Кога младото работоспособно население треба да почне да придонесува за државата и за општеството, тоа се иселува и започнува да работи и да живее во друга земја, иако претходно се потрошени значителни средства во претшколскиот период, основното, средното и за високото образование на тоа население. Ако се земат предвид трошоците за сите тие луѓе за здравство, образование и сето друго потребно за раст и развој на еден човек, ќе се дојде до фрапантни загуби што ги трпи нашето општество по тој основ, загуби што се далеку поголеми од директните странски инвестиции, вели во интервјуто за Магазинот за туризам и менаџмент, Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопанските комори и претседател на ИКТ-комората.
Јамката околу компаниите се добива впечаток дека сѐ повеќе се стега. Владата внесува дополнителни давачки што ќе бидат дополнителен товар за македонското стопанство. Солидарниот данок е еден од нив. Рокот за плаќање заврши, а обврската не ја исполниле најмалку 30% од фирмите. Бизнис-заедницата се обиде да го оспори законот на Уставен суд, но сѐ уште нема одлука. Колку е ваквата обврска тежина за македонското стопанство?
Едни од многуте услови за бизнис-клима која овозможува позитивен раст, развој и напредок на компаниите се поволната даночна политика и даночната предвидливост. Со оваа мерка се влошува даночната политика, а се нарушува и даночната предвидливост. Зголемувањето на даноците и даночната непредвидливост и нестабилност има неповолно влијание врз условите за водење бизнис. За да може успешно да се планираат инвестициите и бизнис-операциите, условите за работа, од кои дел е и даночната регулатива, треба да бидат стабилни и непроменливи. Ако и има потреба од некоја промена во која било регулатива што го засега бизнисот, нејзиното стапување во сила треба да биде најавено најмалку 6 месеци однапред. Овој закон, популарно наречен солидарен данок, спротивно на принципите на предвидливоста, е донесен ретроактивно, што создаде дополнителни проблеми за компаниите што беа опфатени со него. Ниту една од тие компании во плановите за работа за 2023 година ја нема предвидено оваа обврска. Ретроактивното носење на неповолна мерка е неприфатливо и за граѓаните и за стопанството, а е правно проблематично, и во согласност на тоа овој данок е оспорен на Уставен суд.
Одлуката за гарантирани цени Владата одлучи да ја продолжи до крајот на годината. Дали компаниите ја чувствуваат штетата од оваа одредба?
Наместо ограничување на цените на одредени производи, Сојузот на стопански комори бараше лимитирање на маржите со што ќе се избегне можноста за работење со загуба на одредени компании со продажба на одредени производи доколку влезните трошоци се поголеми од ограничената продажна цена, а компаниите се обврзани да ги имаат во својот асортиман. Трошоците на компаниите растат по многу основи, а приходите се намалуваат и поради намалената куповна моќ на населението и поради намалувањето на бројот на самото население поради емигрирање од државата, а и од други причини. Во овој период, имаме цени на енергенси високи како никогаш досега, високи цени на репроматеријали, резервни делови, на опрема за производство, нарушен е глобалниот синџир на снабдување што води кон дополнителни трошоци, платите на вработените растат несразмерно со растот на бруто-домашниот производ, така што оваа одредба е тешка за компаниите. Владата требаше солидарно да дејствува во насока на помош на граѓаните и на намалување на инфлацијата. Во истиот момент кога ги ограничи цените на прехранбените производи, Владата го зголеми данокот на додадена вредност од 5% на 10% за 1.600 производи, наместо солидарно да учествува во помошта кон граѓаните, а во насока на намалување на инфлацијата, данокот од 5% да го намали на 0% додека се во сила мерките на ограничени цени. Напротив, Владата не ја ни задржа стапката на 5% данок, туку двојно ја зголеми, со што дополнително долеа масло во огнот.
Дали има Владата слух за стопанството и колку често сте консултирани пред да бидат донесени одредени одлуки?
Добро е да се консултира стопанството, пожелно е, но во тоа не се состои клучниот проблем. Стопанството нема средства, луѓе и ресурси да размислува и да дефинира владини мерки. Негова задача е да иновира нови производи и услуги, да произведува, да дава услуги, да ги оптимизира процесите, да се бори за нови пазари и да пронаоѓа нови корисници во и надвор од државата. Стопанството треба да обезбеди приходи за финансирање на своите расходи и приходи за развој на идни производи и услуги преку продажба на постојните и затоа сите напори на стопанството треба да бидат во таа насока. Владата, пак, добива средства од даноци, акцизи и други извори. Нејзина задача е да креира деловна средина која ќе овозможи оптимално функционирање на стопанството и живот на граѓаните. Треба да се проучуваат успешни држави, да се види кои се нивните модели на работа, соодветно да се приспособуваат таквите модели на нашите потреби и со тоа да се обезбеди можност за поефикасна работа на компаниите, што, пак, ќе доведе до зголемување на бруто-домашниот производ. Со поголемо создавање нова вредност, ќе се подобри и стандардот на сите граѓани и состојбата во која се наоѓа целокупното општество. Владините мерки треба да бидат системски и суштински. Одржливите и вистински развојни стратегии се децениски, не се имплементираат преку ноќ. Наместо да имаме мерки со кои на некои компании им се доделуваат средства по одреден критериум, треба да има мерки кои ќе овозможат компаниите сами да креираат средства. Наместо некому секој ден да му се дава риба, треба да се создадат услови сам да лови риба. Во овој контекст, владините мерки треба да бидат краткорочни, среднорочни и долгорочни. Во тие краткорочни мерки, добро е да има и такви кои ќе обезбедат финансиска поддршка за компаниите кога има тешки услови за преживување, но главен акцент треба да се стави на среднорочните и долгорочните мерки кои системски и суштински ќе ја подобрат бизнис-климата.
Симов: „Македонските граѓани треба да инвестираат повеќе во сопствени бизниси и во останати финансиски инструменти без очекување за брзо збогатување.“
Работната сила е еден сериозен проблем во македонското општество. Покрај тоа што сте дел од раководството на Сојузот на стопански комори, Вие сте и професор. Според Вас, која е причината што Македонија нема доволно стручен кадар и зошто си заминува тој кадар од земјава?
Континуираниот одлив на население, а со самото тоа и на работна сила, е еден од поголемите проблеми со кои се соочува македонското стопанство. Овие миграциски процеси му нанесуваат голема штета на целото општество воопшто. Кога младото работоспособно население треба да почне да придонесува за државата и за општеството, тоа се иселува и започнува да работи и да живее во друга земја, иако претходно се потрошени значителни средства во претшколскиот период, основното, средното и за високото образование за тоа население. Овие емиграциски процеси се изразени кај нас со векови, и жално е што не можеме да си ги организираме системот и државата да обезбеди услови за работа и за живот од кои ќе бидеме задоволни и нема да имаме мотив за емиграција. Живееме во одлични климатско-географски услови и, за жал, многу често се емигрира во многу полоши услови за живот од тој аспект. Според некои статистики, во последните 20 години се иселени 500.000 луѓе од државата, а само во последната година, 53.000 луѓе. Ако се земат во предвид трошоците за сите тие луѓе за здравство, образование и сето друго потребно за раст и развој на еден човек, ќе се дојде до фрапантни загуби што ги трпи нашето општество по тој основ, загуби што се далеку поголеми од директните странски инвестиции. Ако биле во минатото финансиските причини главен мотив за емиграција, сега сѐ повеќе се иселуваат и добро ситуирани луѓе. Причини за тоа се нефункционирањето на здравството, образованието, правосудството, загадената животна средина и слично. Ова се одразува многу неповолно и на стопанството. Од една страна се намалува базата на купувачи за какви било производи, а од друга, пак, се намалува и бројот и на неквалификувани и на квалификувани работници. Компаниите не можат да најдат потребни работници за своите бизнис-операции, а тоа многу често води кон голема флуктуација на работниците од една во друга компанија. Оваа флуктуација ги зголемува трошоците на компаниите, нововработениот во почетокот се обучува, ги учи процесите и принципите на работа и неговиот придонес е незначителен. Кога ќе почне да дава некаков придонес, се вработува во друга компанија и процесот почнува одново. Но, не е сѐ така песимистички, треба да бидеме оптимисти и да се избориме за подобра иднина. Има повеќе примери во кои сиромашни земји, земји од Третиот свет, со правилни политики за неколку децении влегле во друштво на највисоко развиените земји.
Дали сметате дека месечните примања на граѓаните во Македонија се ниски и колкав е капацитетот на фирмите да исплатат повисоки плати?
Споредено со земјите од развиениот свет, во Македонија се ниски месечните приходи. За да се зголемат платите, потребно е да се работи повеќе и попродуктивно, и со тоа да се создаде нова поголема вредност, која потоа би се поделила и во вид на плати и во вид на пензии. Ако се зголемуваат платите со административни мерки, а тоа не е поткрепено со продуктивност и со зголемен производ, зголемувањето е неодржливо и ќе доведе до зголемување на инфлацијата и до намалена куповна вредност за работниците, но и за граѓаните воопшто. Владата треба да создаде подобри услови за водење бизнис, да ја намали корупцијата, да ја намали црната економија, која во моментот е 40 проценти, и побрзо да ги приспособува законските регулативи на новите технологии во светот, што ќе овозможи пристап и легална работа со нив уште во нивните рани фази. Сопствениците на бизниси, менаџерите и претприемачите треба да бидат ориентирани кон инвестиции, технолошки иновации и оптимизирање на процесите во своите компании, а работниците исто така треба континуирано да ги надградуваат своите вештини и да се трудат што повеќе да придонесат во организациите во кои работат, независно дали се тоа приватни или државни организации. Само на овој начин ќе успееме одржливо да ги зголемиме стандардот и благосостојбата во општеството.
Симов: „Трошоците на компаниите растат, а приходите се намалуваат и поради намалената куповна моќ на населението и поради намалувањето на бројот на самото население поради емигрирање од државата.“
ИТ-секторот е движечка гранка како во останатите држави во светот, така и во Македонија. Во овој сектор во моментов, според последните анализи, се и највисоките плати. Може да се забележи и голем интерес од страна на младите за студирање ИТ-технологии. Колку можат ИТ-технологиите да ја раздвижат економијата во земјава?
ИТ-индустријата е една од ретките економски гранки која овозможува да се работи од далечина. Овозможува да живеете во Македонија, каде што трошоците се пониски, а да работите за компанија во развиена земја исто како да сте таму и да добивате плата значително поголема од просекот во Македонија, односно плата што не зависи од економските услови овде. Тоа поттикнува голем интерес кај младите за студирање на факултетите за информатика во државата, како и за неформална едукација низ многу центри за обуки. Забележителна и значајна е појавата и на преквалификација, особено преку неформално образование. Лица од различни професии, кои често и немаат допирна точка со технички науки и информатика, преку посета на разни обуки се трудат да фатат приклучок и да се вклучат во ИТ-секторот. Овие активности овозможуваат значителен девизен прилив преку извоз на ИТ-услуги, кој во 2022 година во однос на 2021 порасна за 42% и изнесува над 467 милиони евра. Вештачката интелигенција, виртуелната и додадена реалност и многу други технологии создаваат потенцијал за високо додадена вредност, но потребно е да се помине на наредно ниво во ИТ-индустријата. Во моментот ИТ-индустријата е ориентирана кон „outsourcing“ на услугите, ИТ-кадрите работат за странски компании, кои креираат свои производи и услуги и ја добиваат додадената вредност. Тоа е добро, затоа што ИТ-лицата заработуваат големи плати, се плаќаат поголеми средства за пензиски и здравствен придонес, персонален данок, едноставно се внесуваат дополнителни средства во државата. Но, во иднина треба да поминеме на следното ниво и да се стремиме кон македонски ИТ-компании кои развиваат сопствени производи и услуги со висока додадена вредност наместо да се ориентираат кон надворешни услуги, со што покрај високите плати за вработените, ќе се обезбеди и значителен прилив на средства и од високата додадена вредност.
Во јавноста изнесовте свој став дека на Македонија ѝ се потребни државен податочен центар и дигитална агенција. Сметате дека со овие две институции може да почне процесот на дигитална трансформација на институциите во нашата држава. Дали може да ни ја објасните идејата пошироко и, најважно, дали имаме стручен кадар за нејзина реализација?
Во моментот секоја државна институција има супстандарден систем кој ги опслужува потребите на институцијата со мал и несоодветен број вработени. Имаме 1.500 одделни, расцепкани системски сали во кои има застарени сервери со стари верзии на системски софтвер, оперативни системи, бази на податоци. Информациони системи во кои не се ажурираат софтверите со најнови верзии, во кои не се имплементирани и најосновни стандарди и процедури за информациона безбедност. Со тоа, нашите институции стануваат лесна мета на напаѓачи кои имаат различни побуди и мотиви за вршење напади на информациските системи. Од друга страна, пак, јасен е правецот кон дигитална трансформација на централните државни органи, агенции, фондови и акционерски друштва во сопственост на државата, локалната самоуправа, локалните јавни претпријатија и на компаниите во Македонија. Дигиталната трансформација е неопходна за брз економски раст и развој. Таа подразбира промени во културата на организацијата, во организациските модели, методи и процеси, со имплементација на информациски и комуникациски технологии. Дигиталната трансформација на јавните централни и локални институции ќе овозможи остварување на барањата на граѓаните и на бизнисот на ефикасен, транспарентен и сигурен начин. Во изминатиот период, во време на ковид-кризата, на која се надоврза енергетската криза, различни компании и држави покажаа различна отпорност кон големите економски неприлики. Многу студии направени во овој период покажаа дека државите и компаниите со повисок степен на дигитализација полесно ги пребродуваат кризите, имаат повисок степен на одржливост, имаат помали падови во периодите на економска рецесија и поголем раст во периодите на заздравување на економијата. Компаниите кои нема да се дигитализираат, нема да преживеат. Тие нема да бидат конкурентни во однос на останатите компании кои низ процесите на дигитална трансформација ќе им обезбедат побрзи, поефикасни и поквалитетни услуги на своите корисници. Нивните расходи ќе се зголемуваат, а приходите ќе се намалуваат, тенденции кои ќе ги водат кон исчезнување. Државите кои нема да се дигитализираат нема да им бидат конкурентни на другите држави. Тие нема да бидат во можност да обезбедат квалитетна и оптимална рамка за функционирање на бизнисот и за живеење на своите граѓани.
За да се изврши дигитална трансформација на институциите во Македонија, потребно е да се оптимизираат сите процеси и функции кои ги обезбедуваат тие институции и да се овозможи пристап до нив преку употреба на дигитални средства. Рачната и хартиена работа треба да се заменат со работа базирана на софтвер и на информациско-комуникациски технологии. Сите услуги кои ги даваат централните и локалните институции кон граѓаните и стопанството треба да бидат достапни преку Интернет, преку компјутер и мобилен телефон, 24 часа, 365 дена во годината. Најдобро е дигиталната трансформација да се базира на домашни компании, кои со тоа ќе го зајакнат својот човечки потенцијал, ќе се стекнат со искуство и со практично знаење, а потоа ќе можат да настапат со слични производи и услуги и на други пазари. За да се овозможи тоа, треба да има информациони системи кои ќе ги опслужуваат тие барања. Треба да има стручен кадар кој ќе се грижи за безбедноста и за функционирањето на тие информациони системи. Сосема е неоправдано од економска и од техничка гледна точка единиците на локална самоуправа да градат посебни системски сали кои ќе овозможат дигитализација на нивните процеси и функции за овозможување дигитални услуги кон граѓаните и стопанството. Општините, посебно малите општини, немаат ни човечки ни технички ни финансиски можности сами да го направат тоа. Наместо 85 посебни системски сали, треба да се делат ресурсите во еден државен податочен центар современ од секоја гледна точка. Човечките ресурси во ИТ-секторите во институциите се ослабнати, намалени и речиси не постојат. Поради тоа, треба да се основа дигитална агенција, сите вработени во ИТ-секторите од сите институции да се вработат во таа агенција, во која ќе имаат конкурентни плати со приватниот сектор. На тој начин ќе се концентрираат кадри со потребни знаења од различни области кои ќе можат да се грижат за безбедно функционирање на информационите системи на институциите, а кои ќе овозможуваат дигитални услуги кон граѓаните и кон стопанството. Наместо да постојат над 1.500 супстандардни системски сали во незадоволителна состојба, потребите треба се да се опслужуваат од еден модерен државен податочен центар, направен по највисоки стандарди, во кој ќе биде сместена ИТ-опремата на сите институции. Тој државен податочен центар треба да биде реплициран во уште 2 идентични центри за случаи на непосакувана катастрофа („disaster recovery“), кои ќе можат да ја преземат работата во случај на нефункционирање на примарниот податочен центар. За оперативното функционирање на овој систем, треба да се грижа дигиталната агенција и нејзините вработени.
Според последниот извештај на Народната банка, се зголемуваат штедните влогови на граѓаните во деловните банки и штедилниците и тие изнесуваат 5,5 милијарди евра, што е повеќе од едногодишен државен буџет. Дали сметате дека оваа практика е добра за македонската економија?
Инфлацијата во последните години е двоцифрена, а за заштеди, и тоа ако се во денари и орочени на 12 или повеќе месеци, одвај се добиваат неколку проценти камата. Значи загубата во куповна вредност на средствата кои се штедат во овие услови е најмалку 10%. Во Македонија граѓаните како инструменти за чување на вредност користат купување недвижности (најчесто станови) и чување пари во банка. Последниот попис покажа дека во државата има 800.000 станови од кои 300.000 се празни, што значи дека не се ни издаваат. Трошоците за станот постојат по повеќе основи и ако не се издава, тие се чист трошок. Ако, пак ,се издава, повратот на инвестицијата е неколку децениски, што од гледна точка на бизнис не е толку добро. Мое мислење е дека е подобро македонските граѓани да инвестираат повеќе во сопствени бизниси и во останати финансиски инструменти како акции на берза и удели во инвестициски фондови, се разбира преку соодветна финансиска едукација и без очекување за брзо збогатување.
Македонија не е изолирана земја, сепак зависи од надворешните фактори, а ова особено важи за оние компании што зависат од увоз на одредени материјали. Колку влијаат врз домашниот бизнис актуелните војни во Израел и во Украина?
Војната во Украина предизвика значителен пораст на цените на трите главни енергенси во 2022 година. Нафтата, гасот и електричната енергија ценовно беа на нивните историски максимуми и тоа истовремено. Една од последните светски економски кризи од крајот на седумдесеттите и од почетокот на осумдесеттите години од минатиот век беше предизвикана од енормното покачување на цената на нафтата во тоа време, во најголем дел предизвикано од политичките превирања во Иран и од смената на државното уредување во таа држава. Во 2022 ние имавме историски цени и на нафтата и на природниот гас и на електричната енергија истовремено, што беше надополнето со нарушениот глобален синџир на снабдување и незаздравена економија од ковид-пандемијата. Македонија е енергетски зависна земја во секој поглед, не произведуваме нафта и гас, а за жал, не произведуваме ниту доволно количество електрична енергија. Производството на државната ЕСМ опаѓа од година во година, што е посебен проблем за кој е потребна друга анализа. Во 2022 година македонските компании потрошија огромни средства за енергенси. Компаниите кои беа на слободниот пазар плаќаа и десеткратно повисоки цени на електричната енергија во одреден период од годината во однос на тоа што претходно било просечна цена. Компаниите на регулираниот пазар исто така плаќаа највисока цена за електричната енергија во регионот, што негативно влијаеше на конкурентноста на домашните компании. Тоа негативно влијание се гледа и низ бројките, Македонија во последните 3 години имаше најслаби економски перформанси споредено со земјите од Западен Балкан. Предвидувањата на Светска банка за економскиот раст на земјите од Западен Балкан за следните 3 години повторно не става на последно место.
Нарушувањето на глобалниот синџир на снабдување е посебен проблем и претставува еден од најголемите недостатоци на глобализацијата. Отежнатото снабдување со репроматеријали, производи и резервни делови креира дополнителен трошок за компаниите кој се одразува повеќедимензионално. Овие проблеми креираат и можности. Високите цени на електричната енергија во 2022 поттикнаа големи инвестиции во обновливи извори на енергија од страна на македонското стопанство. Нарушениот глобален синџир на снабдување води кон регионализација, наместо кон глобализација, а тоа за македонскиот бизнис може да биде потенцијална шанса и добитна комбинација.