Тешка зима го очекува целиот свет, па и нас, вели министерот за економија Крешник Бектеши во ексклузивното интервју за Магазинот за туризам и менаџмент. Сепак, тој смирува дека властите во земјава ќе најдат начин и решение како да се преброди претстојниот период на тешки економски и енергетски искушенија.
На 27 септември светот го одбележа Меѓународниот ден на туризмот. Туризмот претставува еден од најбрзо растечките економски сектори во светот, кој има континуиран раст последниве децении. Каде е Македонија на светската туристичка мапа?
Во нашата земја туризмот станува една од гранките што дава значаен придонес во развојот на економијата. Ако се изземе периодот на пандемијата со Ковид-19, се забележува дека и ние, како и другите земји во светски рамки, имаме континуиран раст на бројот на туристи и ноќевања. Ова година, според истражување на Светската туристичка организација, Македонија за 2021 година е на 5. место со најголем раст на бројот на странски туристи во споредба со 2020 година.
Владата како и Министерството за економија секогаш се во функција на создавање поволни услови за секторот. Министерството за економија преку свои програми за развој на туризмот ги имплементира мерките планирани за соодветната година, преку кои се дава поддршка за приватниот сектор, креира политики за развој, развива стратешки документи и сл.
Колку е туризмот значаен фактор во развојот на македонската економија?
Туризмот претставува значаен фактор од причина што кај нас, а исто така и во светски рамки, на туризмот се гледа како на индустрија што зазема сѐ повисоко место во економијата. Согласно податоците на Народната банка, учеството на туризмот изнесува 3% во БДП. Уште позначајно е што континуирано се зголемува и стапката на вработеност во оваа стопанска гранка.
Што може да се направи според Вас за поголема промоција на македонскиот туризам и како да се привлечат повеќе странски туристи во земјава?
Министерство за економија во соработка со Агенцијата за промоција и за поддршка на туризмот постојано го промовира македонскиот туризам на меѓународни саеми за туризам, туристички берзи, форуми, организирани средби и состаноци со Светска туристичка организација. Значајни мерки што ги презема Владата за привлекување поголем број странски туристи се: субвенционирање странски организиран туристички промет, субвенционирање авиолетови, воведување нови авионски линии и подобрување на квалитетот на услугата во угостителските објекти.
Со колкави средства и на кој начин се поддржува туристичкиот сектор? Дали субвенциите во туризмот даваат резултати?
Туристичкиот сектор се поддржува преку годишната Програма за развој на туризмот и преку Програмата за промоција и за поддршка на туризмот. Во Програма за развој за оваа година се обезбедени средства во износ 23.500.000,00 денари за различни мерки и активности, како што се финансиска поддршка за женско претприемништво во туризмот, субвенции за туристички цели на селски домаќинства, поддршка на активниот туризам и други мерки. Секако, како најважни ќе ги истакнеме субвенционирањето странски организиран туристички промети и субвенционирањето авио летови.
Дали ќе се менува начинот на делење субвенции во туризмот?
Субвенционирањето странски организиран туристички промет и субвенционирањето на авионските летови на нискотарифните компании се покажаа како добри мерки за привлекување странски туристи. Ако се јави потреба, може да се менува во одреден дел начинот на доделување субвенции во туризмот. За време на пандемијата беше направен нов модел на субвенции фокусиран врз домашниот туризам, кој даде видливи резултати, што значи дека и во иднина, ако се утврди дека треба да се смени моделот, ние сме спремни да го направиме тоа.
Туристичкиот и угостителскиот сектор претрпеа најголема штета за време на кризата со Ковид-19. Годинава, кога се чинеше дека овие сектори полека ќе се вратат на вообичаениот начин на работа, повторно се соочени со проблеми предизвикани од економската криза. Што преземате Владата и вие како надлежно министерство за да се преброди оваа состојба?
Туристичкиот и угостителскиот сектор за време на пандемијата беа максимално поддржани во рамките на планираниот буџет за поддршка, со сет мерки што ги донесе Владата со цел да овозможи одржување на ликвидноста на компаниите и зачувување на работите места. Министерството за економија во своите две програми за поддршка на туризмот за 2020 година го поддржа приватниот сектор со буџет од вкупно 459.650.000 денари за следните мерки:
- Враќање на уплатена такса за привремен престој за 2019 година на сите категоризирани угостителски објекти (на 4740 субјекти што организирале ноќевања во 2019 година им беа вратени 2 милиони евра).
- Грантови за лиценцирани туристички агенции (1,9 милиони евра за грантови од 3.000 до 7.000 евра за сите туристички агенции, во зависност од бројот на вработени и од вкупниот промет во 2019 година, како и во зависност од тоа дали се носители на А- или на Б-лиценца.
- Грантови за лиценцирани туристички водичи – поддршка со плати за туристичките водичи (на 150 регистрирани туристички водичи за месеците октомври, ноември и декември им се исплати минимална бруто плата во висина од 21.776 денари во вредност до 160.000 евра).
- Грантови за ресторани и свадби – дадена е поддршка за сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност во вкупна вредност од 1 милион евра. Грантовите одделно се во висина од 3.000 до 10.000 евра во зависност од остварениот промет во 2019 година.
- Грантови за игротеки – предвиден буџет за 1.000 игротеки, обезбедени беа грантови во висина од 1.000 до 5.000 евра во зависност од остварениот промет во 2019 година.
- Ваучери за туризам за 2020 година – издадени 117.300 ваучери во вредност од 6.000 денари.
- Ваучери за туризам за 2021 година – издадени 3.080 ваучери во вредност од 12.000 денари.
Крешник Бектеши, Министер за економија
Дел од хотелиерите најавија дека поради економската и енергетската криза, од 1 ноември ќе ги затворат сместувачките капацитети, а нивните вработени ќе бидат на принуден одмор. Размислувате ли за мерки за да им помогнете на хотелиерите?
Владата е активно вклучена во решавањето на енергетската криза, сите предлози се ставени на маса, па се надеваме дека како Влада ќе го најдеме најдобро решение за бизнисот и за граѓаните на РС Македонија.
Македонија се соочува со економска и енергетска криза. Тоа е евидентно со последните покачувања на цените на производите, но и со цените на струјата на светските берзи. Нѐ очекува ли тешка зима?
Тешка зима го очекува целиот свет, па и нас, но мислам дека ќе го најдеме најдоброто решение да се справиме со неа.
Дали подготвува Владата нови мерки за спас на граѓаните од економската криза и во која форма би биле тие?
Да, мерки се подготвуваат и ќе бидат објавени кога ќе бидат конечни.