Мојата примарна задача како министер во техничката влада е да обезбедам услови за спроведување на фер, мирен и демократски изборен процес во кој граѓаните ќе можат слободно да го дадат својот глас согласно нивното убедување, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за ,,Магазинот за туризам и менаџмент“.
Тошковски доаѓа од правната фела и зад себе има 20-годишна кариера, од која 13 години како адвокат. Kако прво видување за работата во министерството, вели дека може да се забележи владеење на апатија и разочараност помеѓу колегите. Знаењето и искуството не се вреднуваат на соодветен начин, што резултира со загуба на мотивацијата и на ангажираноста во работата. Дополнително, во МВР не се применува јасно утврден систем на кариера, односно унапредување согласно мерит-системот, вели меѓу другото Тошковски.
Македонските граѓани се најдоа заробени во сопствената земја. Во оваа техничка влада сте ставени пред сериозен предизвик да најдете решение за заплетканата ситуација за сите граѓани. Да почнеме со проблемот со пасошите, еден од најгорливите во моментов, и за граѓаните кои живеат во нашата земја и за нашинците кои се во странство. Во јавноста се чини дека граѓаните се виновни што не извадиле патни исправи навреме, но од друга страна, според она што може да се види, власта не обезбедила доволно обрасци за сите граѓани до 12 февруари. Стигна „спектакуларно“ известување за пречек на граница за нова пратка, но сепак, тоа се случи по истекот на рокот за важност на документите. Каде гледате дека потфрлил системот, со што се доведе земјата во ваква ситуација?
Уште на првиот ден кога дојдов на позицијата министер за внатрешни работи, дадов насоки до сите надлежни служби на министерството кои се вклучени во процесот на издавање лични документи, да ме информираат за фактичката состојба во овој дел, а како што веќе знае јавноста, и самиот отидов на пунктот „Пролет“ за лично да видам што се случува таму. По неколкудневна анализа, јас и мојот тим утврдивме дека целиот процес бил многу лошо менаџиран. Најголемата грешка е тоа што е направено лошо планирање и лоша процена на бројот на обрасци што се нарачани, односно предвид бил земен само бројот на резидентно население, иако право на патна исправа има секој државјанин на Република Македонија, независно дали живее тука или во странство. Исто така, во договорот со производителот утврдиле несоодветна динамика на испорака на обрасци, што не кореспондира со реалните потреби и капацитети за изработка на пасоши.
Дали сметате дека постоеше простор за продолжување на рокот за важноста на патните исправи, доколку навреме беа побарани разговори на оваа тема со европските земји вклучително и со Грција?
Секако дека постоеше простор за многу подобри решенија, но само ако од наша страна целиот тој процес на преговарање и потпишување на договорот со Грција не го воделе полтрони, туку функционери кои си ја сакаат Македонија и кои работеле за интересот на нашите граѓани, а не за туѓ интерес. Според тоа, уште тогаш најмалку што можеле би било да испланираат поразумен рок за промена на личните документи, особено што сите знаеме дека максималната важност на документите согласно Закон е 10 години, па во тој контекст, неразбирливо е зошто истите утврдиле рок за промена од 5 години, којшто е надвор од здравиот разум согласно техничките услови.
Сообраќајните и возачките дозволи, беа исто така едно големо изненадување за македонските граѓани. Преку ноќ станаа неважечки иако јавноста сметаше дека можат да се употребуваат за домашна употреба. Дали сметате дека постоеше начин поинаку да се организира ситуацијата со промената на личните документи?
Како што кажав и претходно, секако дека целиот процес можел да биде многу подобро испланиран, изменаџиран и спроведен, ако бил воден од страна на луѓе кои го имаат потребното знаење за тоа и луѓе кои работат во интерес и за доброто на нашата држава и на нашите граѓани, а не за некои туѓи интереси.
До Собранието поднесовте иницијатива на измена на Законот за патни исправи. Министерот за надворешни работи Бујар Османи во јавноста излезе со став дека притисокот е нечесен и дека треба да се дискутира помеѓу политичките партии. Вие велите дека Македонија и Грција го прекршуваат меѓународното право. Дали може да објасните подетално за граѓаните?
Како човек кој доаѓа од правната фела и зад себе има 20-годишна кариера, од која 13 години како адвокат, одговорно тврдам дека измената на Законот за патни исправи кои ги предложивме се идентични во суштина како и измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои беа изгласани во Собранието. Со нив во никој случај не станува збор за кршење на договорот со Грција, туку само се продолжува рокот за целосно завршување на промената на личните документи согласно техничките услови и можности. Со недонесувањето на измените на Законот за патни исправи, сметам дека само ние и Грција го кршиме меѓународното право во делот на сите меѓународни акти кои го гарантираат правото на слобода на движење.
Кога дојдовте на чело на ова министерство, првиот работен ден Ви почна со решавање на скандалот со Онкологија. Но, јавноста сѐ уште чека одговори и за случајот со двојното убиство што се случи во очи на Самитот на НАТО, кога земјата беше на највисоко ниво на безбедност. Иако е случајот под надлежност на Јавното обвинителство и Министерството за правда, дали постои можност од оваа позиција како министер за внатрешни работи да помогнете во постапката за да биде задоволена правдата?
Во овој дел би сакал да истакнам дека исто како и за проблемот со издавањето на патните исправи, и за овој случај дадов насока Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да изврши детална проверка на целокупното полициско постапување, односно да утврди дали е постапено согласно стандардните оперативни процедури или имало определени пропусти во преземените дејствија. По завршувањето на оваа постапка, ќе ја информираме јавноста за сето она што ќе биде утврдено со неа.
Тошковски: „Треба да се инвестира во едукација и во подигање на свеста кај населението, како и да се зголеми полициското присуство за да се превенира насилството.“ | Извор: mkd.mk
Насилството е тема за која сѐ повеќе отворено се зборува во јавноста, од семејното до врсничкото насилство. За жал, во билтенот на МВР може да се прочита и за случаи со смртен исход. Полицијата е таа која е прва секогаш на местото на настанот. Овие теми се комплексни и бараат соработка и со други институции. Дали размислувате како министер на кој начин може да се превенираат поголеми инциденти?
Мојата примарна задача како министер во техничката влада е да обезбедам услови за спроведување на фер, мирен и демократски изборен процес во кој граѓаните ќе можат слободно да го дадат својот глас согласно нивните убедувања. Што се однесува до насилството, сметам дека тоа е еден проблем кој може да продуцира сериозни последици врз општеството, и неговата превенција бара мултидимензионален пристап. Во таа насока, треба да се инвестира во едукација и подигање на свеста кај населението, да се зголеми полициското присуство на определени места каде што овој вид криминалитет има зголемен обем, да се воспостави интегриран пристап на соработка на повеќе институции во процесот на препознавање на потенцијалните случаи, како и да се обезбеди потребната помош и заштита на жртвите. Ова е комплексно прашање кое не може да се елаборира во две-три реченици, но она што го наведов претходно, сметам дека треба да биде генерална насока во која треба да се движиме при имплементирањето систем за превенција на овој вид негативни општествени појави.
Вие сте на чело на оваа институција кратко време. Но, дали можете да посочите со кои проблеми се соочува МВР?
Морам да бидам искрен и да потенцирам дека она што можев да го увидам во овие 2-3 недели откако сум на функцијата министер за внатрешни работи, прилично ме загрижува. Во министерството може да се забележи владеење на апатија и разочараност помеѓу колегите. Знаењето и искуството не се вреднуваат на соодветен начин, што резултира со загуба на мотивацијата и на ангажираноста во работата. Дополнително, во МВР не се применува јасно утврден систем на кариера, односно унапредување согласно мерит-системот. Во најголем дел случаи, на раководни позиции не се назначувани најдобрите кандидати, туку оние кои биле најподобни согласно определени ирационални критериуми. Во такви околности, во услови на недостиг од соодветни материјално-технички средства за работа и во недостиг од јасно дефинирани процедури и стандарди, се креира чувство на несигурност и нестабилност меѓу вработените. Тоа, пак, дополнително доведува до зголемување на незадоволство и разочарување во работата и институцијата во целост. Но, позитивниот момент во целата работа е фактот што во МВР сѐ уште постојат многу професионалци и чесни луѓе, кои и покрај негативните услови во кои работат, сепак останале тука за да придонесуваат за благосостојбата на граѓаните и на државата. Сигурен сум дека со квалитетни реформи и со чесен пристап, овие луѓе можат да дојдат до израз, а МВР да биде кредибилна институција која ќе биде синоним за професионалност.
Тошковски: „На раководни позиции не се назначувани најдобрите кандидати, туку оние кои биле најподобни.“ | Извор: makfax.com.mk
Сопруг сте и татко на две ќерки. Колку Ви дозволува новиот работен ангажман да одвоите време за семејството?
Работата како министер за внатрешни работи бара ангажираност и надвор од нормалното работно време, што само по себе ја ограничува можноста да бидам почесто со најблиските. Сепак се обидувам да најдам баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот, па така секој слободен момент го користам да го поминам со ќерките и со сопругата.
Македонија е можеби мала, но е земја полна со природни убавини. Кои се вашите омилени места за прошетка?
Планината Водно ми е секогаш прва опција за прошетка, особено делот од Сопиште кон врвот. Исто така, повеќе пати во годината практикувам да уживам во убавините на Охрид и на Охридското Езеро, како во големиот број цркви кои се наоѓаат во тој предел.