„Оваа власт не се потпира на легитимитет од граѓаните. Оваа власт се потпира на други постулати“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент Илија Димовски, политичар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Изјавите за македонскиот јазик, според него, ја загрозуваат научната вистина и се на ниво на криминал.
Помина уште еден, според процената на експертската јавност, „непристоен предлог“, овој пат во полза на Бугарија. Иако, македонскиот премиер Димитар Ковачевски неодамна, токму од говорницата на самитот во Брисел, порача дека е предлогот неприфатлив за Македонија, многу брзо го промени ставот и ја убедуваше македонската јавност дека ќе ја однесе земјата на европски пат. Заклучоци во врска со предлогот набрзина беа изгласани и во македонскиот Парламент. Колку ги запази македонската Влада законските регулативи за да испрати „вештачки“ задоволителен одговор кон ЕК?
Суштинскиот одговор на ова прашање е дали воопшто застапуваат и спроведуваат и Владата на Република Македонија и Собранието политики што имаат легитимитет и поддршка од мнозинството граѓани, бидејќи власта постои заради граѓаните, а не заради самата себе. Со оглед на очигледниот факт дека власта донесува одлуки спротивни на интересот и на убедувањата на граѓаните, логично е и да заклучиме дека иако таквите одлуки имаат привиден и формален легалитет, немаат легитимитет. Жално е да се гледа како власта се обидува да им удоволи на сите и на сечии интереси и желби, освен на оние на граѓаните. Тоа е неодговорно и создава длабоки поделби во општеството. Веќе е сосема јасно дека која било изјава на премиер, претседател на држава или друг претставник на власта нема никаква реална тежина бидејќи таквата изјава се менува за неколку дена во зависност од потребата и од очекувањата на другите фактори околу нас.
Премиерот веднаш по гласањето во македонскиот Парламент, беше во Брисел, каде што од говорницата на Европскиот совет порача дека зборува на македонски јазик. Дали очекувате дека навистина јазикот ќе биде впишан како „македонски“ или ќе остане „јазикот што го зборуваат граѓаните на земјата“?
За мене се проблематични двете еднострани изјави за јазикот, и онаа на Бугарија и онаа на Македонија, како и воопшто политичката потреба на Европската Унија да побара, да ги прими, да ги нотира и да ги внесе двете еднострани изјави за македонскиот јазик во записникот на Европскиот совет. Тоа прв пат се случува за чиј било јазик на која било држава. Базирајќи се на јасните прокламирани позиции на нашите соседи околу самобитноста на македонскиот народ и континуитетот на македонскиот јазик, а кои се негативни, но и на непринципиелните компромиси што континуирано се промовираат од некои големи сили, воопшто не можам, а и не смееме да бидеме комотни околу признавањето и прифаќањето на македонскиот јазик во рамки на Европската Унија.
Од друга страна, двете изјави ги загрозуваат научната вистина и фактите утврдени децении и децении наназад за просторниот и за временски опфат на македонскиот јазик. За жал, изјавата за македонскиот јазик од страна на македонското МНР е на ниво на криминал и на ниво на геноцидна паранаука. Таквата изјава не смееше да се случи, ниту по својата содржина ниту по својата форма. Ако треба да одговорам кратко, да, вознемирен сум и за ова прашање не можам да верувам во тврдењата на власта.
Дали претходно употребата на „Северомакедонци“ од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, беше намерна или ненамерна грешка? Македонскиот министер за надворешни работи Османи уверуваше дека Макрон направил ненамерна грешка.
Повеќе не е прашање дали биле намерна или ненамерна грешка, и онаа на претседателот Макрон, но и десетици други такви изјави, написи и оспорувања за нашиот народ, држава, јазик или некоја друга основна карактеристика, од страна на десетици други политичари, медиуми, институции низ Европа. Прашањето е дали нашите медиуми, народ и државни институции се спремни да се соочат со директните и со индиректните последици од потпишувањето на Преспанскиот договор така како што беше потпишан. Јас не сум изненаден, не очекувам претседателот на француската република да се грижи повеќе за македонскиот идентитет од претседателот на Република Македонија. Повеќе се грижам за молкот на интелектуалната јавност и за клиентелизмот на политичката елита бидејќи кога се усвојуваше Преспанскиот договор, молкот беше громогласен, а многу наши паметни глави не успеаја да видат каде ќе не одведе содржината на тој договор. Овој проблем што денес го имаме со Бугарија е само природен тек на настаните. Да не се случеше Преспа, немаше ни ова со Бугарија да го гледаме денес, но штом се случија двете работи, треба да бидеме свесни дека ќе има и иден развој на контекстот околу нас што ќе се движи по линијата на векторите исцртани во Преспа и во договорот со Бугарија.
Покрај македонскиот јазик, кои се другите штетни точки во францускиот предлог?
Сериозно проблематично е внесувањето на билатералните прашања и на проблемите што ги има Македонија со соседна Бугарија, но уште попроблематично е што станува збор за проблеми што се ирационални, емотивни и историски, проблеми што навлегуваат длабоко во приватниот и интимен простор на секој човек индивидуално, односно во човековото право на самоспознавање. За да не биде сѐ толку едноставно, Македонија, пак, со потпишување на Протоколот со Бугарија, прифати сите тие набројани обврски кон Република Бугарија да бидат паралелниот процес на преговарање со Европската Унија. Какви и успеси да има нашата држава на патот кон ЕУ, ако не ги исполнува обврските од Протоколот со Бугарија, ќе добива вето, па така, ние како држава ќе мора да ја реформираме, на пример, државната управа, но ако не прифатиме дека Илинденското востание има и бугарски карактер, под овие услови, никогаш нема да станеме членка на Европската Унија. Сѐ на сѐ, катастрофални последици од неспособното водење на надворешната политика.
Македонија и Бугарија објавија еднострани изјави на своите земји што беа приложени на Првата меѓувладина конференција со Европската Унија. Во македонската, меѓу другото, се тврди дека македонскиот јазик постои од 1945 година. Редица доктори на науки, магистри и професори, побараа од власта да ја повлече изјавата што е, како што велат, „погубна“ за Македонија и за нејзините идни генерации. Дали и колку носат штета двете изјави за македонскиот народ?
Како што кажав, воопшто нејасна е потребата да има две изјави што ќе се внесат во записниците на Европската Унија. Зошто прима Европската Унија такви изјави ако е за нејзе затворено прашање и потврден факт постоењето на македонскиот јазик? Од друга страна, исто толку проблематична е и содржината на двете изјави. За жал, наместо македонската изјава да ги позиционира научните сознанија за македонскиот јазик и неговиот просторен и временски континуитет, таа политички стана комплементарна на бугарската изјава. Македонскиот јазик е постар од македонската држава и тој се зборува на поширок простор од државата Република Македонија. Тоа, за жал, никаде не го пишува во нашата изјава, напротив нашата изјава кокетира со бугарската позиција за македонскиот јазик.
Илија Димовски, политичар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ
Незадоволството од страна на граѓаните беше демонстрирано на слободни протести на улиците. Но, и покрај гласното „НЕ“, сепак владината коалиција не ги послуша граѓаните. Дали нема гласот на народот доволно сила или власта си донесе одлука насила?
Оваа власт не се потпира на легитимитет од граѓаните. Оваа власт се потпира на други постулати. За оваа власт е побитна трговијата со ДУИ, побитен е државниот апарат во судството и во обвинителството, побитни се полицијата, бизнисите со подземјето, наметнувањето страв кај граѓаните, побитна е трговијата со пратеници. Тоа се темелите на одржување на оваа власт. Тие луѓе така ја разбираат политиката, за нив граѓанското „НЕ“ воопшто не е значајно. Колку побрзо ќе се соочиме со тој факт и со неговата суровост, толку подобро ќе биде за граѓаните. Гласот на народот ќе има доволно сила во моментот кога ќе ги срушиме темелите на кои се потпира оваа власт, сето друго е само последица.
Дали може да се поправи штетата која ѝ е нанесена на Македонија?
Суверено право на државите од една страна, но и меѓународно утврдено право од друга, е борбата за зачувување на основните човекови права во делот на самоопределувањето, самоспознанието и правото на национална, културна, јазична и историска самоидентификација. Ние живееме во време во кое сето тоа ни се спори, но ни се спори врз база на агресивна политика на соседите, изгубени вредности во меѓународните односи како последица на конфликтите низ Европа, но и како последица на нарушениот легитимитет на домашната владејачка елита. Сите тие работи се циклични и променливи. Ќе ја изгубиме оваа војна и ќе можеме да кажеме дека штетите се непоправливи само и само ако се откажеме. Не велам дека ќе биде лесно, не велам и дека ќе биде брзо бидејќи штетите се огромни, но со упорна, мудра и паметна работа, возможно е да се реституираат човековите права и државноста на Република Македонија.
Сумирано, што добивме во изминатата година од преговорите за влезе во Унијата?
Ништо не сме добиле освен некаква посветеност и насоченост кон таа цел. Македонија во минатата година не беше држава со подобар здравствен систем, напротив. Македонија не беше држава во која има подобар образовен систем, напротив. Македонија во таа мината година немаше подобра полиција, судство и државна управа. Македонија немаше подобра инфраструктура, немаше повеќе странски инвестиции ниту подобар стандард за граѓаните.
Ние мораме да се разбудиме од сонот и од занесеноста дека некој друг ќе дојде и дека во наш интерес и за наши потреби ќе ни создаде или ќе ни направи подобра, поефикасна, поуспешна држава. Такво нешто ниту имало ниту ќе има во историјата на човештвото. Или сами ќе си направиме подобри услови или секогаш ќе бидеме предмет во односите помеѓу другите држави.
Во ЕУ треба да влеземе, но не треба да очекуваме дека ЕУ ќе ни ги поправи катастрофите во нашето општество, систем и држава.
Што очекувате на политички план од септември? Колку се извесни предвремени парламентарни избори во следниот период?
Да бевме држава во која власта, за да биде власт, ќе мора да има потпора и легитимитет кај граѓаните, веќе до сега ќе имавме предвремени избори. Кај нас, власта ја црпи моќта од други прашања и односи, кои не се ниту демократски ниту принципиелни. Затоа опозицијата ќе мора да пронајде начин и одговор за таквите предизвици. Власта сама нема да си оди. Таа мора да биде срушена и сменета. За тоа има поддршка од граѓаните, и верувам дека ќе се случи многу скоро. Но, да предупредам врз база на искуство од претходната промена на власта во Македонија, колку повеќе се одложува јасниот факт за потреба од смена на власта, толку таа смена подоцна е потешка и остава подлабоки последици.
Голем дел од граѓаните се сомневаат во одлуката на опозицијата и на други поединци од помалите партии да не гласаат воопшто наместо да гласаат против францускиот предлог во македонскиот Парламент. Дали може да ни објасните што постигна опозицијата со изјавите заверени на нотар со кои нејзините парламентарци се обврзаа да не гласаат?
Во суштина, опозицијата не даде легитимитет на тоа гласање од две причини. Првата причина е тоа што таквата одлука е штетна и катастрофална за македонскиот народ. Втората причина е тоа што таквата одлука не е во надлежност на Собранието на Република Македонија, а неговото инволвирање беше само прокламација на слабост и на недостиг од самодоверба во одлуката што ја донесе Владата подоцна. Јас верувам дека пратениците во Собранието нема да донесат измени на Уставот на Република Македонија под овие услови и уцени и дека целиот пакет на билатерални проблеми со Бугарија има начин и можност да не биде дел од нашата европска интегративна патека.
Колку често остварувате средби со странски претставници и дали може да дадете процена колку има Македонија вистинска поддршка од другите земји во светот?
Сѐ уште и на оваа тема нашата политичка елита и дел од општеството живеат во некаква фикција и фантазија. Да разјасниме, странските претставници имаат свои држави чии интереси ги застапуваат и работат за нив. Секој минимален интерес на нивната држава има поголем приоритет од било кој грамаден интерес на нашата држава. Да, постојат партнерства, соработка и разбирање, но на крај на денот, секој се грижи прво за својата држава и за својата фамилија, па потоа за сите други, но по редослед повторно утврден врз база на своите интереси. Нам никој нема да ни го заштити јазикот ако го касапиме ние самите со онаква изјава, нам никој нема да ни го заштити идентитетот ако сме прифатиле самите „севернизација“, нам никој нема да ни ја заштити историјата ако дава нашиот Претседател незрели изјави за нашите национални херои. Политиката е сурова, а меѓународната политика уште повеќе. Она што нам ни фали во нашиот државен врв е многу патриотизам и уште повеќе знаење, кои очигледно ги нема.
Дали македонскиот народ е всушност навистина европски? Дали се вклопуваме во целата слика на Европската Унија?
Македонија е дел од Европа. Македонскиот народ е европски народ. Околу тоа не смее да има ниту дилеми ниту спор. Но друго е прашањето дали ги задржала сѐ уште Европската Унија вистинските европски вредности повлекувајќи се пред националистичките налети на некои свои држави-членки. Европа не е монолитен конгломерат, Европа е богатство од различности и само така може да опстане. Секој друг политички, културен или јазичен поход што нема да се базира на почитување на различностите и на почитување на основните човекови права, за Европа ќе е лош. Толерирањето што го покажа Европа кон националистичките и големодржавни апетити за нас е разочарувачки, но тоа нема да нѐ измести од патеката за остварување на нашите интереси. Нашата цел е силна и успешна македонска држава со свои права и одговорности. Ако бидеме таква држава, ќе станеме дел од Европа, во спротивно, како денес, ќе бидеме само објект за поткусурување на туѓите интереси на Балканот.