Хотелиерството на колена. Менаџерите бараат спас од државата и од институциите бидејќи ги чека, како што велат, немилосрдно сценарио. Големи инвестиции во овој сектор, кои ако пропаднат, нема да биде крах само за вработените и за менаџментот туку и за целата македонска економија. На оваа гранка, поради кризата предизвикана од Ковидот, а сега и со економската и со енергетската неизвесна ситуација, ѝ се случија „тектонски“ поместувања. Се бараат конкретни мерки кои ќе им помогнат на хотелиерите да остваруваат повторно достоинствена заработувачка.
Како да ја врати овој сектор финансиската состојба како во периодот пред пандемијата, одговори побаравме од м-р Владанка Давковска, експерт во областа на хотелиерството. Нејзиното долгогодишно искуство како директор на повеќето поголеми хотели во Скопје, денеска студентите можат да го користат преку предавањата на Универзитетот Скопје.
Во време на најголемата криза, како можат да придонесат самите менаџери во зголемувањето на продажбата на хотелските услуги и каде грешат надлежните во спроведување на мерките за овој сектор?
Продажбата на хотелските капацитети, менаџерите секогаш мора да ја проектираат на долг рок, иако среднорочните планови во туризмот се неизвесни поради неговата висока ранливост од неочекувани промени (прв останува нефункционален, последен закрепнува), па сепак, силната експанзија на хотелската индустрија во светот, во последните 2 децении, се должи исклучиво на национални стратегии и долгорочно стратешко планирање. Најблизок пример за тоа е Турција.
Кризата со пандемијата, но и економската и енергетската криза, кои само се надоврзаа, покажаа колку е тоа неопходно, особено во туризмот.
Спецификите на туризмот треба да се познаваат и да се применуваат како навигатори во конципирање на туристичкиот развој, на национално и на компаниско ниво.
Современите туристи ги одликува истражувачки дух. Тие се трагачи по автентични предели и дестинации, чиста природа, атракции, културни вредности, историски сведоштва, избор на хотелот и на неговата локација, достапност, окружувањето, екстериерот и внатрешниот комфор, хотелската понуда и нејзините содржини, цената за вредност, комуникација.
Хотелите се локална или надворешна инвестиција, а туристите според своите мотиви, потреби и желби, сите се на иста страна. Тие се идентификуваат како глобални потрошувачи, на кои треба целосно и секогаш да им се задоволат потребите и очекувањата. Клучен елемент на успешна продажба на хотелскиот производ е гостите повторно да се вратат во хотелот/дестинацијата.
Сепак, можеби најдобриот одговор на секогаш најважното прашање, како до најдобра продажба на хотелските капацитети е во важноста и во примената на деловното начело: секој, секогаш и како што треба, професионално и одговорно да ја врши и да ја извршува, својата работа. Тука мислам на синхронизирано дејствување, согласно ингеренциите, од сите чинители во туризмот: менаџментот и вработените во хотелските компании, институциите на власта, разните асоцијации и организации и Владата, пред сѐ.
Потребно, од страна на државата, е реално препознавање на економскиот потенцијал на туризмот како стопанска гранка и неговото мултипликативно влијание врз стопанството на земјата. Согласно, би требало да тргне во еден целосно нов административно-правен концепт за институционално организирање на дејноста, со формирање на Министерство за туризам како прв чекор и носење национална стратегија за туризам на Македонија. Конзистентната и долгорочна политика за развој на туризмот ќе обезбедува стабилен развој и системски ќе ги амортизира ефектите од евентуални неизбежни кризни појави, вели Давковска.
Но, останува проблемот и со кадар во овој сектор. Бројот вработени, особено сезонски, од година во година станува се помал. Македонците, особено во летниот период, заминуваат во странски земји, најмногу поради повисоките плати. Хрватска, Словенија и Црна Гора уште од февруари ги пуштија огласите за вработување. Се нуди просечна плата од 1.200 евра.
„Дали сте подготвени за нов предизвик? Ве покануваме да ни се придружите во преубавата Хрватска“, се вели во еден оглас објавен во Хрватските електронски медиуми.
Друг оглас објавен во Словенија повикува: „Предност имаат работници со ЕУ-пасош, но може да аплицираат и кандидати со македонски пасош (посредувавме за сезонска работна виза). Плата од 1200 до 2000 евра месечно, во зависност од позицијата“.
Во најголем дел се бараат келнери, бармени, хигиеничарки, готвачи – кадар кој е дефицитарен и во земјава. Кај нас, доколку отворите пребарувач за огласи за работа, ќе забележите дека најголем број од огласите се за ресторанскиот или/и за хотелскиот сектор.
Сепак, упатените во оваа област сметаат дека проблемот настанува од системското решение, кое дозволува необврзувачки пријави и откази. Тука, според Давковска, е првиот проблем што настанува за задржување на вработените
Дафинка Муцунска, генерален менаџер на Хотел Манастир, Берово.
Како да ги задржи менаџментот своите вработени?
Во нашата практика, во поново време, на планот на кадровско екипирање, особено според навидум пропулзивни кадровски решенија, пријави и одјави се прават, најчесто, на обострана штета. Тоа доведе до толку големата флуктуација, а таа задолжително повлекува зголемување на трошоците на работењето и пад на квалитетот на услугите.
Поентата не е како менаџерите да ги задржат своите вработени, поентата е во потребата од друг вид конзистентна кадровска политика и програма. Поентата е во решението, што треба да направат работодавачите, за да не сакаат вработените да си одат од компанијата, од хотелот, од ресторанот, или ако мораат од некоја лична причина да си заминат, со тешко срце да си одат. Довербата е пред сѐ, но таа не се нарачува, не се продава, туку заемно се гради и се стекнува.
Решението за добро кадровско екипирање, а понатаму и за тимска работа, е во потребата од нов концепт, со поинаква деловна филозофија. Кадровските проблеми да се заменат со политики на човечки ресурси. Тоа е континуиран процес на градење, наградување, заемна почит и на долги патеки успешно чекорење, лојалност и прогрес. Што поскоро до вистинските решенија, тоа подобро и постабилно. И во овој сегмент е потребна деловна стратегија.
Инаку, уште пред најмалку осум години, Хрватска јавно објавуваше дека за време на туристичката сезона, на јадранскиот брег има недостиг од 20.000 туристички работници, но тоа никој не го регистрираше како закана која ќе ни затропа на врата, објаснува Давковска.
Дафинка Муцунска, која е веќе 19 години генерален менаџер на Хотел Манастир, Берово, вели дека ова време е најтешкото за хотелиерството. Колку помага државата во промоција на земјата, толку растат бројките на странски и на домашни туристи. Но, туризмот е на најниско ниво досега, вели Муцунска.
Таа објаснува дека хотелиерството е макотрпна работа. Бизнисот работи 24/7, а истото важи и за оние вклучени во топ менаџментот. За секој кој ќе влезе во овој сектор, нема пауза, бидејќи, според неа, хотелиерството не е деловен ангажман, туку е начин на живот.
Колку е тешко да се биде менаџер на хотел во овој момент во Македонија?
„Исклучително тешко. Лично сум во браншата цел мој живот, а на оваа позиција во Хотел Манастир од 2004. Никогаш не било потешко и никогаш предизвиците не биле толку големи и застрашувачки, а негативните промени што се случуваат во последните години, ни зададоа огромни удари. Она на кое се темелеше нашата моќ, искуството, во оваа состојба не може да ни помогне многу. Спецификата на микс од финансиска криза и криза на хуман идентитет и поттик, на целите човечки ресурси, направи неверојатен безизлез, дури и на оние кои се карактеризираат со силна интуиција, емпатија и иновативност, многу голем товар носат, бидејќи бизнисот е тимска игра, особено во индустрија каде што сите процеси зависат директно од човечкиот фактор“, вели Муцунска.
Но, експертите ги советуваат менаџерите дека домашните гости се секогаш многу важни за секој хотел, за секоја дестинација. На домашните гости треба да се гледа уште и како на најважен потенцијал за растегнување на туристичката сезона и за целогодишна анимација, што е од стратешко значење. Треба да им се даде поголема почит на нивните потреби, бидејќи нивните забелешки се бесплатни, а тие го унапредуваат процесот и ги „пополнуваат дупките“ во продажбата. Ова особено што учеството на остварените ноќевања од домашни гости во вкупниот број ноќевања е високо и се движи над 50% на годишно ниво.
Давковска, понатаму, ги поттикнува македонските менаџери да вложат повеќе во културно-забавните и во рекреативните содржини за анимација на гостите. Со оваа инвестиција таа смета дека гостите повеќе ќе трошат, а хотелите ќе најдат уште еден извор на поголема заработувачка.