Близнаците од дуото „Некст тајм“, Мартин и Стефан Филиповски, направија концерт за паметење со македонската музика. Во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент велат дека се горди на сите песни. За жал, немаат никаква поддршка од државата. Помош добиваат само од тие што веруваат во нив и во нивното дело.
На 17 декември го одржавте големиот концерт во салата „Јане Сандански“ во Скопје. Како сте задоволни од концертот и од интересот на фановите?
Сѐ уште сме под импресии од преубавиот концерт, преубав затоа што имаше многу луѓе и, што е најважно, предобра атмосфера. Чекавме долг период за ова и, искрено, и додека бевме на сцената и сега по концертот, уживаме во постигнатото. Публиката покажа дека си ги сака македонската музика и македонските уметници.
Изминатава година бевте прилично присутни на домашната сцена, со концерти во многу македонски градови. Какви се симпатиите на публиката за музиката што ја изведувате во моментот?
Точно е тоа дека имавме доста добра година. На сите места каде што настапувавме, налетавме на многубројна публика. На сите места и градови каде што оваа година не успеавме да гостуваме, се надеваме дека следната ќе успееме и ќе уживаме во овие песни.
Како од денешно време гледате на стилот и на песните од почетокот на кариерата и на оној рокерски звук?
Сѐ е убаво во свое време, секогаш може подобро, но горди сме на сите песни што сме ги креирале досега. Бевме помлади, што би се рекло, бевме деца, и во тоа време сме размислувале така. Сега, кога ќе се вратиме на авторската музика, верувам дека имаме нови идеи и желби како сакаме да звучи нашата авторска музика.
Голем концерт на „Некст тајм“ на 17 декември 2022 година
Колку придонесе соработката со Никола Мицевски вашите песни да звучат како што звучат. Како да го разбудивте патриотскиот дух кај фановите?
Соработката со Никола Мицевски ни донесе многу во кариерата, меѓутоа тајната на успехот е во тоа што заеднички како тим ги креиравме сите овие обработки. Тој нѐ слушаше што сакаме ние, а ние го слушавме што има да каже тој, зашто сепак има повеќе познавање во оваа музика. Нашиот успех е заемен односно тимски, не е индивидуален. Така, сметаме дека колку што добивме ние од неговите обработки или аранжмани, толку доби и тој од нас, да дознае дека сето ова го поседува или го има внатре во својата музичка дарба.
Најавивте за првпат голема турнеја во Австралија. Дали чека дијаспората „со душа“ да ги слушне вашите песни?
Веруваме дека нѐ чекаат, тоа го гледаме според коментарите на нашите во Австралија на социјалните мрежи, па и лично кога се среќаваме со некои што се дојдени тука, па случајно или на некој настап ќе се видиме. Искрено, возбудени сме за гостувањето во Австралија и со нетрпение чекаме да отвориме нови врати и нова публика.
Дали песната „Ја излези, Ѓурѓо“ стана нова навивачка химна? Може да ја чуеме на сите спортски натпревари.
Ѓурѓа е песна општо прифатена од сите. Да, точно е тоа дека имавме шанса да пееме пред навивачки групи, пеевме пред Комитите и на фудбал и на ракомет, но искрено сметаме дека оваа песна е и за другите навивачки групи што ја сакаат македонската патриотска музика, односно за цела Македонија.
Која македонска песна што ја имате преработено ви е најдрага?
Искрено, сите, нема да одвоиме една.
Имаат ли Мартин и Стефан несогласувања во работата или сѐ е работа на договор?
Ние сме доста различни карактерно, но сме едно на сцена, секогаш имаме различни ставови и идеи, но во тоа е и убавината и причината зашто сме успешни.
Каква музика слушаат Мартин и Стефан?
Рок и рап слуша Мартин, блуз и метал Стефан. И, нормално, сѐ што е добро за уво.
Преполна е салата „Јане Сандански“ на годинешниот концерт на групата
Каква е поддршката од државата за македонската музика што ја создавате?
За останатите не знаеме, за нас сметаме дека е никаква. Бевме одбиени за субвенции за концерт, имавме среќа некоја да добиеме поддршка од Општина Аеродром за албумот „Мајка“. Но кога ќе ја видиме големата слика, државата односно институциите ништо не ни помогнале. Најголемата поддршка ја добиваме од фирми-спонзори што веруваат во нашето дело и во нас, и од публиката што сака да нѐ слуша и која нѐ бара за настапи.
Дали ви пречи тоа што малку се негува македонската музика? Секојдневно сме сведоци на многу забави на кои меѓу младите е присутна шунд, кич, турбофолк. Дури може и да констатираме дека го подзабораваме нашето музичко богатство. Како може да се промени ова?
За жал, таква е вистинската ситуација, но со нашиот концерт покажавме дека македонскиот народ е желен и за македонските музичари. Тука се случија и други концерти на македонски изведувачи на кои публиката покажа дека си ја сака музиката. Нормално е да се носат изведувачи од страна, но сметаме дека организаторите треба да создадат повеќе можности за македонските музичари.
Може ли да ни ги откриете следните проекти што ќе ги реализирате?
Сега за сега, не сме размислувале на таа тема, освен за тоа што сега ќе се подготвува видеоматеријалот од концертот, кој треба да се емитува на телевизија и на сите наши социјални мрежи.
Во 2009 година настапивте на Евросонг. Дали би пееле повторно и каква песна би одбрале?
Секогаш е убаво да ја претставуваш Македонија, но моментално тоа не ни е приоритет.
Од страна на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје добивте Златна плакета за ширење на македонската традиција и култура меѓу младите. Колку ве поттикнуваат ваквите признанија да продолжите со вашата мисија за создавање квалитетна македонска музика?
Искрено, ни значи тоа што добивме такво признание, искрено ни е убаво што некој се сети да ни даде значење на овој начин. Затоа што сѐ што правиме преку музиката, го правиме за оваа наша Македонија, и со сите сили се бориме да опстои нејзината култура и традиција.