Почетокот на годината носи нова надеж за подобра живеачка, за нови предизвици, но и страв од нови ризици. По сите турбуленции со пандемијата и со војната во Украина, граѓаните сакаат мир и стабилност, но се во грч од скапотијата, која удри по нивниот џеб. Бизнис-секторот, пак, очекува раздвижување на економијата и поголема профитабилност.
Но, гледано од глобален аспект, треба да се очекува дека годината што претстои ќе биде тешка и исполнета со многу тековни предизвици чиј интензитет е тешко да се предвиди. Ќе доминираат инфлацијата, високите цени на енергенсите и растот на каматните стапки, кои ќе го отежнуваат економскиот амбиент.
Во ова време-невреме, најскапоцениот ресурс остануваат луѓето, затоа и светските корпорации веќе скроија планови како да го задржат и дополнително да го мотивираат квалитетниот кадар.
Државава мора да инвестира во човечкиот капитал, во подобрување на продуктивноста и постојано да прави кампањи за да го спречи одливот на мозоци.
Младите квалитетни кадри си одат од Македонија барајќи подобри услови за личен и за професионален развој. Некогаш самата плата и не е воопшто главната причина за „пакување на куферите“. Нерешените општествени проблеми и негативното опкружување, ги тераат квалификуваните млади да напуштат и добри позиции.
За да ги задржиме младите дома, потребно е да имаме квалитетно образование, да вложуваме во нашите таленти и да создадеме амбиент за подобра иднина.
Оптимизам има, но не и доволни мерки за позитивни промени. Сепак има надеж, надеж за подобра 2023 година!