Децата како потрошувачи на различни маркетиншки кампањи

Доц. д-р Ангела Миленковска - Климоска, професор на Универзитетот Скопје.

Влијанието на масовниот маркетинг кој се користи како средство за промоција на нов производ, не ги поштедува ниту децата кои живеат во Македонија. Формирањето став кон одреден производ или услуга уште во најрана возраст како резултат на тоа што се купува од нивните родители е навистина влијателен фактор во понатамошното однесување како потрошувачи. За таа цел, потребна е точно дефинирана маркетиншка стратегија за комуникација која треба да биде утврдена преку детални анализи и истражувања на пазарот. 

Во секое општество, децата се важен демографски сегмент. Следствено на тоа, таргетот на секоја добро организирана стратегија за маркетинг треба да биде прецизно дефиниран. 

Секојдневно бројот на производи кој е наменет за децата е огромен. Како родители, постојано се соочуваме со безбројните потреби на децата, поттикнати од она што го виделе на ТВ, го имало нивното другарче, тоа што го виделе во супермаркети и сл. Компаниите мошне вешто користат и детски лик за свое рекламирање на производот што не е случајно избран. Промовирањето производи и услуги намeнети за деца, подлежи на сериозни анализи и истражувања од страна на огласувачот. Во зависност од изборот на компанијата, зависи и како промотивната активност ќе биде перципирана од страна на целните групи. 

Користењето детски лик, пак, влијае на емоционалната интелигенција на потрошувачите, односно им се обраќа на родителите и возрасните искористувајќи ја нивната емоционална приврзаност кон детето, со цел да се постигне поистоветување на младиот карактер со оној во рекламната порака. Во зависност од изборот на детскиот лик кој се појавува во рекламата, зависи и какво значење имаат производот, услугата и рекламата воопшто за оној кој ја погледнал. Карактерот на детето на различни возрасни стадиуми се користи масовно во рекламните пораки на компаниите, без разлика како вид производи и услуги се промовираат. Родителите често пати вложуваат многу енергија со цел да ја интерпретираат пораката која детето ја пренесува при маркетиншката комуникација. 

Симболиката поврзана со значењето на самиот детски лик кој е употребен во маркетиншката кампања може да претставува синоним за нежност, дете со мајка кај производи наменети за нега на детето или колички за деца, кои се претставуваат толку сигурни што би им го довериле дури и вашето дете, производи каде што акцентот се става на нивната безбедност или поволност за здравјето на децата.

Доц. д-р Ангела Миленковска - Климоска, професор на Универзитетот Скопје.

Доц. д-р Ангела Миленковска - Климоска, професор на Универзитетот Скопје.

Потоа, детскиот лик може да симболизира и среќно и безгрижно детство, претставен во реклама на производ со кој детето ужива користејќи го, при што испраќа порака дека „ако е детето среќно, родителите ќе бидат уште посреќни“.

Истражувањата кои се правени на оваа тема, велат дека машките и женските деца различно реагираат на различни производи. Кога станува збор за рекламирањето на производи и услуги каде што постои полова разлика од аспект на тоа за кого се наменети за употреба, машките и женските деца различно ги прифаќаат производите. Една интересна студија на Lois J Smith (1994, Journal od Broadcasting and Electronic Media, 38(3) 323-37) , потврдува дека половата разлика има значително влијание врз играчките со кои си играат децата. Кога момчињата играат во група составена само од момчиња, тие константно играат со играчки наменети за момчиња. Девојчињата, спротивно, користат играчки наменети за девојчиња. Најинтересниот дел од ова истражување произлезе од набљудувањето на децата како играат во групи составени од момчиња и девојчиња заедно. Во овој случај момчињата покажаа целосно одбивање на понудата да користат играчки наменети за девојчиња, додека, пак, девојчињата не приговараа за тоа да користат играчки кои во основа се класифицирани како „машки“. Ваквото истражување дава голем придонес во креирањето рекламни пораки наменети за децата.

Детската популација во Македонија главно се таргетира преку Интернет, телевизија и билборди, но исто така и преку директна промоција во маркети и во игротеки. Во рекламите главно се користат детски ликови каде што директно е прикажана употребата на одреден производ или услуга. Младата популација, пак, се таргетира преку социјалните медиуми бидејќи според истражувањата на пазарот се и еден од најискористените алтернативни медиуми. Постојат повеќе списанија преку кои се рекламираат производите за трудници и за млади мајки, но исто така таргетирањето се врши и преку ТВ-магазини специјално наменети за тоа. Децата сакаат да ги гледаат ваквите промотивни материјали, најчесто патувајќи со автомобил или друго превозно средство.

Децата во Македонија не се изземени од влијанието на маркетингот во своето секојдневие. Се следат светските трендови и во овој сегмент иако сѐ уште недостига свеста за разумно купување и бирање на производите.

Image
Newsletter