„Кога почнав да работам во енергетиката имав многу препреки бидејќи 90% во оваа струка се мажи. Од 17 држави во кои работев, само во Република Српска и во Грција имаше жени на високи позиции во енергетиката. Имав и неколку непријатни ситуации кога некои директори не сакаа да имаат состанок со жена на темата енергетика. Меѓутоа, како и секаде, квалитетот секогаш испливува на површината и со тек на времето овие препреки ги поминав. Можам да кажам дека жените имаат различен пристап во многу ситуации, можат да се справат со стрес, мултитаскинг, имаат различни методи на работа и резултатите на крај кажуваат сѐ. Се надевам дека и во Македонија за прв пат ќе видиме и жена на клучните позиции во енергетиката во иднина“ порачува во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, Сања Божиновска, која е експерт по енергетика во Прага. Таа смета дека Македонија потфрла на енергетски план поради тоа што надлежните немаат стратегија, знаење и капацитет за сериозна енергетска политика во Македонија.
Енергетската криза го поттикна домашното производство на електрична енергија, но сепак не е доволно да го врати производството на ниво од пред десет години. Каде потфрли Македонија на енергетски план?
Енергетиката е област која се планира долгорочно и секако дека проблемите, а и решенијата не се случуваат веднаш. За жал, енергетската криза се случи кога ЕСМ имаше проблем со ангажирање и ставање во употреба на своите производни капацитети на максимум. За секоја изградба на енергетски капацитети е потребна сериозна подготовка, финансии, планирање, оперативни процеси и време. Во Македонија за последните години се изградија ветропаркот од ЕСМ од 36 MW инсталирана моќност и 10 МW фотонапонска централа во Осломеј, меѓутоа тоа е недоволно. Сите фотонапонски централи кои се изградени се приватни, тоа значи дека по енормните цени на електрична енергија од минатата година, многу поединци и фирми решија да инвестираат во фотонапонските центали. Произведената енергија им се продава на трговците по берзански цени, што значи дека Македонија како држава нема планиран откуп на оваа електрична енергија. Свесни сме дека РЕК Битола е многу стар производствен капацитет и дека 70% од електричната енергија доаѓа оттаму, а сѐ уште немаме никаква алтернатива за РЕК Битола (последните години речиси е невозможно РЕК Битола да работи со полна моќност, а сведоци сме и на постојани технички проблеми). Во 2022 година во Македонија се произвеле 5.634 гигават-часови електрична енергија, додека во 2010 година 6.774 гигават-часови. Структурата на производството на струја во минатата година од термоцентралите (2.621 гигават-часови) е за дури 38,7% помало од она што било во 2012 година (4.277 гигават-часови). Притоа, производството од РЕК Битола е намалено за една третина (било 3.700 во 2010, а во 2022 е 2.354 гигават-часови), а од ТЕЦ Осломеј е преполовено од 577 на 267. Најдрастичен пад е кај хидроцентралите, каде што во 2010 година биле произведени 2.185 гигават-часови, а во 2022 година – 985. Ова се сериозни бројки кои треба да се анализираат. Во сегашниот енергетски баланс на државата влегува и струјата произведена од Те-то, која е во приватна сопственост и се продава по строго пазарни услови. Одговорот е немање стратегија, знаење и капацитет за сериозна енергетска политика во Македонија.
Како експерт и познавач на состојбите во енергетскиот сектор, кој според Вас е главен виновник за енергетската криза?
Цената на горивата во ЕУ се зголеми како последица на војната меѓу Русија и Украина, што доведе и до загриженост поврзана со безбедноста на снабдувањето со енергија. Одлуката на Русија да ја прекине испораката на гас за неколку земји-членки на ЕУ дополнително се одрази врз ситуацијата. Ова намерно намалување на испораките на гас од страна на Русија е главната причина за вртоглавото зголемување на цените во ЕУ, што влијаеше брз цената на електричната енергија произведена во електраните на гас, како и врз цените на електричната енергија во целина.
По започнување на војната во Украина и порастот на цените на енергијата, побарувачката на природен гас во Европската Унија се намали во 2022 година за 55 милијарди кубни метри, или 13%, што е најголем пад во историјата. Намалувањето е еквивалентно на количината гас потребна за снабдување на над 40 милиони домови. Промените во енергетскиот микс, економската активност, временските услови, промените во однесувањето и други фактори беа одговорни за оваа драматична промена во потрошувачката на природниот гас. Исто така, поблагите зимски температури секако одиграа важна улога. Сепак, не сите временски влијанија ја намалија употребата на гас. Ниските врнежи во јужна Европа доведоа до многу лоша година за хидроенергијата и ја зголемија потребата за електрична енергија од гас. Високите цени, исто така, одиграа значителна улога во намалувањето на побарувачката, особено во индустриските сектори што интензивно користат гас.
Цената од сите турбуленции и кризи на крај ќе удри по џебот на граѓаните. Зошто се најде Македонија во ваква енергетска ситуација и кој ќе ја плати цената?
Кога се работи за стратешки прашања како што е енергетиката, мора сите да се сложиме дека е потребна синергија од најдобрите експерти во државата и надминување на партиската припадност. Во минатата година му беа префрлени 250 милиони евра на ЕСМ, тоа се сериозни финансиски средства кои можеа да бидат искористени многу подобро. Фирмите беа оставени да купуваат електрична енергија по енормни цени, најголемиот индустриски капацитет во Македонија, Фени, престана да работи од јули 2022. Сите соседни држави имаа поддршка за цените во индустријата. Само за споредба, во Македонија фирмите плаќаа и 500 евра електрична енергија, додека во Србија таа цена беше 75 Евра, во БИХ 65 евра, а во Бугарија државата ја субвенционираше разликата во цените. За домаќинствата цените во Косово е 6,5 евроценти, Босна 8 евроценти, Македонија 9,3 евроценти, Унгарија 9,4 евроценти.
Во 2022 година загубите на електричната енергија нѐ чинеле неверојатни 157 милиони евра, кои сме ги платиле преку сметките за струја, а во 2021 година 100 милиони евра. Сѐ уште постојат голем број корисници кои воопшто не плаќаат електрична енергија, а крајната сметка секако доаѓа кај сите граѓани. Цената секако ќе ја платат граѓаните и тоа се гледа во новите задолжувања, издавања на нови државни обврзници и слично.
Стратешки договори за енергетика има, но тие не се применуваат. Зошто и кој тактизира со нивната реализација? Дали сметате дека во енергетскиот сектор има недоволно стручен менаџерски кадар?
Ако ја погледнеме вебстраната https://vlada.mk/strateski-investicii, ќе видиме дека има 10 стратешки инвестиции од кои првата е донесена на 19 јули 2021. Досега ништо јавно не се дискутира за овие инвестиции, преговорите се водат во 4 очи. Најпрво, вкупната моќност на сите тие инвестиции е нереална за Македонија, односно не знам дали некој сериозно се занимава со енергетскиот биланс на Македонија и со техничките можности. Секако звучи примамливо и насекаде се фалиме дека сме лидери во енергетските инвестиции, но сепак треба да сме реални. Моето прашање е кој е бенефитот за Македонија од сите овие стратешки инвестиции? Целокупната технологија ќе биде увезена вклучувајќи ги и панелите, давањето на земјиштето (тоа се големи површини) е сѐ уште дискутабилно, нови вработувања ќе нема освен чувари на овие централи и – најважното прашање – електричната енергија. Сите овие фирми ќе тргуваат со електричната енергија по пазарни услови, односно никаде не прочитав дека Македонија ќе добие некој процент од произведената енергија за сопствено производство или одредени мегават-часови по пониска цена. Да имаше стручен менаџерски кадар, за овие речиси две години ќе имавме барем една реализирана инвестиција (знаејќи дека 2-3 месеци е потребно за целосно поставување на ФЕЦ).
Во Македонија се чини секоја фирма-трговец со 5.000 евра може да тргува со струја и да направи милионски долгови. Зошто имаме ваква легислатива?
Сведоци бевме на милионските долгови направени од неколку фирми кон МЕПСО. Повеќе од 12 милиони евра не се наплатени, не постои ни изглед да се наплати ни едно евро, и никој не сноси последици за оваа штета, која на крај ќе ја плаќаат граѓаните. Мора да се преземе одговорност и да се воспостави постриктна легислатива во однос на трговијата со електрична енергија. Во многу држави едноставно не постои можност да се има долг кон систем-операторот (државата), бидејќи постојат технички служби кои на дневна база ги следат трансакциите на сите фирми-трговци, и секогаш мора нивното работење да е покриено со банкарски гаранции. Реалноста е дека основани се нови фирми (со иста адреса, слично име на фирма, случаи каде што истите вработени се јавуваат како дел од новите фирми) и повторно работат. Значи постои системска грешка за која мора да се преземе нешто. Во Србија банкарските гаранции кон систем-операторот изнесуваат милион евра, што значи дека трговијата со електрична енергија е доста сериозна дејност, и фирмите мора да се ликвидни и да располагаат со финансиски средства.
На прашањето зошто имаме ваква легислатива, може само да одговорат надлежните министерства.
Сања Божиновска, експерт по енергетика во Прага
Во енергетската стратегија на МАНУ до 2040 година се предвидува затворање на два блока од ТЕЦ Битола. Под кои услови и кој би ја компензирал нивната важност за минимум енергетска независност?
Многу е лесно на хартија да напишеме многу работи, како што се и стратешките инвестиции. Реалноста е дека Македонија поголемиот дел од електричната енергија ја добива од РЕК Битола. Точно е дека трендот е на обновливи извори на енергија и одлично е што имаме повторно тендер за Чебрене и за изградба на хидроцентрала. Меѓутоа, кога би се реализирала изградбата на таа централа? Секојдневно слушаме за избегнување на употреба на јаглен, меѓутоа само да напоменам дека ако пред неколку години нуклеарните централи почнаа да се затвораат, минатата година енергијата од нуклеарни централи доби зелена ознака во ЕУ под одредени услови. Во Македонија се исцрпуваат домашните резерви на лигнит, кои економично може да се експлоатираат. Одржувањето во оперативен живот на ТЕЦ Битола зависи од транспортот на лигнит со слични карактеристики кој се наоѓа во Грција или во Косово. Сегашната криза може краткорочно да го одложи сегашниот тренд – промена од јаглен на обновливи извори, но примената на таквата политика нема да се промени. Во државите на ЕУ ќе нема производство на струја од централи кои користат цврсто фосилно гориво освен централи со CCS-технологија. Тоа е технологија на целосно фаќање на стакленичките гасови од согореното цврсто фосилно гориво и нивно контролирано искористување и/или подземно складирање. Мора да знаеме дека оваа технологија е многу скапа и Македонија тешко ќе може да ја примени. Следствено е дека Македонија цврстото фосилно гориво ќе го замени со природниот гас.
Мора да имаме државен план за изградба на енергетски капацитети, капацитети кои мора да вклучуваат производство на базна енергија (енергијата од обновливи извори не е базна енергија – таа мора да биде избалансирана во нашиот енергетски систем) и сите да ја сфатиме енергетиката крајно сериозно бидејќи стотици милиони беа потрошени за набавки на гас, јаглен, енергија, а немаме сериозен енергетски капацитет.
„Македонија е мојот прв дом и така ќе остане. Во Македонија сум израснала, сум ги стекнала првите пријатели со кои што се дружам и денес и постулатите од моето образование. Моите родители и пријатели се во Македонија, често доаѓам и се чувствувам убаво. На многупати насекаде во светот ја промовирам и ја препорачувам да се посети. Меѓутоа, за жал, морам да кажам дека многу работи некако со години не се променети. Имаме прекрасни туристички места кои може да се носат со европските, па и со светските дестинации. Охрид е светска дестинација и заслужува да биде на мапата на посакувани дестинации. Сигурна сум дека можеме многу подобро. Недостига сериозна промоција на сите убавини што ги имаме.“
Каква е состојбата во Европа? Дали има струја на тамошните берзи и како се движат цените?
Во Европа оваа година зимата беше многу блага, државите ја намалија потрошувачката на гас и енергија и цените се стабилни. Европската Унија постигна договор за ограничување на цените, така што цените од 500-600 евра за мегават-час не се повторуваат. Оваа година цените се движат околу 100-120 евра за мегават-час. Моментално, 2024 година може да се купи на унгарската берза за 158 Евра, во Австрија 2024 се тргува за 158 Евра, 2025 за 133 Евра, 2026 за 119 евра, во Чешка следната година се тргува за 145 евра, а 2025 за 125 евра, во Франција следната година е 199 евра, а 2025 е 128 евра. Во Германија 2024 година се тргува за 145 евра, а 2025 за 123 евра. Берзите се ликвидни. Струја има и тука се пресудни побарувачката и понудата на соодветните цени и количини.
Во Европа е приоритет, но колку во земјава се стимулира заштитата на енергијата преку изградба на енергетски одржливи градби?
Енергетската ефикасност е веќе неколку години тренд во ЕУ и, секако, Македонија како земја која се гледа во европското семејство, треба да ги применуваа овие практики. Од тоа што можам да прочитам, а има малку податоци, во Македонија има мала искористливост на пристапните фондови за енергетска ефикасност. Имаше олеснувања во законот за изградба на фотоволтаици до 40 кW, тoa e за поздравување. Меѓутоа, само за споредба, процедурата да изградите ФЕЦ и луксузен огромен хотел е иста. Мислам дека има премногу административни непотребни процедури кои мора да се сменат во иднина. Се надевам дека во иднина ќе имаме Министерство за енергетика и сектор кој ќе се занимава исклучиво со аплицирање до достапните фондови и комуникација со сите странски институции кои нудат средства за енергетска ефикасност.
Важите за значаен експерт во енергетскиот сектор. Кој е вашиот совет околу иднината на Македонија на ова поле?
Ангажирањето стручни лица од државата и од регионот и пристапување кон ефективно решавање на енергетската ситуација во Македонија. Сѐ уште не сме поврзани енергетски со Албанија, а пред неколку години Италија и Црна Гора се поврзаа со подводен кабел. Доцниме со години. Државата е таа што треба да ја откупува енергијата произведена од фотоволтаиците, да се внимава со трошењето на акумулациите на езерата, набавките во ЕСМ да се транспарентни бидејќи исти фирми со неколку центи разлика добиваат милионски тендери подолг временски период, да се избегнува договарање во четири очи. Исто така, да се види постојната мрежа и што треба да се изгради за да знаеме кои се можностите за следните 5-10-20 години, недозволеното преземање струја од ЕНТСО (Европа) кое се случуваше мината година да не се повтори никогаш.
Најважен совет е луѓето кои ќе бидат задолжени за креирање и спроведување на енергетската политика на Македонија да работат исклучиво во интерес на доброто на граѓаните бидејќи мора да изградиме нешто што ќе остане и за идните генерации. Моја желба е Македонија еден ден да биде нето-извозник на енергија бидејќи сме земја со многу сончеви денови и имаме квалитетни и стручни професионалци во овој сектор.
Божиновска, како млада, амбициозна личност, како се справувате со предизвиците во енергетскиот сектор, каде што доминираат мажите?
Кога почнав да работам во енергетиката, имав многу препреки бидејќи 90% во оваа струка се мажи. Од 17 држави во кои што работев само во Република Српска и во Грција имаше жени на високи позиции во енергетиката. Имав и неколку непријатни ситуации кога некои директори не сакаа да имаат состанок со жена на темата енергетика. Меѓутоа, како и секаде, квалитетот секогаш испливува на површината, па со тек на времето овие препреки ги поминав. Можам да кажам дека жените имаат различен пристап во многу ситуации, можат да се справат со стрес, мултитаскинг, имаат различни методи на работа и резултатите на крај кажуваат сѐ. Се надевам дека и во Македонија за првпат ќе видиме и жена на клучните позиции во енергетиката во иднина.
Живеете и работите во Прага. Кои се предностите во системот за работа и дали Ви недостига Македонија?
Во Прага отидов да студирам во 1998 година. Оттогаш Прага доживеа неверојатна трансформација во секој поглед. Сега може слободно да се носи со Германија и со квалитетот на живот таму. Постои систем на вредности, се цени знаењето и се вреднува трудот. Како земја која е во центарот на Европа, нуди повеќе можности за едукација, усовршување, размена на искуства, контакти со искусни лидери, менаџери од кои може да се научи многу. Најважното е што квалитетот се препознава, се цени и се вреднува, и постои корпоративна култура која веќе конкурира на високо ниво. Секако дека системот не е најсовршен, меѓутоа има голема разлика со македонскиот систем.
Македонија е мојот прв дом и така ќе остане. Во Македонија сум израснала, сум ги стекнала првите пријатели со кои што се дружам и денес и постулатите од моето образование. Моите родители и пријатели се во Македонија, често доаѓам и се чувствувам убаво. На многупати насекаде во светот ја промовирам и ја препорачувам да се посети. Меѓутоа, за жал, морам да кажам дека многу работи некако со години не се променети. Имаме прекрасни туристички места кои може да се носат со европските, па и со светските дестинации. Охрид е светска дестинација и заслужува да биде на мапата на посакувани дестинации. Сигурна сум дека можеме многу подобро. Недостига сериозна промоција на сите убавини како Преспанскиот Регион, Крушево, Берово, Маврово, многубројните водопади, манастири, цркви, Кокино, Хераклеја, Стоби, промоција на нашата гастрономија, нашите настани како Охридско лето, Вевчански карневал, Галичката свадба, Џез-фестивалот, винската индустрија, и да не ја заборавам неверојатната гостопримливост и дружељубивост по која сме препознатливи. За сето ова мора да имаме инфраструктура – автопати, железница, реклами, присуство на саеми, а секако мора да поработиме и на дигитализацијата – живееме во свет на апликации и социјални мрежи.