Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски: Пофалба за секој што заслужил, но и санкционирање на секој што заслужил

Николовски: „60 камери за царинските службеници на 5 гранични премини: Блаце, Табановце, Пелинце, Деве Баир и Белановце, за справување со коруптивни дејствија.“

Со боди-камери на униформите на службениците Царинската управа ќе ја сузбива корупцијата. Станува збор за 60 камери кои вработените ќе ги носат 12 часа на ден, за да може да се следи нивната работа. Видеоснимките ќе бидат во базите 30 дена, а потоа ќе се бришат. Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, во интервјуто за Магазинот за туризам и менаџмент вели дека ќе работи на менување на свеста на царинските службеници и ќе функционира по систем „пофалба за секој што заслужил, но и санкционирање на секој што заслужил“

Јавното мислење за вработените во Царинската управа е дека владее голема корумпираност. Како ќе успеете да ја вратите довербата во институцијата? Дали одредени решенија кои претходно беа споменати, како воведување полиграф или преку проверка на анкетни листови за имотната состојба, сметате дека ќе го реши проблемот?

Во Царинската управа работат врвни професионалци коишто секојдневно се грижат за побрз проток на легалната трговија, но и за спречување на криминалот. За тежината на  одговорноста на царинските службеници на граничните линии, зборува фактот што токму тие се грижат за олеснување на трговијата во вредност од 11 милијарди евра со останатиот дел од светот (и ова е само за периодот од јануари до јули). Притоа царинските службеници на граничните линии се тие кои се грижат за безбедноста на нашите граѓани штитејќи ги финансиските интереси на државата. За жал, во некои одредени сегменти се забележани коруптивни појави, при што во моментов работиме на конкретни механизми на нивно сузбивање. Една од овие мерки е носењето на боди-камери, за што е обезбедена донација од американска амбасада. Во прва фаза се набавуваат 60 камери за царинските службеници на 5 гранични премини Блаце, Табановце, Пелинце, Деве Баир и Белановце. Нашата интенција е во 2025 година сите царински службеници на граничните премини да бидат опремени со боди-камери. Притоа, тие ќе бидат во функција и за спречување на коруптивните појави, но и за заштита на самите царински службеници од несоодветни однесувања. Воедно за многу брзо време ќе го ставиме во функција новиот систем за видео надзор и препознавање регистарски таблички на граничните премини, а податоците од него ќе се користат при истрагите што ги води Управата, вклучувајќи ги и оние во делот на корупцијата.  Истовремено интензивно работиме на отпочнување на проектот за автоматизација на терминалите, за што ќе биде потребно време, којшто вклучува целосна замена на постојните ваги со нови дигитални ваги, како и замена на постојните рампи со нови автоматизирани рампи. Во рамки на самиот проект овој систем ќе се поврзе со системот за видео надзор, а во иднина и со останатите системи. Разговарано е податоците од истиот да може да ги гледа и МВР, а сѐ со цел заедничко делување против криминалот и корупцијата. Ова се само дел од активностите кои значително ќе придонесат за сузбивање на криминалот и корупцијата и заштита на финансиските интереси на државата.

Николовски: „Во јули остваривме рекордни приходи наплатени во еден месец во историјата од постоењето на Царинската управа, за 16,6 проценти повисоки од истиот месец минатата година.“ | Извор: Царинска управа

Николовски: „Во јули остваривме рекордни приходи наплатени во еден месец во историјата од постоењето на Царинската управа, за 16,6 проценти повисоки од истиот месец минатата година.“ | Извор: Царинска управа

Дали постои систем или одредено тело кое повремено прави истраги за начинот на работењето на вработените во Царината?

Во Царинската управа функционира сектор за професионална одговорност чија примарна задача е преку превентивно делување, да работи во функција на откривање и елиминирање на корупцијата, непрофесионалното однесување, неправилното раководење, злоупотреби и измами. Иако преку секторот досега се дејствувало согласно нивните ингеренции, сепак и тука планираме во иднина промена во насока на ефективни мерки и активности кои ќе дадат видливи резултати.

Во рамки на Кабинетот, на највисоко ниво е формиран Комитет за координација и контрола на оперативно работење чија задача е поефикасна координација на оперативното работење што подразбира и зајакната контрола на работата на царинските службеници.

Владата на чело со премиерот Мицкоски најави војна против криминалот и корупцијата. Вие добро ја познавате работата во Царинската управа. Тука сте вработен веќе 15 години. Како ќе го оцените работењето на институцијата?

Во Царинската управа работат како што кажав врвни професионалци. Нивната посветеност се огледува и во официјалните извештаи на меѓународните институции, како и во високото ниво на дигитализација и усогласеност со европското законодавство. Царинската управа отсекогаш била лидер во дигитализацијата и примена на политики кои овозможуваат забрзување на транспортот и олеснување на трговијата.

Притоа мојата цел ќе биде уште поголема професионализација преку трансформација на слабите во едни од најсилни алки на Управата. Во јули остваривме рекордни приходи наплатени во еден месец во историјата од постоењето на Царинската управа, кои беа за 16,6 проценти повисоки во однос на приходите наплатени во истиот месец минатата година. Во август, ако имаме предвид дека имавме еден работен ден помалку во однос на минатата година, исто така имаме повисока наплата на приходи. Во септември, пак, заклучно со 16-ти, споредбено со ист број денови во минатата година, имаме пораст на наплатата на приходи за 10,3 проценти. Ова кажува дека дисциплината е на високо ниво, и силно ќе се залагам ваквиот начин на работа да се задржи и во иднина. 

Притоа, потребно е и активно ќе се стремиме кон менување на свеста на царинските службеници дека секој ден треба да бидат посветени професионално и одговорно да ги завршуваат своите задачи, да ги следат законите и меѓународните договори, да се унапредуваат во работата и во применетите знаења, сѐ со цел да обезбедат поголеми приходи во Буџетот и да ги сузбијат сите форми на криминал.  Сите треба да се свесни дека ако гледаат да заобиколат процедури заради своја корист, тоа оди на штета на сите нас, и тоа нема да биде толерирано. Нашата цел е градење капацитети кои ќе обезбедат стабилни приходи во Буџетот. Затоа мора сите ние да работиме на менување на свеста и градење доверба во системот.  

Најавите ревизија за работењето на Царината во изминатите години. Дали е веќе почната постапката и што очекувате дека ќе покаже извештајот?

Уште од првиот ден кога стапив на функција директор на Царинска управа, побарав детални извештаи од сите раководни лица на секторите на управата и од управниците на граничните премини. Ревизијата покажа и силни резултати, но имаше и извештаи во кои не видов дека конкретните активности и проекти ќе ги дадат ветените резултати, и тука дефинитивно ќе се залагаме за менување на свеста за поголеми заложби, не само во рамки на Царинската управа туку и кај сите институции кои се вклучени во процесот, сѐ со цел она што сме го ветиле да биде испорачано како краен резултат. 

Целта е олеснување на легалната трговија, забрзување на транспортот, спроведување на реформски политики што за бизнис заедницата ќе значи зголемување на конкурентноста.

Николовски: „Економската трансформација бара заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување стабилни приходи во Буџетот.“ | Извор: Царинска управа

Николовски: „Економската трансформација бара заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување стабилни приходи во Буџетот.“ | Извор: Царинска управа

Како нов директор на управата, кои измени планирате да ги направите? 

Со личен пример сакам да покажам дека е потребен многу поголем искрен ангажман. Ќе работиме на менување на свеста на царинските службеници и ќе функционираме по систем „пофалба за секој што заслужил, но и санкционирање на секој што заслужил“. 

Колку се приспособени македонските закони на европското законодавство?

Царинската управа е силно посветена на процесот на пристапување во ЕУ и тоа е нотирано во извештајот за напредокот на земјата, каде што e забележана висока усогласеност на царинското законодавство со законодавството на ЕУ. Во моментов Царинската управа и Министерството за финансии интензивно работат на новиот царински закон кој ќе биде целосно усогласен со новиот Царински законик на Унијата.

Усогласување на законодавството и постапките е од круцијално значење, но, имајќи предвид дека работите не се сведуваат само на пишаното законодавство, потребна е натамошна хармонизација на постапките и посветено делување во доменот на имплементација и надградба на ИТ-системите.

Економската трансформација бара заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување стабилни приходи во Буџетот, што ќе се овозможи преку зајакнување на капацитетите на Царинската управа преку имплементација на напредни технологии, но и инвестирање во човечки ресурси кои ќе можат да ги искористат предностите на овие технологии. 

Николовски: „Олеснување на легалната трговија, забрзување на транспортот, спроведување реформски политики, што ќе значи зголемување на конкурентноста за бизнис-заедницата.“ | Извор: Царинска управа

Николовски: „Олеснување на легалната трговија, забрзување на транспортот, спроведување реформски политики, што ќе значи зголемување на конкурентноста за бизнис-заедницата.“ | Извор: Царинска управа

Колку постојните закони се од полза за македонските компании?

Дали го олеснува дигитализацијата работењето на институциите? Со која институција воспоставивте соработка досега?  

Во моментов работиме на унапредување на партнерските односи со бизнис заедницата при што на редовна основа ќе имаме заеднички настани и консултации кои треба да резултираат со унапредување на мерките и активностите кои треба да бидат видливи преку зголемување на одлуките за проширување на постојните инвестиции, но и привлекување нови инвестиции, зголемен извоз, и крајно повисоки стапки на раст.
Од аспект на воспоставените соработки остварени се повеќе средби со институции при што во моментов со Агенцијата за храна и ветеринарство на пример работиме на усогласување на смените, со УЈП имаме одлична соработка, со Државен завод за статистика при што договорено електронска размена на податоци за надворешна трговија, чиј сет на податоци е многу важен како на државно ниво од аспект на креирање ефективни трговски политики, така и од аспект на истражување на пазарот и дефинирање на корпоративни стратегии. Со Бирото за јавна безбедност работиме на нов Протокол за соработка и унапредување на соработката со цел заедничко делување за сузбивање на криминалот и корупцијата. Од аспект на државните интереси за жестока борба со криминалот, следење на текот на парите особено во делот на меѓународните трансакции е клучно, и тука во овој дел веќе остварив средба со гувернерката на Народна банка. Размената на податоци и нивно мечирање со УЈП, Народна банка, но и Управата за финансиско разузнавање е многу важно за целосно сузбивање на криминалот. 

Поставивме амбициозна агенда на чие спроведување веќе активно работиме бидејќи Македонија од нас очекуваат враќање на достоинството и подобри услови за живот.

 Колку често ги посетувате македонските природни убавини и културно-историските споменици?

Сѐ помалку време имам за посета на македонските природни убавини, но секој можен момент го посветувам на посета на преубавите манастири во Македонија, кои се едни од местата каде што човек може да купи духовен мир и како верник и христијанин да му се помоли на Бога. 

Image
Newsletter