На зелените терени, каде што звукот на свирчето ја најавува шансата за победа, постигнувањето гол често претставува само почетна точка кон поголемите триумфи. Љубовта кон спортот и дисциплината рушат рекорди и често водат до успех во најразлични области. Така започна и животниот пат на Масар Омерагиќ – поранешен фудбалер кој, со истрајност и посветеност, низ годините ги градел своите победи. Пречки секогаш имало. Топката, пред да стигне до победничката мрежа, честопати изгледала како да е на погрешна патека – но всушност само се чекало вистинското време и вистинското место за зрелост и исполнување.

Омерагиќ: „Основната цел ми е да изградиме стабилен и одржлив систем кој ќе ја осигура иднината на македонскиот фудбал.“
Масар Омерагиќ младите денови ги поминувал меѓу спортистите во четири фудбалски клубови во Македонија: ФК Слога Југомагнат, ФК Балкан, Силекс и најтрофејниот клуб Вардар. Стабилноста и умешноста ја покажува и докажува и во стопанството, преку семејната транспортна компанија „Руле турс“, концесионер на Меѓуградската автобуска станица. Омерагиќ е сопственик и генерален директор компанијата. Бизнисот со текот на годините се шири и во нафтената индустрија, преку компанијата „ РТ транс логистик“, каде што исто така станува сопственик и генерален директор. Но, желбата за нови успеси за Масар Омерагиќ не застанува. Првиот обид да стапне на тронот во „Куќата на фудбалот“ беше во 2012 година, но набрзо се повлече од трката. Вистинското време дојде во декември 2024година. За многумина очекувано но и посакувано бидејќи успехот во бизнисот може да само да донесе добро и за еден од најскапите спортови во светот, па и во земјава- фудбалот.
„Македонија е земја со срце. Земја на страст за спорт, на трудољубиви луѓе, богата историја и прекрасна природа. Нашите гости секогаш ги дочекуваме со топлина и гостопримство. Преку спортот, а особено преку фудбалот, го пренесуваме нашиот дух и достоинство. Европа и светот можеби не гледаат како мали, но исто така горди, искрени и позитивни луѓе“, вели Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, во интервју за Магазин за Туризам и Менаџмент.

Омерагиќ: „Колку порано се вклучат децата во спорт, толку повеќе ќе изградат здрави навики, и физички и ментални.“ Извор: ФФМ
Фудбалската Федерација на Македонија влегува со нова енергија и свежина во битките за големи победи на најзначајниот спорт во светот, и во нашата земја. Кои се Вашите цели во фудбалот за време на мандатот како претседател?
Основната цел ми е да изградиме стабилен и одржлив систем кој ќе ја осигура иднината на македонскиот фудбал. Тоа подразбира инвестиции во младинските категории, поддршка за клубовите, модерна инфраструктура и зголемена транспарентност во работата на ФФМ. Се стремиме кон настап на големи натпреварувања – Европско или Светско првенство, но важно е пристапот да биде реален, без преголема еуфорија. Паралелно, сакаме да изградиме фудбалска култура која ги мотивира и младите и повозрасните да се поврзат со националните репрезентации.
Битка за претседател на ФФМ ја водевте пред 13 години, но во 2012 година се повлековте од трката токму пред Собранието да ја донесе конечната одлука. Каква визија Ве одржуваше сите овие години?
Визијата ми беше и остана иста, силна, здрава и професионално водена фудбалска федерација. Во 2012 се повлеков бидејќи сметав дека времето и околностите не беа зрели. Но, со текот на времето вербата дека фудбалот може да биде двигател на обединување и развој само се засили. Денес, како претседател, се трудам таа визија да ја преточам во реални и мерливи проекти.
Спортска нација е здрава нација. Вие сте поранешен фудбалер и спортист – каква порака би им испратиле на идните генерации? Колку е важно спортот и здравјето да бидат приоритет?
Фудбалот и спортот не се само резултати. Тие се карактер, дисциплина, тимски дух и љубов кон играта. Колку порано децата се вклучат во спорт, толку повеќе ќе изградат здрави навики и физички и ментални. Нашата задача како федерација е да направиме спортот да биде подостапен за секое дете, во секоја населба и општина.

Омерагиќ: „Секој млад талент заслужува поддршка.“ | Извор: ФФМ
Вашите стапки и визија ги следи и Вашиот син, Азер Омерагиќ. Дали имате идеја и цел да создадете големи имиња од младите фудбалери?
Секој млад талент заслужува поддршка. Без разлика дали се работи за мој син или за кое било дете кое сонува за фудбалот, нашата задача е да обезбедиме услови, квалитетни тренери, инфраструктура и системска поддршка. ФФМ ќе биде тој систем кој создава можности, а младите нека работат напорно и нека го следат својот сон.
Покрај фудбалот, Вие сте и бизнисмен кој долги години се грижи за меѓународниот автобуски превоз. Со оглед на постојаните поскапувања – дали се очекува промена во цените на автобуските билети?
Во овој период не се предвидува промена на цените. Како одговорна компанија, постојано го следиме пазарот. Иако трошоците растат, се трудиме да го балансираме квалитетот на услугата со пристапна цена. Можно е во иднина да има корекции, но секогаш со цел да останеме фер кон патниците и да ја задржиме одржливоста на бизнисот.
Дали во изминатите години има намалување или зголемување на бројот на продадени билети? Што според Вас е причината за тие промени?
Продажбата е намалена за околу 40% во последните години. Од пандемијата која сериозно го погоди целиот транспортен сектор. Сега сме во процес на стабилизација и адаптација кон новите услови на пазарот.

Омерагиќ: „Македонија е прекрасна земја, од Охридското Езеро до планините на Маврово, од Битола до Берово.“ | Извор: Руле Турс
Го водите бизнисот со автобуски превоз, преку која граѓаните можат да стигнат до секоја дестинација во земјата. Кое е Вашето омилено место во Македонија?
Македонија е прекрасна земја, од Охридското Езеро до планините на Маврово, од Битола до Берово. Но, моето срце секогаш останува во Скопје, градот каде започна мојот пат и како човек и и како спортист. Ако треба да издвојам уште некое место, тогаш тоа се Охрид и Берово, дестинации кои секогаш нудат мир и инспирација.
Спортистите се најголемите амбасадори на секоја земја. Вие често патувате, но и пречекувате гости од странство. Од позиција на претседател на ФФМ, како ја раскажувате Македонија?
Македонија е земја со срце. Земја на страст за спорт, на трудољубиви луѓе, богата историја и прекрасна природа. Нашите гости секогаш ги дочекуваме со топлина и гостопримство. Преку спортот, а особено преку фудбалот, го пренесуваме нашиот дух и достоинство. Европа и светот можеби не гледаат како мали, но исто така горди, искрени и позитивни луѓе.
