Чулев: Корупцијата е најприсутна во органите на прогонот и во институциите што треба да го спроведуваат законот, одговорност мора да има

Чулев: „Најголема пречка за патот на Република Македонија кон Европската Унија, а воедно и клучен предизвик е високото ниво на корупција и криминал.“

Наќе Чулев е поранешен министер за внатрешни работи, кој на челното место на МВР доаѓа со големо искуство во криминалистиката. Тој работел во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање и бил редовен професор на Дипломатската академија на МНР. Чулев бил и директор на Агенцијата за разузнавање, како и прв секретар во амбасадата на Македонија во Анкара, Турција. Неговото образование почнува во младите години кога дипломирал криминалистика, а постдипломските студии ги завршил во областа мир и развој. Тој во интервју за „Магазин за туризам и менаџмент“ зборува за многу прашања, но дава одговор и за тоа „Колку е Македонија безбедна и сигурна земја“ ? 

Дали сметате дека уставните измени се пречка за влез во ЕУ или, пак, тоа е високото ниво на корупција, кое е нотирано во изминатите извештаи на Европската комисија? 

Најголема пречка за патот на Република Македонија кон Европската Унија, а воедно и клучен предизвик е високото ниво на корупција и криминал. Ова се информациите и пораките што на дневна основа доаѓаат од меѓународните дипломатски и разузнавачко-безбедносни претставници во земјата и надвор од неа. Ниту промена на Уставот на Македонија ниту што било друго не е вистински проблем или пречка на патот на евроинтеграциите на Македонија. Тоа е замајување на јавноста и одвлекување од дневните проблеми. 

Впрочем, и самата Делегација на ЕУ во Македонија и други релевантни меѓународни организации, во секој извештај констатираат дека најголем суштински недостаток на Македонија во евроинтегративниот процес е токму енормната корупција. Во оваа насока, од круцијално значење е интенцијата на новата Влада да ѝ објави војна на корупцијата и да ги гони сите корумпирани функционери сѐ додека не се соочат со лицето на правдата, а резултатите да бидат видливи и мерливи. 

Голема врева се крена околу некористењето на „северна“ во свечената заклетва за време на инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска- Давкова во законодавниот дом. Најголеми реакции имаат соседните земји. Иако надворешната политика не е Ваш сегмент, сепак, кој е Вашиот став по употребата на географска одредница на нашата земја за домашна употреба? 

Реакциите и нападите според мене се нереални и насочени кон нешто за кое ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија има изградено став што ѝ е познат на јавноста. Напредокот на земјата, спроведувањето на реформите и решавањето на клучните прашања се важен приоритет на политичката партија, и тука нема дилема дека ЕУ-интеграцијата мора продолжи, но не и по цена на отстапки во однос на националните прашања. 

Ставот на партијата во однос на интегративните прашања е јасен, но исто така треба да бидеме јасни и дека сите ние имаме обврска да водиме сметка за државата, затоа што претходната власт предводена од СДСМ, на ова прашање речиси и да не му посветуваше внимание. 

Новата претседателка на државата Силјановска-Давкова е одличен правник и уверен сум дека таа во иднина ќе постапува онака како што налага Уставот. Сите ние имаме личен став околу промената на името и како политичари избрани од народот имаме обврска да го почитуваме Уставот, но истовремено и да водиме сметка за националните интереси. 

Чулев: „За жал, од институција со меѓународен кредибилитет и реноме, МВР стана орган со сериозен кадровски недостиг што не може да испорача сигурност и безбедност за граѓаните.“

Чулев: „За жал, од институција со меѓународен кредибилитет и реноме, МВР стана орган со сериозен кадровски недостиг што не може да испорача сигурност и безбедност за граѓаните.“

Вие доаѓате од секторот МВР. Како поранешен Министер за внатрешни работи, каква оценка можете да дадете за работата на полицијата во изминатите години? 

Лошото раководење со полицијата и генерално со Министерството за внатрешни работи, за жал, од институција со меѓународен кредибилитет и реноме направи орган што има сериозен кадровски недостиг и проблем да испорача сигурност и безбедност за граѓаните, дотолку повеќе што и самата таа институција во минатото беше инволвирана во бројни корупциски и безбедносни скандали од меѓународни рамки. 

За жал, според тоа што јас го забележувам, етичките и професионалните вредности во Министерството за внатрешни работи се целосно девастирани и руинирани, а редот, дисциплината и хиерархијата се сериозно нарушени. Системот на полицијата се соочува со сериозен дефицит на конспиративност, професионалност и стручност, а како резултат на сериозни политички и субјективни влијанија, системот на кариера е целосно уништен. Припадниците на МВР се сѐ почесто предмет на насилни напади. Корупцијата и пенетрацијата на криминалните структури во МВР е сериозна и загрижувачка.

Како човек кој долго време е дел од безбедносниот систем, сметам дека неопходно е најприоритетно да се адресираат овие сериозни аномалии ако сакаме готовноста, мотивираноста и ефикасноста на полицијата да биде на посакувано ниво.

Промената на личните документи направи вистински хаос за граѓаните. Често го обвинувавте поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека безредието е токму поради него. Дали сметате дека можеше поинаку да бидат организирани службите за да се поедностави постапката? 

Во изминатиот период, неколку пати споменав и повторно ќе го потенцирам ова, дека со добра организација, навремено планирање на работите и соодветни кадровски решенија, процесот на промена на личните документи можеше да се спроведе многу подобро и поефикасно. Оливер Спасовски и луѓето поставени од него, создадоа криза што резултираше со тоа слободното движење на граѓаните да биде ограничено, што според мене е пред сѐ дискриминирачко, а потоа и понижувачко.

Резултатите од парламентарните избори што се одржаа пред некој месец, донесоа политичка одговорност за политичарите како Спасовски, чиј резултат во втората изборна единица е катастрофално лош. На овој начин покажаа дека тој има сериозна вина и одговорност за лошата состојба во државата. Но, политичката одговорност не е доволна за ваков сериозен пропуст, очекувам во иднина, по формирањето на Владата, да има и правна одговорност за сите оние што во случајот со личните документи постапиле спротивно на законите. 

Идентична ситуација и криза креирана од поранешниот министер Оливер Спасовски имаше и во 2020 година, повторно пред самото формирање на техничката влада, за што беше поднесена и соодветна кривична пријава поради констатирани незаконски дејствија во делот на набавка на лични документи. Кризата со личните документи е директна последица на неодговорното и лошо работење и раководење со МВР. Се работи пред сѐ за лоша интерна организација и лошо планирање и алоцирање на ресурсите за набавка и изработка на лични документи, што доведе граѓаните на Македонија да се обесправени, дискриминирани и понижени поради неможноста да ги остварат основните човекови права.

Колку е Македонија безбедна земја и колку владее криминалот на улиците? Колку злосторниците ги добиваат своите казни? Во билтените на МВР многу често можат да се прочитаат кражби, но малку решенија. Според „Глобалниот индекс на мир“, земјата се наоѓа на 38. место. 

За жал, досегашната влада во заминување, не успеа да испорача живот за граѓаните во побезбедна и посигурна држава. МВР фабрикуваше наместени статистички показатели за наводен пад на криминалитетот, но граѓаните се сведоци за големиот број нерасчистени убиства, разбојништва, пукање, насилство и дивеење на криминални банди на јавни места, лесна достапност на наркотични средства итн. Откривачката функција на МВР во однос на сериозните кривични дела е на исклучително ниско ниво. Криминалните структури метастазираа во целото општество, а криминалците станаа тик-ток ѕвезди и инфлуенсери со кои се идентификуваат дел од младите лица, што зборува за сериозна деградација на системот на вредности во државата. 

Мојата желба е да живееме во стабилна, безбедна и економски развиена земја, за да можеме да ги задржиме младите тука, бидејќи тие се нашата иднина. Затоа, приоритет на новата влада и МВР ќе биде бескомпромисна и неселективна борба против сите што постапуваат спротивно на законот, без разлика на нивната етничка, верска или политичка определба.

Чулев: „Младите се соочуваат со ограничени можности во еден корумпиран и непотистички систем.“

Чулев: „Младите се соочуваат со ограничени можности во еден корумпиран и непотистички систем.“

Дали има доволно стручен кадар во МВР? 

Во рамки на МВР има чесни и стручни професионалци што имаат капацитет и потенцијал да испорачаат врвни резултати во областа на безбедноста. Сепак, во моментот истите функционираат во многу ограничувачки услови. Потребни се големи промени, но пред сѐ е неопходно враќање на ентузијазмот, дигнитетот и на мотивираноста кај припадниците на МВР.

За таа цел, задолжително е да се изгради модерна, ефикасна и транспарентна полиција. Потребно е подигање на животниот стандард на припадниците на МВР, модернизирање и набавка на сосема нови современи и функционални униформи, целосна дигитализација и воведување информатичка технологија во работењето и услугите што ги дава МВР, воспоставување ефикасен систем на кариера и негово доследно почитување, континуирани специјалистички обуки на вработените, повторно етаблирање на средното полициско училиште, понуда за работа за најдобрите студенти од сродните факултети, јакнење на оперативно-техничките капацитети на МВР, продлабочување на меѓународната соработка итн.

Во нашата земја првпат се одржа Самит на ОБСЕ. Но, во исто време се случи и двојно убиство, токму кога земјата требаше да биде на највисоко безбедносно ниво. Каква порака испративме кон странските земји по завршувањето на Самитот, во однос на работата на полицијата? 

За жал, наместо да биде институција што ќе креира и спроведува национална стратегија за борба против криминалот и корупцијата и ќе се грижи за безбедноста на граѓаните, денес МВР е претворено во комуникациска агенција од каде што секојдневно слушаме колку граѓани возеле со брзина поголема од дозволената. Во неколку околности претходно споменав и јавноста знае дека Македонија стана една од главните логистички бази за издавање државјанства, пасоши, банкарски сметки и други документи на белосветски криминалци, екстремисти и други безбедносно индикативни лица.

Наместо да имаме полиција што ќе соработува со останатите во регионот, имавме министер што секојдневно е во друштво на локалните дилери и криминалци. Ваквиот однос на раководството нѐ доведе до состојба кога откривачката улога на Министерството за внатрешни работи е доведена во прашања, а превенцијата речиси и да не постои. Ваквата состојба многу природно резултираше со тоа додека се одржува висок безбедносен самит, да имаме сериозен безбедносен инцидент – односно убиство – случај што Министерството за внатрешни работи требаше многу побрзо целосно да го расчисти. 

Обвинителството и судот се продолжена рака, но и главна алка за решение на криминалот и корупцијата во една земја. Каква е соработката меѓу институциите, а со тоа, колкава е и нивната ефикасност? 

Институциите надлежни за спроведување на законот, но и правосудните органи, се високо партизирани, пренатрупани со нововработен неквалитетен и нестручен кадар што не може да испорача резултати, а немотивираноста и апатијата е главна карактеристика. Дополнително, недостига ефикасна координација и соработка меѓу нив, што е од круцијално значење за водење ефикасни истраги во делот на борбата против корупцијата и организираниот криминал. Државата мора да изгради сериозни капацитети и да манифестира политичка волја и решителност за справување со катастрофалната ситуација со организираниот криминал и корупцијата во која се наоѓа државата. Секако, дека во таа насока не треба да бидат изземени, туку напротив, најпрво треба да се расчисти со сите оние вработени во обвинителството, судот, МВР и другите органи за спроведување на законот инволвирани во корупција и криминални активности.

Младите се соочуваат со ограничени можности во еден корумпиран и непотистички систем, каде што мерит-системот е на маргините, а владеењето на правниот систем и довербата во јавните институции се сериозно нарушени. За младите овие сериозни системски аномалии се особено обесхрабрувачки. Недостигот од фер и функционален систем им ги ограничува можностите за личен и за професионален развој. Кога младите гледаат дека нивните напори и талент не се препознаени и соодветно наградени, а напредувањето е повеќе засновано на тоа кого знаеш, а помалку на тоа колку и што знаеш, тие ја губат надежта за подобра иднина во татковината. На овој начин Македонија се соочува со сериозен проблем на одлив на млада, талентирана, динамична и креативна популација, што води до сериозен демографски дисбаланс, а кој реално им наштетува на развојот и на економскиот напредок на државата и носи сериозни општествени предизвици

Злоупотреба на службена должност, потребата од чести „врски“ во институциите за да можат граѓаните да ги завршат своите обврски се чест случај во нашата земја. Немањето систем во една држава е најчесто клучниот проблем и причина зошто си заминуваат младите од домот и бараат подобри услови во друга земја. Како да се спречи одливот на млади луѓе?

Брзото адресирање на овие акумулирани негативни општествени феномени е од суштинско значење бидејќи освен ерозија на општествената доверба, социјална нееднаквост и нарушување на економската стабилност, тие се и иницијална каписла во процесот на носењето одлуки кај младите да ја напуштат земјата. Според мене, одливот на „млади мозоци“ е најсериозниот безбедносен и општествен предизвик за Македонија со далекусежни последици. Младите се соочуваат со ограничени можности во еден корумпиран и непотистички систем, каде што мерит-системот е на маргините, а владеењето на правниот систем и довербата во јавните институции се сериозно нарушени. За младите, овие сериозни системски аномалии се посебно обесхрабрувачки. Недостигот од фер и функционален систем им ги ограничува можностите за личен и професионален развој. Кога гледаат младите дека нивните напори и талент не се препознаени и соодветно наградени, а напредувањето е повеќе засновано на тоа кого знаеш, а помалку на колку и што знаеш, тие ја губат надежта за подобра иднина во татковината. На овој начин, Македонија се соочува со сериозен проблем на одлив на млада, талентирана, динамична и креативна популација, што води кон сериозен демографски дисбаланс. Тоа реално им наштетува на развојот и економскиот напредок на државата и носи сериозни општествени предизвици.

Според Вас, каде најмногу владее корупцијата во Македонија? 

Корупцијата метастазира во сите сфери во општеството, а најпоразителен е фактот што еден од највисоките степени на корупција е присутен во органите на прогонот и оние институции што треба да го спроведуваат законот. Одговорност за корупцијата и криминалот мора да има, бидејќи тоа се темелите на правната држава. Сите што го прекршиле законот и бесрамно се збогатиле на грбот на граѓаните, и истовремено ја понижиле и ја предале татковината, мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Тоа се очекувања на граѓаните и тие очекувања мора да бидат реализирани. Ова е последната можност, да се врати довербата на граѓаните во правната држава. Новата влада мора посветено да се ангажира на неселективна борба против криминалот и корупцијата.

Чулев: „Политичката одговорност не е доволна. Очекувам во иднина, да има и правна одговорност за сите што во случајот со личните документи постапиле спротивно на законите.“

Чулев: „Политичката одговорност не е доволна. Очекувам во иднина, да има и правна одговорност за сите што во случајот со личните документи постапиле спротивно на законите.“

Македонија е мала, но земја полна со убавини. Каде го наоѓате Вашиот мир?

Мирот го наоѓам во моментите што ги поминувам во природа пешачејќи сам или со добро друштво, меѓу дрвјата и зеленилото, што ми помага да се ослободам од стресот и повторно да се поврзам со самиот себе. По потекло сум од Кавадарци, па често знам со семејството да заминам на одмор во тој крај. Ме релаксираат и планините, Охридското Езеро и парковите во близина на Скопје. 

Image
Newsletter