Билет за во еден правец

Билет за во еден правец

Секој трет млад човек сака да се исели од државата. Незадоволни од системот во кој живеат, од високата корупција, од недоволно вреднуваниот труд тие сакаат да го напуштаат родното огниште.

Најзагрижувачки е што си заминуваат младите високообразовани кадри оставајќи ја земјава без развојни перспективи. Додека партиите се надмудруваат кој е во право, одливот на мозоци од година во година расте.

На прсти се бројат младите што сакаат да останат во земјава. Каде „затаи“ системот? Каде потфрли државниот апарат? Зошто ретко кој млад човек својата иднина ја гледа во Македонија?

Кого и да прашате какви се македонските работници на работа во странство, ќе добиете најдобри препораки за нивните перформанси. Па зошто тогаш македонските компании се жалат дека не можат да најдат квалитетен и квалификуван кадар меѓу илјадниците невработени лица во земјава кои активно бараат работа? Дали луѓето намерно „си ги кријат вештините“ поради ниските плати за да не бидат „натоварени“ со дополнителни обврски или, пак, навистина немаат вештини и знаења?

Потребно е власта да се освести и да преземе мерки за да ја спречи белата чума, во спротивно ќе останеме без младите кои се иднината на секоја држава.

Image
Newsletter