Јове Кекеновски, Универзитетски професор и кандидат за ректор на Битолскиот универзитет

Јове Кекеновски, Универзитетски професор и кандидат за ректор на Битолскиот универзитет
Во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, Кекеновски зборува дека е потребен универзитет со висок степен на автономија и со јасно дефинирани надлежности. Тој најавува максимален сопствен придонес во развојот на наставно-научниот процес, кој на голема врата ќе го врати достоинството на професорската дејност и едновремено ќе ја постави на пиедестал во општеството.
Вистинските луѓе треба да дојдат на вистинските позиции, порачува Јове Кекеновски, универзитетски професор и кандидат за ректор на Битолскиот универзитет

Битолскиот универзитетот „Св. Климент Охридски“ ја почна постапката за избор на нов ректор со мандат од три години. Новата академска година наесен ќе стартува со ново раководството на Универзитетот, а на 1 јуни ќе се спроведе и гласањето за нов ректор. Еден од кандидатите или фаворитите сте токму вие. Што би промениле ако станете прв човек на УКЛО?

Навистина би сакал многу нешта да променам бидејќи многу работи со години наназад се изместени од нормалниот колосек. Сепак, морам да бидат објективен и реален во амбициите со оглед на краткиот мандат од три години. Оттука, мојата програма за работа и за развој на Универзитетот за мандатниот период 2022 – 2025 е насочена кон решавањето на најболните прашања и проблеми што долго време нѐ притискаат и кои нѐ доведоа до нивото на кое што сме сега. Се работи за еден мошне сериозен пристап кон престижната функција ректор, па оттаму и желбата да се понуди нешто ново, реално издржано и спроведливо во практиката, односно да се понуди реална визија за иден развој на нашата институција. Мојата кандидатура е резултат на личниот предизвик и мотивација во „време-невреме“ да се даде сопствен придонес кон процесот на враќање на статусот и на позицијата што ја имаше некогаш Универзитет „Св. Климент Охридски“ од Битола. Мотивацијата и личниот предизвик се уште поголеми во ситуација кога состојбите на УКЛО добиваат непосакувани текови. Овие состојби се поврзани со застојот во развојот, чувство што е изразено меѓу академската заедница на Универзитетот, но и пошироко во јавноста, а што е потврдено и со падот Универзитетот на релевантни рангирања изработени од реномирани светски агенции и институции, кои секоја година ги прикажуваат позициите на универзитетите во светот. Сакајќи да го поттикнам големиот интелектуален потенцијал на УКЛО со цел да се променат состојбите на Универзитетот, но и за дадам личен придонес во промената на состојбите во високото образование во државата, максимално сум подготвен да ги ставам во функција сите мои досегашни емпириски и теориски знаења и искуства и целосно да ѝ се посветам на мисијата за враќање на достоинството на институцијата, а со тоа и на достоинството на наставно-научниот кадар. Поради тоа, во програмата потенцирав дека посебна и приоритетна заложба ќе ми биде доизградба и понатамошен развој на автономен, модерен и ефикасен универзитет, базиран врз најдобрите искуства, традиција и стандарди. Создавање нов систем за финансирање и јакнење на материјалната основа во функција на развојот на Универзитетот и на едниците во неговиот состав, како и подобрување на материјалниот и финансискиот статус на наставно научниот кадар, но и на целиот универзитетски кадар. Целосно интегриран, но не и централизиран универзитет. Партиципативно, транспарентно и одговорно управување со Универзитетот со почитување на законските прописи и процедури. Реафирмација на улогата и на позицијата на Сенатот и на неговите работни тела и комисии. Афирмација на македонската наука и научна мисла, засилена научно-истражувачка работа и развивање научни и технолошки стратегии, како и афирмација на македонската култура и промоција на културниот идентитет. Мотивирање и анимирање на студентите со цел да имаат активна улога во наставно-образовниот процес, како и остварување и заштита на нивните права и реализација на нивните обврски и др.

Вие лично се залагате за подобрување на условите и на позицијата на Битолскиот универзитет. Што може да очекуваат студентите, но и вашите колеги професори?

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола во иднина треба да претставува сериозна и респектирана академска заедница на слободни индивидуи, наставници, истражувачи, студенти, заедно со останатите соработници и персонал. Потребен ни е универзитет со висок степен на автономија и со јасно дефинирани надлежности, со ефективна внатрешна организација и ефикасна внатрешна институционална соработка и координација. Универзитет што ќе овозможи силна мотивација на наставничкиот, соработничкиот и на помошниот кадар со цел сите да дадат максимален сопствен придонес во развојот на наставно-научниот процес. Универзитет што на голема врата ќе го врати достоинството на професорската дејност и кој едновремено ќе ја постави на пиедестал во општеството. Нашиот универзитет мора да гарантира и да спроведува висококвалитетен наставно-научен процес, со квалитетни и современи академски студентски програми, професионално признати и меѓународно препознатливи. Со мојот избор за ректор ќе добиеме универзитет отворен целосно за нови идеи и за меѓусебната соработка, отворен за комуникација првенствено кон студентите како примарна и најважна смисла на нашето дејствување, меѓутоа отворен и кон сите партнери и кон општеството во целина, кон домашната и меѓународната јавност. Универзитет што ќе биде предводник во примената и ширењето на нови научни достигнувања, како и во развојот на нови вештини, институција што ќе придонесува за разбирање и за развој на општествените текови. Едноставно ќе добиеме универзитет што ќе биде гордост на државата и на регионот.

Проф. д-р Јове Кекеновски, Универзитетски професор

Проф. д-р Јове Кекеновски, Универзитетски професор

Долги години сте дел од академската фела. Како да се подобри состојбата во високото образование?

За да се подобри состојбата во високото образование, потребно е многу работа, волја, стручност и компетенција од највисокото до најниското ниво во оваа област. Вистинските луѓе конечно мора да дојдат на вистински позиции, а државата односно извршната власт пред сѐ, потребно е да покаже многу поголем сенс за оваа клучна област во општеството. Не смее образованието во државата да го креираат и да го водат некомпетентни и приучени партиски кадри. Потребно е подигнување на повисоко ниво на квалитетот на научно-истражувачката работа и на соработката во европски и во светски рамки, со понатамошен развој на солидно (но не доволно) воспоставената подлога за научно-истражувачка дејност. И покрај тоа што научно-истражувачката дејност е јавен интерес, средствата што државата ги одвојува за наука се многу мали и не ги задоволуваат потребните стандарди на развиените држави, а посебно не се споредливи со државите членки на ЕУ, кон чие членство и ние целиме. Ако бидам избран за ректор на Универзитетот, заедно со ректорите на другите државни универзитети, ќе поведам иницијатива до законодавната и до извршната власт за зголемување на делот што се издвојува од буџетот на државата за финансирање на науката. Стапката што мора да се издвојува за оваа намена треба да биде помеѓу 1 и 1,5% од вкупниот БДП (бруто-домашен производ), онака како што е тоа веќе во државите од нашето блиско опкружување.

Сѐ повеќе млади луѓе заминуваат на студии во странство. Што треба државата да стори за да ги задржи дома, ако знаеме дека имаме и квалитетен кадар, но и одлични атрактивни факултети?

Државата мора соодветно да го валоризира нивниот вложен труд и здобиеното знаење, и на тој начин да им овозможи да ги остварат своите соништа, својата желба за перспектива и за развој на работното место. Да можат да најдат работа со која би придонесле и за себе и за своите професионални достигнувања. Државата, поточно јавниот и приватниот сектор мора да создаваат квалитетни и добро платени работни места. Државата во соработка со универзитетите постојано треба да биде во постојан „лов“ на талентирани кадри и капацитети, при што, настрана од конкурсите, активно ќе ги селектира одличните студенти и ќе им помага во нивниот напредок на професионално ниво. За жал корупцијата, непотизмот, протекциите во системот создаваат неквалитет што постојано го истиснува квалитетот. Сѐ додека партиската книшка е посилна од дипломата за завршено високо образование, сѐ дотогаш државата ќе биде кочничар на иднината на младите кадри. Мора итно да се прекине со процесот на партизација во сите сфери на општеството. Проблемот со „одливот на мозоци“, односно со одливот на кавлитетни млади кадри трае со години. Државата мора итно да направи реална и вистинска стратегија како да ги задржи младите во Македонија.

Образованието е еден од столбовите на државата. Се добива впечаток дека во изминативе децении нашиот образовен систем стана поле на кое постојано се менуваат работите, но не како резултат на долгорочна државна стратегија за која е постигнат консензус. Како во вакви услови да се моделира секторот образование?

Како резултат на дневната политика и немање доволно познавање, но и отсуството на чувство за значењето и за важноста на образованието во последниве две и повеќе децении, постојано се правеа експерименти, и работата никако да ни тргне на подобро. Ниту една реформа што ја почнавме, не ја довршивме докрај. Триесет години зборуваме за реформи и сѐ уште тапкаме во место. Досега се изнагледавме безброј стратегии. Имаме и Стратегија за образованието за периодот 2018 – 2025 година проследена со Акциски план, но жално е што и таа мошне споро, речиси никако не се спроведува во практиката. Стратегијата за образованието на Република Македонија за периодот 2018 – 2025 година претставува основа за активностите на институциите во полето на образованието во периодот до 2025 година. Таа одлично ги детектира постојните состојби во образовниот систем и има за цел постепено да ги подобри во согласност со утврдените приоритети, но тие приоритети никако да почнат да се реализираат. Ако сакаме прогрес на овој план, мора подеднакво да им се посветиме на сите шест столба на образовниот систем: предучилишно образование, основно образование, средно образование, стручно образование и обука, високо образование и истражување, и учење и образование за возрасни. Пред неколку години од страна на експертски тим од ОЕЦД со поддршка од УНИЦЕФ беше нотирано дека постигнувањата на учениците во образованието стагнираат, дека се меѓу најниските во регионот и дека повеќето од половина ученици во земјата немаат основни знаења. Споредбениот преглед на резултатите од истражувањата во период 2000 – 2015 покажуваат дека се зголемува бројот на ученици без основна писменост. Затоа е итно и неопходно потребно унапредување на образовните политики, кои мора да имаат за цел подобрување на образовните резултати преку подигнување на квалитетот на наставата, подоследно оценување на знаењето на учениците, доследно спроведување на кариерниот развој на наставниците заснован на заслуги и подобар систем за наградување на нивните постигања, создавање посилна рамка за следење и евалуација на националните постигања во образованието и др. Или поинаку кажано, неопходно е подигање на квалитетот и надградба на првите три столба на образовниот систем, што во иднина ќе донесе поголем квалитет и прогрес и на останатите нивоа на системот.

Проф. д-р Јове Кекеновски, Кандидат за ректор на Битолскиот универзитет

Проф. д-р Јове Кекеновски, Кандидат за ректор на Битолскиот универзитет

Колку создаваат македонските универзитети кадри за потребите на бизнис-секторот?

Еден универзитет односно неговите организациони единици преку центрите за кариера мора да воспостават и да изградат мрежа на односи со институции од јавниот и од приватниот сектор. Центрите за кариера мора да им создадат можности на студентите да ја реализираат задолжителната практична настава на најквалитетен можен начин односно да им понудат максимална поддршка на студентите во целиот процес на реализирање на практичната настава со цел по дипломирањето полесно и побрзо да се вклопат на идните нови работни места. На бизнис-секторот му се потребни кадри кои кога ќе го завршат образованието, ќе бидат подготвени веднаш да почнат со работа, без да бидат потребни долгомесечни обуки и подготовки за самостојна работа. Имаме многу такви позитивни примери, но сепак не смееме да се задоволиме од постојната состојба. Треба и понатаму да работиме добиеното теоретско знаење на студентите поефикасно и побрзо да се преточи во практика.

Посветени сте на академската кариера. Иако, не сте активен во политиката, сепак ги следите политичките збиднувања. Како гледате на случувањата на македонската политичка сцена и барањето за нови предвремени избори?

Барањата на опозицијата се легални и легитимни и се резултат на немањето позитивни резултати од досегашното владеење на оваа власт односно од одбивањето на подадената рака за дијалог по однос на најважните прашања и проблеми во оваа држава. Состојбите во државата со економија, здравството и со образованието, како и на меѓународен (надворешен) план, ни се во катастрофална состојба. За какво било подобрување е потребна максимална соработка на сите клучни политички фактори, како од позицијата така и од опозицијата. Таканаречената активна блокада на законодавниот дом не е добра работа, но се работи за изнудена акција, сѐ со цел да се дојде до дијалог за тешкотиите и проблемите, кои сѐ повеќе ни излегуваат од контрола. Сметам дека неоправдано е ставен акцент на предвремените парламентарни избори бидејќи тоа барање е последното од поднесените и јавно искажани барања на опозицијата.

Приватно батериите ги полните со вашата внука. Што Ве прави среќен во овие турбулентни времиња?

Да, мојата прва внука Михаела е мојата гордост и најголема радост, но и мотиватор за сите мои активности. Паралелно со науката, по 25 години апстиненција, повторно ѝ се вратив на мојата љубов, хармониката. Кризата со короната ме натера слободното време да го пополнам со активно музичко вежбање. Навистина беше тешко по толку години апстиненција да се вратам на задоволително посакувано ниво. Но, благодарение на мојата упорност, сметам дека повторно со право можам да се носам со епитетот „виртуоз на хармоника“. За тоа зборуваат неколкуте најнови мои снимени инструментални композиции, како на пример „Виртуозна 11/8“, „Танцот на Михаела“, „Варијации на тема сербез Донка“, како и мега популарниот „Унгарски танц бр. 5“ од Јоханес Брамс. Паралелно со ова, работам и на книгата за локалната самоуправа во земјите од Југоисточна Европа.

Image
Newsletter