„Во туризмот немаме успех бидејќи не се вклучени во изработката на стратегијата за македонскиот туризам личности како што е ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р. Аце Миленковски, кој не само што е експерт по тоа прашање, туку има одлична репутација и конекција со челните луѓе на Светската туристичка организација со седиште во Мадрид. Во тој контекст, неговата визија за верскиот туризам, како едно од најатрактивните полиња за македонска туристичка афирмација, може да биде една од клучните алки во градењето на нашиот туристички синџир“, вели Ѓорчев.
Амбасадор, министер, политичар, одличен познавач на состојбите во Македонија и во регионот. Марјан Ѓорчев пред две години се врати во ВМРО-ДПМНЕ како стратешки партнер на лидерот Мицкоски и советник на Извршниот комитет. Во интервју за „Магазинот за туризам и менаџмент“, Ѓорчев зборува за актуелните политики, иднината на Македонија и за тоа како Македонија да го развие верскиот туризам.
Господине Ѓорчев како поранешен амбасадор, политичар и познавач на состојбите дома, како ја оценувате моменталната власт во Македонија и неуспехот што го доживува државата на секое поле – дипломатско, национално, економско?
Политичкото насилие на „Шарената револуција“ во 2015 и во 2016 година го наруши демократскиот ред и поредок во државата. За волја на вистината, елитизмот, непотизмот и клиентелизмот на државното раководство во периодот 2009 – 2014 година, создаде поволен амбиент за дејствување на агентурските артерии од странски разузнавачки служби, потпомогнати од добро платените македонски приврзаници на глобализмот (т.н. „соросоиди“). Тоа резултираше со манифестација на синдромите „Викиликс и Сноуден“ во нашата држава и со разградување на безбедносниот систем. Новоизбраното политичко раководство за период од шест години, од своето доаѓање на власт на 31 мај 2017 година до денес, успеа со неодговорна, непринципиелна, несиметрична и ад хок политика на меѓународен план, да ја обезличи македонската држава и да ги проблематизира сите национални државнички атрибути – име, национален идентитет и јазик. Двата билатерални договора со Р. Бугарија и со Р. Грција во 2017 и во 2018 година беа потпишани без широка општествена дебата и консултација со македонскиот народ, а неуспешниот Референдум за промена на уставното име на државата, одржан на 30 септември 2018 година, беше прикажан како консултативен, иако во македонскиот устав е таксативно набележано дека позитивно референдумско изјаснување на македонските граѓани за основните државнички атрибути е задолжително! Сиот овој македонски дебакл на меѓународен план, заедно со економскиот и со енергетски колапс, како и со порастот на социјалната исклучивост на македонските граѓани (над 30 отсто), ја подведуваат македонската држава во редот на економски слабо развиени држави, со низок степен на демократија, висок степен на криминал и корупција, негативна стапка на природен раст и депопулација, ниска политичка култура и ерозија на социјалниот капитал.
Она што е најактуелно е дека ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека нема да учествува во работната група за уставни промени. Но, покрај вашата партија и други партии нема да учествуваат во оваа група. Има ли легитимитет ова тело ако се знае дека нема поддршка во Собранието ни да се отвори Уставот а камоли да се прејде на измени?
Во Уставот на Р. Македонија е точно предвидено како се пристапува кон изготвување на амандмани за негова промена. Комисијата за уставни прашања во македонското Собрание поднесува предлог за изгласување на потребата од промена на Уставот и на пленарна седница пратениците со двотретинско мнозинство решаваат дали се прифаќа или се одбива предлогот за изготвување на уставни амандмани. Актуелната владина коалиција којашто немаше спроведено консултации со македонската опозиција и без обезбедено двотретинско мнозинство, неодговорно и недопуштено се одлучи да го прифати Францускиот предлог за промена на македонскиот Устав, со впишување на македонските граѓани со бугарска самосвест во преамбулата на Уставот. Оттука, ставот на ВМРО-ДПМНЕ и на другите опозициони партии во Собранието, за неучествување во „измислени“, задоцнети и непотребни работни групи од страна на коалицијата СДСМ-ДУИ е принципиелен, а повикувањето на одговорност за владејачката политичка номенклатура поради „бегање“ од предвремени избори и кочење на нашиот европски пат, е со целосен легитимитет.
ВМРО-ДПМНЕ изненади со тоа што се изјасни дека прифаќа уставни измени по хрватски модел, но власта како да ретерира и сега вели дека треба да се најде модел кој одговара на политичката слика во Македонија. Имате ли впечаток дека албанските партии, но и СДСМ, сакаат од хрватскиот Устав да го земат она што им одговара, а тоа е набројувањето на сите малцинства во Уставот, додека делот дека хрватскиот народ, во нашиот случај македонскиот е носител на државноста сакаат да го игнорираат?
Од мој агол на гледање, асномскиот концепт на македонскиот устав како и Уставот на СРМ од 1974 година, се идентични со преамбулата на Хрватскиот устав. Јас лично, го подржувам тој уставотворен концепт. Меѓутоа, неучествувањето на Албанците во изгласувањето на Уставот во 1992 година, како и разликите помеѓу политичките партии во определбата за национален или граѓански Устав, на конзистентен начин го проблематизираа националниот карактер на првиот Устав на независна и суверена Р. Македонија. Подоцна, осумнаесетте амандмани на Уставот во 2001 година (последица од Рамковниот договор), како и „касапењето“ на Преамбулата на Уставот со инкорпорирање на четирите амандмани од Преспанскиот договор во 2018 година, ја потенцираа „хибридноста“ на поимната и толковна димензија на Уставот. Во таа смисла, натамошните интервенции во Преамбулата на Уставот, без вистинска општествена дебата каков Устав им е потребен на македонските граѓани, ќе внесат нови недоуменија и празен простор за нови глобалистички, национал-шовинистички и популистички уставни интерпретации внатре во државата, но и надвор од неа.
Сметате ли дека дури и да се донесат уставните промени, тоа нема да биде последно барање на Бугарија? Амбасадорот на Франција во Бугарија веќе најавува дека покрај Уставот, Македонија ќе мора да ги промени и учебниците?
Кој добро ја простудирал Француската преговарачка рамка е сосема на чисто дека клучен проблем не е впишувањето на бугарската малцинска заедница во Преамбулата на Уставот. Вистински проблем е обврската на македонската влада во Преговарачката рамка да потпишува едногодишни протоколи со Р. Бугарија, со што се обврзува на политичка интерпретација на категоријата „заедничка историја“, туторство од бугарска страна за нашиот образовен процес и учебните помагала, заеднички чествувања на историски ликови, настани и востанија, кои никако не може да се подведат под поимот „заедништво“. Како може Илинденското востание да е заедничко?! Или како може Гоце Делчев да се чествува заеднички?! Во ред е секоја држава да си ги слави историските ликови и настани според својот историски наратив. И толку! Да не зборуваме за несиметријата при толкување на категоријата „мешање во внатрешните работи“ на едната или другата држава. Р. Македонија е во апсолутно подредена ситуација и не смее ниту да праша, а не да се бори за правата на бугарските граѓани со македонска самосвест! Од друга страна, Р. Бугарија ги има сите права да отвара здруженија, клубови, политички партии и да ги финансира истите со државни пари?! Истата несиметрија суштествува и при отворање на архивите за злоделата во време на социјалистичкиот период во двете држави. Од Р. Македонија постојано ќе се бара да го објави злоставувањето на Бугарите во Македонија, а Р. Бугарија и понатаму ќе продолжи да ги крие злоделата во период 1958 – 1989 година кон Македонците во Бугарија. За говорот на омраза нема потреба ниту да се спомене. Ние, Македонците ќе мора да внимаваме и на мравка да не згазнеме кога е во прашање дури и самиот поим Бугарин. А Бугарите...?! Да не се залажуваме, внесувањето на Бугарите во Уставот е само врвот на ледениот брег што се заканува со историски ревизионизам и бришење на колективната меморија на Македонците, со цел за нивно превоспитување по бугарска матрица!
Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор и министер.
Бевте амбасадор во Бугарија и добро ги знаете случувањата таму. Што ќе се случува таму, ќе се избере ли нова Влада и што ќе се промени во односите со Македонија? Се чини дека нема голема разлика кој е на власт во Софија и дека политиката кон нашата земја е државна политика која не зависи многу од тоа кој е моментално на власт.
Односот на Р. Бугарија кон т.н. „македонско прашање“ е фундиран веднаш по обединувањето на Кнежеството Бугарија со Источна Румелија (Тракија) во 1885 година. Од 1886 година до денес, бугарската политика кон Македонија како историско-географски регион, држава, нација и јазик е непроменет. Јас сум длабоко разочаран од фактот дека и оваа генерација бугарски политичари, интелектуалци, академици, но и севкупното јавно мнение, немаат сила во блиска иднина да го променат својот стереотип за Македонија како „втора бугарска држава“ и за Македонците како „вештачка нација што е продукт на Коминтерната“. Морам да споменам дека во Р. Бугарија има и вистински пријатели на Македонија и на Македонците! За жал, сѐ уште се во малцински број, иако јас верувам дека тој постепено, но сигурно ќе расте! Имам право барем да се надевам на тоа!
Дали најпрво со Договорот за добрососедство, а потоа и со Францускиот предлог, Македонија во Бугарија доби втора Грција, со што нема ни да ги започне, а камоли да влезе во ЕУ додека во целост не ги исполни сите барања на Софија?
Патот на Р. Македонија кон ЕУ не e ниту преку Софија, ниту преку Атина. Тоа беше наша колективна заблуда. Ниту Грција, ниту Бугарија се нашите локомотиви што ќе го влечат нашиот македонски воз кон Брисел. Нам ни е потребна македонска локомотива, ама за тоа треба прво да изградиме современа европска железничка пруга! Кога така ќе им кажеме на европските челници во Брисел, конечно ќе се ослободиме од догмата на зависност од нашите соседи. Европскиот пат е само наша домашна задача. Се разбира, доколку македонските граѓани и понатаму тоа го посакуваат!
Вие сте и поранешен министер за земјоделство. Како ги оценувате состојбите во овој сектор, кој е многу потценет, а сепак еден од најважните сектори за една земја. Сведоци сме низ годините наназад дека има намалување на земјоделското производство во секое можно поле и зголемување на увозот на храна?
Знаете, има една стара македонска изрека: „Во Македонија ќе ти простат за сѐ, но успехот никогаш нема да ти го простат”! Ако си обичен, тих, скромен човек, а не си чаламџија, фалбаџија, бабаит-јунак на зборови, ретко некој ќе те забележи или ќе те вреднува на вистинскиот начин. Така како што треба, според заслугите! Е па јас сум од тие што никогаш не удирав на таламбаси дека во преговорите со ЕУ што траат веќе 22 години, само нашиот Агро-код е дел од европскиот Агро-код, и тоа уште од мај 2004 година! Тогаш сите земји-членки на Унијата за период од две години го ратификуваа тоа што го постигнавме во периодот 1999 – 2002 година. На што се должеше тој успех. Пред сѐ, на тимска работа, на поддршката од Брисел и почитувањето на европските стандарди. Не баравме привилегии ниту прифаќавме статус на аутсајдери. Си ја завршивме домашната задача токму така како што требаше и сите македонски свежи, замрзнати, дехидрирани и конзервирани производи, освен квотните режими за вино, сирење и риба, се извезуваат веќе 19 години слободно во ЕУ, без царина и контингенти, со само 1 отсто царинска евидентна такса. Ги воведовме субвенциите на голема врата во македонскиот агрокомплекс. Зошто никој за тоа не зборува, мене ми е совршено јасно. Исто како што ми е совршено јасно зошто никој не ме поканил за дискусија како да го искористиме тој огромен потенцијал што го има нашето земјоделство. За тоа, во некој друг разговор може да зборуваме со часови.
Земјава уназадува и на економски план. Нови инвестиции нема, ниту промени како да се привлечат странски гости. Потребна ли е стратегија за туризмот и што мислите за верски туризам?
Од почетокот на деведесеттите години, странските директни инвестиции се основниот замаец за економскиот раст на сите суверени економии. Р. Македонија во едицијата на Светска банка „Doing business“ за 2015 година беше рангирана на деветто место по условите за бизнис и за претприемништво. Главно тоа се должеше на условите за инвестиции во технолошко-индустриските зони. Над седумдесет отсто од денешниот наш извоз се реализира во тие зони. Меѓутоа, во туризмот немаме таков успех. Тоа се должи, меѓу другото, што не се вклучени во изработката на стратегијата за македонскиот туризам личности како што е ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р. Аце Миленковски, кој не само што е експерт по тоа прашање, туку има одлична репутација и конекција со челните луѓе на Светската туристичка организација со седиште во Мадрид. Во тој контекст, неговата визија за верскиот туризам, како едно од најатрактивните полиња за македонска туристичка афирмација, може да биде една од клучните алки во градењето на нашиот туристички синџир!
Пред две години се вративте во ВМРО-ДПМНЕ како стратешки партнер на лидерот Мицкоски и советник на ИК. Која беше целта и колку успеавте да влијаете на позитивни промени?
За секоја работа во животот има време и место. Едноставно, по толку години поминати како член на ВМРО-ДПМНЕ, природно беше сиот тој минат труд, мисла, збор, опит и практика да бидат функционално искористен како совет, тогаш кога има потреба за тоа. Ме радува што актуелното раководство на Партијата, пред сѐ, претседателот на Партијата, проф. д-р. Христијан Мицковски, тоа го препозна како можност за соработка, особено во услови кога јас немам никаква друга цел освен да помогнам толку колку што умеам и знам. Знаете, голема работа е кога не се оптоварувате со никакви лични амбиции, а сте посветени на успехот на една идеја, за која верувате дека е вистинската надеж, можност и перспектива за Македонија. Впрочем, тоа е долг и кон моите деца, затоа што тие живеат и работат во мојата татковина.
Во ВМРО-ДПМНЕ сте практично од самото формирање и добро ги знаете случувањата. Бевте најсериозен кандидат за претседател на партијата кога Љубчо Георгиевски се повлече. Сметате ли дека ако бевте избран, ќе беа поинакви работите и во партијата и во државата?
Никогаш не се оптоварувам со тоа прашање. Јас сум по природа фаталист, верувам во судбината. Така требало да биде. Горд сум на поддршката на голем број луѓе од Партијата, со коишто и денес контактирам. Истовремено, имам и огромно чувство на одговорност кон тие луѓе, затоа што застанувајќи зад мене, тие си ги загрозија своите политички, но и професионални кариери. Знаете, политиката е немилосрдна. Ретки се тие луѓе што излегуваат од политиката како обични луѓе кои ја преживеале „пластичната операција именувана како политичка власт“, кои живеат едноставен, секојдневен живот и не ги забораваат своите пријатели. Се радувам кога гледам дека некои од моите долгогодишни истомисленици, соработници и пријатели, чекорат по патот на успехот. Тогаш се чувствувам навистина горд. Како да сум и јас дел од тој успех!
Ѓорчев со светскиот шаховски шампион, Анатолиј Карпов.
И за крај, да Ве прашаме, останува ли време за вашата голема љубов. Знаете ли да одиграте некоја партија шах?
Компјутерите нѐ оддалечија од шаховската оригиналност. Компјутерските шаховски програми имаат готови софтверски решенија за отворањето, средишницата, завршницата. Се е однапред познато, нема веќе човечка креативност. Единствено дружбата со легендата на македонскиот шах, велемајсторот Трајче Недев, и посетата на неговата шаховска школа во Неготино, ми претставуваат натприродна и единствена врска со шаховската игра.