Во Ријад, Саудиска Арабија, од 7 до 11 ноември се одржа 26. генерално собрание на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UN Tourism), како и 45. пленарна сесија на придружните членки на оваа организација. Истовремено, се одбележуваше и 50-годишнината на оваа организација.
Делегација на Универзитетот „Скопје“, кој од 2010 година е придружна членка на UN Tourism, предводена од ректорот, проф. д-р Аце Миленковски, учествуваше на овој собир на светската елита во областа на туризмот, меѓу претставници на стотици држави или влади, претставници на бизнисот, науката и образованието.
Во таа пригода, директорот за иновации, едукација и инвестиции на UN Tourism, Антонио Лопез де Авила, му го додели сертификатот за квалитет на Факултетот за туризам при Универзитетот „Скопје“.
За овој голем светски собир, неговото значење, остварените средби и личните впечатоци, разговараме со ректорот на Универзитетот „Скопје“, Аце Миленковски.
Ректоре Миленковски, какво е значењето на еден ваков глобален настан, под покровителство на Обединетите нации, и зошто е битно и личното присуство?
Значењето е огромно бидејќи, прво, тоа е собир на сите оние што нешто значат во областа на туризмот во светот, но, не само на туризмот, бидејќи туристичката индустрија е тесно поврзана и со многу други дејности, кои во значителна мера влијаат и врз целокупниот економски и општествен развој на државите. Примена на вештачката интелигенција, олеснувања на патувањата преку биометриски податоци, инфраструктурни проекти, нови „стартап“ компании, вклучување на науката, како и на современите наставни програми во образованието. Значи, вклучени е цел спектар на дејности. Тоа е едниот аспект. Од друга страна, мотото на Светската туристичка организација на Обединетите нации е „Да го доближиме светот“, што значи со поголема и олеснета мобилност на луѓето од сите континенти и држави, покрај економскиот развој на државите, и подобро запознавање и меѓусебно разбирање на различните народи во светот. Впрочем, за значењето на овој собир говори и поздравниот говор на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, обраќањето на домаќинот, министерот за туризам на Саудиска Арабија, Ахмет Ал Катеб, како и на највисоките претставници на UN Tourism и на државите членки.
Второ, на ваквите собири на светската елита, покрај согледувањето на моменталните состојби во туристичката индустрија, се поставуваат и насоките за тоа во кој правец ќе се движи овој сектор во наредните години, какви се предвидувањата за развој, со кои предизвици може да се соочува во иднина и како да се унапредува туризмот во светот. Затоа, една од главните теми беше примената на вештачката интелигенција, која веќе се користи и во туристичкиот сектор.
Трето, не помалку важно, да видиме до каде сме ние како држава, а посебно и ние како Универзитет „Скопје“, на овој план. Да ги согледаме перспективите на туристичката индустрија, што е ново во туризмот и што можеме ние како универзитет да придонесеме за поголем развој на туризмот во Македонија, но и да примениме некои иновации во наставните програми на Универзитетот „Скопје“.
Четврто, можеби најважно за нас како универзитет, а и за мене, е личниот контакт со челниците на оваа организација, меѓусебното запознавање и договорите за натамошна соработка. Бидејќи, знаете, кога со клучните фактори се познавате лично, имате лична комуникација, па и пријателство, сè оди полесно во однос на соработката и реализацијата на проекти од заеднички интерес.

Ион Вилцу, директор на придружните членки на UN Tourism
Универзитетот „Скопје“ е дел од Придружните членки на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UN Tourism) од 2010 година. По 15 години активно членство, кои се придобивките за универзитетот?
Придобивките се огромни. Но, да појаснам. Во UN Tourism членки се државите, а во Придружните членки, кои се исто така дел од UN Tourism, се вклучени бизнис-компании, научни институции, универзитети, „стартап“ фирми, невладини организации...
Генералниот секретар на UN Tourism, Зураб Пололикашвили, во Ријад оцени, цитирам: „Додека славиме 50 години од UN Tourism, нашата растечка мрежа на придружни членки – која сега брои над 500 субјекти од 80 земји – продолжува да води со иновации и експертиза кон заедничката цел. Заедно, UN Tourism и нејзините придружни членки обликуваат поодржлив и инклузивен сектор, остварувајќи конкретно влијание преку соработка, знаење и акција за дестинациите и заедниците ширум светот“.
Меѓутоа, се разбира, за да станете придружна членка на една ваква глобална организација, под капата на Обединетите нации, мора да исполните одредени критериуми, што ние успеавме да ги оствариме уште во 2015 година.
Што се однесува до придобивките од членството, тие се многубројни. Универзитетот „Скопје“ е познат бренд во Светската туристичка организација на Обединетите нации, и благодарение на тоа во минатите години успеавме да организираме посети на Македонија, но и на нашиот универзитет, на највисоките претставници на таа организација, меѓу кои и поранешниот генерален секретар Талеб Рифаи, поранешните директори на придружните членки, Хавиер Бланко и Јоланда Пердомо, како и многу други. На тој начин придонесовме за поголема видливост на Македонија во светот како атрактивна туристичка дестинација.
Конкретно, за нас, како Универзитет „Скопје“, можеби најважна придобивка е соработката со други универзитети, кои се исто така придружни членки, размена на искуства, како и консултации со надлежните од UN Tourism, во врска со квалитетот на високото образование и современите наставни програми.
Тоа резултираше се потврда на квалитетот на образованието на Универзитетот „Скопје“, конкретно на Факултетот за туризам, за кој имаме сертификат за квалитет TedQual, од UN Tourism.

Факултетот за туризам, по трет пат ја доби Дипломата TedQual од UN Tourism.
Овој сертификат за квалитет првпат го добивте пред десетина години, колку што ни е познато, но видовме дека и сега во Ријад повторно ви беше доделен. За што станува збор и како некој универзитет може да се стекне со вакво признание за квалитет?
Да, точно. Првпат го добивме во 2016 – патот до него воопшто не е лесен и сертификатот не се дава еднаш засекогаш, туку мора да се проверува и да се обновува на секои три години. Првиот пат е најтешко бидејќи станува збор за процес кој се спроведува со помош на експерти од Светската туристичка организација за образование. Опфаќа од услови за работа, образовен кадар и современи наставни програми, па сè до соработка со бизнис-заедницата во дадената област. По приспособувањата и препораките, тука во Скопје, на универзитетот, доаѓа професор, експерт, од одделот на UN Tourism за образование, кој врши евалуација, по што подготвува извештај за тоа дали ги исполнувате критериумите за добивање сертификат за квалитет. Значи, станува збор за темелна проверка и верификација.
По неколку успешни продолжувања на овој сертификат, најновото доаѓа откако во февруари годинава, претставник на UN Tourism и меѓународен ревизор за квалитет во високото образование, проф. д-р Антонио Карлес од Валенсија, неколку дена беше во Скопје за да изврши евалуација на квалитетот на Факултетот за туризам при Универзитетот „Скопје“. По извршената евалуација, професорот Карлес изјави дека Универзитетот „Скопје“ го има меѓу 100-те најдобри факултети за туризам во светот.
При неговата тогашна посета на Универзитетот „Скопје“ и моите разговори со него, професорот Карлес изрази задоволство и од високиот квалитет на наставата и наставните програми и на другите факултети при нашиот универзитет, мислење кое и јавно го искажа во интервјуата на неколку македонски медиуми.
Инаку, на маргините на Генералното собрание на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UN Tourism), што се одржуваше во Ријад, Саудиска Арабија, директорот за иновации, едукација и инвестиции, Антонио Лопез де Авила, ми го додели сертификатот за квалитет за Факултетот за туризам при Универзитетот „Скопје“ и за наредните три години, а е резултат на најновиот извештај на професорот Карлес. Значи, квалитетот е потврден уште еднаш.

Светски самит: Сите министри за туризам во Ријад
Покрај овој свечен чин и средбата со Антонио Лопез да Вила, имавте средби и со други челници на UN Tourism. За што разговаравте, што би издвоиле?
Уф, тешко прашање, ги имаше многу. Сепак, најнапред би ја издвоил средбата, во неколку наврати, со новата генерална секретарка на UN Tourism, Н.Е. Шаика Ал Новаис, која стапува на должност во јануари идната година и ќе биде прва жена на чело на оваа организација во 50-годишната историја. Нејзиниот избор беше потврден на собирот во Ријад. Честитајќи ѝ на изборот, во краткиот разговор стана збор за планираната посета на Мадрид од студенти од Универзитетот „Скопје“, во јануари идната година, и за можноста за посета на седиштето на UN Tourism во Мадрид и прием кај неа. Таа изрази подготвеност за таквата посета.
За истата цел, меѓу другото, разговарав и со директорот на придружните членки, Ион Вилцу, кој, исто така, со задоволство го прифати предлогот. Така што, речиси е извесно дека во јануари, кога се одржува и саемот за туризам во Мадрид, нашите студенти ќе имаат можност да го посетат седиштето на UN Tourism и да остварат средби со челниците на оваа организација.
Имав средба и со досегашниот генерален секретар на UN Tourism, Н.Е. Зураб Пололикашвили, кој годинава го завршува осумгодишниот мандат и со кого се познавам уште од неговиот избор на таа функција.
Инаку, ако ги набројувам сите средби, ќе нема толку страници во списаниево, но за делегацијата на Универзитетот „Скопје“, овој светски собир беше можност за повеќе средби и со потенцијални партнери, компании и колеги од универзитети и образовни институции од други држави. Разговарано е главно за можностите за меѓусебна соработка и договори за посета на Универзитетот „Скопје“ и на Македонија како атрактивна туристичка дестинација.
За крај, какви се вашите впечатоци од Ријад, Саудиска Арабија, од организацијата на овој глобален настан и од гостопримството на Саудијците?
Исклучително добра организација, до перфекција. Саудијците – одлични домаќини, гостопримливи, услужливи, трпеливи, насмеани.
Стотици високи делегации, илјадници присутни, а сè функционираше без проблеми. Од пречекот на аеродромот во Ријад, до трансферот до хотелот, информациите што и каде се одржува, одвивањето на конференциите, панел-дискусиите, дружбите, па сè до испраќањето на аеродром, сè течеше како подмачкано. Пример за организација на еден ваков глобален собир.
Би ја истакнал и гала-вечерата на која присуствувавме, организирана од домаќините по повод отворањето Генералното собрание и прославата на 50-годишнината на UN Tourism, која беше вистински спектакл.
А, Ријад, во кој сум првпат, е светски модерен град, со огромни булевари, метро, репрезентативни згради, луксузни хотели, беспрекорно чист и уреден. Од прв поглед се препознава речиси совршено уредена метропола.
Сè на сè, имам само позитивни впечатоци од севкупниот престој и за елитниот собир на UN Tourism, како и за Саудиска Арабија како држава.
