„Горда сум на мојата позиција и на мојот постигнат успех. По 18 години со Војажер, можам слободно да кажам дека сме рамо до рамо со многу странски туроператори. Успехот не познава пол, туку само вредна работа и многу труд“, вели во ексклузивно интервју за Магазинот за туризам и менаџмент сопственичката и основач на туристичката агенција Војажер. Мимоза Конеска по професија е дипломиран правник, но со голема храброст и ентузијазам влегла во светот на туристичкиот бизнис. Таа ги владее светот и егзотичните дестинации, особено Дубаи – градот што не спие и кој е едноставно посебен по тоа како пулсира и зрачи. На Светскиот ден на туризмот, Војажер ја објави и соработката со Универзитетот за услужни дејности од Дубаи, кој е рангиран на прво место на Блискиот Исток и на тринаесеттото место во светот. Универзитетот дава неограничени можности за студентите и за вљубениците во туризмот во земјата рангирана како најдобра во областа на услужната дејност.
Спомен куќата на Блаже Конески ќе се најде на туристичката мапа на Македонија. Иницијатор на овој голем потег е токму туристичката агенција Војажер. Конеска, во Небрегово потпишавте и декларација за поставување на куќата на Конески на картата за посета на учениците и на туристите од Македонија и од регионот. Од каде дојде идејата и каков е планот за реализација?
Манифестација „Зборот на Конески“ за промоција на македонскиот јазик и на ликот и делото на великанот Блаже Конески има цел да се постави Спомен-домот на Конески на мапата како место за редовна посета за време на ученичките и на студентските екскурзии, но и како место за организација на различни литературни и поетски манифестации, а и за посета на странски туристи. Заложбата е да се поттикнат новите генерации да имаат активен однос и да ги афирмираат ликот и делото на Блаже Конески, како и да се постави неговиот дом како значаен споменик на културата.
Да не се заборави, Конески ја изработил граматиката на современиот македонски јазик, го составил правописот на македонскиот литературен јазик и бил основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет.
Спомен-домот ќе се постави и како место за посета при организација на кружни балкански и историски тури низ Македонија. Со тоа, не само што ќе се промовира овој споменик на културата туку и Прилепскиот Регион, кој треба да се постави на мапата на региони за посета при организација на тури како регион кој е ненамерно запоставен и недоволно познат и посетен. Со таа цел е потпишана Декларацијата во рамките на оваа манифестација, која е официјален документ доставен до сите релевантни институции.
Потпишување декларација за поставување на куќата на Конески на картата за посета на учениците и на туристите од Македонија и од регионот.
Конеска со својот татко, Атанас Конески, во куќата на Блаже Конески, и со нашата позната водителка, Лила Филиповска.
Колку туристичките агенции и експертите во оваа област треба да иницираат вакви новини за да го види светот најубавото од Македонија?
Туризмот и нашата понуда може да растат онолку колку што растеме и се вложуваме ние. Содржината на туристичката понуда ја креираме ние и заради тоа е потребна иницијатива во секој можен сегмент. Како би стигнале туристите до понудата ако не ја креираме, ако не се направат добар маркетинг и стратегија. Можностите се тука, само треба да ги видиме и да ги понудиме. Македонија е навистина величествена земја во секој поглед: природни убавини, храна, историја, големи и силни личности, наше е само да го понудиме.
Секоја инцијативата треба да има стратегија и на крај, помош од сите сектори кои имаат допирна точка, само тогаш успехот е загарантиран.
Туризмот е многу значајна гранка за економијата. Што ни е потребно за посета на поголем број странски гости?
Туризмот како економска активност е најразновидниот сектор и е поврзан со сите останати гранки. Потребна е поголема промоција на сите овие сектори на различни нивоа, со учество на сите чинители што се директно инволвирани во секојдневното функционирање.
За да привлечат туристи, одредени дестинации промовираат рана уплата и последен повик на пакети и цени. Кај нас не функционираат во целост пакет-патувањата со неколку гратис-елементи. Мора да се движиме по текот на новитетите кои ги побаруваат пазарот и клиентите во секој сегмент. Туристите во време на економска криза ги скратуваат деновите за одмор и бараат повеќе поповолни содржини, што значи дека и понудата треба да биде поразновидна.
Во овој момент се појавуваат многу нови содржини од типот на активен туризам, селски туризам и настански туризам, и секако е потребно да бидат поддржани.
Повеќе од две децении сте во овој бизнис, по професија правник, но експерт за туризам. Што беше пресудно да запливате во туристичките води?
Јас сум дипломиран правник и со гордост кажувам дека можеби тоа е основата за успешен бизнис, правилата на работа однатре и можноста за контакт со многу домашни и странски експерти од областа дава можност за раст. Во време на комплетна дигитализација и отвореност, на човек му останува секојдневно да учи и да се надградува. Туризмот ме освои од прва, комуникацијата, патувањата, различноста на секој работен ден, едноставно тоа сум ЈАС. Кога човек ја работи онаа работа што навистина ја сака, успехот е неизбежен и енергијата е заемна, нашите патници се неисцрпен извор и мотивација за секоја нова дестинација и програма.
Во моментот кога ја отворав агенцијата, беше чудно за сите околу мене бидејќи бев прва од мојата фамилија која заплови во овие води. Жена, сосема во друга област од онаа во која сум тргнала првично. Затоа порачувам: не давајте никому да ве стави во стандардни рамки затоа што само соништата ја имаат таа сила да бликнат во најуспешна реализација ако верувате и ако го сакате бескрајно она што го правите.
Нашата девиза е – животот е патување, патувањето е живот! Патувањата го оплеменуваат човекот, го прават побогат за нови искуства, ни покажуваат колку сме мали во споредба со светот. Секоја дестинација има своја убавина, свој посебен белег, секако нашиот Дубаи, кој едноставно мора да го посетиш за да го доживееш. Нашите егзотични дестинации: Малдиви, Сејшели, Маурициус, Бали – секој со посебна магија, и на крајот, нашиот заштитен знак – Бодрум. Дестинациите немаат крај и немаат почеток, едноставно секогаш се отвораат нови хоризонти за истражување. Војажер гради мостови на соработка, создава пријателства, ги шири сознанијата и организира вдахновени дружења.
Го владеете светот, агенцијата со која менаџирате има одлични понуди за сите европски, но и за далечните егзотични дестинации. Има ли интерес за патување?
Светот не застанува, па така ни патувањата. Дури и за време и веднаш по пандемијата со короната, функциониравме локално, и сметам дека токму тогаш се виде дека токму патувањата се она што на секој човек му дава содржина на животот и можност да се функционира нормално.
Сега повеќе од секогаш луѓето се желни за патувања, групни и индивидуални, регионално и интернационално, а благодарение на добрите конекции од кај нас и регионот, понудата е разновидна. Ме радува фактот што имаме патници од најразлична возраст – од бебиња под една година, до возрасни над осумдесет години, но и безрезервна доверба од сите. Тоа е најубаво – кога патничката фамилија на Војажер расте и се ужива во секоја нова дестинација.
Во Дубаи сте како дома. Не само што го знаете секое делче од магичниот град, туку и луѓето од таму ве препознаваат како амбасадор на Македонија во Емиратите, бидејќи сте донеле стотици туристи од земјава?
Мојот Дубаи е и нашиот заштитен знак, многу ми е драго што го направивме достапен за сите, за секоја возраст и за сечиј џеб затоа што е дестинација што не се посетува само еднаш. Обединети Арапски Емирати не се меѓу најдобрите дестинации само за туризам, туку и за настани, саеми, бизнис-можности, едукација. Тимот на Војажер добро го познава секој сегмент на оваа дестинација и со задоволство му ја доближува на секој наш патник. Од друга страна има многу наши граѓани што живеат и работат таму и кои се наши лични бизнис и приватни контакти. Секако, не треба да ги заборавиме помошта и од нашиот локален партнер и ексклузивните хотели кои на неколку пати ја посетија Македонија во своето роуд шоу.
Зошто е Дубаи магичен и посебен?
Нашиот Дубаи има посебно место во Војажер и за нашите патници. Таму сме како дома, ги имаме нашите водичи кои знаат најдобро да ви го покажат Дубаи, нашите хотели се најдобро лоцирани за сечиј џеб, нашите тури наменски направени за патниците од цел регион за да го запознаат и да го засакаат Дубаи исто како нас. Не можеш да не се воодушевиш од градот во кој зборот „нај“ ќе го сретнеш безброј пати: највисокиот хотел, најголемата марина, најголемата кула, најдобрите ресторани, најпознатите клубови, најубавата ботаничка градина, на листата ѝ нема крај, мора да се доживее за да се почувствува. Од друга страна, беспрекорен ред, максимална безбедност и место каде што може да се вкуси најубавата храна, да се нарави најдобриот шопинг, да се ужива во најдобрите забави, да ја видите пустината одблизу со пустинско сафари и да доживеете како би изгледал светот во иднината во Музејот на иднината. Дубаи е град што не спие и знаете како се вели, секојпат има нешто ново да ви понуди и да ве изненади, едноставно посебен во она како пулсира и зрачи.
Конеска со туристи во Дубаи.
Конеска, патувате многу низ светот, која е дестинацијата што секој човек треба да ја види во животот?
Нашата девиза е – животот е патување, патувањето е живот! Патувањата го оплеменуваат човекот, го прават побогат за нови искуства, ни покажуваат колку сме мали во споредба со светот. Секоја дестинација има своја убавина, свој посебен белег, но се разбира, нашиот Дубаи, кој едноставно мора да го посетиш за да го доживееш. Нашите егзотични дестинации: Малдиви, Сејшели, Маурициус, Бали – секоја со посебна магија, и на крај, нашиот заштитен знак – Бодрум. Дестинациите немаат крај и немаат почеток, едноставно, секогаш се отвораат нови хоризонти за истражување. Војажер гради мостови на соработка, создава пријателства, ги шири сознанијата и организира вдахновени дружења.
Покрај посветен менаџер, Вие, пред сѐ, сте мајка на прекрасно девојче. Оваа работна позиција бара голема жртва. Како успевате да бидете успешни и да ги менаџирате професионалните и приватните обврски?
Најголемиот успех на еден човек се гледа во успехот на неговите деца. Да се биде мајка е најубавата улога што една жена може да ја добие, најодговорната и најблагородната. Ако мојот успех имаше име, ќе се викаше Ива, мојата ќерка која е вистинска дама во секоја смисла, вљубеник во патувањата повеќе и од мене, и желна за нови знаења и предизвици. Среќна сум што Војажер добива нова генерација вљубеници во туризмот и жени спремни да се соочат со секој предизвик.
Јас ова што сум денес, не би го постигнала без безрезервната помош на мојата фамилија и без огромна љубов на Ива.
Конеска со ќерката Ива.
Во Македонија сѐ уште е мал процентот на жени-менаџери. Мажите го држат приматот, како на високи работни позиции, така и со висина на плата. Колку е тешко да се биде на оваа работна позиција, да решавате различни ситуации, а, најважно, да се грижите за вработените?
Горда сум на мојата позиција и на мојот постигнат успех. По 18 години со Војажер, можам слободно да кажам дека сме рамо до рамо со многу странски туроператори, секако, во соработка со наши, македонски менаџери од двата пола. Успехот не познава пол, туку само вредна работа и многу труд. Зад секој успех стои успешен тим, Војажер го има најубавиот и најдобриот женски тим, и со гордост можам да кажам дека растеме заедно како една голема Војажер-фамилија. Секој нов успех го прославуваме заедно, секој проблем го решаваме со заеднички сили, во секој нов проект влегуваме со заеднички ентузијазам.
Тимот на Војажер го красат седум „С“: самоиницијатива, самодисциплина, самоконтрола, самоорганизираност, самосовладување и самостојност.
Еднаш Војажер, засекогаш Војажер, важи и за тимот и за нашите патници затоа што спомените немаат цена.
Конеска, токму на Светскиот ден на туризмот, 27 Септември, добивте многу значајна задача да бидете официјален агент за престижниот универзитет „The Emirates Academy of Hospitality Management“ за нашиот регион. Што ќе значи ова за Македонија и за идните студенти?
Ова е наш неодамнешен успех, точно на Светскиот ден на туризмот го објавивме нашиот договор за соработка со Универзитетот за услужни дејности од Дубаи рангиран на прво место на Блиски Исток и на тринаесеттото место во светот. Тоа што го работиме Дубаи толку долго време и со толку љубов, ни отвори дополнителна можност да запливаме и во оваа област.
Универзитетот дава неограничени можности за нашите студенти и вљубеници во туризмот токму во земјата што е рангирана како најдобра во областа на услужната дејност да учат од најдобрите и практично да искусат од прва рака што значи да се работи со најдобрите.
Самиот Универзитет лоциран во Обединети Арапски Емирати дава веднаш можност за продолжување на кариерата во овој регион.
Тука се и плановите за меѓусебна соработка со УТМС, нашиот Универзитет Скопје, на што особено сме горди.
Едноставно продолжуваме уште посилно во сите области каде што работиме. Очекувајте многу нови дестинации, проекти и изненадувања од Војажер.