Перински: Истрајноста и посветеноста се клуч за успех

Перински: Истрајноста и посветеноста се клуч за успех

Изминуваат 100 дена Влада, а министерот Перински е еден од најприсутните во јавноста. Ова му е трета јавна функција во кариерата

Деновиве изминуваат 100 дена Влада, а Златко Перински, министерот за локална самоуправа, е еден од оние кои уште од првиот ден на преземањето на функцијата е често присутен во јавноста. Ова му е трета јавна функција во кариерата, која за неговите 41 година е прилично богата. Овој роден аеродромец, кој вели дека Аеродром оправдано го нарекуваат град-држава, никогаш не се откажува од поставената цел, вели дека порано или подоцна, таа е остварлива. За Перински, истрајноста и посветеноста се клуч за успехот. Фанатик е за скијање, професионално се занимавал со фудбал, а секојдневен ритуал му се утринско еспресо и фитнес. Во последно време поинтензивно вози велосипед или трча на Кеј.

За да успее во животот, човекот мора да има две работи. Прва е среќата – тоа е она кога на човекот му се укажуваат поволни можности. Втората е умот, кој му овозможува на човекот да ја искористи дадената можност. Ако се погледне Вашата биографија, прилично е богата за човек на 41 година. На што се должи вашиот успех?

Успехот е релативна работа и секој различно го толкува. За мене успешен човек е човек кој ги реализира своите цели и идеи. Притоа, треба да се има на ум дека тој не паѓа од небо. Не постои човек кој се родил учен, учиме цел живот и од книга, но и од искуство и од практика. Честопати е потребно човек да се одрекне и од некои работи за да се  посвети целосно на остварување на целта. За среќа, досега, успевам со добро менаџирање на околностите, да чекорам по патот кој го трасирав, не запоставувајќи ги семејството и пријателите, кои ми се и голема поддршка во она што го работам.

За мене ќе речам дека сум достигнал успех тогаш кога граѓаните и општините ќе имаат соодветни услови за живот, секој во своето секојдневно опкружување. Токму во таа насока посветено и со искрена желба и намера ги извршувам секојдневните обврски како министер, а кон работата така пристапував и на претходната јавна функција која ја вршев, како и во приватниот сектор, каде што всушност започна мојата професионална кариера. Да бидам искрен, на целиот досегашен пат, имав неколку препреки и предизвици, од кои успеав со голема истрајност и посветеност, на моменти и среќа, да излезам како „победник“. Најбитно е никогаш да не се откажуваме од поставената цел, која сметам дека порано или подоцна е остварлива.

 Во животот, разликата помеѓу успехот и неуспехот помалку или повеќе се должи и на храброста. Во кои мигови од кариерата таа Ви беше најмногу потребна?

Досега, не сум се нашол во таква ситуација, но и не би рекол дека храброста има одредено влијание за успех, односно, неуспех. Според мене, повеќе пресудно за крајниот резултат од нешто што го работиме е одлучноста за успех, умешноста да направиме добра проценка на околностите кои би влијаеле врз крајниот резултат, а многу битен момент е и тимот со кој работиме и поддршката која ја добиваме од непосредното опкружување, како и интуицијата и мислата дека не треба да се откажуваме од битката уште пред да започне таа. Сум бил во ситуација да „пресечам“ за одредена работа, и досега, не сум погрешил.

Перински: „Има општини кои немаат соодветен водоснабдителен систем, немаат патна инфраструктура, осветлување, канализација. Со повикот за финансирање на инфраструктурни проекти во општините со пари од државниот буџет, ќе успееме да ги нивелираме овие суштински проблеми.“

Перински: „Има општини кои немаат соодветен водоснабдителен систем, немаат патна инфраструктура, осветлување, канализација. Со повикот за финансирање на инфраструктурни проекти во општините со пари од државниот буџет, ќе успееме да ги нивелираме овие суштински проблеми.“

Нова функција, поголеми ангажмани, но и одговорност. Веќе три месеци сте министер за локална самоуправа. Иако е рано за сумирање на резултатите од доброто владеење, сепак, кои потези и проекти би ги издвоиле засега?

Проектот за финансирање на инфраструктурни проекти во општините со пари од државниот буџет е еден од проектите кои би ги издвоил и кој се реализира за кусо време откако оваа Влада го даде ветувањето дека ќе помогне за развој на општините. Деновиве ќе биде направен конечниот избор кои проекти ќе ги финансираме, за кои во оваа фаза ќе се наменат 100 милиони евра, а веќе во наредната година на располагање ќе бидат нови 250 милиони евра. Овој проект е доказ дека направивме точна проценка во својата програма и ги детектиравме реалните потреби на локалните власти за подобрување за квалитетот на живот на граѓаните.

Со задоволство сакам да споменам дека уште откако ја презедов функцијата, овозможив граѓаните директно да комуницираат со мене преку This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. со намера да им помогнам во решавање на инфраструктурни и слични проблеми. Од пораките кои секојдневно ги добивам, заклучив дека граѓаните имаат потреба некој да ги сослуша и да им помогне за проблемите заглавени во институционалните лавиринти.

Можам да истакнам и дека неодамна јавно ги повикав сите општини во рамки на своите можности и расположливи средства и ресурси, да изградат партнерски однос со „СОС Детското село“ за да помогнат да се обезбеди континуитет и одржливост во обезбедувањето на социјалните услуги на локално ниво.

Освен конкретни мерки и проекти за подобро функционирање на единиците на локалната самоуправа и подобрување на квалитетот на секојдневието на граѓаните, во таа насока, откако ја презедов функцијата, реализирав и остварив средби речиси со сите градоначалници и со директорите на сите осум плански региони во земјава. Сметам дека лично и изворно информирање за состојбите во една општина е клучно и предуслов да знаеме во која насока треба да делуваме за подобрување на состојбите од секој аспект. Во меѓувреме, остварувам средби и со амбасадори и претставници на меѓународни организации и слично, кои се од значење за унапредување на соработката помеѓу земјите на локално ниво, за размена на искуства, примена на позитивни практики.

Инвестициите во патната инфраструктура се од исклучителна важност за развој на општините. Инвестиравте во Дебар и во Центар Жупа за да ги подобрите условите за живот и за да ги зголемите капацитетите за развој на туризмот во југозападниот плански регион. Кој дел во земјава ќе биде ваш приоритет?

Селективноста е одлика на некои минати времиња. Мојата, нашата мисија е дејствување во насока на развој на сите региони и општини подеднакво, подобрување на функционалноста на сите единици на локална самоуправа и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани. За нас нема ниту приоритетни региони, ниту приоритетни општини, ниту, пак, ги делиме градоначалници или граѓаните по кој било основ. Инвестиравме во Дебар и во Центар Жупа, инвестиравме и во Берово, се реализираат проекти и во Кавадарци и во Струга и во Отешево, во Ново Село и во Босилово. За кусо време, видливи ќе бидат резултатите кои ќе докажат дека инвестираме насекаде и се грижиме за сите региони и граѓани подеднакво.

Перински: „За среќа, сѐ уште успевам да ги организирам работните обврски за да ми остане време и за сето она што ме исполнува надвор од професионалниот ангажман.“

Перински: „За среќа, сѐ уште успевам да ги организирам работните обврски за да ми остане време и за сето она што ме исполнува надвор од професионалниот ангажман.“

Кон средина на месец септември се објави првиот јавен повик на кој општините ќе треба да се пријават со готов проект за да може да добијат средства од централниот буџет. Како што изјавивте, таа помош ќе биде достапна за сите и нема да се прави селективност, а целта е да се смени сликата од изминатите 7 години, кога се потрошија 7 буџети, а шајка не се закова. Според Вас, кој е базичниот проблем на поголемиот дел од нашите општини каде што треба да се интервенира?

Генерално, поголем дел од општините го немаат темелот за нормално функционирање, што е пречка и за давање соодветни, квалитетни услуги за граѓаните, а пример за тоа се особено општините во внатрешноста на државата. За жал, има општини кои немаат соодветен водоснабдителен систем, немаат патна инфраструктура, осветлување, канализација. Токму со повикот за финансирање на инфраструктурни проекти во општините со пари од државниот буџет, ќе успееме да ги нивелираме овие суштински проблеми, а тоа, меѓу другото, е и целта на повикот. Даваме можност да се смени таа слика, за да можат општините потоа да продолжат да го планираат својот развој од сите аспекти.

Периодов актуелни се и најавите дека планирате да менувате и одредени законски решенија, кои исто така би овозможиле подобро функционирање на системот на локална самоуправа. Што недостига всушност сега во тие важечки законски рамки? 

Генерално, важечкиот, актуелен Закон за локална самоуправа, како и Законот за Град Скопје, се зрели за менување. Во делови од нив има преплетување на ингеренциите, постојат и одредени недоречености, а меѓу другото, сметаме дека соодветната законска рамка не треба да го овозможи комфорот кој сега им се дава на градоначалниците, да не можат да бидат отповикани. Нашата интенција е да донесеме модерно издржано решение, решение согласно времињата и условите во кои функционираат општините. Планирано е измените да ги правиме преку една широка дебата, во која ќе бидат вклучени експерти, како и локалните власти, со цел да добиеме функционална законска рамка. На тој начин минато ќе станат ситуации на кои денеска сме сите сведоци, на комфорот на одредени градоначалници, на кои очигледно фокусот на дејствување не им се граѓаните, туку имаат поставени цели од друга природа.

 Сметате дека е тоа изводливо?

Секако. Неодамна во тоа се уверив и при посетата на соседна Србија, каде што разменив мислења и видов позитивни законски практики кои се применливи и кај нас. Токму посетите, средбите и соработката со земјите од регионот, но и пошироко, се од значителна корист за размена на искуства, мислења со цел да се унапреди целиот систем на функционирање на локалната самоуправа, што впрочем е визија и цел на Министерството што го предводам.

Скопската општина Аеродром е Вашето детство, младост. Ако направите паралела некогаш и денес, каде ги гледате разликите? Кој најмногу направи за неа?

Да, Аеродром е моето детство, мојата младост и сегашно место на живеење. Аеродромци често знаат да кажат Аеродром е град-држава и со право. Аеродром ги поседува сите карактеристики на една современа општина. Неблагодарно е да посочам кој најмногу направил за неа. Секој кој ја предводел Општината, оставил свој белег во неа.

Имате ли време за спортување, кое е Вашето хоби, посетувате ли спортски натпревари?

Откако знам за себе, нешто спортувам. Во второ одделение почнав да тренирам скијање и се вљубив во тој спорт, па дури имам и учествувано на неколку натпревари. Потоа, долги години тренирав фудбал, играв во ФК „Работнички“ и „Вардар“, некаде до дваесеттата година, но соодветно со годините и обврските, но и поради две повреди, бев принуден да се откажам. Како што одминува времето, сметам дека спортот е начин на живот и е многу повеќе од физичка активност. Веќе долги години практикувам фитнес, возам велосипед, а останав и фанатик за скијање. Што се однесува до посета на спортски натпревари, често сум на трибините да го бодрам ФК „Вардар“, како и нашите најдобри фудбалски репрезентативци.

Сега, од позиција на министер, Ви останува ли слободно време? Како го поминувате, имате ли време за семејството, пријателите, имате ли некои ритуали кои ги практикувате независно од обврските?

Неизбежен ми е утринскиот ритуал на пиење еспресо, како и утринското вежбање. За среќа, сѐ уште успевам да ги организирам работните обврски за да ми остане време и за сето она што ме исполнува надвор од професионалниот ангажман. Попладневните часови, како и викендите, ми се резервирани за семејството и за пријателите. Знаеме заеднички да посетиме некој спортски натпревар, концерт. Во последно време поинтензивно возам велосипед или трчам на Кеј.

Image
Newsletter