Ако сакате да уништите еден народ, доволно е да го намалите квалитетот на образованието

Ако сакате да уништите еден народ, доволно е да го намалите квалитетот на образованието

Знам дека ова е многу често употребувана фраза, дека е “Deja Vu”, но морам да ја употребам повторно, бидејќи квалитетот на образованието во нашата држава не само што е паднат, туку забрзано оди во слободен пад.

Имено, условно речено, новиот Закон за високо образование од мај 2018 година, кој беше помпезно најавуван, воопшто не функционира. Всушност, Агенцијата за квалитет, која требаше да има главна улога во функционирањето на високообразовните институции, досега не ја исполни својата задача. Тоа е делумно, пред сѐ, поради незаинтересираноста таа да се пополни кадровски, па поради тоа останаа и Одборите за акредитација и евалуација без контрола. Додека тоа не се реши, немаме основ за унапредување на образованието.  

Што се однесува до кадарот на високообразовните институции, за да даде резултати, тој треба да биде соодветно мотивиран. Текстот го пишувам во својство на редовен наставник, односно професор на Универзитетот Скопје, како една од најдобрите, ако не и најдобра приватна високообразовна институција во земјата, која е мој матичен универзитет. Но, тој се однесува на сите високообразовни институции: државните, мешовитите и приватните. Веднаш да објаснам за оние кои сметаат дека проблемот е во квалитетот на приватните високообразовни институции: треба да знаат дека на сите приватни универзитети се запишан само 4% од сите студенти вкупно во државата. Другите студенти се на државните универзитети. Произлегува дека тие тврдења се неосновани.

Значи, со законот треба да се регулираат и примањата на професорите. Така, тие ќе го даваат својот максимум и ќе напредуваат во струката. Фондовите за образование, исто така, треба да се вратат и да се зголемат. Без тоа ќе нема проекти и висококвалитетни научно истражувачки трудови, па нема да можеме да напредуваме на Шангајската листа, а со тоа и да привлечеме странски студенти.

Што се однесува до Универзитет Скопје, тој има висококвалитетен систем на образование, а најголем дел е преземен од земја-членка на ЕУ, Република Хрватска. Во него доследно се применува болоњскиот систем со ЕКТС-кредити. Тоа е компатибилно со другите земји-членки на ЕУ. Нашите студенти на тој начин полесно се снаоѓаат и во земјава и во странство. Иако перманентно се соочуваме со пречки во работата, да не речам опструкции од надлежните органи, кои всушност треба да ни помагаат, сметам дека тоа не може вечно да трае. Очекувам позитивни промени во образованието во наредните неколку години, како впрочем и во другите гранки на општествениот живот. Се разбира дека тоа не може да се случи преку ноќ, но ова ниско ниво мора да се менува. Ако сака државата да ги задржи кадрите дома, да не се одлеваат во странство, мора да почне од образованието. Затоа што ќе почне да се разорува општеството, а особено народот, како што го почнав овој текст.

Иако сум во редовен работен однос во ДИК, редовно ги извршувам обврските на Универзитетот. Овие денови сме сведоци дека политичките партии се согласни изборите да се одржат заедно, и претседателските и парламентарните, на 8 мај следната година. Ако останат на тоа до Нова година, ми следи напорна работа во првото полугодие на 2024 година. Ќе мора напорно да се работи за да се спроведат изборите. Од ажурирање на избирачкиот список, до спроведување на сите подготовки за одржување на изборите, носење на сите потребни упатства, правилници и одлуки кои се потребни според Изборниот законик. Понатаму, обезбедување и доставување квалитетен доверлив и недоверлив материјал, обуки на членовите на ОИК и ИО за подобро извршување на нивните задачи, подготвување за ставање во употреба на апаратите за биометриска идентификација на гласачите и друго.

По завршување на оваа многу сложена и сериозна работа, јас, а се наденам и сите инволвирани во процесот на образование, да се вратиме на нашата работа, со цел да помогнеме во подигнувањето на квалитетот на образованието. Бидејќи, како што велат дека еднаш политичар значи секогаш политичар, истото важи и за професорите.

Image
Newsletter