Карол Јанас - Градоначалник на општината Поважска Бистрица, Словачка Република

Карол Јанас - Градоначалник на општината Поважска Бистрица, Словачка Република

Локалните власти во Словачка ги мотивираат граѓаните да користат јавен превоз

Градот Поважска Бистрица се наоѓа во северозападниот дел на Словачката Република. Градоначалникот на Општина Поважска Бистрица, Карол Јанас, зеде активно учество во првиот Меѓународен форум на градоначалници „Модерна општина“, во организација на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. За нашиот магазин, словачкиот градоначалник сподели совети и препораки како да се стигне до модерна и организирана општина. Локалната власт во неговата земја ги мотивира граѓаните да користат јавен превоз како начин за транспорт низ градот, а автобусите што се користат се на електричен погон со цел да се зачува животната средина. Според него, дополнително, една од мерките за чист град и квалитетен амбиентален воздух што може да се преземе е пренасочување на транзитниот сообраќај надвор од градот.

Лошиот квалитет на воздухот предизвикан од индустријата, начинот на затоплување и издувните гасови од возилата е горлив проблем со кој се соочуваат жителите на многу градови во Македонија, но и проблем за кој локалните власти постојано се обидуваат да најдат трајно решение. Кои мерки ги преземаат тамошните локални власти, вклучително и вие за да им обезбедите на жителите чист воздух?

Градот Поважска Бистрица поддржува извори на греење со ниски емисии и гради станици за полнење на електрични автомобили. Ги поддржуваме и ги мотивираме граѓаните да патуваат и да користат јавен превоз, чиј возен парк во денешно време се состои од хибридни и од електрични возила. Во нашиот град, надлежните органи го проверуваат квалитетот на воздухот во индустриските области и утврдуваат дали се користат соодветни филтри и технологии за заштита на амбиенталниот воздух. Истовремено, внимаваме новите градби да бидат во соодветен сооднос со зелените површини во градот преку почитување на задолжителните прописи предвидени со зонскиот план.

Сообраќајниот метеж и недостигот од простор за паркирање е проблем број еден за Скопје како метропола. Би можеле ли да споделите ваши искуства како да се реши сообраќајниот хаос?

Нашата цел е долгорочно и систематско решение за сообраќајниот метеж, односно пренасочување на транзитниот сообраќај надвор од густо урбанизираните области на градот. Во случајот со Поважска Бистрица, надвор од центарот на градот е автопатот Д1 со 3 автопатски крстосници, кој обезбедува значителни ограничувања за транзитот низ градот. Транспортната услуга на индивидуалните станбени населби систематски ја решаваме со насочување на сообраќајот (еднонасочни улици), со што ослободуваме простор за статичен транспорт. Градиме паркинзи со голем капацитет во периферните области на станбените зони. Постепено и концептуално градиме велосипедски патеки обезбедувајќи непречен трансфер низ градот, како до училиштата, така и до најголемите капацитети што вработуваат голем број работници, преку регионални, приградски и градски велосипедски рути. Исто така, постепено го реализираме проектот за изнајмување електрични велосипеди, таканаречена цикломобилност.

Панорама на Поважска Бистрица

Панорама на Поважска Бистрица | извор: fb.com/karol.janes

Земјите-членки на ЕУ се познати по начинот на селекција на отпад. Ова до некаде е предвидено и со европските регулативи. Дали кај вас се почитува и се применува селектирањето и рециклирањето отпад?

Градот Поважска Бистрица ги одвојува индивидуалните стоки од комуналниот отпад во согласност со Општата обврзувачка регулатива бр. 36/2008 за управување со комунален отпад и мал градежен отпад на територијата на градот Поважска Бистрица. Во име на производителите во нашиот град, посебен систем за собирање е обезбеден од „Енвипак“, oрганизацијата за одговорност на производителите, која обезбедува собирање, одложување и рециклирање на селектираниот отпад. „Енвипак“ во соработка со градот Поважска Бистрица и компанијата што го собира отпадот, се обидува да воспостави ефикасен систем за собирање, селектирање и враќање на селектираниот отпад во рамките на дадените законски можности. Секоја година го зголемуваме процентот на селектирање на комуналниот отпад. За последните 6 години ова зголемување изнесува 20 отсто, од 20,96% во 2016 година на 40,97% во 2021 година.

Уште еден проблем со кој се соочуваат локалните власти во нашата земја се уличните кучиња. За овој долгогодишен проблем се чини како да нема трајно решение. Посебно во помалите градови, како на пример Тетово, кој се наоѓа на 40-тина километри од Скопје, уличните кучиња се проблем број еден за тамошното население. Дали би можеле да споделите искуство од Вашата земја како да се надмине овој проблем?

Градот Поважска Бистрица има воспоставено договор со граѓанското здружение „Хафкачи“ („Кучиња“). Ова здружение врши заловување на кучињата-скитници и нивно сместување во кафези и стационар на заловените кучиња. Соработката е на многу добро ниво и заловувањето кучиња се врши секојдневно многу ефикасно. Пријави за кучиња скитници стигнуваат и до локалната самоуправа, која веднаш го известува здружението, по што кучето-скитник е заловено.

Словачка е земја што негува децениска култура, со автентични градби останати уште од времето на австро-унгарското владеење. Во ера кога архитектурата се модернизира, како успеавте да ја зачувате автентичноста на старите градби?

Градот Поважска Бистрица има многу малку историски градби. Автентичноста на оригиналните згради кога се случува нивно реконструирање, односно реновирање и можна промена на нивната употреба, градот Поважска Бистрица ја обезбедува преку обврзувачките прописи на зонскиот план. Дополнително, општината обезбедува реконструкција на историски градби, особено преку посебна Општа обврзувачка регулатива за локални споменици и обврзувачки мислења и услови поставени од релевантниот орган за споменици.

Замок Бистрица

Замок Бистрица | извор: archinfo.sk

Словачка е исто така земја препознаена по старите замоци, кои и ден-денес се зачувани и во функција на туристите-посетители. Колку локалните власти, но и централната администрација вложуваат во зачувување на културно-историското наследство?

Замокот „Бистрица“ во Поважски е единствениот национален споменик на културата што е во сопственост на општината од 2008 година. Оттогаш, трошоците поврзани со реконструкцијата редовно се финансираат. Во првите години тоа беа главно истражување и изработка на проектна документација, чии трошоци се искачија на 100.000 евра. Овие средства беа обезбедени од субвенции од Министерството за култура на Словачката Република во комбинација со кофинансирање од градот во износ од 10.000 евра. Пообемното реновирање завршено во 2017 година беше поддржано од норвешки фондови со грант од 457.000 евра, а придонесот на градот се искачи на 81.000 евра. Градот има направено приклучок за струја директно од сопствени ресурси во дворот на замокот за 6.500 евра и ги покрива месечните трошоци за струја. Годишната финансиска поддршка од градот за Здружението на замокот „Бистрица“ се реализира во вид на поврат на трошоците за материјална опрема и работа во износ од 3.500 евра, а градот дава свој придонес и при одржувањето културни настани, како и за други реални потреби. Досега, за реконструкција, опрема и културни настани во замокот градот вложил приближно 145.000 евра. Нашата поддршка продолжува. Здружението на замокот „Бистрица“ е вклучено во системот за годишно субвенционирање на Министерството за култура, кое во соработка со Канцеларијата за труд спроведува проекти за поддршка на невработените и за реставрација на споменици. Благодарение на поддршката, Здружението вработува по десетина луѓе секоја сезона. Трошоците за работна сила се финансираат од Заводот за труд, а Министерството за култура обезбедува материјална опрема. Во последните три години со овој проект се предфинансирани приближно 344.600 евра.

Спортски објект во Поважска Бистрица

Спортски објект во Поважска Бистрица | извор: fb.com/karol.janes

Спортот и рекреацијата се многу важни за граѓаните, но пред сѐ за младите. Какви активности и содржини за рекреација им нудите на младите луѓе во вашата општина?

Градот постојано инвестира во развојот на спортот и на спортската инфраструктура. Изминативе години изградивме речиси десет мултифункционални игралишта и целосно ги реставриравме фудбалскиот стадион и атлетската патека. Спортската сала беше реконструирана бидејќи ракометот е спорт број еден во Поважска Бистрица. За нас е важно да обезбедиме соодветни спортски услови за спортување на децата и на младите и затоа градот постојано создава најпогодни услови за нив. Од неодамна, Општината гради скејт-парк според барањата на младите во градот и зона за одмор во близина на езерцето „Славојка“ погодна за сите возрасни групи.

Дали имате како градоначалник програми за субвенционирање на локалното население и за што се овие програми?

Општината има можност финансиски да поддржува проекти за потребите на граѓаните и за непрофитните организации директно од системот на грантови во износ од 33.000 евра. Годишно непрофитните организации и спортските клубови и здруженија со седиште во градот Поважска Бистрица можат да аплицираат за финансиска субвенција за спроведување на планираните активности. Овие средства се прераспределуваат од Градскиот совет. Исто така, преку програмата за грантови, градот секоја година обезбедува директни трансфери за поединци и непрофитни организации во износ од 30.000 евра. За да одговори на барањата за поединечни грантови во текот на годината, градоначалникот има на располагање годишен износ од 3.300 евра, кој го користи по сопствена процена. Од 2018 година, градот Поважска Бистрица реализира и партиципативен буџет за заедницата, од кој физичките и правните лица може да добијат сума од 1.500 евра за спроведување проекти.

Image
Newsletter