Ако во минатото најголем дел од граѓаните што ја напуштаа татковината, тоа го правеа најчесто од економски причини, денес сѐ почеста појава е иселувањето поради системските слабости на државата. Своевремено, властите на Источна Германија одлучиле да го изградат Берлинскиот ѕид со цел да го запрат иселувањето на оној слој граѓани што биле најпотребни, а тоа биле учените и имашните. Дури ни тој ѕид не успеал да ги запре оние што одлучиле да преминат во Западна Германија. Денес, нема бариера што ќе ги спречи, особено младите и учените што не се согласуваат со начинот на кој се управува државата, да ја напуштат Македонија.
„Не е целосно исправно да се генерализира дека во Македонија не постојат човекови слободи и права. Но да, имаме многу системски слабости, имаме селективна примена на владеењето на правото, имаме проблеми со разбирањето на демократијата, со корупцијата и со организираниот криминал“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент Јован Андоновски, заменик-народен правобранител. Во интервјуто, Андоновски зборува за проблемите со кои се соочуваат граѓаните во најголем дел поврзани со правосудниот сектор. Некои судски постапки траат со децении, објаснува тој.
Господине Андоновски, шест години сте на функцијата заменик-народен правобранител и во изминатиот период сте многу присутни во јавноста, ги охрабрувате граѓаните да се обратат во вашата канцеларија и да побараат правна помош ако им е потребна. На што се должи ова, дали можеби рапидно расте бројот на граѓани што сметаат дека се обесправени?
Досегашното искуство во канцеларијата на Народниот правобранител ме доближи до реалните состојби во општеството и до проблемите со кои граѓаните се соочуваат секојдневно. Верувајте дека бројот на граѓани на кои им е потребна правна помош не е навистина занемарлив. Од друга страна, дел од граѓаните, за жал, не знаат дека токму нашата канцеларија е местото на кое што треба да се обратат за помош или за совет. Сметам дека секој носител на јавна функција треба да разбере дека работи во служба на граѓаните и дека треба да најде начин и канали за комуникација со луѓето. Мотивиран токму од ваквите причини, одлучив да го споделам со јавноста мојот телефонски број. Сум бил и лично во ситуација каде што ми била потребна помош, а нема понепријатно чувство кога немате каде да се обратите за помош.
Дали со тоа што има повреда на човековите слободи и права, може да констатираме дека голем број од институциите во Македонија се неефикасни, дека законите не се спроведуваат, односно дека целиот систем не функционира? Каков е вашиот впечаток? Ве прашувам затоа што и најчестите коментари на сите што ја напуштаат државата и кои се иселуваат се дека нема систем и дека ништо не функционира во Македонија.
Точно е дека бранот иселување сигнализира големо незадоволство на граѓаните и дека доаѓаме до констатација која како главен причинител ни го дава нефункционирањето на системот – што мора да признаеме дека е еден од клучните фактори за оваа појава. Ако во минатото најголем дел од граѓаните што ја напуштаа татковината тоа го правеа најчесто од економски причини, денес сѐ почеста појава е иселувањето поради системските слабости на државата. Своевремено, властите на Источна Германија одлучиле да го изградат Берлинскиот ѕид со цел да го запрат иселувањето на оној слој граѓани што биле најпотребни, а тоа биле учените и имашните. Дури ни тој ѕид не успеал да ги запре оние што одлучиле да преминат во Западна Германија. Денес, нема бариера што ќе ги спречи, особено младите и учените што не се согласуваат со начинот на кој се управува државата, да ја напуштат Македонија.
Што се однесува до човековите права и слободи, не е целосно исправно да се генерализира дека во Македонија не постојат човекови слободи и права. Да, имаме многу системски слабости, имаме селективна примена на владеењето на правото, имаме проблеми со разбирањето на демократијата, со корупцијата и со организираниот криминал. Потребно е да се покрене свеста како кај функционерите, така и кај граѓаните, и да разбереме дека сè додека ние не преземеме конкретни чекори, не може да ја промениме или, пак, да ја подобриме ситуацијата во горенаведените области. Кога станува збор за правниот систем и за негово почитување, како и повеќето балкански држави, така и нашата се соочува со голем број предизвици што не зависат само од една промена, еден закон, еден човек. Потребно е колективна иницијатива, но секако и системски промени.
Дали бројот на поплаки од граѓаните се зголемува од година во година? Можете ли да ни кажете една статистика за периодот во кој сте на функцијата заменик-народен правобранител?
Големиот број поплаки не би го поврзувал само со зголемен број прекршувања на човековите права, неправди или нерешени постапки. Сметам дека граѓаните стануваат се посвесни за своите права, така што наоѓаат институционален начин за решавање на своите проблеми. Она што со сигурност можам да го кажам е тоа дека драстично се зголеми бројот на граѓани што се обраќаат до мене и до нашата Канцеларија токму откако јавно го објавив бројот и ги охрабрив да се обратат за правна помош или совет.
За што најмногу се жалат граѓаните?
Речиси да нема област во која Народниот правобранител не добива претставки. Но ако треба да се направи некоја градација, тогаш најчесто граѓаните се жалат за проблеми поврзани со правосудниот сектор, за извршителите, но не е незначителен бројот на претставките што се однесуваат на повреда на правата од работен однос, потрошувачките права, социјалните права, како и имотно-правните односи. Знаете, ние сме држава каде што некои судски постапки траат со децении. Исто така, постапките за денационализација влегоа во трета деценија. Не е подобра ниту состојбата со решавање на правниот статус на бесправно изградените објекти и откупот на дворното земјиште, кои постапки исто така траат предолго. Од појавата на пандемијата со Ковид-19, преку енергетската криза, влегуваме во економска криза, каде што очекувам дека најистакнати ќе бидат проблемите што се однесуваат на социјалните и на потрошувачките права. Најмалку претставки, за жал, добиваме во областа животна средина, иако сметам дека е област во која состојбите се далеку од добри.
Јован Андоновски, заменик-народен правобранител
Во кои области каде што сте укажале Вие, каде што сте постапувале, имало подобрување, а каде нема никаква реакција?
Генерално институциите сериозно ги сфаќаат нашата работа и надлежности. Најголем дел од институциите одговараат навремено и суштински на нашите барања. Сепак, има и такви што не се кооперативни или, пак, се недоволно кооперативни. Најслабо ни оди соработката со Основното јавно обвинителство – Скопје, Основниот граѓански суд – Скопје, Комората на вештаци, Управата за водење на матични книги, од каде што или не добиваме одговор или добиваме нецелосни одговори. Од редот на владините институции, предничи Министерството за информатичко општество и администрација. Има и други институции како на централно, така и на локално ниво, кои не се одважуваат да соработуваат со нас. Како единици на локалната самоуправа со кои најтешко ни оди соработката би ги издвоил општините Гази Баба, Карпош и Бутел. За жал, несоработката со Народниот правобранител е рефлексија на поимањето на демократијата и на доброто владеење од страна на поединци на кои им е дадена довербата да управуваат со институциите. Имаме и позитивни примери каде што институциите прават максимални напори да имаат добра соработка со Народниот правобранител.
Инаку, согласно последната наша анализа за периодот јануари – јуни 2022 година, по констатирани повреди, сме дале 360 мислења, укажувања и препораки, од кои 226 се прифатени (62,78%) од страна на органите, по 72 (20%) се преземени сите дејствија, а по 62 (17,22%) постапката е во тек.
Според вас, која е причината за неподобрување на состојбата во некои области и институции – незаинтересираност, отсуство на волја или нешто друго? Со години слушаме за лошите услови во затворите, со години се запрепастуваме од каматите на извршителите, еве во последно време и од тие на брзите кредити, и впечатокот е дека многу бавно се подобруваат состојбите.
Видете, може да ги имаме најдобрите закони, може да ги имаме воспоставено сите институции според најдобрите практики на современите и развиени држави. Може да имаме сѐ, но ако недостига волја од креаторите на политиките, тогаш резултатите ќе бидат вакви какви што се. Има и доза на незаинтересираност. Знаете, кога сте во привилегиран дел на општеството, работите сами ви течат. Тогаш, неретко, носителите на одлуки и креаторите на политики губат претстава за реалноста. Кога немате допир со реалноста, не може ниту да знаете како изгледа еден поминат ден на обичниот човек. И затоа, најчесто не постои ниту интерес нештата да се променат и да се подобрат. Во перцепцијата на одредена група луѓе – сѐ е одлично. Во некои области не само што стагнираме, туку и назадуваме. Оваа констатација не е само наша, туку и на сите релевантни меѓународни извештаи, а тоа најдобро го чувствуваат граѓаните.
Вие имате улога да бидете коректив во ситуација кога има повреда на човековите права. Како постапувате, еве, на пример, по секоја поплака, до каде се вашите надлежности?
Институцијата Народен правобранител има таканаречени „меки“ надлежности. Ние не сме истражен орган ниту пак можеме мериторно да одлучуваме или да преиначиме одлука на друг орган. И така и треба да биде. Нашата работа е да дадеме мислење или укажување, секогаш кога има и најмала повреда на некое право или слобода што се загарантирани со Уставот и со законите. Претходно спомнав и статистика. Некој ќе рече дека задоволително е нивото на успешност на нашето работење. По природа сум перфекционист и сметам дека има уште многу простор за подобрување на нашите перформанси. Но, ние може да направиме сѐ во рамки на нашите законски надлежности, но попусто е кога некои одговорни лица во институциите не покажуваат зрелост и капацитет. Ако со нашето постапување не сме успеале да ја исправиме грешката во работењето на некоја институција, имаме можност да ги информираме Владата и Собранието како органи што се повисоко поставени во системот. Заклучно со јуни 2022 година, Народниот правобранител има доставено 12 информации или посебни извештаи за попречување на нашата работа од страна на министер и 16 информации и посебни извештаи до други органи и организации со посебни овластувања. Сумарно, сите препреки и констатирани состојби, на крајот на годината ги претставуваме во Годишниот извештај, кој го доставуваме на усвојување до Собранието. Собранието го разгледува извештајот и гласа за неговата содржина, како и за заклучоците со кои препорачуваме како на конкретен начин да се подобрат состојбите. Ако ги следат властите овие препораки и ако постапуваат по заклучоците, ние ќе имаме подобро општество.
Неколку пати апелиравте до Регулаторната комисија за енергетика да го намали надоместокот за пренос и дистрибуција, на што директорот Бислимовски неодамна кажа дека вашите апели ги сфаќа како притисок и дека за тоа ќе ги известел сите меѓународни институции. Ваш став за ова?
Интересно. Ја немам слушнато таа изјава. Не е спорна самостојноста на оваа институција. Но, не е спорен ниту мандатот на Народниот правобранител. Наше е да се грижиме за добробитта на граѓаните и за заштита на нивните права. Да, ние дадовме мислење дека РКЕ треба да ја преиспита одлуката за многукратното зголемување на давачката за пренос и дистрибуција особено додека трае економската криза. Нема подобар показател дека товарот на кризата е префрлен врз граѓаните и врз стопанството од фактот дека ниту ЕВН како дистрибутер ниту МЕПСО како преносник на електричната енергија не се фирми што работат со загуба, туку напротив, двете компании работат со милионски добивки. Времето ќе покаже кој работи во интерес на граѓаните, а кој за друг интерес.
Јован Андоновски, заменик-народен правобранител
Пред неколку месеци бевте во посета на Украина. Која беше целта на вашата посета таму?
Мојата посета на Украина, и покрај тоа што беше службена, сепак почувствував и лична потреба за одблизу да се сретнам со луѓето што се трудат да го задржат својот дом, кои поради добропознатите околности го изгубиле сето она што го имале како „нормален живот“.
За време на мојата неколкудневна посета, имав средби во украинското Министерство за правда, каде што се сретнав со заменичката министерка Ирина Мудра, која ме информираше за очекуваната меѓународна помош при справување со воените злосторства. Покрај тоа, успеав да остварам средба со мојата украинска колешка Ирина Сивистка, со која разговаравме за клучните прашања на украинските граѓани што се наоѓаа во Македонија – пристапот до здравствена заштита, образование и до работни места.
Имав можност да се сретнам и со тројца главни обвинители во Јавното обвинителство на Украина, каде што разменивме искуства и зборувавме за актуелните пресуди против руските војници.
Бев и во Ирпин и Буча, двете киевски предградија каде што беше откриена масовната гробница со 300 тела. Придружен од страна на секретарот на општината Дмитро Гапченко, за жал, ја видов и улицата на која беа пронајдени најголем дел од човечките тела. Разговарав и сведочев на многу тажни приказни на жителите на Буча и ги видов медицинските лица што со денови се бореле да спасат човечки животи.
Заедно со ректорот проф. д-р Аце Миленковски доделивте стипендии за студирање на Универзитетот за туризам и менаџмент. Колку е ова мотив за младите да останат во државата?
Искрено, пред сè, би сакал да му се заблагодарам на целиот тим на Универзитетот, на чело со ректорот проф. д-р Аце Миленковски и на Фондот за стипендирање „Љубе Миленковски“, кои во првиот дел од оваа година најавија дека ќе стипендираат ученици од сите општини во државата и кои успешно го реализираа ветеното. Иако станува збор за огромен сериозен број стипендисти, тие не го одбија моето барање за вклучување на уште осум млади и талентирани студенти, на кои им доделија целосна стипендија. Верувам дека ова стипендирање покажува дека постојат повеќе начини со кои може да им се помогне на младите да го усовршуваат своето образование, и така да ги задржиме во нашата држава. Сметам дека ваквите активности се од исклучителна важност за подигнување на нивото и на квалитетот на образуван кадар, кој ќе даде сè од себе за развој на ова општество.