Бехтел и Енка, коридорите 8 и 10, автопатот Кичево-Охрид, се само дел од визијата на оваа мала земја, да се искусат нејзините убавини, наместо да се потроши времето во неисправни патишта, без сигнализација, осветлување и дупки. Македонија полека но сигурно се стреми кон доизградба на светски патишта, како што наликува за една земја.
Годината стартуваше со најава за пуштање на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка и делницата од експресниот пат Градско-Фариш, а во јуни и првите километри од автопатот Кичево-Охрид.
Kоридорите 8 и 10 д, кои ги градат „Бехтел и енка“ во вкупна должнина од 109 километри, е планирана изградба долж целата траса. За автопатите на коридорите 8 и 10 д, за 2025 година во буџетот на Министерстото за транспорт се предвидени 130 милиони евра. Планирано е да се работи комплетно на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 километри, на Гостивар–Букојчани на приближно 17 километри и на Прилеп–Битола на 25 километри. Првиот човек на ЈП „Државни патишта“ Коце Трајановски е задоволен од интензитетот на работа, нагласувајќи дека се надминуваат проблемите со имотно-правните односи.
-Кога дојдов почнавме со интензивно темпо, ние сме веќе секогаш пред „Бехтел и енка“ со експропријацијата, не сме кочничари, јавно кажаа дека Јавното Претпријатие Државни Патишта и Република Македонија не се кочница. Сега се оди на проектирање, дизајн и можам да кажам дека интензитетот и темпото се веќе добри и мислам дека во предвидениот рок, можеби со мало задоцнување, овој пат ќе биде направен, рече Трајановски.

Габриел Ескобар - Заменик-помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања
Иако во 2023 година претходната влада го потпиша Договорот, сепак активностите за тие проекти во 2024 година уште еднаш беа официјално стартувани. Од четирите предвидени делници, на 28 октомври 2024 на локацијата на трасата Гостивар Букојчани при увид на активностите беше објавено дека стартуваат конкретни градежни активности, откако биле решени најголем дел од предметите за експропријација.
- На терен веќе се видливи работите! Но, за да стигнеме до оваа фаза кога со, условно речено „голо око“ се гледаат активностите требаше да откочиме многу процеси поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д. Имено, направиме огромни напори ние како Јавно Претпријатие и институциите на Македонија да отвориме што поголем фронт за работа на „Бехтел и Енка“ на трасите и изведбата да биде во рамките на роковите предвидени со Договорот. Ги забрзавме постапките за експропријација на сите три траси. Па така, ескпропријацијата која според договорот требаше да биде завршена пред да дојдам за директор тапкаше во место и за 12 месеци имаше експроприрано само 1117 катастарски парцели, а откако сум дојден за директор за два и пол месеци експроприравме 2432 парцели. Во моментов, пак, од вкупно 4031 парцели за експропријација завршени се 3241, а 791 се во постапка, изјави директорот на Јавното Претпријатие.
Според него, резултатите од досегашната работа се видливи на терен со што на делницата Тетово–Гостивар е започнато да се работи на приближно три километри, на делницата Гостивар–Букојчани има активности на приближно шест километри и на делницата Прилеп–Битола се работи на шест километри.
- Сето ова успеавме благодарение на заедничките напори со министерството за транспорт кое ни даде огромната поддршка и заедно ги решававме проблемите. Исто така, имавме интензивна соработка и со Бирото за проценка, Државното правобранителство, Управата за имотно правни работи, Агенцијата за катастар, Министерството за земјоделие, ЈП „Македонски шуми“. Наскоро ќе биде целосно решена експропријацијата, а паралелно со ова интензивно работиме на проектирање и расчистување на теренот, најавува Трајановски.

Трајановски: „Ќе се исполнат сите ветувања за изградба на експресните патишта.“
Нов видик доби и експресниот пат А2, делницата Крива Паланка–Длабочица-Страцин и експресниот пат Градско-клучка Дреново, кој е само дел од ветените експресни патишта. патувањето преку новиот пат ќе трае само 10 минути, додека од Крива Паланка до Куманово, наместо еден час, ќе се стигнува за 40 минути. Патот, кој е дел од Коридорот 8, е во должина од 25 километри и се очекува да го поттикне економскиот развој и да обезбеди побрз и безбеден сообраќај. Но најважно е дека ќе се забрза протокот помеѓу главниот град Скопје и истокот на Македонија. Тој ќе претставува витална артерија за поврзување со Бугарија, Турција и остатаокот од Европа со што се очекува да се поттикне економијата на овој регион. Македонските власти очекуваат левата и десната страна од патот да се развијат со нови индустриски капацитети и фабрики.
„Во соработка со Владата и Министерството за транспорт и врски, започнуваме со проектирање на нов експресен пат од Куманово до Страцин, а ќе се планира и изградба на клучка кај Гиновци,“ рече Трајановски.
Вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,2 милиони евра се средства од Светска Банка, а останатите се грант средства во висина од 13,5 милиони евра. На експресниот пат има изградено три клучки, три моста, 13 вијадукти и 44 косини.
Директорот на Јавното Претпријатие вели дека ќе се исполнат сите ветувања за изградба на експресните патишта.

Капиталните инвестиции минатата година чинеа околу 200 милиони евра, од кои 55 милиони евра за коридорите 8 и 10-д.
- Како што ветивме, така и ќе биде. Постојано сме на терен и вршиме увид во работите на сите проекти, но фокусирани сме на неколку експресни патишта во изградба кои наскоро ќе бидат ставени во функција. Тоа се експресниот пат Градско-клучка Дреново кој е дел од Коридорот 10Д во должина од 15,5 километри кој во текот на јануари 2025 година е предвидено да се пушти во употреба. Како што знаете експресниот пат Градско-Фариш се гради во фази и за почеток ќе биде пуштена првата делница, а делот од Дреново до Фариш со должина од 10,2 километри исто така е во напредна фаза, меѓутоа поради потреба од изведба на дополнителни работи заради заштита на земјани косини од ерозија, како и заштита на опасни карпи на дел од патот, кои влијаат на безбедноста на сообраќајот, во моментот се разгледуваат алтернативни технички решенија (изведба на галерија, потпорен ѕид). Исто така, се прават напори во почетокот на јануари 2025 година да се пушти во употреба и експресниот пат А2 делница Крива Паланка–Длабочица Страцин (Чатал) во должина од 25 километри, доколку временските услови го дозволуваат тоа, изјави Коце Трајановски, директор на Јавното Претпријатие Државни Патишта.
Во август ќе бидат пуштени првите километри од автопатот Кичево-Охрид, делницата која е на потегот од Врбјани до Песочани во должина од 11,5 километри. За главните инфраструктурни проекти имаше законски измени за зимско асфалтирање и за забрзување на активностите за експропријација.
- Активно се работи на асфалтирање и десната коловозна лента е завршена. Доколку временските услови се поволни ќе се продолжи со асфалтирање и на делницата од Климештани до Мешеишта. Се асфалтира и делот од Требеништа до Охрид каде што левата коловозна лента е завршена и се прават напори пред почетокот на летото да се пушти во употреба чија што одолжина е 10,2 километри, како и напори пред летото да се пушти во употреба левата коловозна лента во должина од 7,5 километри од Песочани до Требеништа без делот во Ботун, вели директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.
Но најважно освен асфалтирањето се работи и на уредување на работи поврзани со осветлување на клучките.
Трајановски вели дека кога ја презел функцијата директор на ЈПДП затекнал катастрофална состојба каде што проектите воопшто не се менаџирале и за обични административни работи се заглавувани по година, две, три.
- Таков е примерот со експресниот пат Градско–Прилеп, кој беше заглавен година и половина заради неформирање на комисии, незавршување на процедурални работи кои ние за месец дена ги завршивме. Таква е состојбата и со автопатот во изградба Скопје-Блаце. Првите два километри се готови, но не се пуштени заради наследени проблеми од претходно. Во однос на останатите 10 киломентри тука имаме состојба каде работиме според процедури пропишани од ЕБОР и продолжуваат активностите за предквалификација на градежни фирми што пријавиле интерес. Тендерската објава за надзор и за градежни работи се очекува да биде распишана во февруари 2025 година и да имаме реални понуди во текот на јуни 2025 година. Паралелно се работи на други опции и ќе можеме да ги споредиме финансиски за да имаме одлука како ќе се продолжи во текот на јуни 2025, вели Трајановски.
2024 година заврши со реализација на вкупни капитални инвестиции од над 70 проценти. Јавното претпријатие за државни патишта како носител на крупните инфраструктури проекти, согласно со последните податоци за капитални инвестиции минатата година, реализираше околу 200 милиони евра, од кои 55 милиони евра за коридорите 8 и 10Д.
