Димитровска: Ресурсите, библиотеката, услугата за поддршка на студентите и генералната грижа за секој поединец – причини да бидете дел од Универзитетот Скопје

Дани Димитровска

Иако музиката е нејзин прв избор на изразување, музичката ѕвезда Дани Димитровска спонтано се насочила кон потрага по високо образование. Поривот потекнувал од желбата за обликување на дивиот и нескротен потенцијал. Креативноста и комуникологијата се области кон кои имала склоност уште од тинејџерска возраст. Се запишала на Универзитетот Скопје на Факултетот за меѓународен маркетинг менаџмент. Вели дека со студиите стекнала знаење за концептот на маркетинг и неговата важност на глобално ниво, но и животни искуства и пријатели.

Димитровска важи за една од најдобрите вокали во земјава, има богата кариера, албуми, безвременски хитови, настапи. Моментно е актуелна со темата и спотот за „Има љубов во нас“ со порака – љубовта е лекот без пари, со кој можеме да им ставиме крај на војните во себе.

Дани Димитровска, алумни на Факултетот за меѓународен маркетинг менаџмент на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Дани Димитровска, алумни на Факултетот за меѓународен маркетинг менаџмент на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Секој кој ќе престане да учи е стар, без разлика дали има 20 или 80 години. Оваа максима на светски успешниот бизнисмен Хенри Форд ме потсетува на Вас, бидејќи иако веќе бевте успешна како пејачка, сепак решивте да го продолжите школувањето. Кој беше мотивот да се стекне и факултетска диплома?

Мотивите по кои се водиме, не се статични, но се менуваат со возраста, созревањето, интересите и потребите. Верувам во теоријата дека сите работи секогаш се случуваат во своето вистинско време. Да се вљубиме на 20 или 50 години, да добиеме дете на 22 или 44 години, да ставиме протеза на 10 или 30 години или да запишеме студии на 19, 30 или 60 години е секогаш избор. Мој. Твој. Личен. Патот кој го одбираме да го одиме е една од најубавите работи за кои не е важно кога, но важно е да се случи.

Зошто се одлучивте да студирате токму на Универзитетот Скопје? Со што Ве привлече програмата на Факултетот за меѓународен маркетинг менаџмент?

Креативноста и комуникологијата се области кон кои имав склоност уште од тинејџерска возраст. Не знаев која ми е омилена боја, но удобно пливав во креативни изведби и комуникациски циклуси. Во галопот на мојата музичка кариера, некако спонтано се насочив кон потрага по високо образование. Поривот потекнуваше од желбата за обликување на дивиот и нескротен потенцијал. Тој септемвриски ден, вдлабочена во нивните брошури, непосредно пред самата институција, седната на клупата под големата липа на Партизанска, загледав една убава самоуверена група, облечени во исти униформи, гласни во насмевките и срдечни во исказите. Инстинктивно им пристапив, а одлуката за маркетинг стапи на сила веднаш по краткиот разговор. Луѓето се тие кои инспирираат. На луѓе се огледуваме, од луѓе учиме. 

Кои испити Ви беа најголем предизвик, а со кои тешко се носевте?

Генерално, тешкотии имав со стручните термини и потребата да ми бидат пластично објаснети, како и менаџирањето на моите музички обврски во тоа време. Трпеливоста на целиот кадар за сите мои небулозни прашања, верувајте од прва рака ви велам,  им е  доблест со големо Д. И тоа прашав – дали се учи трпеливост? Предизвик ми беше истрајноста за целиот процес.

Солистички концерт во Струмица, 2020 година.

Солистички концерт во Струмица, 2020 година.

Колку сте задоволни од кадарот, професорите, нивниот однос кон студентите? Во случајов со Вас, како реагираа со оглед на тоа што сте една од нашите најголеми музички ѕвезди?

Чувствував обострано задоволство и почит. Привилегијата да сум дел од таа целина беше моја. На иста линија со слушачите на настава и со стручниот кадар во односот и потребата од заемно разбирање за единствената цел за која сме собрани.

Благодарение на образованието, во можност сме да ги разбереме нештата кои нѐ опкружуваат, да ги објасниме различните појави, а со уписот на студиите, да ги искажеме своите интереси и да ги покажеме своите можности. Дали со дипломата од Универзитетот Скопје на Факултетот за меѓународен менаџмент го стекнавте тоа? 

Стекнав знаење за концептот на маркетинг и неговата важност на глобално ниво, за меѓународното окружување, за неговите промени, за стратегиите и нивното влијание. Стекнав животни искуства. Пријатели. Неповторливи ентитети, како единки. Непроценливи ризници на разни потенцијали,  афинитети, желби, склоности. Увидов различности и убавина во нив. Осознав за поединецот како темел на едно општество, кое може да се менува со промената во себе. Научив дека некогаш во животот победуваме, а некогаш учиме...

Маркетингот е битен сегмент од музиката, бидејќи секоја нова песна, албум, настап е производ кој треба да стигне до јавноста. Дали вештините стекнати на факултетот Ви помогнаа во тоа?

Музиката ми е прв избор за изразување. Определба за патот кој го одам. Дигиталните платформи се рај за можности во денешната музичка индустрија и нивната моќ е неоспорна. Од друга страна, музиката е емотивна вредносна компонента, која или ја чувствуваш или не. Усилениот маркетинг во промовирање песна има наметлива нишка. Верувам дека музиката и пораката од неа доаѓаат до оние луѓе подготвени за тоа. Вака или онака... Тоа онака ми е многу послатко од првото.

Снимање видео за најновата песна „Има љубов во нас“, издадена 13 јуни 2023 година.

Снимање видео за најновата песна „Има љубов во нас“, издадена 13 јуни 2023 година.

Музиката е ваша егзистенција и позната сте како голем работник. Но, дали сте  работеле и тоа за што се школувавте? Или дипломата ќе ја искористите во некое друго време?  

Дипломата ја стекнав за лична наобразба. За проширен видик и поместени граници. За искуство, доживување и подобро разбирање на нештата. За себеанализирање и откривање на возможни притоки од личниот извор.

Многу млади, по завршувањето на средното образование се наоѓаат на раскрсница, по кој пат да тргнат, им се чини дека е ризик. Зошто би им препорачале дека Универзитетот Скопје е нивни вистински избор?

Традиционалните универзитети генерално се фокусираат на академската компетентност, што секако е вредност за почит, но и базирани се на теоретски пристап, што не секогаш соодветствува со моменталната состојба на одредена индустрија. Универзитетот Скопје нуди стручна обука и практична имплементација. Ресурсите, условите, библиотеката, услугата за поддршка на студенти и генералната грижа за секој што влегол во таа институција се многубројни причини поради кои лесно се дава доверба.

Образованието нуди не само знаење од различни области и наука, туку и можност да се изградиме како личности. Стекнуваме вештини да извршуваме различни работи, да истражуваме, за да го направиме светот подобро место за живот. Тоа е Ваша интенција и во музиката. Со новата песна „Има љубов во нас“ порачавте деца целта е на ова мало парче земја да ја пронајдеме љубовта. Можеме ли и како да успееме во тоа? 

Љубовта ја имаме во себе. Љубовта е свеста и единствената причина што постоиме. Кога се губиме, насока да се пронајдеме. Има љубов во нас е повик и потсетување и за себе меѓу другото. Вистината која сјае во сите детски очи, која како што растеме, ја потрупуваме со стравови и ставови... интелектуални анализи и прагматични одговори. Љубовта е лекот без пари со кој можеме да им ставиме крај на војните во себе.

Вчера бев паметен и сакав да го менувам светот. Денеска сум мудар и се менувам себеси. Успеавте ли да ја реализирате оваа животна синтагма?

Личниот развој не е револуција, но е еволуција. Можеби сѐ уште не сум стигнала до целта, но поблиску сум до неа отколку што бев вчера.

Image
Newsletter