Доне Таневски е еден од најуспешните и најискусни стопанственици и долгогодишен прв човек на најголемата македонска хотелиерска компанија, „Македонија турист“. Во ексклузивно интервју за „Магазинот за туризам и менаџмент“ зборува за состојбите во туризмот во земјава. Благодарејќи на визионерството, Доне Таневски денеска е сопственик и директор на синџир на хотели во рамки на компанијата „Македонија турист“: „Холидеј ин“, „Турист“, „Карпош“, „Јадран“, „Бристол“, „Белви“, „Водно“ и два ресторана.
Таневски вели дека кај секој човек најважна е неговата личност, а за можностите во животот, вели дека ако имаш среќа да го фатиш возот, качи се, ако не ти се допадне, можеш да се симнеш на првата станица, а ако продолжиш, тогаш не може никој да те стигне.
Нумизматиката му е хоби, веќе има издадено една книга за монетите на македонските кралеви, а во овој момент ни откри дека пишува и втора книга за македонските градови.
Во однос на туризмот, пак, вели дека состојбите не се најповолни, дека има многу сива економија и тоа не се санкционира, дека нема кадар, не се плаќа ДДВ. Струјата, вели, до крај нѐ дотолчи, а поддршка од државата нема. За развој на туризмот треба да се подобри инфраструктурата, а како држава не знаеме да го искористиме и да го зголемиме девизниот прилив од туризмот.
Господине Таневски, како долгогодишен и успешен стопанственик во хотелиерството, како ги оценувате генерално состојбите во туризмот во земјава? Медиумите, кога пишуваат за вас, ве нарекуваат најголем хотелиерски магнат, па верувам дека одлично ја познавате состојбата во овој сектор?
Јас веќе 51 година сум во оваа професија, од моите студентски денови, а состојбата во туризмот ја оценувам како не баш најповолна. Не само во овој период, туку и во периодот на Југославија, бевме, да не речам, на последно место. Овде се и новите светски движења што негативно влијаат на целиот развој на настаните. Од една страна тоа, а од друга страна е и либералниот дел во економијата, кој сака да прави во оваа држава или во овој град е една отежнувачка околност. Тоа не е само случајот со Македонија, тоа во делот на тој либерален однос кон економијата е и во времето на Реган, каде што тотално се напушти сѐ. Тој дојде до ситуација да го канализира тоа, да се плаќаат даноците, а ние и до денешен ден сме 40 проценти во сивата економија за плаќање ДДВ, а тоа се одразува и на хотелиерството. Ние ова на некој начин го укажуваме онаму каде што треба, меѓутоа нема сили или нема намера некој тоа да го стопира. Во Скопје има преку 200 хотели, преноќувалишта и хостели, секој стан се издава, што е уште поголем предизвик за едно нормално работење. Ние сме фирма што на оваа држава не сме ни помислиле да не ѝ платиме, а не ДДВ или сите давачки што се по закон одредени. Ние долги години сме немале контрола, сега дојдоа, ама нема што да видат, сѐ е точно и сѐ е платено. Најголемата придобивка е што сум чесен спрема оваа држава. Јас сакам да придонесам да ја кренеме, другите не мислат баш така. Во една ваква состојба, каде што има многу хотели, слушам дека, на пример, ако плаќаш со картичка цената е таа, а ако плаќаш со кеш цената е друга, значи, јасно е што се прави и како се прави. Ама тоа не е само ситуација во хотелиерството, земете ја на пример „Пластичарска“, тие до денешен ден ти даваат роба на парагон-блок. Дали има оваа држава малку претстава дека тоа треба да се стопира и да се тргне по еден ред – не знам.
Значи состојбата во туризмот е многу лоша од овие два аспекти, а третиот аспект е што ние немаме доволно кадар. До април, мај, се снаоѓаме со повратниците од надвор, но по тој период остануваме со кадарот што од разно-разни причини останува тука, а тоа значи дека или се стари или не ги сакаат на хрватско приморје, па остануваме со кадар што не е квалитетен. Сите бараат високи плати, и јас сум за тоа, но немаме можност како профит тоа да го извадиме.
Имавме период на пандемија со Ковид-19, а годинава што измина беше порелаксирана во однос на туризмот, дали имавте успешна година?
Очекувам дека резултатите оваа година ќе бидат позитивни, но не од редовното работење. Од редовното работење можеме да бидеме или минус или на некоја нула. Добивката што ќе ја имаме е од нашиот финансиски менаџмент, од тоа што имаме доволно пари, кои ги вложуваме претежно во банки и сега во најново време во купување државни обврзници и акции од познати фирми од светот. Ова пред 2019 година беше на едно високо ниво, по короната почна да паѓа, а сега покажува една тенденција на зголемување, па очекуваме некоја добивка од таму. Така што, ќе ја завршиме оваа година добро, меѓутоа не е тоа што сме го имале порано. Ние, на пример, порано сме имале по два-три милиона профит, а сега дали ќе имаме 500-600 илјади со овие две работи ако се стабилизира работата. Ние, како фирма, не се плашиме од конкуренција, но само да биде лојална, а на пример, имаме состојба каде што поткупуваат наши вработени, па ги разнесуваат гостите по станови, претежно по станови. Затоа оваа држава треба да го земе предвид она што му се случи на Берлин. Берлин со закон го укина издавањето станови, ниту на „Ер-би-ен-би“ не може да се најде, затоа што реагираа хотелиерите. Значи самите раководства во државите се виновни за ваквите појави, треба да ги отворат очите за плаќање ДДВ. Не може да ми бидат тие нелојална конкуренција кога ние плаќаме сѐ, како ДДВ и сите законски обврски, а тие избегнуваат тоа да го прават и се одржуваат вештачки.
Доне Таневски, генерален менаџер на „Македонија турист“
По ковидот, дојде и енергетската криза. Колку влијае таа негативно врз вашиот бизнис?
Ова што се случи со струјата, до крај нѐ дотолчи. Еден месец сме платиле над 100.000 евра за струја. Платата е помала отколку струјата. Што не сме направиле како мерки, сите водиме контрола, се штеди, па успеавме да намалиме на 50 – 70 илјади евра во овој период кога и немаме работа. Замислете да имаме работа, тоа пак би било 100.000 евра. Значи, тоа се тие фактори што интимно фирмите ги чувствуваат. Што се однесува до самиот туризам, овие две години да не се повторат. Се преземаат некои активности во тој дел, со туристичките агенции со кои соработуваме. Тие имаат укажувано за некои правци каде да се движиме, затоа што ние претежно имавме туристи од Турција и од Далечниот Исток. Храната исто така е зголемена над 50%, струјата 300-400% е зголемена, на период цената доаѓа и до седум пати поголема, па сме во неповолна состојба.
Со сите наши ангажмани во делот на штедење, на строга контрола, ние успеваме да заштедиме околу 15 – 20 илјади евра, меѓутоа, ако се погледне колку гости имаме ние, можеби дел од таа заштеда е тоа што немаме гости, тоа е страшно.
Многу од хотелите, посебно од охридскиот регион, најавија дека нема да бидат отворени за празниците, оти токму поради енергетската криза би имале повеќе загуба отколку добивка. Дали се стравува дека многу од нив ќе стават и клуч на врата?
Да, голем дел од хотелите беа затворени за новогодишната ноќ, а инаку, секако, понудата зависи од формирање на цената, ако има потрошувачи да ја платат таа цена, тие ќе дојдат, ќе има гости. Меѓутоа, не е само струјата во прашање во овој момент, тука се намирниците и сето останато, од средства за одржување, до средства за чистење, ама нема што не е покачено. Штом е поврзано со нафта, со бензин, со енергија, нема спас, сите мора да ги зголемат цените и сега кога ќе го внесеш трошокот, цената е таа, и затоа луѓето ставаат клуч на врата. Не е само струјата, луѓето се лажат, ако е само струјата, тогаш е многу лесно. Секое домаќинство си знае колку троши.
Статистика покажува дека годинава што измина има зголемување на бројот на туристите, но сепак тој е далеку помал од нивото пред кризата. Ова значи дека и ударот е најсилен кај хотелиерите што генерираат работни места. Дали добивте како сектор некаква поддршка од државата?
Не, не добиваме никаква поддршка од државата. Оваа држава треба да знае како да го искористи она што беше во Југославија. Таму состојбата беше сосема друга, многу добро знам затоа што пет години бев претседател на Собранието на туристичката комора на Југославија, спроведувавме такви работи, резултатите беа извонредни. Оваа Македонија може да живее само од патлиџани, Холандија од извоз на домати само во ЕУ има 26, 3 милијарди евра прилив. Само Струмица може да ја храни Македонија. Во социјализмот, еден од најбогатите градови во Македонија беше Ресен, од извозот на јаболка, а сега таму има само стари лица, некое детенце, некој државен службеник и некој што има приватен бизнис. Секакви дубиози има во оваа земја, државата ни се уништува и никој не е моќен веќе да направи нешто, има некоја надеж, но тешко вас, младите.
Препознатлива ли е Македонија, како туристичка дестинација? Во изминативе години земјава се рекламираше како привлечна туристичка дестинација на најпознатите светски канали и магазини како Си-ен-ен, Форбс и слични, кои секако имаа ефект врз привлекувањето странски туристи. Дали треба државата повторно да размисли за овој начин на промоција?
Да, тоа задолжително треба да се врати. Пак ќе кажам за бивша Југославија, се одеше на неколку саеми каде што претежно бевме поврзани со останатите југословенски републики, имавме кружни групи. Другите групи со тури ги носеа во Дубровник задолжително, па одеа на манастирските делови, па во Косово, Скопје, Охрид, одеа за Солун и од таму полетуваа. Имаше разно-разни групи што овде нѐ полнеа со гости. Сега тоа замре, гледам дека има некои обиди да се обноват тие тури-групи, кои тогаш претежно беа американски мешани групи, имаше и Јапонци, Канаѓани, Англичани, сега групите се претежно од источноевропските земји, кои не се во голем број, а најмногу се Турците.
Што им се нуди на странските туристи? Дали е понудата во насока да се зголемува нивниот број или треба нешто драстично да се промени?
За да има туристичко патување, потребен е мотив. Без мотив, не се патува, на крај и без мотив не се живее. Колку повеќе го промовираш мотивот, толку повеќе можеш да земеш од тој заеднички колач. Ние што имаме во Македонија? Скопје, Охрид, некои манастири што може да ги видат, но тие се специјални групи што ги интересира манастирскиот туризам. Треба да го организира некој тоа и да ги донесе овде, не е само Македонија во прашање. Не можеме ние само како Македонија да се нудиме, туку треба да се направат заеднички балкански тури. Имаат луѓе, на пример, што сакаат тоа да го видат, не им е ниту до планина ниту до море, туку ги интересира друг мотив. Порано Југославија била препознатлива, во САД кога ќе кажеш Дубровник, сите го знаеле, а сега кога ќе кажам дека сум од Македонија, прашуваат дали е тоа во Азија некаде?
Доне Таневски, во својата канцеларија
Генерално, какви реформи се потребни во туризмот за да се зголеми растот во овој сектор?
УФ, тешко прашање. Прво е инфраструктурата, која не е добра. Видете го патот до Охрид, кој турист ќе го однесете со кола да дојде, макар и балкански турист бил, како, на пример, еве од Бугарија можат да дојдат многу, од Србија исто така, Албанија, Косово и така натаму. Без инфраструктура, ништо не правиме. Второ, сепак е мал капацитетот за туризам во Охрид, за масовен туризам треба многу повеќе. Во оваа Македонија во однос на категоризацијата не се знае што е што, телефонот е категоризација. Ако одиме кон Европа, мора да се применат европски стандарди. Тоа Југославија го виде како потреба. Во Загреб постоеше Институт за туризам, каде што работеа професори и стопанственици. Имаше и Комора на Југославија, каде што големите директори беа членови и на Собранието и на Управниот одбор, се дискутираше, а некои имиња беа светски познати. Почнавме со обработка на системот, каква да биде категоризацијата во Југославија. Имавме А, Б, Ц, Д, немавме ѕвезди, но Западот не го бараше тоа, па моравме според Запад да се свртиме. Почнавме со работа, земавме два модела. Шпанскиот и австрискиот, односно швајцарскиот. Во времето на Југославија девизниот прилив беше некаде околу шест до седум милијарди, може најдобро до девет милијарди. Да дојде турист, му се даваше бензински бон за поевтина нафта или бензин, како што правеше и Грција на времето. Така што, многу нешта треба да се направат. На пример, за категоризација се потребни од тројца до петмина луѓе, а 15 беа во таа комисијата од цела Македонија, колку да земат дневници. Скопскиот Ибис е со две ѕвезди, а знаете колку има? Четири ѕвезди. По кои принципи? Европски, македонски или скопски или телефонски. Дали ќе се освести ова држава еднаш дека вака веќе не може да функционира. Сега само гледаат да „дрпнат“, тоа е ужас што се случува во последно време.
Кога спомнавте за хотелите, колку хотели со пет ѕвезди има во Македонија?
Па во последно време има доста, но не е доволно, а и треба да се определиме дали ќе бидеме за масовен туризам или ќе бидеме за ексклузивен туризам. Може да се измеша едното со другото, тоа во Шпанија го има. Сум бил на неколку места во приморскиот дел. На пример, Палма де Мајорка е една посебна приказна, па таму можеш да го видиш и тоа и тоа. Тие имаат перфектни хотели со 5 ѕвезди, но има и хотели со 2 ѕвезди, таму е голема масовноста, доаѓаат многу туристи. Таму се заинтересирани и општината и градот и државата, тие вложуваат таму каде што има девизен прилив, ние не знаеме тоа да го искористиме. Гледаат на туризмот како на последна дупка, па ќе ѝ дадат на Агенцијата за промоција некоја „ситна“ пара за да може да отиде на некој саем. Меѓутоа она што треба да се прави е да се посетат најголемите светски саеми за туризам.
Зошто нема светски брендови во хотелиерството во охридскиот регион, иако во минатото имаше некои најави за тој план. Дали можеби за инвеститорите не сме доволно атрактивни за развој на нивните бизниси?
Прво, сите брендови продаваат лиценца и затоа не се заинтересирани, а луксузот си го прави своето, тоа чини многу. Пред да влеземе во „Холидеј ин“, не сакаа името да ни го продадат. Првиот хотел беше во Љубљана, а вториот беше во Сараево поради Олимписките игри. Овде немаа мотив да ни продадат име и лиценца. Одвај успеавме, но генерално, постапката за добивањето на тие лиценци за светските брендови е многу тешка.
Во минатото сретнавме и со претставници од хотелот Хилтон. Кога им кажавме зошто сме дојдени, прашаа од каде сме и кога им кажавме, погледаа во документите и рекоа дека немаат никакви информации за Македонија, ни одговорија дека тоа треба да влезе во програма на компанијата, сопственикот да го погледне и да го одобри. Така што, тешко беше во тој период да се земе лиценца за Скопје, а камоли за во Охрид. Едноставно тие не се заинтересирани да продадат нешто и да немаат ништо од лиценцата. Некој ќе ја земе лиценцата и таа е толку, но сите давачки се отпосле, 2% од ова, 3% од она, има еден куп давачки што достигнуваат до 12%, кои постојано се зголемуваат. Лиценцата за „Холидеј ин“ ние ја добивме во 2000 година и сега ја обновивме, но таа може исто така и да се изгуби. На пример, доаѓаат брокери од брокерски куќи и прават процени.
Спомнавте дека се соочувате со недостиг од работа сила, не може да најдете кадар за работа. Неодамна и организациите за туризам побараа државата да дозволи увоз на работна сила. Се согласувате со тоа?
Мислам дека преку Комората се побара увоз на работна сила, што е најнормално во светот. Пред некој ден читав дека во Германија се неопходни работници, дури и неквалификувана работна сила. Замислете што ќе се случи! Па кај ќе најдеме ние квалитетни келнери, готвачи? Со судни маки овде ги задржуваме.
За крај, според вас какви се прогнозите за туризмот?
За жал, прогнозите не се многу оптимистички, додека не се завршат претходните работи, од она што има задача државата, што има задача стопанството, заедно со стопанските комори и сето она што значи контрола на извршување на работните задачи, нема да има резултат.