Алармот е вклучен!

Билјана Трендафилова

Последните случувања поврзани со огромната трагедија во Белград уште еднаш го вклучија алармот за образовниот процес, за вниманието што треба да ѝ се посвети на воспитната компонента во училиштата. Родителите и наставниците ја имаат клучната улога, тие се најодговорни за градењето вредности и за воспитување на децата и на учениците.

 Идеално би било кога би дејствувале заеднички, а не како што е сега: едните им ја префрлаат топката на другите за тоа кој треба да ги воспитува младите. Неретко наставниците знаат да кажат дека им доаѓаат невоспитани деца од дома, а, пак, родителите сметаат дека целокупната грижа за воспитанието и за образованието на нивните деца треба да биде од страна на училиштето, односно наставниот кадар.

Непроценлива е улогата на наставниците во развивањето на вредностите и во реализирањето на воспитната компонента. Најважно е наставникот да биде свесен дека неговата работа не се состои само од пренесување знаења – тоа на денешниве деца им е дофат преку дигиталната технологија – туку и да воспитува. Доста им е на младите од негативни модели во нашето општество, од несоодветни постови, говор на омраза. Со учениците треба да се разговара за проблемите, да се слушне нивното мислење, а не само да се наметнуваат решенија. Секое наметнато решение значи дека одговорноста ја преземаат возрасните, а со тоа не се развива одговорност кај учениците.

 Во ова дигитално време сѐ појасно станува дека воспитната функција многу потешко се остварува во современото семејство отколку во некогашното традиционално семејство. Затоа, училиштето треба да му помогне на семејството. Љубовта на децата не се купува со пари, туку со грижа, разбирање за нивните проблеми, разговори, едноставно со доволно внимание. Сѐ тргнува од семејството, родителите треба да им бидат пример децата, но и училиштето како втор дом!

Image
Newsletter