македонија
Колку се реални владините мерки или само гаснат социјален пожар? Има ли ефект од досегашните владини потези за стопанството?
Владините мерки редовно се насочени да го гаснат социјалниот пожар и многу ретко се во правец на коренито решавање на проблемите или на храбро преземање суштински реформи кои на долг рок би донеле и одреден бенефит.
Речиси сите мерки што се преземени ги таргетираат физичките лица. И оние што им се дадени на прехранбените компании, не се наменети како крајна цел кон стопанството, туку кон намалувањето на цените за физичките лица.
Многу од предлозите што ги дававме беа наменети кон реформи на администрација, процедурите и непотребната бирократијата, кои не барат дополнителни средства. За жал, најголемиот дел од нив не се имплементирани.
Ангеловски, Власта ги испрати во Собрание законите за коридорите со европско знаменце. Лидерот на опозицијата, Мицкоски, имаше средба во ССК на оваа тема и порача дека цената која Македонија ќе ја плати за нив ќе биде најмалку два пати повисока од таа која ја лиферува Владата. Кој е ставот на бизнис-заедницата?
Основните постулати на слободниот пазар е можноста цените да се формираат врз база на понудата и на побарувачката под еднакви услови за сите заинтересираните субјекти. Само така ќе може да се обезбеди здрава конкуренција што ќе донесе и квалитетен договор. Тоа е основно економско правило, па секогаш апелираме да одиме во тој правец, да се избегнуваат процедури што ќе фаворизираат одредени процеси или субјекти и да им се даде шанса на македонските компании да дојдат до еднаков и фер третман во нашата земја во однос на сите економски проекти. Транспарентното водење на постапките е исто така многу важно за да се избегне и за да се намали коруптивно однесување.
Коморите постојано апелираат за предвидливост на деловниот амбиент. Стопанството е против ненадејни законски и други решенија кои удираат врз буџетот на фирмите и врз џебот на работниците. Солидарен данок – ќе се плаќа или не? Дали треба Владата да наплати близу 80 милиони евра од компаниите од нивните екстра добивки?
Сметаме дека државните институции пред сè треба да се фокусираат на намалување на нерационалните трошења. Некои јавни претпријатија со години работат со милионски загуби без да се побара одговорност од менаџментот на овие компании и да се најде начин да се вратат средствата. И додека надлежните континуирано не преземаат мерки за да се сопре овој огромен одлив на средства од државниот буџет, се промовира еден нов систем на солидарност, кој на крајот на денот го поставува прашањето со што се солидаризираме, во суштината, со неоснованото трошење на државните пари? Не може да има солидарност со неефективно работење, бидејќи така се поддржува тој начин на функционирање. Навистина сметаме дека постои огромен простор за рационализација, намалување на јавната администрација, дури сметаме дека постои можност и да се појават вишок средства, а не намалени средства и продуцирање нови даноци за прибирање нови пари.
Како претседател на Сојузот на стопанските комори, кои се според вас клучните промени кои треба да се направат за да тргне македонската економија во добар правец?
Нашава земја и нашава економија не им овозможуваат доволно шанси на македонските компании да инвестираат. Ако станува збор во производни капацитети, не постојат доволно локации за изградба на индустриски капацитети, ако станува збор за енергетиката, на приватниот сектор не му се дава адекватна можност. Дали постојат одредени други такви можности што ќе го привлечете вниманието, на крајот се забележува и според нивото на инвестициите, кое е многу ниско. Административни процедури се сложени. Нема волја да се најдат решенија, на важни позиции се наоѓаат лица без доволно капацитет за успешно менаџирање на процесите.
Колку водењето бизнис и менаџирање со Комората Ви остава време за приватниот живот и што најмногу Ве исполнува и Ве релаксира?
Навистина живееме во еден многу деликатен момент, кој бара дополнителни екстра напори. Меѓутоа, некогаш „кога се работи под притисок”, може да се постигне една ефективност во работењето и една рационализација во однос на времето, во обид да ги постигнеме зацртаните цели. Кризата во одредени моменти може да се дефинира и на следниов начин „да работиме 150 проценти во однос на минатата год за да оствариме 100 проценти”. Значи, со дополнителен ангажман може да се постигнат зацртаните цели. Мораме да бидеме доволно успешни и во професионалниот дел исто колку и во приватниот, зашто само двете работи заедно можат да дадат целосна успешна слика.