Ѓорѓиевски: Запоставеното и обесхрабрено Скопје ќе стане горд град и европска метропола

Ѓорѓиевски: Запоставеното и обесхрабрено Скопје ќе стане горд град и европска метропола

Подобра инфраструктура и повеќе зелени површини. Годинава ќе се случи вистинска преродба во Град Скопје, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Од запоставено и обесхрабрено Скопје ќе се изгради достоинствен, уреден и горд град кој граѓаните повторно ќе го чувствуваат како свој, повторно горд и достоинствен, и како таков да биде оставен на генерациите што доаѓаат потоа.

„Градот Скопје, а со тоа и мене како градоначалник, нè очекува една од најпредизвикувачките, но и најважните години досега. Пред нас е јасна задача – целосен фокус на граѓаните и бескомпромисно исполнување на сето она што го ветивме. Нема импровизации, нема изговори. Капиталните проекти што ќе го олеснат секојдневието на скопјани се наш приоритет број еден.

Особен акцент ставаме на подобрувањето на инфраструктурата, но и на враќањето на кондицијата и целосниот капацитет на јавните претпријатија. Тука веќе можам со одговорност да кажам дека работите драстично се сменија. Кога ја презедов функцијата, затекнавме колабирани јавни претпријатија, вработени без плата, систем кој не функционираше. Денес, тоа е минато. Претпријатијата функционираат, редот е воспоставен, а оваа година следува уште поголема модернизација – од обновување на возните паркови до зголемување на ефикасноста и квалитетот на услугите“, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски: „Не е нормално во 21 век да дебатираме дали се собира ѓубре – тоа треба да биде рутина, а не вест.“

Ѓорѓиевски: „Не е нормално во 21 век да дебатираме дали се собира ѓубре – тоа треба да биде рутина, а не вест.“

Потенцира дека со сериозни и визионерски проекти градот ќе може рамноправно да застане рамо до рамо со европските метрополи.

„Скопје буквално тонеше во ѓубре. Затекнавме едвај десетина исправни камиони за собирање смет, бројка која не може да опслужи ниту една општина, а не цел град. Без одлагање се зафативме за работа и денес имаме околу педесет функционални возила. Тоа значи дека еден од најгорливите проблеми што со години ги мачеше скопјани, оди во историјата.

Искрено, не е нормално во 21 век да дебатираме дали се собира ѓубре – тоа треба да биде рутина, а не вест. Затоа, оваа година сакаме и ќе зборуваме за големи, сериозни и визионерски проекти. Проекти со кои од едно запоставено и обесхрабрено Скопје ќе изградиме достоинствен, уреден и горд град што ќе може рамноправно да застане рамо до рамо со европските метрополи“, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Граѓаните заслужуваат јасни одговори и видливи резултати. А еден од поголемите проекти кои ги најавува Ѓорѓиевски е изградбата на лунапаркот, за кој јавната набавка веќе е во тек. И по повеќе од една деценија, ќе се создаде простор каде што скопјани, најмладите, ќе можат да уживаат во содржини достојни за еден модерен европски град. Тој ќе се простира на површина од 84.000 квадратни метри и ќе понуди театар на отворено, панорамско тркало, пиратски бродови и низа други атракции кои, покрај семејна забава, се очекува да привлечат и голем број туристи.

„Паралелно со тоа, сериозен фокус ставаме и на патната инфраструктура, која е клучна за секојдневниот живот на граѓаните. Во тек е процесот со кој треба да се започне изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, се бележи значителен напредок на булеварот ‘Љубљанска’, а интензивно се работи и на клучката Момин Поток, проект кој подолг период беше закочен поради нерешени имотноправни односи. Во периодот што следува ќе пристапиме и кон реконструкција на улиците ‘Бутелска’ и ‘Радишанска’, како и на други сообраќајни артерии од суштинско значење за протокот и безбедноста во градот.

Во буџетот веќе се предвидени развојни програми за проширување на капацитетите на ЈП ‘Лајка’, вложувања во заштита и уредување на културното наследство, како и сериозни инвестиции во јавното зеленило.

Мојата визија за годината што доаѓа е јасна, искрена и приземна, скопјани да видат и да почувствуваат конкретни резултати на терен. Не декларации, не флоскули и не изговори, туку реални промени што директно го подобруваат секојдневието. Со таа визија излегов пред граѓаните и со таа визија стојам и денес.

Факт е дека Скопје беше оставено во исклучително тешка состојба од претходните раководства. Но, јас не сум човек што се жали и бара алиби. Јас сум човек што презема одговорност и работи. И така ќе продолжам – со работа, со упорност и со јасна цел пред себе“, вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски: „Еден од поголемите проекти е изградбата на Луна паркот, за кој јавната набавка веќе е во тек.“

Ѓорѓиевски: „Еден од поголемите проекти е изградбата на Луна паркот, за кој јавната набавка веќе е во тек.“

Вели дека визијата за главниот град е да се движиме без сообраќаен хаос, со подобра инфраструктура, со повеќе зелени површини и со чувство дека градот повторно живее.

„Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница и со тоа ќе започне една сосема нова ера во развојот на градот. ‘Лимак’ е стратешки проект кој суштински ќе го промени начинот на функционирање на централното градско подрачје. Во моментов јавната набавка е во завршната фаза на правната постапка и веднаш по нејзиното комплетирање ќе започнеме со реализација на првата фаза. Таа опфаќа изградба на подземната сообраќајница на булевар ‘Македонија’, на потегот од под ‘Лимак’ до влезот на Кисела Вода. Станува збор за една од моите најдраги и најзначајни капитални инвестиции, затоа што директно удира во срцето на проблемот, сообраќајниот метеж во центарот на Скопје. Со овој проект ќе се постигне сериозно растоварување на централната градска зона, побрз проток на сообраќајот и значително подобар квалитет на живот за граѓаните. Во следните фази се предвидени и дополнителни крупни интервенции – изградба на кружен тек кај ‘Нова Македонија’, како и два кружни тека кај булеварот ‘Кочо Рацин’ и улицата ‘Железничка’, со што ќе се заокружи целината и ќе се создаде функционален, модерен сообраќаен систем“, вели скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Тој објаснува дека првата подземна сообраќајница ќе има шест ленти, четири за двонасочен автомобилски сообраќај, две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Ова е проект кој ја следи логиката на современите европски метрополи и претставува чекор напред кон модерно, безбедно и ефикасно Скопје.

„Подготовките за Скопје 2028 значат и конкретни, видливи инфраструктурни промени. Сериозно се работи на ревитализација на Скопското кале, Аквадуктот, археолошкиот локалитет Скупи, Македонскиот културен центар и други јавни културни простори. Паралелно, се реализира концептот на ‘Скопски ЕУ-зелен архипелаг’ со изградба на 50 мали маалски паркови, кои ќе ја носат културата надвор од институциите – на улица, во маалата, меѓу луѓето“, вели градоначалникот на градот, Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски: „Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница и со тоа ќе започне една сосема нова ера во развојот на градот.“

Ѓорѓиевски: „Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница и со тоа ќе започне една сосема нова ера во развојот на градот.“

„За мене, Скопје 2028 не е културен спектакл што трае една година. Тоа е процес на длабока и долгорочна трансформација. Културата ја користиме како алатка за урбан развој, европска соработка, економска и социјална динамика и создавање нова енергија во градот. Она што ќе остане по 2028 година се знаењето, меѓународните мрежи, новите модели на работа и зголемената културна самодоверба на Скопје“, вели скопскиот градоначалник.

Можеби Скопје ќе стане едно големо градилиште, но претстои година во која ќе се постават темелите на град на кој ќе бидеме горди. Ништо не ме исполнува повеќе од завршен проект и задоволни граѓани. Тоа се мојот најсилен мотив и мојата најголема награда.

Image
Newsletter