Спектакуларен настан во режија на Универзитетот Скопје: Панчев ексклузивно за промоцијата на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“

Патот на Кобра до ѕвездите

„Морници ми поминаа кога целата сала на нозе со овации ги поздрави нивните имиња. Беше тоа редок и незаборавен момент. Останавме заедно до раните утрински часови и нормално, утредента им се јавив на Део, Пикси и останатите да ги прашам како патувале и да им се заблагодарам што нѐ почестија со нивното присуство. Обајцата како по договор ми возвратија благодарност за поканата, бидејќи ако не го виделе тоа што го доживеале, никогаш немало да си простат“, вели во ексклузивно интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, фудбалската легенда Дарко Панчев. За одличната промоција на документарниот филм и целата организација на настанот во хотелот Александар Палас вели дека е заслужен тимот на Универзитетот Скопје, за што е неизмерно благодарен.

Спектакуларната промоција на документарниот филм ,,Патот на Кобра до ѕвездите“ се случи во април во Скопје, на која дојдоа вашите поранешни соиграчи и најголемите балкански фудбалски легенди. Сега кога легнаа впечатоците од промоцијата на документарецот, како сте задоволни од начинот на кој помина?

Времето брзо минува, од промоцијата поминаа речиси два месеци, впечатоците се сѐ уште живи и морам да признам, преубави. Момент и настан што засекогаш ќе остане врежан во меморијата на големиот број присутни таа вечер во Александар Палас. Бев како ретко кога возбуден и среќен, но, за моите емоции не би зборувал премногу. Бев со моето семејство, беа присутни и голем број мои долгогодишни соиграчи, пријатели од секојдневниот живот, во сите изминати години и многу љубители и почитувачи на неговата светост, фудбалот. Одличен филм и многу емоции, што може човек повеќе да посака. Тоа што многу ми значи е видливата возбуда и радост кај гостите од фактот дека беа одново во Скопје, опкружени од нивни навивачи и почитувачи. Морници ми поминаа кога целата сала на нозе со овации ги поздрави нивните имиња. Беше тоа редок и незаборавен момент. Останавме заедно до раните утрински часови и нормално, утредента им се јавив на Део, Пикси и останатите да ги прашам како патувале и да им се заблагодарам што нѐ почестија со нивното присуство. Обајцата како по договор ми возвратија благодарност за поканата, бидејќи ако не го виделе тоа што го доживеале, никогаш немало да си простат.

„По многу години од нашиот заеднички живот во ист град, се сретнавме и сфативме дека имаме слични размислувања по многу животни прашања“, вели Дарко Панчев

„По многу години од нашиот заеднички живот во ист град, се сретнавме и сфативме дека имаме слични размислувања по многу животни прашања“, вели Дарко Панчев

Со ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, рековте дека сте растеле во исто маало на иста улица. Како дојде идејата за соработка?

Видете, и покрај фактот што сме растеле заедно со Аце во Кисела Вода, не можам да кажам дека многу сме се дружеле. Јас многу рано му се посветив на фудбалот, тој пак на други нешта си ги остварувал своите животни соништа. Едноставно, патиштата долги години не ни се вкрстувале, иако живеевме во истиот град. Јас станав фудбалер, тој успешен бизнисмен, професор и политичар, но немавме некои поблиски контакти. Идејата за снимање на филмот не беше моја, туку пристигна од „Спорт клуб“, поточно од Сале, Максо и нивните соработници. Ми ја образложија идејата, јас се согласив, и неколку месеци постојано доаѓаа во Скопје. Во меѓувреме, преку заеднички пријател од Радио 90.3 остваривме контакт со ректорот Аце Миленковски, на кого му се допаднал проектот, па договоривме заедничка средба. По многу години од нашиот заеднички живот во ист град, се сретнавме и сфативме дека имаме слични размислувања по многу животни прашања, и на заедничко задоволство, тој и Универзитетот Скопје се вклучија во реализација на идејата.

Колку Ви значи поддршката што ја добивте од Универзитетот Скопје?

Да бидам искрен, без него и неговите соработници, целиот настан ќе беше значително осиромашен. Организацијата на настанот всушност беше негово дело. Сите тие прекрасни мигови и совршена организација немаше да ги доживееме без неговото маестрално осмислување на дружењето и убаво расположение на повеќе од седумстотини гости. За тоа сум му неизмерно благодарен.

На промоцијата дојдоа голем број ваши соиграчи од шампионската генерација на Црвена ѕвезда и на Вардар. Ви се вратија ли за момент сеќавањата на тие времиња?

Јас би го променил редоследот, од Вардар и од Ѕвезда. Притоа, сакам посебно и преку вас да им се заблагодарам на моите почитувачи и драги спортски ривали од ФК Партизан. Доаѓањето на Стевановиќ и Богдановиќ, таков пријателски гест можат да укажат само спортисти со голем дигнитет. Затоа беа и големи фудбалери и личности, и тоа посебно ми значи. Требаше да бидат присутни и Просинечки и Бобан, но, имаа неодложни професионални обврски. Ми беше жал што не беа со нас, ни недостигаа, а и тие жалеле особено откако се информирале дека настанот бил прекрасен. Ќе има уште можности, се надевам.

Дали е можно некоја екипа од овие простори да го повтори успехот на Црвена ѕвезда и да стане европски и светски првак?

Тоа е хипотетичко прашање и секако дека во иднина дури и тоа е можно. Но, јасно е дека е потребно голема работа, добра селекција, во денешно време и многу пари за да може некој повторно да го направи тој голем успех.

Дали ако имаше селекторот на поранешна Југославија поголема доверба во вас, Југославија ќе стигнеше подалеку од петтото место на СП во Италија во 1990 година?

Петтото место е одличен успех. Сепак се работи за Светско првенство, најголемата и најценета претстава во фудбалот. Тогашниот селектор Осим требаше да има повеќе доверба во нас, помладите, и можно е ние да му вратевме со уште подобар успех. Тоа му го покажавме веќе во следните квалификации за Европското првенство ‘92, кога ние помладите одигравме извонредно и бевме прва репрезентација што се пласира на Европското првенство. Со тоа му покажавме дека можеби требал да има малку повеќе доверба на Светското првенство. Да напоменам дека јас бев најдобар стрелец во сите 8 квалификациски групи со 10 постигнати гола, а зад мене беа Ванбастен, Папен и некои други.

Преполна сала за време на промоцијата на документарецот „Патот на Кобра до ѕвездите“

Преполна сала за време на промоцијата на документарецот „Патот на Кобра до ѕвездите“

Можеше ли да направите нешто повеќе во дресот на македонската репрезентација? Се чини дека настапите за националниот дрес се случуваа кога бевте на залезот на кариерата.

Нашата генерација беше хендикепирана бидејќи ние почнавме од 0 и бевме во многу силна група, и беше можеби неблагодарно одма да се бара од нас да бидеме пред Шпанија, Белгија и Данска, која беше европски првак. Сепак, почнавме добро, но, мислам дека несреќно добиениот црвен картон од моја страна понатаму ги поремети доста работите. Да не беше тоа, можеби ќе постигневме и подобар резултат. Инаку, сметам дека од фудбалски аспект гледано, и имињата кои беа присутни во таа репрезентација на почетокот, веројатно ја прават таа репрезентација најсилна наша репрезентација досега. Понатаму, се направи грешка бидејќи новите луѓе кои дојдоа да го водат Сојузот и новиот селектор се откажаа од сите тие играчи иако можеа сѐ уште да играат, со образложение дека ќе правеле екипа за 21. век. Но, гледајќи ги резултатите, не испадна така.

Македонската репрезентација играше првпат на едно големо натпреварување. Можно ли е повторно да играме на ЕП или СП или ова беше само моментален блесок?

Секако дека направивме голем успех играјќи на Европското првенство, но и играјќи во бараж за Светското првенство. Тоа беа два врзани успеха, и се надевам дека ќе се продолжи така и понатаму.

Панчев: „Државата треба да дава поголема поддршка во спортот

Панчев: „Државата треба да дава поголема поддршка во спортот

Имавте еден неуспешен обид да станете претседател на ФФМ, и успешен период во Вардар како директор. Имате ли желба и предизвик да се вратите во фудбалот и на кој начин?

Бев кандидат за претседател на ФФМ, но, непознавајќи ги состојбите во нашата држава, а и во нашиот фудбал, премногу наивно влегов во таа авантура и заврши како што заврши. Во Вардар бев три пати и работејќи во исклучително тешки услови, сепак секогаш успевав да освојам по некој трофеј и успешно да ја завршиме нашата задача кога е нашиот спортски дел во прашање. Знаејќи ги состојбите кај нас, мислам дека тешко ќе се одлучам повторно да се активирам да работам во фудбалот на кој било начин.

Вардар влезе во Првата лига, што му е сега неопходно на клубот за да се врати на старите патеки?

Добро е за фудбалот што Вардар е таму каде што треба и јас од срце му посакувам да реди само успеси. За тоа што му е потребно на клубот, не би сакал да зборувам, затоа што Вардар го водат доволно паметни луѓе за да знаат што му треба на клубот за да се врати на старите патеки.

Треба ли државата да даде поголема поддршка за спортот, за да им остави на идните генерации историски капитални проекти?

Секако дека државата треба да дава поголема поддршка во спортот, а посебно во фудбалот кој е најмногу зависен од финансии. Сметам дека досега во овие 30 години самостојност ниедна влада не најде начин да се посвети доволно на решавањето на проблемите кога е спортот во прашање. Се надевам дека идните генерации на политичари ќе имаат поголем слух и ќе сфатат дека спортот им е потребен и на постарите и на помладите генерации кои живеат во Македонија.

Радован Максимовиќ, директор на „Спорт нетворк“ и регионален претставник на „Спорт клуб“

Радован Максимовиќ, директор на „Спорт нетворк“ и регионален претставник на „Спорт клуб“

Радован Максимовиќ, директор на „Спорт нетворк“ и регионален претставник на „Спорт клуб“

Во тек е постпродукција на четирите епизоди кои ќе бидат емитувани на „Спорт клуб“ наесен. Непосредно пред емитувањето на четирите епизоди во Скопје, како најава ќе се пушти филмот што на 24 април имаше премиера во Скопје.

Пред ТВ-премиерата, филмот нема да биде прикажан никаде во регионот, освен можеби на неколку фестивали, како што се фестивалот на спортски филм во Златибор и во Милано. „Спорт клуб“ секогаш ќе работи на вакви проекти со цел да им покаже на младите дека некогаш во Југославија многу подобро се играло фудбал за разлика од денес.

Image
Newsletter