Децата и младите своето слободно време претежно го поминуваат во активности како гледање телевизија, играње на компјутер или мобилен телефон, покажуваат истражувањата. Во услови кога има спортски клубови на секој чекор и за речиси секој спорт, а резултатите се поразителни, што значи занимавање на секое дете со спорт? Како се одразува тоа понатаму во нивниот живот во учењето, дисциплината, справувањето со предизвиците во животот, авторитетите?
Спортските клубови, макар биле на секој чекор, се прва линија на борбата со последиците од технолошкиот развој, а кои се евидентни на дневна основа, најмногу преку прекумерната телесна тежина и појавата на телесни деформитети, и не помалку и преку отуѓеност и отежнатата комуникација кај децата.
Слободното време е постиндустриска придобивка, а неговата структура влијае како врз индивидуалниот, така и врз општествениот развој.
Затоа, би сакал да им посочам на родителите денес дека врвниот спортски резултат не треба да биде најголемата причина за одлуката детето да го вклучат во спортски активности, туку дека треба да биде последица. Спортот има многу други вредности значајни за таа фаза. Преку спортот другаруваат, се учат на самостојност, дисциплина и емоционална контрола, го развиваат интелектуалниот капацитет, стекнуваат вештини за функционирање во тим, се наоѓаат во позиција да носат одлуки во определен временски интервал, се соочуваат со пораз и градат способност за негово надминување, опстојуваат и кога е тешко. Сето ова, заедно со изградената навика за физичка активност, подоцна се пресликува во животниот развој и овозможува успешно соочување со предизвиците кои тој ги носи.
Првите појави идентични на туризмот денеска се поврзани со форми на спортска активност, Античките олимписки игри (776 п.н.е.), па се чини дека оваа поврзаност е отсекогаш. Поврзаноста на спортот и туризмот варирал низ различни историски периоди и е условена од привилегијата да се има слободно време и слободни парични средства. Првите академски трудови за поврзаноста на спортот и туризмот се забележуваат во 60-тите и во 70-тите години од минатиот век, но вистинскиот интензитет на научно-истражувачки трудови се бележи од 90-тите години и трае до денес. Од нив може да се констатира дека развојниот тренд на туристичките движења во насока на содржинска исполнетост доживува интензивни промени во периодот од доцните 60-ти до доцните 80-ти години со вклучување на одредени физички активности како пешачење, планинарење, карате, пливање, едрење, тенис и слично, а во периодот по 90-тите, спортската вклученост во содржинските активности на туристичките движења се јавува до степен што терминот спортски туризам се „економизира“. Во последната деценија стануваат сѐ поактуелни спортските кампови на кои учесниците стекнуваат дополнителни знаење за спортот кој го практикуваат. Ако ги земеме предвид сето она што го поседуваме како ресурсите и побарувањата на категоријата спортски туристи, тогаш тие се можеби идеалната форма на спортски туризам на која треба да работиме. Но, таа се разбира не е единствената.
Летен карате-семинар во Неа Флогита, Грција 2023 година.
За да дадам одговор на прашањето што сѐ е форма на спортски туризам, би сакал само да ги посочам димензиите на кинезиологијата, односно науката за движењето, а тоа се физичкото и здравствено воспитување, спортот, рекреацијата и кинезитерапијата. Во сите овие димензии, физичката активност има различна цел, а во секоја од нив егзистираат форми на спортски туризам. Па така, покрај спортските кампови, спортските случувања, спортските семинари, различни рекреативни програми, спортската анимација, спортските подготовки, медицинските активни програмирани одмори се форми кои влегуваат во спортскиот туризам. Постојат повеќе класификациски шеми на спортски туризам кои во зависност од аспектите се преклопуваат целосно или делумно. Покрај најшироката класификација на активен и пасивен спортски туризам, би сакал кон формите да ја додадам онаа на Гибосн, таканаречениот носталгичен спортски туризам што егзистира во светот, но не и кај нас, а чии ресурси за развој се спортски музеи или спортски објекти од историско значење.
Дејан Недев, европски шампион, Ерусалим 2011 година.
Во Македонија има позитивни примери на спортски туризам. Проблемот е нивната препознатливост. Кога мислам на препознатливост, тоа првенствено се однесува на вистинската идентификација на спортскиот турист, односно кој сѐ влегува во таа категорија. Во зависност од формата на вклученост, спортскиот турист може да биде активен и пасивен, или најгрубо кажано, спортистите на сите нивоа, нивната логистика, и посетителите (публиката). Ние имаме статистичка методологија на севкупно генерирање на бројот на туристи, така што е навистина тешко да се заклучи која форма на туризам, колку партиципира во таа севкупност. Тоа важи и за спортскиот туризам. Од друга страна, тие позитивни примери не се резултат на синергиско и институционално дејствување на двата сектори и тоа, за волја на вистината, не е карактеристика само кај нас. Надминувањето на таа независност во дејствувањето е предизвик и на многу поразвиени туристички дестинации од нашата. Во оваа насока, не смее да остане незабележана можноста за субвенционирање на форми на спортски туризам од страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и нивната иницијатива за изработката на одделна стратегија за развој на спортскиот туризам. Спортските случувања поради нивната јавност се најпрепознатливата форма на спортски туризам. Посебно оние поголемите имаат најголема туристичка вредност, не само преку бројот на ноќевања, туку и како можност за јакнење на дестинациски бренд. Притоа, свесноста за дестинацијата расте уште при добивањето на организацијата на спортскиот настан, но што е уште поважно, покрај периодот на нејзино одржување, ефектите се чувствуваат и по нејзиното завршување. Светскиот шампионат во традиционално карате одржан во месец ноември 2022 година е еклатантен пример за тоа. Но, тука некаде завршува приказната за спортските случувања кај нас кои влегуваат во категоријата каде што посетителите (публиката) односно пасивните спортски туристи го надминува бројот на учесниците, активните спортски туристи. Сепак, тоа не значи дека сите останати случувања кај нас, немаат своја туристичка вредност. Таа генерално се темели на нивниот традиционален карактер и вонсезонски потенцијал. Скопскиот маратон е еден од примерите или пак репрезентативните случувања во младинските категории, балкански, европски или светски шампионати од различни дивизии. Сѐ поголема активност има и на полето на спортските подготовки, како и во делот на рекреативни активности базирани на природни ресурси (планински велосипедизам, планинарски тури, велосипедски тури). Спортот и туризмот се комплексни, мултидисциплинарни дејности и нивниот производ не е резултат на единствен производствен процес. Затоа, заживувањето на кластер за спортски туризам е од големо значење. На терен постои иницијатива, само потребно е да ја поттикнеме тимската работа.
Дејан Недев, светски шамион, Копер, Словенија, 2015 година.
Се поставува прашањето: дали имаме и колку е важна инфраструктурата во спортскиот туризам?
Кога зборуваме за инфраструктура, не е клучен квантитетот, колку имаме, туку квалитетот, што имаме. Литературата забележува дека не е конкурентна онаа дестинација која има поголем број ресурси, туку онаа која подобро управува со нив. Тоа не се однесува само на спортската инфраструктура, пред сѐ на спортските објекти, туку и на другите компоненти на туристичката понуда: природни атракции, сообраќајната достапност, туристичкото посредништво, угостителските и други капацитети на дестинацијата (како здравствени или безбедносни на пример).
Промоција на монографијата „Половина век исполнет со успеси“, чиј автор е Дејан Недев, Универзитет Скопје, 2017 година.
Потребна е стандардизација на спортскиот туризам, која ја диктираат меѓународните спортски федерации, и делумно или целосно се преклопува и со личните стандарди на сите категории спортски туристи. Оваа стандардизација глобално се однесува на спортските објекти, сместувачките капацитети, временско-просторна оддалеченост меѓу нив и на гастрономската понуда. Истражувањата на терен покажуваат дека ни недостига јасна категоризација и мапирање на спортските објекти. Искуствата велат дека мал број од нив обезбедуваат стандарди за посериозни меѓународни натпреварувачки и тренажни активности. Но, тоа не значи дека не можеме да имаме раздвижување со активностите кај другите категории спортски туристи, покрај врвните.