Македонија е земја која не се открива од прв поглед. Таа е како стара, вредна книга – потребно е време да се прочита и да се почувствува целосно. Кога ги посетувам туристичките места, тоа го правам како некој што сака да се изгуби во тишината на природата, да ужива во нашите планини или да се занесе со погледот кон спокојството на езерските води. Затоа, како човек што искрено ја сака својата земја, честопати и со голема радост настојувам заедно со семејството да ги посетам нашите туристички места и да уживам во убавините и мирот што ни ги нуди природата, вели Зоран Љутков, министер за култура и туризам, за Магазинот за туризам и менаџмент.
Македонија во Јапонија, на „ЕКСПО ОСАКА 2025“. Каква приказна раскажа нашата делегација за да го запознае светот со една мала, а сепак значајна земја?
Во Осака, нашата делегација раскажа искрена и длабоко македонска приказна. Претставивме една мала земја со големо срце, која со гордост ги чува своите корени, но и ги отвора прозорците кон светот. Нашето минато беше конципирано не како носталгија, туку како темел за модерна иднина, а културниот идентитет, особено фолклорот, беше прикажан како жива и динамична вредност.
Обврска на Министерството за култура и туризам беше да ја подготви културната програма преку која ќе се претстави Македонија на „ЕКСПО ОСАКА 2025“. Претходната влада од 2021 година до нашето доаѓање на власт не успеа да дефинира јасен план дали и како ќе се претставиме, со што нѐ доведоа до краток период за дефинирање на активностите и нивна подготовка. Моравме веднаш да формираме работно тело со претставници од различни државни органи за професионално претставување на нашата Македонија. Соработката со јапонските организатори беше извонредна и се покажа како клучна.
Можам да кажам дека успеавме, благодарејќи на нашата професионалност и визија, за краток период да создадеме претставување кое привлече внимание и остави впечаток. Ова не само што ќе има позитивен ефект врз нашите меѓународни односи и економски развој, туку и ќе ги унапреди нашите можности за идно учество на глобални настани.
Во Јапонија на „ЕКСПО ОСАКА 2025“ беше одбележан националниот ден на Македонија. Како беше претставена нашата земја?
На Националниот ден, Македонија блесна со својата култура и дух. Овој ден не само што го одбележавме како празник на нашето богатство и традиција, туку и како сведоштво за нашата определба да градиме меѓународни односи засновани врз доверба, партнерство и почит. Во рамките на овој голем глобален настан, Македонија имаше уникатна можност да се прикаже во својата автентичност. Изложбата посветена на архитектот Кензо Танге, визионерот што му даде нова душа на Скопје по разорниот земјотрес во 1963 година, нè поврза со Јапонија преку вечната вредност на пријателството. Изложбата не ја изразува само почитта кон неговото дело, туку е и симбол на тоа дека вистинските пријателства се раѓаат во тешки времиња и опстојуваат со генерации.
Проектот за обнова на Скопје се издвојува како пример за несебична меѓународна соработка, која, во време на политички поделби, ја демонстрираше моќта на глобалната солидарност. Овој дух на единство, кој надмина културни и историски бариери, ни служи како инспирација за современите предизвици.
Со настапот на нашиот национален ансамбл „Танец“, пренесовме енергија полна со страст и гордост, покажувајќи го богатството на нашата култура пред јапонската и светската публика. Македонија, како земја во која традицијата и современоста се спојуваат, привлекуваше внимание и интерес од светот, а нашето присуство беше сведоштво дека имаме многу да понудиме.
Во градењето вистински пријателства и соработка, основани врз доверба и почит, Македонија се позиционираше како земја подготвена да биде дел од глобалните текови и да придонесе за светла и подобра иднина. Оваа иницијатива не е само чекор напред за нас, туку и одраз на нашата улога во светот, ехо на едно ново утре.

Љутков: „На Националниот ден, Македонија блесна со својата култура и дух.“
Посетата во рамки на „ЕКСПО ОСАКА 2025“ ја искористивте да остварите средба со комесарот за културни врски на Јапонија, г. Шуничи Токура. Кои придобивки може да ги има Македонија од Јапонија, особено на полето на туризмот?
Средбата со г. Шуничи Токура, комесарот за културни врски на Јапонија, беше важен дел од мојата официјална посета на „ЕКСПО ОСАКА 2025“. Средбата беше исклучително корисна во контекст на унапредување на соработката меѓу Македонија и Јапонија на полето на културата и туризмот. Во тој контекст, сакам да потсетам дека оваа средба е резултат на минатогодишната посета на комесарот Токура на Скопје и потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на културата, кој е прв билатерален документ во оваа сфера меѓу двете држави.
Тогаш јапонскиот комесар за култура средбата во Скопје ја оцени како историска за продлабочување на блиските и пријателски односи со Јапонија.
Инаку, морам да истакнам дека Јапонија, како економска и технолошка сила, претставува голем потенцијал за Македонија, не само во културна, туку и во економска смисла. Во тој контекст, соработката на нови заеднички проекти и размена на искуства ќе бидат особено значајни за нас.
Во делот на културата, разговаравме за реципрочни гостувања на ансамбли и репродуктивни уметници од музичко-сценската и театарската дејност, за соработка меѓу музеите, галериите и уметничките центри, како и за размена на искуства во управувањето со локалитетите кои се впишани на Листата на светското наследство на УНЕСКО.
Воедно, во делот на туризмот разговаравме за тоа како да го привлечеме вниманието на јапонските туристи и да ја зголемиме свеста за Македонија како туристичка дестинација, и на тој начин да создадеме нови можности за туристички текови. Разговаравме и за размена на искуства и добри практики со Јапонија, со цел подобрување на нашата туристичка понуда која ќе биде привлечна за странските посетители.
Преку можноста за повеќе заеднички проекти и размена на експерти, македонската култура ќе стане уште попозната во Јапонија, што ќе го зголеми привлекувањето на јапонските туристи и ќе ја подигне глобалната свест за потенцијалот на Македонија како туристичка дестинација.
Затоа ќе настојуваме да ги искористиме синергиите за да ги презентираме нашите природни убавини, културното богатство и историјата на еден од најразвиените туристички пазари во светот, како што е јапонскиот. Нашата стратегија е да изградиме долгогодишни партнерства, засновани врз доверба и разбирање, кои ќе доведат до значајни економски и културни придобивки за Македонија, но и за Јапонија.
Јапонија е еден од најзначајните билатерални донатори во Македонија. Помошта што ја добива земјата надминува 430 милиони евра. Во рамки на посетата, заедно со министерот Муцунски, остваривте средба со Шохеј Хара, заменик-претседател на Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЈИЦА), надлежен за соработка со Европа. Дали договори владината делегација дополнителна соработка?
Разговорот со г. Шохеј Охара, заменик-претседателот на Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЈИЦА), беше навистина конструктивен и пријатен. Се фокусиравме на можностите за културна соработка, особено во областа на археологијата. Една од клучните теми беше идејата нашите млади археолози да добијат шанса да заминат во Јапонија на обуки и стручни усовршувања. Во исто време, предложивме и вклучување на јапонски експерти кои би доаѓале во Македонија и би работеле заедно со нашите тимови на археолошки истражувања со користење современи методи и техники. Оваа размена, веруваме, не само што ќе ја зајакне стручната соработка, туку и ќе придонесе за нови сознанија и искуства од обостран интерес.
На официјалната средба дискутиравме за проширување на економската соработка и потенцијалните инвестиции во Македонија, фокусирајќи се на стратешки сектори како инфраструктурата, енергетиката и туризмот. Владата работи активно на создавање силна и правична деловна средина за сите инвеститори.
Овие средби ја отворија вратата за нови можности и ќе бидат сигурна основа за идни активности и соработка меѓу Македонија и Јапонија. Со задоволство можам да кажам дека оваа интензивна соработка има потенцијал да донесе многу поволности и да ги зацврсти врските меѓу нашите две земји.

Љутков: „Нова Стратегија за развој на туризмот која ќе биде усогласена со современите светски трендови и националните развојни приоритети.“ | Извор: СДК.МК
Доколку сумирате, кои се придобивките од учеството на Македонија на саемот „ОСАКА 2025“?
Учеството на Македонија на саемот „ОСАКА 2025“ носи со себе многу значајни придобивки на глобалната сцена. Со присуството на милиони посетители од цел свет и странски инвеститори, сведоци на нашата автентичност и потенцијал, се отвораат можности за вложување во нашата економија. Ова е особено важно за една мала држава како Македонија, каде што секоја инвестиција може да направи значајна разлика.
Покрај тоа, саемот „ОСАКА 2025“ служеше како одлична платформа за промоција на нашиот туристички сектор. Презентацијата на уникатните туристички атракции на Македонија, од природните убавини до богатото културно наследство, привлече големо внимание од посетителите. Ова ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи кои ќе ја откриваат нашата земја и нејзините благодати. Учеството на овој настан значително ја зголеми видливоста на Македонија на меѓународната сцена. Ја покажавме културната разновидност и традиција пред светот, создавајќи позитивен имиџ кој ќе ни помогне во идната соработка и партнерства.
„ОСАКА 2025“ е многу повеќе од само присуство на саем. Тоа е стратешки чекор кон подобра иднина, обележан со нови можности за развој, партнерство и меѓусебна поддршка. Македонија отвора свои врати кон светот и ја гради својата иднина со доверба и со оптимизам.
Кои се другите планови за реализирање од предвидената програма за култура?
Во рамките на учеството на Македонија на „ЕКСПО 2025“ во Осака, предвидена е богата и внимателно осмислена културна програма чија цел е достојно да ја прикаже македонската уметност, традиција и современ културен израз пред светот.
Така, освен изложбата посветена на Кензо Танге и неговата визија за постземјотресно Скопје, како и настапот на културниот амбасадор на нашата држава „Танец“, еден од централните настани ќе биде одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста, кога македонската култура ќе блесне со настапите на врвните уметници Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски и Владимир Четкар. Тие, секој на свој автентичен начин, ќе го претстават духот на Македонија на меѓународната сцена.
Оваа програма не е само претставување, туку и покана – до светот – да ја почувствува Македонија преку нејзините луѓе, музика, уметност и топлина.
Туризмот е една од најважните гранки за секоја земја. Во одредени држави овој сектор сериозно придонесува за полнење на државната каса. Дали подготвува Министерството стратегија за развивање на туризмот во земјава?
Министерството за култура и туризам и јас како министер посветено и интензивно работиме на подготовка на нова Стратегија за развој на туризмот, која ќе биде усогласена со современите светски трендови и националните развојни приоритети. Како што е добро познато, туризмот претставува значаен економски потенцијал, а нашата цел е да го позиционираме како една од водечките гранки што ќе придонесуваат за севкупниот економски раст и зајакнување на регионалниот развој. Стратегијата предвидува интегриран пристап кој ги поврзува културата, природните ресурси, гастрономијата и активниот туризам во единствена понуда. Ќе се стави акцент на одржлив туризам, развој на инфраструктурата, дигитална промоција, како и јакнење на капацитетите на локалните заедници. Особено внимание ќе посветиме на вклучување на приватниот сектор и на младите во туризмот како двигатели на иновации и нови бизнис-можности.
Верувам дека со оваа стратегија Македонија ќе се позиционира како препознатлива и конкурентна дестинација, со уникатна приказна што ќе привлече сè поголем број посетители, не само како туристи, туку и како пријатели на нашата земја.

Љутков: „Кога разговарам со странци, секогаш им препорачувам да не ја гледаат Македонија само преку туристичките разгледници туку да си дозволат да ја почувствуваат.“ | Извор: 2021-2025.state.gov
Како да стане Македонија препознатлива и барана туристичка дестинација?
За Македонија да стане препознатлива и барана туристичка дестинација, потребен е стратешки и сеопфатен пристап што ќе ги истакне нејзините уникатни природни, културни и историски вредности, но и ќе одговори на очекувањата на современиот турист.
Прво, неопходно е да изградиме јасен и автентичен туристички бренд, кој ќе ја раскаже приказната на Македонија како земја со богата историја, автентична култура, прекрасна природа и природни убавини, богато културно наследство, автентична гастрономија и топли, гостопримливи луѓе. Тој бренд мора да биде доследно и професионално промовиран на глобално ниво, со стратегиски партнерства и присуство на меѓународни саеми и манифестации.
Но, сето тоа значи и значителни вложувања во развој на туристичката инфраструктура и во капацитетите на локалните заедници, кои се носители на туризмот на терен. Рурален, еколошки, бањски и културен туризам се области со огромен потенцијал кои, доколку се добро поддржани, можат да донесат сериозни економски и социјални придобивки.
Истовремено, потребно е да се обезбеди добра координација меѓу локалната самоуправа, државните институции и туристичката индустрија. Само на тој начин може да се создаде стабилна и конкурентна туристичка понуда што ќе ја задржи автентичноста на нашата земја и на нашето поднебје и ќе ги исполни високите стандарди на современиот патник.
Македонија има сѐ што ѝ е потребно и треба тоа мудро да го искористиме и заедно да ја изградиме не само како дестинација што се посетува, туку и како дестинација што ќе се памети и ќе се препорачува.
Колку често ги посетувате туристичките места во Македонија и кои им ги препорачувате на странските гости?
Често велам дека Македонија е земја која не се открива од прв поглед. Таа е како стара вредна книга – потребно е време да се прочита и да се почувствува целосно. Кога ги посетувам туристичките места, тоа го правам како некој што сака да се изгуби во тишината на природата, да ужива во нашите планини или да се занесе со погледот во спокојството на езерските води. Затоа, како човек што искрено си ја сака својата земја, честопати и со голема радост настојувам заедно со семејството да ги посетам нашите туристички места и да уживам во убавините и мирот што ни ги нуди природата.
Затоа, кога разговарам со странци, секогаш им препорачувам да не ја гледаат Македонија само преку туристичките разгледници, туку да си дозволат да ја почувствуваат. Ги советувам да ги посетат Охрид и неговите древни цркви, да прошетаат низ Скопската чаршија, да го посетат Кокино и да ја доживеат неговата мистичност, да го почувствуваат душевниот мир во манастирот „Св. Јован Бигорски“, да ги посетат Стоби и Хераклеја. Им препорачувам да уживаат во автентичната арома на македонските вина, да ја вкусат нашата храна, да слушнат македонска музика и, најважно, да се запознаат со нашите луѓе, бидејќи токму тие се најголемото богатство на Македонија.
Нашата сила не е само во глетките, туку во топлината што ја носи секој човек, секој дом, секоја приказна. Тоа ја прави Македонија не само дестинација за патување, туку и место каде што секогаш ќе се враќате.
