ЉУПЧО ЈАНЕВСКИ, Директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот

ЉУПЧО ЈАНЕВСКИ, Директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот

„Ние не можеме да развиваме туристичка дестинација ако немаме одредени вложувања во туризмот, ние не можеме да вложуваме ако немаме стратегија по која треба да работиме, ако немаме патека по која ќе се движиме”, смета Љупчо Јаневски, првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, тој зборува за кроење долгорочна стратегија, која би била насока за државата каде да се движи и што да создава за идните генерации.

ЈАНЕВСКИ: На Македонија и треба долгорочна стратегија за туризмот

Што велат најновите статистики, дали почнува туризмот полека да заздравува и дали може очекувањата да бидат оптимистички за годинава што следува, како во бројот на туристи така и во растот на приходите од туристичката и од угостителската стопанска гранка?

Светот забави и луѓето го намалија движењето, пандемијата најмногу се одрази на патувањата, по во 2020 година застанавме во туристичкиот сектор како последица на сите карантини и ограничувања во движењето. Во 2021 година повторно се исправивме и зачекоривме кога е туризмот во прашање, забележавме туристички раздвижувања кај нас, во регионот, но и во Европа. Всушност, 2021 година ги покажа сите оние работи што треба да ги поправиме во туристичкиот сектор, каде треба да се подобриме и на што треба да се фокусираме. Полека се разјаснува сликата што има ново, кои се новите перспективи и која е новата реалност во туризмот во услови на здравствена криза. Зборуваме дека во 2022 година сѐ уште ќе биде присутна пандемијата во нашите дестинации, но таа треба добро да се менаџира, се разбира, со почитување на сите здравствени мерки и ограничувања. Во 2021 година Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот презентираше план и стратегија за достигнување на бројката од 2,2 милиони ноќевања, и на домашни и на странски туристи. Предвидовме дека очекуваме 30% зголемување во туристичкиот сектор, тоа и се оствари. Новите податоци покажуваат дека веќе ја надминавме бројката од 2,3 милиони ноќевања, и како што може да забележите, повеќе зборуваме за ноќевања, а не за број на туристи. Исто така, ако погледнеме подлабоко, ќе видиме дека некои традиционални пазари што биле во првите пет, како што се бугарскиот и турскиот пазар, веќе ги нема. Но, затоа тука е српскиот пазар, кој очекувано во 2021 година е на првото место. Ако ги споредиме податоците за бројот на остварени ноќевања на српските туристи, тој во 2021 година бил поголем дури и од 2019 (година пред здравствената криза), што значи дека истиот пазар има поголеми можности. Се фокусираме на дополнителни пазари, како што е рускиот и украинскиот пазар, и други дополнителни пазари како што се белгискиот, полскиот и пазарот на Обединетото Кралство. Трендот е насочен кон помали сместувачки капацитети, помали групи туристи, патувања во кругот на семејството, при што сѐ повеќе се бараат активни форми на туризам. Всушност, пандемијата покажа кои ни се слабите точки, каква е перцепцијата на туристите за Македонија како дестинација и што е она на што треба да работиме за да се подобриме.

Кои се нашите силни страни, односно кој вид туризам носи најмногу гости во туристичките региони низ државава? Што нуди Македонија доволно атрактивно за странските посетители?

Ако велиме дека е нашава држава сѐ уште неоткриено туристичко богатство кога е во прашање европскиот пазар, истото можам да го кажам и за регионот. Во 2020, па и 2021 година, низ нашите уши зуеше хаштагот „дома си е дома“. Оваа кампања ни покажа што сѐ уште може да направиме во однос на промоцијата. Ние, во 2021 година, успеавме да ги зголемиме ноќевањата на домашните туристи за 15% во однос на 2020-та кога нашите граѓани не можеа да патуваат, што значи дека оваа кампања даде голем ефект. Откривме што е тоа што го имаме, што е тоа што ни треба. Според податоците видовме дека нашата дестинација побавно паѓаше во туристичкиот сектор за разлика од другите дестинации што беа повеќе изложени на масовниот туризам. Всушност, сето она што го понудивме во 2020 и 2021 година, многу силно и позитивно се одрази врз руралните дестинации, посетата на национални паркови и слично, па последователно, бројот на ноќевања во овие региони се зголеми. Тука ние се прашуваме дали вложивме доволно во сместувачките капацитети кога се во прашање овие дестинации и каде треба дополнително да работиме за да се подобрат туристичките услуги во овие места. Силните страни ни се руралниот, екотуризмот и активните форми на туризам. Охрид ни е туристичкиот бисер, и да, се сложувам дека Охрид како туристичка дестинација треба да го има приматот, но тој треба да се освежува со дополнителни форми на туризам и со сето она што треба како дополнителна атракција да им го понуди на туристите. Целните групи не ни се веќе посетители од европските земји на возраст од 60+ години, немаме веќе толку многу кружни патувања, но затоа просечниот престој на гостите од регионот ни е многу поголем, па на тоа треба и да работиме. Не треба да дозволиме Преспа да има само 860 кревети, а во текот на денот да има 15.000 или 20.000 посетители. На таков начин ќе ја оптовариме дестинацијата, а нема да имаме позитивен ефект врз локалната економија. Всушност, тоа на што треба да работиме е да имаме поголема промоција, но исто така се сложувам дека треба да градиме вредности. Треба да градиме сместувачки капацитети, но и да овозможиме дополнителни услуги што сѐ повеќе и повеќе ќе овозможат трошење надвор од пансионите, и она што е важно, поразлична перцепција на гостите за дестинацијата во која престојуваат.

Љупчо Јаневски

Љупчо Јаневски, Директор на Аденцијата за промоција и поддршка на туризмот

Проектот „Дома си е дома“ наиде на многу позитивни реакции и им влијаеше стимулирачки на домашните туристи да патуваат повеќе низ нашава земја, дали ќе се продолжи и оваа година со снимање нови видеа и кои дестинации ќе се опфатат?

„Дома си е дома“ како сегмент и дополнителниот промотивен спот „Безбедно како дома“ со кој визуелно се прикажаа препораките за заштита, се покажаа многу значајни за туристичкиот секотор, како и видеата што дополнително се снимија и се направија за сите протоколи што ги имаме. Ме охрабрува дека во 2022 година на ист таков начин, можеби и сличен, заеднички со програмите на УСАИД, ИМЕ И СИПО ќе почнеме да работиме дополнителни видеа и дополнителни кампањи што ќе овозможат уште поголемо зајакнување на алтернативните форми на туризам и на туристичка понуда во одредени дестинации. Опциите за соработка се фокусирани на заедничко претставување на неколку држави и на туристички производи што би биле интересни за конкретни целни групи од регионот на одредени пазари. Ако велиме дека „дома си е дома“ го даде тоа што е потребно, јас сѐ уште мислам дека „дома си е дома“ има уште многу да понуди. Заедно со туристичкиот сектор треба да ги создадеме неопходните услови услови во 2022 година да ги задржиме овие 1.7 милиони ноќевања на домашните туристи, но дополнити со странски туристи. За 2022 година, една од целите на Агенцијата е да стигнеме до 2.5 милиони ноќевања, на таков начин што ќе ги задржиме домашните и што ќе стимулираме што поголем број странски туристи да ја посетат нашата дестинација. Јас сум сигурен дека во тоа ќе успееме ако работиме заеднички. Агенцијата за туризам транспарентно ќе работи со сите чинители во туризмот.

Агенцијата реализираше успешни проекти за поддршка и развој на туризмот, дали имате во најава нови проекти што се од значење за развојот на туристичките капацитети?

Ние во овој период во кој многупати бевме затворени, не бевме во можност да функционираме без регионот. Сфативме дека сѐ повеќе ќе треба да ги користиме европските ИПА-фондови, кои ни овозможуваат заеднички прекугранични програми, и на таков начин да генерираме средства. Креирањето синергија и развивањето заеднички проекти е успех за регионот. Имено, Агенцијата за првпат доби проект заедно со италијанско-грчката комора и со туристичката организација на градот Солун, заеднички да го промовира и да го зајакнува женското претприемништво, всушност да овозможи промовирање на дестинацијата и валоризација на дестинацијата. Сето тоа ќе биде насочено кон директно влијание на локалниот економски развој, создавање на нови работни места што ќе овозможат дополнителен раст на мали и на семејни бизниси и намалување на миграцијата. Всушност, туризмот е одлична алатка што нѐ насочува како треба во следните години да ги развиваме одредени дестинации и да овозможиме нивна одржливост.

Се отворија нови авиолинии до повеќе европски дестинации. Дали го зголемија бројот на странски посетители во земјава и има ли најави за сезонава што следува за влез на други авиокомпании и за зголемен број летови?

Ако ни беше до 2019 година главниот фокус на Турција, и ако знаеме дека отприлика 120.000 или 130.000 туристи секоја година сме очекувале од Турција, во 2022 година ова нема да биде возможно, зашто голем број кружни патувања нема да може да се изведат. Целните групи на патувачи се изменија, сѐ повеќе ќе се патува на кратки дестинации, сѐ повеќе ќе се патува – барем во овие неколку години – во една до две дестинации, короната сѐ уште ќе биде тука и ризикот ќе биде доста голем. Кога зборуваме што е тоа што може да го направиме, освен фокусот врз турскиот пазар што и понатаму ќе се трудиме да го вратиме во една кумулативна смисла, сѐ повеќе и повеќе ќе создаваме нови дестинации со нови авиолинии, како што се новите летови Киев – Скопје, Атина – Скопје, како што е можноста со двата лета Москва – Скопје, Санкт-Петербург – Скопје, или најавените нови линии Тел Авив – Скопје, всушност сега сите треба да се искористат за што поголема промоција и поголем број туроператори да организираат аранжмани за нашата земја. Во 2021 година, во одредени статистики на booking.com најголеми пребарувања буквално за нашата дестинација имале руските туристи. Јас и очекувам во 2022 година, со летовите што почнаa во месец март да биде уште повеќе посетена нашата дестинација и што поголем број на туроператори да ја стават во своите туристички програми. Истото тоа го направивме со молдавскиот пазар во 2021-та, годината ја заокруживме со 15 туроператори што нѐ посетија и покажаа интерес за дестинацијата. Во 2020/21 година два до три автобуси возеа оттаму 24 часа за дочек на новата година на Шапка и Маврово. Интересно за туристички пазари на кои досега не сме се фокусирале или дестинации од каде што може да дојдат повеќе туристи. Кога е во прашање 2022 година, ќе бидеме доста фокусирани врз регионот. Една од работите на кои ќе се фокусираме е линијата Белград – Охрид, во 1990 година таа линија функционираше два пати во текот на денот, зошто да ја нема во 2022 година, по 32 години, два пати неделно? Истата линија ќе ја искористиме за поголем број туристи што ќе дојдат и поголема размена за бизнисот од двете страни. Најавени се шест чартери неделно од Холандија, два чартера од Белгија, по еден чартер или половина чартер со редовна линија што ќе бидат закупени од Туи од Варшава и од Обединетото Кралство. Се надевам на летови од други дестинации, како што се линијата Измир – Скопје и дополнителни турски туроператори. Очекувам странските туристи да скокнат негде за 100% во 2022 година. Се надеваме оваа година и да покаже кои туристички пазари имаат уште поголем потенцијал за да може да се фокусираме на нив. Се надевам дека на Агенцијата за туризам ќе ѝ се овозможи уште поголем буџет, но исто така и уште поголема искористеност на европските фондови и фондовите од Светска Банка за туристички развој.

Туристичкото ребрендирање на дестинацијата е сериозен чекор за кој се потребни ресурси и работа во која би бил вклучен туристичкиот сектор. Дали би можеле оваа година да очекуваме брендирање на дестинацијата и нејзина промоција во регионалните и во светските медиуми?

Туристичкото ребрендирање на дестинацијата претставува и предизвик и престиж и треба да се одвива во повеќе фази. За да имаме добро брендирање на дестинацијата, ние треба да имаме работни групи со туристичките комори и целокупниот туристички сектор. Всушност, луѓето што ќе го работат тоа треба да имаат свежи информации и анализи за туристичките текови, дополнители истражувања за тоа какава им е перцепцијата на странските туристи за Македонија како туристичка дестинација. Овој процес е бавен, но само на таков начин може да стигнеме до добро брендирање и до добар слоган, што во 2023 година ќе треба да ни биде една од силните страни, а и добра алатка за промовирање на дестинацијата. Ако зборуваме дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот треба да стане национална туристичка организација, една од работите што дополнително ни недостига за развој на дестинацијата е добро туристичко брендирање.

Кои се идните предизвици за овој значаен сектор за економијата?

Туристичкиот сектор, според мене, ќе биде еден од алатките за брзо закрепнување на македонската економија. Туризмот е една од најпогодените економски гранки, но гледано како област, e една од гранките што може најбрзо да закрепне од кризата. Туристичкиот сектор треба брзо да се приспособи кон новите трендови во туризмот и да овозможи дополнителни услови. Заеднички да создаваме одржливост на дестинацијата, но и нови модели на субвенционирање што ќе бидат насочени кон развивање на туристичките региони, зајакнување на туристичкиот сектор и на нашите туроператори. Заеднички, само на таков начин ќе можеме да овозможиме мерливост на резултатите од мерките на Владата, но и можност за нивно подобрување со поголема ефикасност на туристичкиот сектор. Сепак, да не заборавиме на една од работите на кои сме им давале многу пати значење и кои сме ги потенцирале во многу ситуации. Тоа се човечките ресурси што од година во година сѐ повеќе ќе треба да се негуваат. Блискоста на работата на стручните училишта со туристичкиот сектор треба да излезе на виделина, нивната заедничка работа треба да овозможи покрај развој на туристичкото стопанство, и развој на човечките ресурси, кои се основата за понатамошен здрав туристички сектор во државата.

Љупчо Јаневски

Љупчо Јаневски

На каков одзив наиде предлогот за туристички ваучери за здравствените работници? 

Тоа е фрлена ракавица, ние на некој начин треба да ги негуваме, да ги почитуваме и да им овозможиме определени бенефиции на сите работници што се преоптоварени во овие две години поради здравствената криза. Туристички ваучери за здравствените работници е еден од моите предлози, за кој се надевам дека понатаму ќе дојде и како заклучок од самата Влада. Предлогот што ќе ѝ биде даден на Владата е сите здравствени работници во текот на 2022 година да добијат ваучери за одмор во нашите туристички центри. На таков начин ќе си овозможиме дополнителен број ноќевања и ќе го поддржиме кревкиот туристички сектор. Дополнително ќе овозможиме нашите медицински лица и здравствени работници заслужено да се одморат, бидејќи се покажа дека летните месеци се многу помалку оптоварени од кризата со Ковид-19.

Кои се новитетите во програмските активности што треба да ги реализирате оваа година на полето на промоција на туризмот?

Промоцијата на туристичка Македонија ќе биде во фокусот и оваа година. Две третини од програмските активности се насочени кон промоција и вклучуваат маркетиншка кампања во регионот: Бугарија, Србија, Албанија, Косово, Турција и Полска. Да наброиме некои од активностие: продукција на 360 виртуелни тури за туристички дестинации во Македонија, кои ќе бидат интегриран дел од страната https://northmacedonia-timeless.com/ и кои ќе ги прикажуваат најатрактивните дестинации во форма на виртуелна реалност; организација на информативни патувања во Македонија за блогери, влогери, инфлуенсери, туроператори, медиуми, новинари и други, чија цел е запознавање со туристичките потенцијали на нашата земја и промоција на туристичките дестинации и производи со цел постигнување одредено ниво на препознатливост и конкурентност на македонскиот туристички производ; учество на меѓународни, регионални и локални туристички саеми и виртуелни саеми; како и продукција, дизајн, изработка, печатење и дистрибуција на брошури за промотивни туристички цели. Би сакале да истакнеме дека ги поканивме сите од туристичкиот сектор да дадат предлози за туристичка промоција, а прифатени се и сите барања од Управниот одбор на Агенцијата за туризам во делот на туристички предлози. Дали има Македонија услови, капацитети и можности да биде дестинација за 4 сезони, односно дали има доволно атрактивна туристичка понуда за да има туристи преку цела година? На што треба да се работи или што треба да се подобри за да се искористат предностите од туризмот за 4 сезони?

Македонија располага со огромни потенцијали за привлекување туристи и тоа не само од земјава и од регионот туку и на туристи што би доаѓале и од подалечните земји. Многу региони во државава прераснуваат во препознатливи туристички дестинации преку целата година, но треба да се работи на зголемување на понудата со активности за сите четири сезони. Многу туристички продукти како параглајдеризмот, активности во природа, историјата, културата, уникатната архитектура, гастрономските специјалитети, старите занаети и гостопримливоста на локалното насаеление, се само некои од предностите на земјава што може да се искористат преку цела година. Од пандемијата може многу да научиме. Да научиме што значи кризно менаџирање во туризмот и тоа да се искористи при создавање и промоција на Македонија како дестинација за 4 сезони.

Каде се гледа потребата од долгорочна стратегија во туризмот? Дали е тоа за зголемување на бројот на туристите, дали е во развојот на нови продукти или, пак, развој на нови туристички капацитети?

Ако зборуваме за долгорочна стратегија во туризмот што долги години ја бара Агенцијата за туризам, развојот ќе биде насочен како кон зголемување на бројот на туристите, така и кон новите продукти и нови туристички капацитети. Ние не можеме да развиваме туристичка дестинација ако немаме одредени вложувања во неа, ние не можеме да вложуваме ако немаме стратегија по која ќе треба да работиме, ако не знаеме каде и како да се движиме. Долгорочната стратегија треба да ни ги покаже правците. Во време на кризата предизвикана од короната, сите светски стратегии на одредени дестинации се ревидирани. Треба и ние да ја направиме нашата. Што поскоро да ја направиме, одобрена од целиот туристички сектор, толку подобро, ќе имаме по што да постапуваме во годините што следуваат.

Image
Newsletter