Да му се посветиме на образованието, младите заслужуваат квалитетно знаење

Да му се посветиме на образованието, младите заслужуваат квалитетно знаење

Реформите во високото образование се неопходни, а за една ефикасна образовна  реформа,  потребна е исклучителна посветеност на Министерството за образование и на целата академска заедница, како и вклучување на сите високообразовни институции и главни актери во стопанството во сите фази на креирањето и на спроведувањето на реформата“, порачува ректорот проф. д-р Аце Миленковски. Во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, тој зборува за успешната приказна на Универзитетот, кој годинава одбележа 17 години постоење. Според ректорот Миленковски, младите заслужуваат квалитетно високо образование што ќе им го трасира животниот пат, заслужуваат квалитетно знаење што ќе вроди со професионализам на своите идни работни места, заслужуваат поквалитетни работни позиции и поквалитетен живот. За таа цел, неопходно е посилно поврзување на образовниот со деловниот сектор.

Универзитетот за туризам и менаџмент оваа година слави 17 години од своето основање. Како започнавте и кои се главните предизвици со кои се соочивте во досегашниот период?

Приказната за овој универзитет, за создавање мала, модерна и квалитетна високообразовна институција започна пред 17 години. Ако сакате да постигнете нешто во животот, треба имате јасна визија за тоа, да знаете што точно сакате и да знаете што треба да направите за да стигнете дотаму, бидејќи успехот е резултат, а не само цел. Денес, резултат е тоа што одговорно можам да кажам дека Универзитетот за туризам и менаџмент претставува бренд во високото образование.

На самиот почеток од создавањето на Универзитетот си поставив за цел да ги следам успешните универзитетски приказни надвор од границите на нашава држава. Изборот на модел по кој ќе работиме падна врз Универзитетот во Риека, поточно на Факултетот за туризам и угостителство во Опатија како Универзитет од европски калибар. Веднаш потоа, по насоки и водство на колегите од Опатија, почнавме со имплементација на методологија што гарантира квалитет во наставата и која им нуди практични ангажмани на студентите како основа за квалитетно образование. Со други зборови, започнавме да го применуваме европскиот кредит-трансфер систем, еден од составните елементи на Болоњскиот процес. Од тогаш до денеска, Универзитетот за туризам и менаџмент со својата методологија на работа, речиси идентична со таа на сите светски универзитети, подготвува високостручни кадри што умеат да се соочат со секаков предизвик во својата професионална кариера.

Успешните приказни како што е нашиот универзитет мора да се одржуваат, а тоа секако не е лесно, но ние сепак успеваме. Често знам да кажам: „Без минато нема иднина, без традиција нема креација, а без работа, нема напредок“. Тоа е мојата формула за успех. Верувам во себе и во своите сили, верувам во мојот тим и во моите соработници. Верувам во мојата интуиција. Јас сум човек што не се задоволува со стандардни решенија. Не се плашам од работа, од промени, од учење, не се плашам да применувам нови практики и сознанија. Инсистирам да ги следиме сите современи високообразовни трендови. Тежнеам, а тоа го барам и од своите соработници, да бидеме во чекор со времето, секогаш први и најдобри. Оваа верба во себе и во тие околу мене, високите стандарди во работата, ентузијазмот и истрајноста во изнаоѓањето решенија за проблемите што неминовно ги носи времето, овозможија од Факултетот за туризам што го формиравме во 2006 година, за само 3 години, веќе во 2009-тата, да прерасне во мал, модерен и квалитетен универзитет.

Денес, Универзитетот за туризам и менаџмент е синоним за традиција, креација и работа, многу работа и само работа. Тоа се вредностите во кои верувам, со сето свое срце и душа. Патот беше и сѐ уште е трнлив, но задоволството е големо кога знаете дека сте создале институција што перманентно расте, а чии резултати се валоризирани, неспорни и видливи за сите. И најважно, кога знаете дека создавате кадар што го движи општеството напред.

Наградите кои ги добиваме доволно зборуваат за нашиот успех и квалитет во домашни и во светски рамки. За мене значат потврда дека она на што сме посветени и што го работиме заедно сите на Универзитетот е добро, потврда дека сме на вистинскиот пат. Тие награди и признанија прават да се чувствувам гордо, но истовремено значат и обврска за уште подобро работење и за уште подобри резултати. Секако, на успехот се горди и сите вработени, а особено студентите, бидејќи на нивните светски признаени дипломи стои знакот за квалитет.

Во преполната сала на Македонската опера и балет се одржа Промоцијата на четиринаесеттата генерација дипломци и на дванаесеттата генерација магистри на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Вашата порака до младите беше да си ја сакаат татковината и да работат во неа за да успеат. Како да ги задржиме младите дома?

Најголемото богатство и најголемиот ресурс на секое општество се младите. Ние мора да најдеме начин да ги задржиме дома, да останат свои на своето. Според сите истражувања, Македонија зазема високо место по одливот на високообразовани млади луѓе во светот. Ретки се оние што размислуваат да останат тука.

На овогодишната Свечена промоцијата на дипломци и магистранти, но и во секоја друга пригода, на младите им порачувам да си ја сакаат оваа убава и мала држава, да си ја сакаат и да си ја почитуваат својата татковина бидејќи таа е една и единствена.

Но, што ако татковината во која сте се родиле не нуди перспектива за иднината, не нуди услови за здрав раст и развој, за воспитување на поколенијата, за образование и работа, поточно, услови за живот достоен за еден човек? Денес состојбите се токму такви. Во општеството владее апатија. Младите ја изгубија надежта, не веруваат во системот, не веруваат дека во блиска иднина ќе се смени нешто. Повеќе не се во прашање само социо-економската состојба или нискиот животен стандард во државата, туку се работи за разочараност од севкупната општествено-политичка состојба во државата, која не им нуди перспективи за нормален живот. Од друга страна, земјите-домаќини што привлекуваат таленти се обично со развиени економии, кои нудат различни можности, политичка стабилност и подобри услови за живот. Во такви услови, тешко е да се најде едноставно решение за задржување на нашите млади дома.

Една од причините за иселувањето мислам дека е и самиот образовен систем кај нас, кој за жал е сѐ поблиску до работ на пропаста. Сметам дека најпрво треба да му се посветиме на образованието. Нашите млади заслужуваат квалитетно високо образование што ќе им го трасира животниот пат, заслужуваат квалитетно знаење што ќе вроди со квалитет на работните места на кои ќе се најдат во годините што доаѓаат, заслужуваат поквалитетни работни позиции и поквалитетен живот. За таа цел, неопходно е посилно поврзување на образовниот сектор со бизнисот секторот. Овозможувањето на условите за квалитетно образование за младите е наша должност.

За да се спречи оваа бела чума, приоритети на ресорните министерства треба да бидат спроведување мерки за вработување, самовработување, субвенционирање станбени кредити и општо подобрување на квалитетот на живеењето, како и создавање позитивна клима што ги истакнува предностите на животот во Македонија. Но пред сѐ, треба да ја вратиме правната држава во земјата, правната сигурност, за да може да почнеме повторно да веруваме во системот, да почнеме повторно да веруваме и да се надеваме дека со труд и со работа може да се постигне и тука сѐ што ќе се посака во животот.

Аце Миленковски

Географија - професија и страст на ректорот Миленковски

Настанот беше уникатен, со балетска претстава, полн со емоции и, би рекле, светски за домашни услови. Од каде ги црпите идеите за вакви врвни настани?

На 8 октомври во Македонската опера и балет имавме свечена промоција на 14-тата генерација дипломци и на 12-тата генерација магистри од нашиот Универзитет. Тоа е манифестација на која се заокружува еден циклус од студиите и ден кога студентите се заколнуваат дека ги прифаќаат правата и обврските на академски образовани граѓани што им припаѓаат со чинот на добивање на нивните дипломи. Слободно можам да кажам дека сме единствени по начинот на промовирање на дипломираните студенти, вниманието кое им го посветуваме на крајот од нивното студирање, а по кое треба да се вклучат во општествениот живот и во можностите што им ги нуди стопанството. За нас тоа е голем свечен чин, кој го одбележуваме со врвен спектакл што дава вистинско естетско доживување во несекојдневен амбиент. Приредба со мошне интересна и богата културна програма, која со своето присуство ја уважуваат истакнати личности од релевантни институции, како и претставници од деловната и академска заедница од земјата и странство.

Најтешкото нешто во организирањето вакви настани е постојаното изнаоѓање нови идеи. Некои менаџери дури бараат помош од разни агенции за организирање на настани и слично. Кај нас ние работите ги правиме сами. Мојата ментална слика или разбирање за тоа како треба да изгледа еден врвен настан како овој, или другите што се случуваат на Универзитетот, е резултат на мојот естетски сензибилитет, чувство за убавото, за уметноста во целина, делумно наследен, но во голема мера и развиен низ животот. Имам особина да ги впивам убавите нешта што сум ги видел или кои сум ги доживеал на слични настани и манифестации во светот, и порив да барам начин да го направам тоа и кај нас. И, се разбира, тука е мојот карактер што не прифаќа ништо друго освен доведување на сето она што го работите до перфекција.

И ќе се запрашате зошто е тоа така, зошто толку труд и работа во една промоција на дипломци и студенти? За мене, тоа не е обичен настан. Тоа е свечена прослава на успехот. Му пристапуваме со исклучителна сериозност и посветеност, зашто нашите студенти го заслужуваат тоа. Во неговата реализација е вклучен целиот тим на Универзитетот. Секоја наша свечена промоција, возбудата на дипломците и на магистрите дента, секоја солза радосница во очите на нивните родители, возбудата и воодушевувањето на гостите и нескриеното задоволство на сите вработени на Универзитетот, ги оправдуваат напорот и трудот и сите финансии што ги вложуваме во неговото организирање.

Од целото ова сценско доживување, мене ми е особено драга балетската претстава „Simply the best“, во кореографија на Олга Панго, која во седум слики ги претставува моментите што се помнат, годините поминати во училишните клупи. Низ различните елементи од балетската точка, раскажана е и приказната за создавањето на Универзитетот, мојата приказна за моето животно дело Беше тешко, многу тешко. Но, тоа е мојот начин - да ја направите најтешката работа за да не бидете исти како другите.

Велите дека дипломците од УТМС се врвни професионалци, кои работат во реномирани компании на менаџерски позиции. Колку се тие барани на пазарот на труд?

Универзитетот за туризам и менаџмент како сериозна образовна институција со мисија да одговори на потребите на македонската економијата и на развојот на општеството во целост, во процесот на подготовките за конципирање на факултетските програми, направи сериозна анализа на потребите на пазарот на трудот. Нашите студиски програми произлегоа од оваа анализа и се единствени во државата, а нивниот опсег се движи од економија, преку туризам, менаџмент, маркетинг, човечки ресурси, до информатика. Ќе се согласите, сите се многу практични и атрактивни за младите.

Може да се пофалиме дека висок процент од сите дипломци и магистри што завршиле кај нас од почетокот на нашето постоење до денеска, работат. Тоа значи дека пазарот на трудот нѐ препознава, а дека ние произведуваме кадри што ги задоволуваат неговите потреби и кои лесно се интегрираат во работните средини на реалните работни места. Ова е резултат на повеќе елементи стратешки вградени во организацијата на нашите факултети и во нивниот наставен процес.

Првата и најважна работа е со какви знаења, вештини и компетенции се стекнуваат студентите во образовниот процес. Сметам дека е прва и најважна зашто зголемената вработливост на студентите е, пред сѐ, директно поврзана со нивото на компетенции што тие го развиле во процесот на студирање, а многу помалку со изборот на факултетот. Со други зборови, кој и факултет да го одберете, ако сте стекнале солидни знаења, вештини и компетенции во текот на студирањето, лесно ќе најдете работа. Нашите студенти се врвни професионалци опремени со знаења, вештини, информации и компетенции, кои работат во реномирани компании, повеќето од нив на менаџерски позиции. Овие резултати од нашиот образовен процес се директно поврзани со методологијата што ја применуваме.

На пример, благодарение на оваа методологија, која во голема мера подразбира и практична настава, денес во секторот туризам задоволство ми е да ги гледам моите студенти како успешни менаџери на туристички организации, успешни водичи, придружници итн., не само кај нас, туку и во многу развиени светски туристички дестинации. Така е и со останатите профилирани кадри.

Втората исто толку важна работа за атрактивноста на нашите кадри на пазарот на трудот се нашите советодавни одбори. Тоа е тело што го има секој наш факултет, а во кое членуваат најуспешните професионалци од својата област во нашава држава. Тие, заедно со академскиот кадар, преку размена на знаења и искуства меѓу практиката и теоријата, работат на креирање нови и на подобрување на постојните студиски програми на Универзитетот, при што најдиректно ги обликуваме професионалните капацитети на студентите според актуелните потреби на стопанството.

И третата, не помалку битна компонента на нашиот успех е нашата флексибилност и подготвеност за брзи промени како одговор на општествените предизвици. Постојано сме во чекор со времето, некогаш дури и пред него, и секогаш со одговор за предизвиците на глобалните случувања.
Денес Универзитетот за туризам и менаџмент е синоним за највисоки стандарди и барања за одржување на квалитет, што му обезбедува место во редот на универзитетите што се лидери во областа на високото образование во Европа и во светот. Како што покажува и статистиката на вработување на нашите кадри, ова лидерство е препознаено и од пазарот на трудот и денес работодавачите не очекуваат од нас ништо друго освен висококвалитетен и стручен кадар.

Образованието е еден од столбовите на државата, а со законот за Високо образование не треба да се експериментира. Што треба конкретно да се направи за се подобрат состојбите на долг рок?

Образованието и здравството се столбовите и најголемиот капитал на секое општество. Здраво образование е гаранција за здрав и силен развој на општеството. Но, какво е нашето? Дали е навистина реформирано онака како што се говори?

Зборот реформа, сосема спротивно на своето значење, во последно време стана синоним за брзи краткотрајни бесцелни промени, без да се навлегува во самата суштината на проблемот што треба да се решава. Ова е особено штетно за образовниот процес, зашто грешките што ги правиме при образованието на генерациите денес стануваат видливи дури по неколку децении, кога тие генерации ќе станат носители на економскиот, политичкиот и на општествениот живот во државата. Затоа секаде во светот на реформите во образованието им се пристапува со исклучителна внимателност, стратешки и плански, со градење на широк консензус на сите општествени чинители за правецот и за целта на образовните промени. Кај нас, за жал, се однесуваме сосема спротивно од тоа што изгледа здраворазумно и од тоа што е практика надвор од границите на државата.

На пример, сведоци сме се дека се изработија голем број стратегии за образованието во земјава. Меѓутоа, ниедна не е прифатена од целокупната научна и образовна јавност, а уште помалку е доследно имплементирана. Зошто? Прво, затоа што во нивното креирање најчесто учествуваат парцијално одбрани луѓе што не се секогаш најповикани за изработка на државна стратегија за образованието, а второ, при спроведувањето на стратегиите, најчесто брзоплето преку проекти и без соодветно пилотирање, а теренот и наставниот кадар не се соодветно подготвени за тоа. Експериментите што министрите ги правеа за брзи политички поени, од осамостојувањето на државата, па сѐ до денес, го доведоа образованието до ова дереџе.

Тоа особено се однесува на високото образование, каде што сите решенија содржани во правните рамки се донесени набрзина, без концепт и без поткрепа во емпириските сознанија. Со други зборови, тоа се лоши потези на носителите на тие промени.

Во реформите во високото образование клучно прашање треба да биде целосната имплементација на Болоњската декларација и усогласувањето на нашиот образовен систем со образовните системите на развиените земји во Европа и во светот. Кога велам целосно, мислам на примена на Болоњската декларација како европски стандард без импровизирање, лично толкување и примена. Недоследната примена на ЕКТС во високото образование доведе до наметнување на мислење кај јавноста дека ЕКТС не функционира добро. Па, ако не се применува како што треба, нормално е дека нема да ги даде очекуваните резултати. И замислете, во сите развиени држави тој одлично функционира и произведува квалитетни високообразовани кадри, а само кај нас не чини. Не е до системот, туку до нашето произволно толкување и недоследна примена на стандардите.

Реформите во високото образование се неопходни, а за една ефикасна образовна реформа, потребна е исклучителна посветеност на Министерството за образование, целата академска заедница и вклучување на сите високообразовни институции и главните актери во стопанството во сите фази на креирањето и на спроведувањето на реформата.

Според тоа, првата работа што треба да се направи е да се донесе нов закон кој ќе биде позитивен во смисла на изедначување на македонското високо образование со европското високо образование, закон кој ќе воспостави еднакви критериуми и рамноправен третман на сите приватни и државни високообразовни институции.

Јас и целиот капацитет на Универзитетот за туризам и менаџмент стоиме на располагање и ќе го поддржиме реформски курс што води кон воведување стандарди за научно унапредување, зголемување на квалитетот на образованието и за примена на современите знаења и вештини во склад со потребите на стопанството.

Аце Миленковски

Визија, посветеност и многу работа е тајната на успехот на ректорот Миленковски

Неодамна на Универзитетот за Туризам и Менаџмент се одржа првиот Меѓународен Форум на градоначалници, на кој присуствуваа градоначалници на светски метрополи. Колку овие збиднувања се корисни за нашите локални власти и како човек кој бевте активен во политиката, но и градоначалник на општина Чаир, што ќе им порачате на сегашните градоначалници?

На 1 јуни оваа година во Храмот на знаењето, како што милувам да го наречам амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент, се одржа првиот Меѓународниот форум за градоначалници под мотото „Модерна општина“, на кој присуствуваат експерти, амбасадори и градоначалници, како од земјата, така и од многу европски метрополи.

Идејата за организирање ваков престижен настан дојде од обиколката што ја имаше Универзитетот низ општините во државата, односно од желбата да им се даде поддршка на градоначалниците во реализацијата на нивните програми, а во интерес и подобрување на животот на граѓаните.
И на овој величествен настан реков дека можеби ние со ова нема да можеме нешто веднаш да смениме, но за мене е значајно дека од некаде ќе почнеме. Да почнеме со гласно зборување, со барање решение и покажување на реалните состојби во кои се наоѓаат нашите општини и нашите градоначалници. Форумот ја оствари целта што беше поставена и сигурен сум дека оваа средба нема да биде и последна, дека ќе прерасне во насушна потреба и континуитет.

За да одговорам на вториот дел од прашањето, морам да се вратам во еден друг период од моето минато, многу различно од сегашноста, но со многу искуство што ми помага денес во совладување на одредени состојби.

Популарноста како професор по географија во општината во која живеев, животниот и професионалниот развој, моето чувство за потребите на плуралното општество, како и изразените патриотски чувства по враќањето од Канада, каде што бев во можност да ги уочам и да ги споредам разликите во сите сфери на живеењето со состојбите во мојата татковина, не останаа незабележани од страна на тогашните политички гарнитури во државата.

Така, на локалните избори во 1996 година, а потоа и во 2000 година, на два пати како кандидат на партијата ВМРО-ДПМНЕ, бев избран за градоначалник на тогашната Општина Чаир. Ја затекнав општината оптоварена со многу проблеми. Повеќе рурална и заостаната, помалку градска, и секако неразвиена. Со напорна и трпелива работа по неколку години таа слика беше променета, особено во сферата на образованието. Тогаш градоначалникот ги немаше сегашните ингеренции над училиштата. Тие повеќе беа во надлежност на централната власт. Сепак, создавајќи професионален тим околу себе, успеав овој столб на општеството да го издигнам на едно повисоко ниво, на кое сум горд и денес.

Денес, по нешто помалку од две децении, можам да кажам дека резултатите од моето работење како градоначалник сѐ уште повидливи, како на полето на образованието, така и во поглед на инфраструктурните решенија. Од оваа временска дистанција можам само да им порачам на сегашните градоначалници да не се плашат од преземањето смели чекори што се во интерес на граѓаните. Да се изборат за поголема децентрализација и за добивање поголеми ингеренции, со кои би можеле да им излезат пресрет на своите гласачи, но и за благосостојбата на сите жители во нивната општина.

Во време на економска и енергетска криза, туризмот поминува низ тежок период. Дел од хотелите веќе најавија дека зимава ќе стават клуч на врата. Миленковски како да се подобрат состојбите во една од најзначајните гранки за економијата?

По невидениот пад во 2020 и во 2021 година, кога светскиот туризам беше на работ на пропаѓање, закрепнувањето започна во јануари 2022 година. Последните податоци на Светската туристичка организација покажуваат дека меѓународните туристички движења се зголемени повеќе од тројно од јануари до јули 2022 година (+172%) во споредба со истиот период од 2021 година.
Патем, да напоменам, Универзитетот што го предводам е членка на Светската туристичка организација, па оттаму редовно ги добиваме најновите информации.

Иако податоците покажуваат позитивен тренд, темпото на закрепнување во јануари беше забавено поради новите ограничувања за патување предизвикани од варијантата на вирусот Омикрон, а меѓународните туристички пристигнувања останаа пониски во споредба со периодот пред пандемијата.

Кај нас, според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – септември 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 37.0%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 4.3%, а кај странските зголемувањето е за 88.2%. Во периодот јануари – септември 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 21.3%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 2.4 %, а кај странските зголемувањето е за 76.2%.

Сепак, ќе се сложите дека тоа се поразителни податоци, ако се земе предвид вкупниот број туристи што ги користеле туристичките капацитетите во државата во текот на годината и во однос на другите туристички дестинации. Бројките покажуваат дека на туристичкиот сектор му е потребна помош од државата, што е и една од првите три препораки на Светската туристичка организација при Обединетите Нации.

Но, сметам дека туризмот нема да ја добие помошта што му е неопходна од причина што тој организационо не е добро поставен во Македонија. Притоа, ќе издвојам неколку причини зошто е македонскиот туризам уште од осамостојувањето на ова ниво на кое е денес. Проблемот е во тоа што ние немаме реална стратегија за развој на туризмот, никакво или скоро незначително инвестирање во инфраструктурата, континуирано лоши маркетиншки потези, незаинтересираност за присуство и претставување на големите светски саеми и уште низа други причини.

За надминување на проблемите, пред сѐ е потребна државна стратегија за развој на туризмот, со вклучување на сите чинители под водство и во ингеренции на едно ново министерство, Министерство за туризам.

Секако, ова министерство би имало приоритетна задача да ја усогласи домашната регулатива со регулативата на ЕУ од областа на туризмот преку следење на работата на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO), како нејзина членка.

Живеете динамично, некогаш денот е прекраток за сите ваши средби, состаноци, предавања. Што ве исполнува приватно?

За некого успехот значи да можете да го правите она што го сакате и да постигнете одлични резултати без да ги мерите во парични единици. За некого успехот може да значи токму спротивното, резултатите да ги мерите во парични единици без разлика што работите и какво влијание имате врз окружувањето. Со други зборови, за да станете успешен човек, најпрво мора јасно да дефинирате што е успех за вас.

За мене е успех, меѓу другото, и умеењето да ги избалансираате потребите на работата со потребите на луѓето што ви значат. Секој работи за да обезбеди подобар живот за себе и за своето семејство, но и за да го ужива тој живот со него. Токму овој баланс помеѓу работата и приватниот живот е сѐ поголем предизвик за современиот човек, па и за мене како човек што одлучил да води еден ваков бизнис.

Иако најголемиот дел од моето време му го посветувам на мојот бизнис, на водењето една институција како што е Универзитетот за туризам и менаџмент, сепак се обидувам да ја воспоставам рамнотежа секогаш кога ми дозволуваат моите работни обврски. Јас сум човек со конзервативно воспитување. Од мојот татко научив дека неделата и неделниот ручек имаат посебно значење и треба да му бидат посветени на семејството. Затоа, секој викенд претставува најинтимен момент во мојот живот, момент кога сум дома со моите најблиски, со моето семејство, со мојот внук Давид. И порано мислам дека сум кажал, Давид е една од навиките без кои не можам.

Секој празник, секој значаен датум за мене и за тие што ми значат е исто така момент кога заборавам на работата. Тоа се важните датуми на моето семејство, но и важните датуми на моите роднини и пријатели, за кои често знам да кажам дека се моето најголемо богатство. Тоа се денови посветени на нив, посебни мигови кога сум само Аце, сопруг, татко, дедо и пријател. Тие моменти се можеби оние што ме прават целосно среќен, исполнет и задоволен. Она што ми дава поттик и сила да се справам со предизвиците што неминовно ќе ги донесе следниот ден.

Многу често знам да кажам дека среќата не е азно, не е во парите. Таа е во пријателствата што сте ги формирале и што сте успеал да ги одржите во животот. Таа е во семејството, во мојот внук и во моите деца. Моите пријатели и моето семејство се мојата најдобра животна инвестиција што ме прави среќен и задоволен. Тоа се за мене вистинските вредности.

Image
Newsletter