Никој нема да остане рамнодушен од успешната приказна на браќата Пеце и Мартин Ристевски раскажана за нашиот „Магазинот за туризам и менаџмент“. Двајцата се успешни бизнисмени, сопственици на „PMG Construction“, компанија во областа на градежништвото. На пазарот постојат речиси шест години, а веќе нижат награди за најубави фасади во Европа. Бизнисот го започнале сами, а велат дека успехот не паѓа од небо, туку доаѓа со напорна работа. Огромна улога за нив има и образованието кое го стекнале на Универзитетот Скопје, а за институцијата велат дека би му ја препорачале на секој матурант кој сѐ уште не знае каде да го продолжи своето образование. Според нив, во Скопје треба да се реши урбанистичкиот хаос, цените за метар квадратен енормно и пребрзо се зголемија, а цената во иднина ќе оди уште нагоре.
Мартин и Пеце, сопственици сте на „PMG Construction“, компанија во областа на градежништвото. Кажете ни нешто повеќе за вашата работа?
Нашата компанија се занимава во делот со градежништвото, и како таква врши изведба на објекти кои најчесто се поспецифични од класичните. Модерниот стил на градби и оние од културно значење кои се под заштита, ни се во прв план. Но, не се задржуваме само на тоа. За неколку месеци ќе наполниме 6 години постоење во градежниот сектор, а досега сме презадоволни како напредувавме и како се развивавме низ годините.
Нашата идеја е да одиме напред. Како млади претприемачи сме насочени да создаваме и да твориме во Македонија, во времиња кога младиот кадар и младите луѓе ја напуштаат државата со цел да најдат подобри услови некаде во европските земји или уште подалеку на други континенти. Ние се решивме дека овде има плодна почва за создавање и градење, за нас, нашите најблиски и за идните генерации кои доаѓаат.
Во текот на изминативе години сте добиле повеќе награди на натпревари надвор од Македонија. За што конкретно се работи?
Да, така е. Најголемиот дел од луѓето знаат дека нашата компанија во Македонија, но и во странство, е најпозната по изведба на фасадите. И како што напоменавме, нашата компанија најчесто се фокусира на модерниот тип објекти и оние објекти кои се од културно значење, па така и фасадите на ваквиот вид објекти се поатрактивни во изглед, но предизвик во однос на тежината на работа и на временскиот интервал за нивна изведба. „БауМит“ е австриска компанија со претставништво во повеќе од 30 држави во Европа, а која произведува материјали. Изведувачите од сите земји од Европа се натпреваруваат на Европското првенство за најубава фасада во Европа, кое се одвива на секои 2 години. Има јавно гласање и може да се гласа од сите страни на светов, но системот на гласање е таков што секој што ќе гласа смее да гласа само еднаш од една IP-адреса. На првенството има 300 проекти од сите држави од Европа поделени во 6 категории, и исто толку компании изведувачи со проектантите кои ги проектирале проектите.
Во 2022 година, на Европското Првенство кое се одржа во Шпанија, Валенсија, нашата компанија победи за прв пат во историјата на Македонија на ваков натпревар со огромна разлика пред второпласираните компании од Турција и од Шпанија. Кај организаторите, овој момент одекна како експлозија и неверување, но исто така и пофалби од сите учесници од Европа за сторениот подвиг. Но, тоа не беше сѐ. На ваков натпревар, никогаш не се случило иста компанија да победи 2 пати во две европски првенства едно по друго, па тоа и се случи во 2024 година. Европското првенство беше овој пат во Љубљана, Словенија. Помеѓу преголемиот број учесници влеговме како фаворити, но никој друг освен ние не веруваше до самиот крај дека повторно ќе се најдеме на врвот на ова натпреварување. Овој пат, бевме со поголема разлика од второпласираните од Австрија. Честитките повторно стигаа од цела Европа, па почнаа да кружат шегите дека ова натпреварување веќе почнува да станува наша игра, и дека за да победи некоја друга компанија, ќе мора „PMG CONSTRUTION“ да не учествува.
Настрана од овие меѓународни достигнувања, ние двајца во 2022 година бевме номинирани за „Business Elite Awards under 30“, а наградата за 30 најуспешни млади бизнисмени во Европа под 30 години ја добивме во Атина, Грција.

Ристевски: „Нашата компанија редовно добива награди на европско првенство за најубави фасади.“
Дали го создадовте сами или го наследивте бизнисот кој го водите денес? Ако чекоревте сами по вашиот зацртан пат, тогаш која е формулата за успех?
Бизнисот го започнавме сами. Ние потекнуваме од работничко семејство, и доменот секогаш бил градежништво. Но, решивме да одиме неколку чекори понапред и да започнеме нешто што од деца го сонувавме, го посакувавме и го замислувавме. Патот по кој одевме беше тежок, честопати напорен и без оправдувања. Храброста за преземањето ризици и неоткажувањето по секој неуспех, воопшто не нѐ доведе до размислување дали треба да се откажеме. Знаевме отсекогаш дека успесите носат голем товар, голема жртва и премногу непреспиени ноќи. Откажувањето, како што рековме, никогаш не беше опција, дури и кога изгледаше на моменти дека нема излез и дека нема повеќе каде, секогаш наоѓавме решенија да излеземе со крената глава и како победници. Патем, кога почнуваш од почеток нема што да изгубиш. Градевме конекции насекаде, помагавме секаде каде што стигнавме и каде што беше побарана наша помош, дававме максимум секаде каде што беше најпотребно, а тоа секогаш ни се враќаше со уште поголемо добро. Дури и во најтешките моменти, секогаш се појавуваше решение, во секоја безизлезна ситуација. Искуството е репер за тоа што го насобравме. Нашата компанија во годиниве што поминаа реализираше стотици проекти. Посакуваме сите млади да ги следат своите желби, но и макотрпно да работат на нив. Успехот никогаш не паѓа од небо, ниту па доаѓа во поштенско сандаче гратис. Постојат луѓе кои се откажуваат кога е тешко, и постојат луѓе кои започнуваат затоа што е тешко. Секогаш е најбитно да бидете оние вторите!
Тешко ли е да се успее во македонски услови за бизнис и дали имате предлози како да се подобри бизнис-климата во земјава?
Бизнисот сам по себе знае да биде суров. Само оние кои сакаат да успеат, ќе се задржат низ текот на годините да пливаат во морето од можности кои постојат во државата. Често кога сте млади, повозрасните знаат да пререкуваат за годините кои ги имате, па дали имате искуство и дали сте спремни да го направите тоа што е потребно. Сѐ до момент кога зад вас имате премногу докази за тоа што го работите, па повеќе годините нема никому да бидат битни ако имате референци. Најголемиот проблем за секој почетник е почетниот капитал, во зависност во кој бизнис-сектор влегува. Многупати почетниците грешат, па сметаат дека им требаат купови пари за да започнат, притоа во секој момент веќе пресметуваат колку пари треба да платат ако пропаднат и ако не им оди во бизнисот. Познаваме многу личности кои се обиделе и пропаднале, но познаваме и личности кои се обиделе и добро им оди. Првите години се битни кај секого да го најде своето место во пазарот, затоа што постои огромна конкуренција која постојано ќе се надградува и ќе ви дише во вратот за да заземат поголем дел од пазарот. Тие се годините кога мора да се докажување и да го покажете најдоброто од себе, за да бидете дел од приказната наречена бизнис. За поправање на бизнис-климата во земјава, најпотребно е државата што е можно помалку да се меша во самиот пазар. Слободниот пазар секогаш ќе најде решенија како да се одржува и да се развива, конкуренцијата кај компаниите секогаш ќе наоѓа нови модели за подобрување на бизнис-климата и тие кои ќе бидат најуспешни, ќе може да опстојуваат. Новитетите и инвестициите во себе секогаш ќе бидат на прво место, сѐ со цел бизнисот да оди напред. Парите како средства за функционирање мора постојано да се движат и да трансферираат, за да трае непречено процесот на економијата во земјава.
Како млади деловни луѓе, колку се должи вашиот успех и на тоа што го научивте на Универзитетот Скопје?
Универзитетот Скопје е водечки универзитет кога станува збор за менаџментот, економијата, технологијата. Кадрите кои се излезени од овој универзитет го потврдуваат тоа, кои се на високи државни, но и позиции од приватни компании. Знаењето се добива внатре во студентските клупи, а искуството е она кое надвор од студентските простории ќе го создавате. Економијата и работењето со луѓето е она што најмногу ни помага во нашиот бизнис.

Ристевски: „Универзитетот Скопје ни даде добра основа и знаење за нашиот бизнис.“
Дали би им препорачале на идните матуранти да го изберат Универзитетот Скопје?
Со задоволство би му го препорачале Универзитет Скопје на секој матурант кој сѐ уште не знае каде да го продолжи своето образование, но пред сѐ на оние кои сакаат да бидат успешни и кои знаат што сакаат да студираат. Доколку нивната желба за студии ја пронаоѓаат во Универзитетот Скопје, нека не се двоумат да го одберат. По завршувањето на нивните студии, многу брзо ќе бидат на раководни и управувачки позиции, пред сѐ поради знаењето кое ќе го стекнат, но и ќе бидат спремни за функционирање во деловниот свет.
Што ви се допадна најмногу на Универзитет Скопје? Условите за студирање, професорскиот кадар, праксата што ја стекнавте во текот на студирањето?
Постои една убава кохезија на професорскиот кадар и односот кон студентите. Постои едно правило, а тоа е дека за да научите вештини и да слушнете искуства како да ги решавате проблемите, треба да учите од луѓе кои имаат направено нешто во својот живот, односно кои зад себе имаат богата историја на позиции што ги извршувале.
Која е најважната лекција што ја научивте за време на студирањето?
Успехот не доаѓа преку ноќ, тој се гради чекор по чекор, односно, потребни се години работа и труд за да дојде успехот преку ноќ!
Споменавте дека обновувате и објекти од историско-културно значење. На колку такви објекти досега сте работеле и кои се тие?
Како што напоменавме претходно, објектите од културно значење се исто така во нашиот домен на изработка. Иако имаме изработено многу објекти од овој вид, потребно е да потенцираме дека во претходниве неколку години обновувањето и реконструкцијата на ваквите објекти речиси беше запрена, постојано имаше мораториум за работа, па градењето беше често невозможно.
Многу често граѓаните коментираат дека во Скопје се гради без никаков план, односно дека на градот му се случува урбанистички хаос. Какво е вашето мислење за ваквите коментари?
Скопје е главен град и затоа нормално е овде да се гради премногу. Бидејќи побарувачката е сѐ поголема, нормално е дека градењето ќе биде во поголем обем. Реалноста е таа дека во Скопје се гради без планови. Постојат општини во кои претходните години се случуваше тотален хаос, се градеше каде ќе се стигне, без да биде во склоп со ДУП-овите на општините или пак со ГУП-от на Град Скопје. Откако се предизвика нередие, потребно е тој хаос да се решава. Во моментов има многу општини кои тој хаос го прекинаа и се водат по курсот на урбанизирање на населените места, по сите стандарди.
Во последните неколку години сме сведоци за енормен раст за цената за метар квадратен во Скопје. За многу граѓани стана недостижно да имаат сопствен дом. На што се должат ваквите „европски“ цени?
Како што напоменавме претходно, побарувачката е преголема, затоа и расте понудата. А со растењето на понудата, се зголемува и цената на становите. Вистина е дека цените енормно и пребрзо се зголемија, но кога ќе видиме во другите главни градови на околните држави колку се движи цената на метар квадратен, не е ни чудо зошто се случува ова. На пример во Белград, во проектот Белград на вода цените стигнаа и до 9.000 евра за метар квадратен, но бидејќи има луѓе кои го купуваат тоа, цената може да порасне и до 12-13.000 евра за метар квадратен. Европската пракса е дека секој не може да си дозволи свој дом, насекаде во Европа огромен процент од населението е навикнато со генерации да живее под кирија, пред сѐ поради немањето обврска целиот свој живот да остане на едно место. Често поради менувањето на работните места, но и поради тоа што многумина го сметаат за товар поседувањето сопствен имот.
Кои се вашите предвидувања за иднина, ќе се стабилизира ли цената на станбениот квадрат или и понатаму ќе расте или, пак, можеби ќе се намалува?
Поради зголемувањето на цената на комуналиите, зголемените цени на плацовите, зголемените цени на материјалите и на работната рака, во услови на немање работна сила, цената ќе оди уште нагоре. И доколку би дошло до намалена побарувачка на становите, сепак цените нема да се намалат.