Не треба да имате море за да имате добар и развиен туризам. Треба да имате содржина. Македонија има огромен број природни богатства, инфраструктура и, најважно, ние сме домаќински народ, топли, кротки луѓе, сакаме да им угодиме на гостите. Тоа ни едно море не може да го замени. Значи, предуслови има, но стратегија не баш. Можеби вака, ако дозволите да размислувам на глас, потребно ни е дури и министерство за туризам
Таа е жена во светот на мажите. На оваа позиција е 10 години и за неа не постои тешка работа туку успешна приказна. Бадаровска за своето образование му е благодарна на Универзитетот Скопје, каде што ги има завршено и постдипломските студии.
Вие сте една од жените за кои зборот „не можам“ не постои во речникот. Темпераментна, посветена и со позитивен дух. Жена во светот на мажите. Во моментов сте директор на Хотел „Фламинго“, кој се наоѓа во Гевгелија. Колкав беше предизвикот уште од првиот ден да се менаџира еден хотел и дали е сѐ уште исто тоа чувство?
Работам со страст и со посветеност, тоа не ме напуштило од денот кога започнав на оваа позиција. Го сакам тоа што го работам, ме мотивира, ме предизвикува, го живеам. Затоа можеби и немам некоја поделба на време поминато на работа и приватно време, за мене постои само квалитетно потрошено време. Голем дел од времето во текот на денот ѝ е посветено токму на работата. Дополнително, секогаш денот го почнувам со слоганот што ме води цела декада во „Казино Фламинго Хотел“: да си менаџер на хотел не е работа, тоа е начин на живот.
Одговорноста што ја носам во рамки на целата австриска групација „Новоматик“ како менаџер на хотел, а особено во „Казино Фламинго Хотел“, сама по себе не признава „не може“. За да се издржи таа одговорност и за да се одработат добри резултати, тој став треба да е природен, карактерен, вроден. Јас тоа го имам од кога паметам за себе. За мене во деловниот свет постојат успешни и неуспешни, а никако поделба на мажи и жени. Доказ за тоа е машкиот свет на менаџери кој е мојата деловна средина повеќе од 10 години. Во оперативниот менаџерски тим на „Фламинго“ сум единствена жена-менаџер и можам да кажам дека одлично функционирам.
Хотелот се наоѓа во Гевгелија, во транзитна зона важна за македонскиот туризам, особено во летниот период, бидејќи привлекува голем број странски туристи. Покрај туристи од Грција, од кои други држави имате посетители?
Австриската мултинационална компанија „Новоматик“ стана сопственик на „Казино Фламинго Хотел“ пред 10 години, со јасна визија и стратегија за развој на овој објект во Гевгелија. Една од првите мерки беше да се отворат вратите за македонските гости и, воопшто, за сите оние кои сакаат да се забавуваат и да имаат животен стил со таков еквивалент. Секако, покрај домашните, голем е бројот на гости од Грција, Албанија и Турција и мал процент од Германија, Израел и други транзитни туристи.
Што е потребно да направат надлежните институции, според вас, за да се привлечат повеќе туристи во нашата држава? Кои се најголемите забелешки на гостите кои ги имаат за нашата земја?
Интересно прашање за кое сум имала можност да разговарам, да дебатирам и во некаква рамка да предлагам идеи и проекти. Туризмот е многу сериозна и широка гранка на која во нашата држава се гледа со помалку внимание и доза на потценување на можностите кои стојат на располагање. Не треба да имате море за да имате добар и развиен туризам. Треба да имате содржина. Помина времето на лежење и „печење“ на плажа. Сега се бара искуство, а за искуство не е потребна само голема вода околу тебе, море, океан, езеро. За искуство е потребна енергија и емоција. Македонија има огромен број природни богатства, инфраструктура и, најважно, ние сме домаќински народ, топли, кротки луѓе, сакаме да им угодиме на гости. Тоа ни едно море не може да го замени. Значи, предуслови има, но стратегија не баш. Според мене, треба да се завртиме кон самите нас, да погледнеме што сѐ имаме како потенцијал и да се зафатат надлежните органи и институции да кројат планови и стратегии. Можеби вака, ако дозволите да размислувам на глас, потребно ни е дури и министерство за туризам.
Марина Бадаровска, менаџер на Хотел „Фламинго“
Во Македонија сѐ уште е мал процентот на жени-менаџери. Мажите го држат приматот, како на високи работни позиции така и со висина на плата. Колку е тешко да се биде на оваа работна позиција, да решавате различни ситуации, а, најважно, да се грижите за голем број вработени?
Навистина не би сакала да звучам феминистички, но да, така е. На дамите, како некое непишано правило, потребно им е два до три пати повеќе да сработат, а исто толку пати помалку плата да земат, а сепак, да сме еднакви. Во менаџерскиот тим каде што јас работам, нема разлика машки - женски менаџмент.
Верувајте, голем е предизвикот да водиш 300 вработени, а уште поголем предизвик е твојот тим да ги задоволи големите очекувања на нашите казино-гости кои се во побарувањата и во потребите многу различни од хотелски гости. Како за илустрација, земете предвид дека нашите објекти работат со гости 24 часа, цела година, непрекинато, време во кое морате без исклучок да им ги задоволите потребите на сите оние што дошле кај вас и ви ја дале довербата.
Некои истражувања покажуваат дека жените се подобри како менаџери отколку мажите. Дали се согласувате со оваа теза и што е потребно за една жена да може да „плива“ во светот на бизнисот?
„Ако сакаш нешто да биде кажано, прашај маж, ако сакаш да биде завршено прашај жена“, рекла Маргарет Тачер. Сметам дека ние жените во практика сме поконструктивни, попрагматични и поефикасни. Барем мојот карактер е препознатлив по упорноста и по ведрината и во корелација со тоа што претходно го кажав, се постигнуваат одлични резултати.
Ова е време на најголемата економска криза. Како успевате да се справите за време на оваа тешка година?
Во мојот, но и во нашиот корпоративен речник, не постојат зборовите тешко и криза. Лесно не е, но кога се има предизвик, план и работа, резултатите и прогресот се тука. Сметам дека како менаџмент кој ја има максималната доверба од Виена сме многу свесни, „газиме на земја“ и секогаш гледаме на проблемите како на предизвици. Тоа е клучот со кој „Новоматик“ во Македонија е еден од поголемите учесници во буџетот со плаќање даноци и придонеси, односно, поедноставно кажано – успешна компанија која има визија за успех во континуитет.
Еден сериозен предизвик за компаниите кои работат во Македонија е кадарот. Сѐ повеќе работници заминуваат на сезонска работа надвор од државата. Колку е тешко да се најдат квалитетни работници и како успевате да ги задржите да не заминат од работната позиција?
Од моето искуство можам да извадам заклучок дека оној кој решил да замине, не можеш да го спречиш. Но, секако дека можеш да се обидеш да го мотивираш. Токму затоа одливот на работна сила е фактор на кој многу сериозно и посветено работиме. Една од мерките со кои сметаме дека е можна дополнителна мотивација и подигнување на нивото на лојалност кај вработените е одлуката на управата на „Новоматик“ за воведување систем на бонуси на квартално ниво.
Марина Бадаровска, менаџер на Хотел „Фламинго“
Како вашето образование Ве подготви за вашата работна позиција?
Навистина интересно прашање. Кога станува збор за формалното образование, можам да заклучам дека еден од пресудните моменти беа студентските денови на практична работа. Така, за време на третата година од студиите на Факултет за туризам и менаџмент, бев на практична работа во хотел како дел од кујнскиот персонал. Работата и атмосферата, со целокупната своја динамика и систем во кој секоја алка има своја вредност и тежина и без неа не се може, ме импресионираа, додека видливите резултати во форма на подготвена храна ме мотивираа. Токму таму се заљубив во хотелскиот менаџмент. Кога го гледав хотел-менаџерот, си ветив – јас ќе бидам ова. Продолжив на постдипломски студии на Универзитетот Скопје, на отсек менаџмент.
Практичното искуство стекнато во хотел во Грција, „Aegean Melathron“, во 2009 година беше „отскочна штица“ за мојот кариерен развој, она што сум денес, и постигнатите резултати кои зборуваат за тоа. Едноставно – се пронајдов себеси во хотелскиот менаџмент, а доказ за тоа дека кога нешто правите со љубов и од срце, ќе бидете и успешен, е мојата кариера во оваа индустрија повеќе од 10 години.
Морам да напоменам дека учењето не престанува со напуштањето на студентските клупи. Од суштинска важност е и формалното и неформалното образование. Водена од оваа девиза, континуирано вложувам во себеси и секојдневно ја надоградувам својата личност во различни сфери.
Покрај посветен менаџер, Вие, пред сѐ, сте мајка на прекрасно девојче. Оваа работна позиција бара голема жртва. Како успевате да бидете успешни и на двете места? Како се прават компромисите?
Во текот на формалното образование, па и понатаму, низ животната школа, континуирано учиме дека мора да се направи добар баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. Понекогаш не е едноставно и ми недостига време, некој час повеќе да поминам со мојата ќерка. Сепак, сите ние имаме различни улоги во кои дејствуваме секојдневно, а за да бидеме целосни и комплетни личности кои ќе можат да се фокусираат и да изградат здрави индивидуи од своите деца, пред сѐ, неопходно е ние, родителите, да сме здрави, исполнети и реализирани личности, пример за децата. Така што, сметам дека времето што го поминувам на работа е за заедничкото добро, за нас.
Досега имате добиено и многу награди и признанија за Вашата успешна работа. Дали може да издвоите кои Ви се најдраги?
Секое добиено признание е доказ за тоа дека работиме на себеси и на нашиот развој и дека сме на вистинскиот пат, без разлика во која сфера. Секое од нив има особена важност за мене лично. Како исклучително драги можам да ги издвојам оние кои доаѓаат во форма на професионален комплимент – кога знам дека гостите ми се задоволни, насмеани и среќни и кога повторно ни се враќаат. Секако, подеднакво важни и значајни се и оние кои пристигнуваат од мојата непосредна околина, од семејството, пријателите, колегите, соработниците, оние кои се сведоци на мојата еволуција низ годините, приватно и професионално. Сето ова за мене е еден дополнителен поттик да продолжам посветено да работам на мојот личен развој.