ЌЕ РЕАЛИЗИРАМ СЕ ШТО Е ДЕЛ ОД ВИЗИЈАТА ЗА МОДЕРНО СКОПЈЕ

ЌЕ РЕАЛИЗИРАМ СЕ ШТО Е ДЕЛ ОД ВИЗИЈАТА ЗА МОДЕРНО СКОПЈЕ

„Превземавме чекори кои досега никој ги нема направено. Градот мора да работи со цел да ја врати довербата кај граѓаните и градската администрација како нивен сервис да го подобри нивото на услуги кои ги обезбедува” вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Таа најавува дека за брзо време Скопјани ќе добиваат брзи, ефикасни и квалитетни услуги. Арсовска во интервјуто зборува за проблемите и предизвиците со кои се соочува откако седна во градоначалничката фотеља.

Арсовска трет месец откако сте на градоначалничката функција во метрополата, која е вашата првична оценка за кондицијата на Градот?

Градот Скопје е презадолжен, затекнавме наследени состојби на отпочнати работи без јасна стратегија за нивно спроведување, започнати фази со проблеми без соодветен план за нивно надминување. Иако предизвиците се бројни и оставените долгови милионски, како ново градско раководство фокусирани сме на изнаоѓање решенија за надминување на проблемите. За три месеци успеавме да воспоставиме систем со кој ќе овозможиме да бидат видливи подобрувањата во начинот на кој се води градот, а едновремено да се посветиме на реализација на проектите кои ќе овозможат подобри услови за функционирање во главниот град.

Наталожени проблеми и големи предизвици се пред вас. Јавноста може да ве забележи дека сте присутна на терен, кои се најзначајните проекти кои би ги издвоиле за овој краток период?

Не сум човек што сака секоја активност да ја покажува јавно, сакаме да покажеме резултати и резултати има, но активностите и проектите штотуку започнуваат. Отпочнуваме офанзивно со реконструкција на булевари и улици кои се во надлежност на градот. Чистењето на дивите депонии е проект што бараше големи напори. Со децении се дозволило да се загадува животната средина со креирање диви депонии, а со тоа и да се загрозува здравјето на граѓаните. Отпочнавме со имплементирање на системско решение како да се спречи да се создаваат нови иако потребно е и да се делува превентивно во насока на подигање на свесноста од последиците од нивното создавање. Едновремено отпочнавме со примена на законот што пропишува големи казни за загадувачите, додека едновремено дел од исчистените локации ќе прераснат во паркови и зелени површини.

Данела Арсовска

Данела Арсовска - Градоначалник на Скопје

За 82 дена успеавме да ги вратиме ноќните линии во ЈСП, да овозможиме пристапни рампи да има на сите институции што се под наша надлежност, да ги вратиме зелените бранови и одбројувачите на семафорите, отворивме канцеларија што работи 24 часа за граѓаните, служба за брза реакција. За првпат е потпишан Колективниот договор со синдикалната организација на градот Скопје каде конечно беа внесени соодветно правата на пожарникарите согласно нивните барања. Нема да постои толеранција за коруптивно однесување, затоа секој директор, раководител ќе биде дел од постапката на проверка која ја започнавме. Едновремено отпочнавме подготовка за голем број инфраструктурни и градежни проекти кои започнуваат оваа година. Во исто време работевме на иницијатива за Закон за заштита на Водно и формиравме Градски Еко Совет што ќе има пресудно значење за проектите поврзани во Скопје во смисла на урбанистички и еко решенија. Ветивме дека нема да се трошат средствата на граѓаните ненаменски на непродуктивни трошоци и поради тоа Договорот за угостителски услуги што претходниот градоначалник го потпишал на заминување го пренаменивме за потребите на граѓаните кои се во социјален ризик.

Градот формираше 24-часовна служба за брза реакција на повик на Скопјани. Кои се најгорчливите проблеми се кои се соочуваат жителите на главниот град?

Најчести предизвици за кои се обраќаат граѓаните се за комунални проблеми, проблеми со данокот на имот, непрописно паркирање и узурпација на јавни површини. Има досега за еден месец колку е достапна оваа услуга пристигнато околу 900 барања на коишто се одговара во рок од 72 часа. Следна фаза е оваа функција целосно да ја дигитализираме со цел услугите на администрацијата да бидат постојано достапни и да бидат вистински сервис на граѓаните.

За време на изборна кампања ветивте многу проекти, од бесплатен градски превоз со ЈСП, до се чини најважен за сите нас чист воздух и здрава животна средина.Формиран е Градски Еко Совет. Која ќе му биде надлежноста на ова тело?

Како што напоменав овој совет завзема важно место во сегментот заштита на животната средина, но и во планското развивање на градот. Составено е од луѓе кои се експерти во своите области, урбанизам, архитектура, заштита на животната средина. Градскиот Еко Совет познат и како Зелен совет има за цел да обезбеди совети за системски решенија за намалување на загадувањето а особено како на среден и долг рок да се надминат предизвиците со кои секојдневно се соочуваат скопјани.

Данела Арсовска

Данела Арсовска - Градоначалник на Скопје

Арсовска почнавте грижа за социјално загрозени категории граѓани преку Ретвитни Оброк, Љубезност и Црвениот крст на Скопје. Кој, како и каде може да дојде до топол оброк?

Важно е да се помогне особено на лицата во социјален ризик. Договорот за угостителски услуги за потребите на градот потпишан од претходниот градоначалник во вредност од 32 илјади евра го пренасочивме за оброци кои се диструбуираат во соработка со Ретвитни оброк, Љубезност и Црвениот крст на Град Скопје. Оваа пракса ќе продолжи во следните години и нема да дозволиме средствата на граѓаните да се трошат ненаменски особено во време на криза каде голем број граѓани се соочени со егзистенцијални проблеми.

Го екипиравте вашиот кабинет, променивте и повеќе директори на јавни претпријатија. Град Скопје започна постапка на ветинг за поставените директори.Најавивте нулта толеранција за корупција. Што конкретно планирате?

Превземавме чекори кои досега никој ги нема направено. Сите директори и лица на раководни позиции, ќе минуваат низ процес на проверка со цел потврдување дека ги исполнуваат критериумите со крајна цел професионално извршување на својата позиција. Мора да постојат процедури и нема да постои толеранција за коруптивно однесување. Градот мора да работи со цел да ја врати довербата кај граѓаните и градската администрација како нивен сервис да го подобри нивото на услуги кои ги обезбедува. Тоа не е едноставен процес но пред се за брзо време ќе воспоставиме систем во кој секој граѓанин ќе мора да ја добие услугата брзо, ефикасно и квалитетно, а со тоа ќе се елиминира и потенцијално коруптивно однесување кога нема да постои можност за застој во постапките.

Како оди соработката со градоначалниците на скопските општини и може ли да издвоите која од нив има најбрз прогрес?

За работата на градоначалниците оцената ја даваат граѓаните пред кои тие имаат обврска за реализација на своите проекти. Скопје за две години ќе биде многу поубав град за живеење, а за тоа е потребен и тимски напор. По четири години пауза повторно во согласност со Закон е активирано задолжителното координативно тело на Град Скопје и градоначалниците на скопските општини, каде се дискутираат бројни теми од интерес на сите десет скопски општини а воедно се координираат активности со цел надминување на заедничките предизвици.

Вашата работа е под будно око на опозицијата. Ве критикуваат секој ден, обвинувајќи ве дека сте реализирале партиски вработувања, наместо ветени проекти. Како се справувате со секојдневните критики?

Тоа не се критики, тоа се напади базирани врз невистини. На пример нема нови вработувања, туку во најголема мера продолжување на договорите на лицата кои претходно тие ги вработиле, замена за лица кои времено се отсутни поради здравствени причини или поради редовно пензионирање. На јавноста и е јасно дека нападите имаат единствена цел да се обидат да дестимулираат да се покренат постапки на одговорност за злоупотреба и едновремено да си обезбедат оправдание за катастрофалниот пораз на изборите. Не се потребни повеќе коментари за критиките упатени од личности кои за цел мандат од 4 години реализирале само 5 проценти од тоа што го ветиле пред граѓаните.

Со кои градоначалници на други земји планирате средби со цел зацврстување на соработката или можеби отпочнување на нови заеднички проекти?

Скопје го приклучивме на иницијативата на Б40 мрежата на градови од Балканот (B40 Balkan cities network). Имав можност да разговарам со повеќе од 24 градоначалници од 11 држави. Воедно остварив билатерални средби со градоначалниците на Белград, Атина, Сараево, Подгорица и Истанбул. Размената на добри практики и отпочнување на заеднички иницијативи во делот на зелена транзиција, дигитална трансформација, инклузивност ќе биде во фокусот на нашата идна соработка.

Како ви поминува еден работен ден во Градот, имате ли слободни мигови за семејството?

Се помалку има слободно време, но секој слободен момент го минувам со семејството. Нивната поддршка е голем поттик да реализирам се што е дел од визијата за модерно Скопје.

Image
Newsletter